Доцент д-р Дејан Донев има докторирано на Катедрата за философија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кадешто претходно го одбранил и магистерскиот труд.
Тој предава на повеќе додипломски и последипломски студии во областа на етиката во медиумите и односите со јавноста, менаџерска и бизнис етика, политичка етика, етика и јавната админситрација, како и организациска теорија и развој, теории за глобализација и методологија на научни истражувања. Бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје (Катедрата за философија, Катедрата за одбранбени и мировни студии и Катедрата за психологија), на Правниот факултет „Јустинијан Први“ (Студиите по новинарство, Правните студии, Институтот по новинарство, медиуми и комуникации и Институтот за политички студии) и на додипломските студии при Еуро Колеџ - Факултет за бизнис администрација во Куманово. Тој бил професор и по предметите Логика и етика и Граѓанска култура во средното образование.
Во неговата академска кариера, Донев има објавено преку 100 статии, научни прилози и апстракти од конференции во стручни списанија и зборници и учестувал во рецензии, публикации, преводи, монографии, прирачници и тематски блокови.
Тој бил активен уредник во повеќе локални и национални медиуми, ко-автор, уредник и продуцент на неколку медиумски проекти, проект менаџер на јавни манифестации и стручно лице за односи со јавност на организации. Има добиено повеќе сертификати, награди и признанија од домашни и меѓународни здруженија и членува во повеќе научни организации, друштва и одбори. Редовно посетува и е говорник на семинари, симпозиуми, конгреси и конференции.