fbpx
 

Заживеаните евро-перспективи на Западен Балкан

Алфонс Ракаџ и Леони Ракаџ Вругтман

Rakaj RakajСолидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

Перспективата за европска интеграција на Западен Балкан беше сериозно нарушена на крајот на минатата година, кога Европскиот совет не беше во можност да ги започне преговорите со Албанија и Македонија. Одлуката беше сериозно критикувана од поборниците на овој процес, вклучително и високи официјални претставници на ЕУ, кои ја сметаа за „историска грешка“ што го поткопа кредибилитетот на блокот како глобална моќ и сигурен партнер.

Пет месеци подоцна, континентот е на колена од пандемијата на коронавирус – наречена од германската канцеларка како „најголемиот предизвик од Втората светска војна“. Оваа криза ги тестира вредностите, нормите и партнерствата меѓу земјите. Додека сите се соочуваат со последиците, земјите од Западен Балкан остануваат предмет на регулаторни ограничувања за набавка на потребната заштитна опрема од ЕУ. Овие ограничувања за извоз надвор од ЕУ предизвикаа камион натоварен со десет илјади заштитни маски наменети за Албанија да биде запрен и вратен назад од границата со Грција на 25 март.

Овие прописи беа критикувани од страна на Претседателот на Србија за време на неговиот скорешен говор, каде тој ја осуди несолидарноста на ЕУ со неговата земја. Според Вучиќ, тој морал да се сврти кон Пекинг за помош во форма на медицински материјали и персонал, тврдејќи дека „без Кина и нашите кинески браќа“, земјата е неспособна да се одбрани од вирусот. Комплетите за тестирање, испратени од Кина беа примени со голема свеченост а билбордите во Белград беа обновени за да му се заблагодарат на „Братот Џи“.

Одговорот на Европската унија беше брз. На 20 март, четворица европратеници ја повикаа Комисијата да ги вклучи земјите од Западен Балкан за време на кризата со коронавирус. Говорници на парламентот од регионот напишаа писмо до Европската комисија и претседателите на Европскиот парламент, во кое ги повикуваат да го вклучат регионот во шемата за извоз на ЕУ+. Темата беше дискутирана и на последниот состанок на Советот.

Среде широко распространетата критика, се појавија низа позитивни сигнали во однос на европската солидарност и евроатлантската перспектива на Западен Балкан. На 25 март, Европскиот совет даде зелено светло за Албанија и Македонија да започнат преговори за влез во ЕУ, додека Комисијата додели значителен финансиски пакет за да им помогне на овие земји полесно да се справат со кризата COVID-19. Околу 38 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на здравствената криза во регионот и дополнителни 374 милиони евра за да помогнат во социо-економското закрепнување.

На 30 март, Европската Комисија го објави својот план да ги прошири своите „зелени ленти“ во регионот, што, всушност, ќе овозможи проток на храна и лекови во регионот и меѓу Западниот Балкан и ЕУ. Истиот ден, од Вашингтон стигнаа вести дека Македонија стана 30-тата официјална членка на НАТО, бележејќи го месецот како успешен, барем во смисла на евроатлантските аспирации на регионот.

Македонија

Патот на Македонија за започнување преговори со ЕУ досега беше прилично трнлив. Земја-кандидат уште од 2005 година, Македонија беше препорачана од Комисијата да отвори преговори уште во 2009 година. Понудата за влез на Македонија во НАТО беше ставена во мирување уште од Самитот во Букурешт во 2008 година, каде Грција го искористи своето вето за спорот со името. Земјата се сврте навнатре, а напорите за евро-интеграција беа паузирани.

Zaziveanite evro perspektivi na Zapaden BalkanИзвор: eeas.europa.eu

Во март 2020 година, Македонија веќе има постигнато значителен напредок на двата фронта. На 25 март 2020 година, Европскиот совет препорача отворање на преговори за влез во ЕУ. Неколку дена подоцна, земјата официјално стана полноправна членка на НАТО. Ова е значителен успех за земјата што помина низ големи тешкотии за да го комплетира овој процес.

Покрај политичките одлуки донесени во март, западните партнери, исто така, дадоа важна финансиска поддршка за Македонија, за да и помогнат да се справи со пандемијата. На барање на регионалните партнери, Европската комисија објави дека одвојува 4 милиони евра, а САД 1,1 милиони долари за да и помогнат на земјата да ги исполни потребите за медицински материјали. ЕУ вети уште 62 милиони евра кои ќе бидат пренасочени од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за да и помогне на земјата да го ублажи социо-економскиот удар предизвикан од коронавирусот.

Иако релативно засенети од кризата на пандемија, обете одлуки имаат далекусежни последици за политичката и безбедносната иднина на земјата и регионот. Преговорите со ЕУ го носат односот на Скопје со Брисел на ново ниво, и го отвораат патот за трансформативни реформи и поголема помош. Членството во НАТО го зајакнува мирот, безбедноста и територијалниот интегритет на земјата – овозможувајќи и да придонесе за безбедноста на регионот и на алијансата. Ова е извонредно достигнување за земја во која беа спроведени три мисии за поддршка на мирот во последните две децении.

Албанија

Европската перспектива на Тирана беше исто така зголемена, бидејќи доби поддршка од Европскиот совет за отворање преговори за влез во ЕУ. Земја-кандидат од 2014 година, ЕК препорача почнување на преговори уште од 2016 година. За разлика од Македонија, препораката на Албанија од Советот беше донесена со дополнителни услови, кои треба да бидат исполнети пред отворањето на преговорите.

Наложените услови вклучуваат усвојување на изборна реформа во согласност со препораките на ОБСЕ / ОДИХР, со што финансирањето на политичките партии и изборните кампањи ќе стане потранспарентно, а ќе продолжи и спроведувањето на реформите во судството. Поточно, од Тирана се бара да обезбеди функционалност на Уставниот и на Врховниот суд како и да воспостави специјални структури за борба против корупцијата и организираниот криминал.

Реформите се неопходни, особено изборната реформа. Досега, политичките партии во земјата не покажаа желба да ги усвојат препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Во неколку наврати, политичките партии користеа тактики за да го продолжат, па дури и да го манипулираат исходот од ваквите процеси. Слично на тоа, се тврди дека се направени обиди за одложување на успешното спроведување на судските реформи. Поради условите утврдени од земјите-членки, притисокот е на политичките актери да покажат зрелост и да престанат да ги спречуваат реформите.

Владата треба да гледа на овие услови како можност да го докаже реформскиот кредибилитет на колебливите земји-членки. Ова е особено добредојдено засилување за оние кои сакаат да го реформираат изборниот систем, да ја зачуваат слободата на говорот и да обезбедат успешна имплементација на судската реформа. Преку овие услови, нивните напори стануваат дел од контролата на ЕУ и земјите-членки. На крајот на краиштата, ова дава можност политичките актери во земјата да покажат зрелост пред Албанците и европските сојузници, кои за неколку месеци покажаа неспоредлива солидарност и посветеност на земјата и нејзините луѓе.

По земјотресот со јачина од 6,4 степени што ја погоди Албанија на 26 ноември 2019 година, европскиот блок побрза да помогне во операциите за пребарување и спасување. Механизмот за цивилна заштита на ЕУ беше активиран на барање на албанската влада а 11 експерти беа испратени да помогнат во координирање на хуманитарната реакција на земјата, проценка на штетите и напорите за обнова. На 17 февруари 2020 година, ЕУ организираше донаторска конференција „Заедно за Албанија“ при што собра финансиска помош од 1,15 милијарди евра. Само Европската комисија вети дека ќе одвои 115 милиони евра.

На истиот ден кога Европскиот Совет го даде зеленото светло за отпочнување на преговори, блокот алоцираше 4 милиони евра за помош за здравствениот систем на Албанија среде кризата на пандемија. Не треба да бидеме изненадени што Тирана за возврат покажа солидарност со европските земји.

Заклучок

Ова се предизвикувачки времиња што ги тестираат институциите и политичките лидери. Но, секоја криза има почеток и крај. Додека сегашниот фокус е кон неопходното закрепнување, политичарите во Западен Балкан, Брисел, и земјите членки треба да бидат свесни за тоа како ќе изгледа нивната соработка во иднина. Спротивставувајќи се едни на други нема да биде од помош, ниту пак ќе биде добра основа за идни партнерства.

Се чини противречно да се нагласува соработка во време кога социјално дистанцирање е задолжителна норма, а патување во други земји е забрането. Но, солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза. ЕУ се издигна како важен партнер на Западен Балкан во овој период. Четири од шесте земји од Западен Балкан веќе го усвоија предлогот за зелени ленти, укинувајќи ја регулативата што го спречуваше протокот на лекови во регионот.

Земјите од Западен Балкан мора да бидат внимателни во тоа каде ја пласираат својата доверба. Дури и тоа што критиката на Вучиќ за строгите регулативи беше оправдана, тоа не е достоен јазик и тон што треба да се користи меѓу сојузниците. Да не заборавиме дека прописите се делумно воспоставени за да се спречи увоз и извоз на неисправна медицинска опрема што го става во опасност животот на граѓаните и стручниот медицински персонал, нешто што Шпанија, Чешка и Турција го дознаа на потешкиот начин.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Western Balkans’ Euro-Atlantic perspective revived
Четири приоритети за Глобална стратегија за пандем...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 29 Мај 2020
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не