fbpx

Неопходни се координирани и континуирани економски политики за раст на конкурентноста на македонската економија

Силвана Мојсовска

Економија

12.12.18

Прегледи
МК   ALB

проф. д-р Силвана Мојсовска

silvana mojsovskaЕкономските политики мора да се водат независно од политичките циклуси/прашања и битен е нивниот континуитет зашто секое „ад хок“ дејствување може да вроди само со краткорочни резултати. Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди. Во таа смисла, независно колку и да се важни политичките прашања, економските политики не смеат да се запостават.

Од 2008 година наваму, Република Македонија реализираше девет политички избори (парламентарни, претседателски и локални), помина низ силна политичка криза и бројни политички турбуленции (2015-2017), а последната година главен предмет на интерес е решавањето на политичкото прашање за името. Економијата е секогаш централна тема во политичките кампањи, меѓутоа, во пракса, има многу малку поместувања на економски план. Економскиот раст на Република Македонија во периодот 2008-2017 година во просек бил 2 проценти годишно, и тоа, главно како резултат на растот во градежниот сектор.

Според д-р Владимир Глигоров од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, доколку Република Македонија би остварувала просечна годишна стапка на економски раст од 4 проценти во следните 30 години, под претпоставка растот на ЕУ да биде 2 проценти  годишно во тој период, тогаш македонскиот БДП по жител би достигнал околу 90 проценти од просечниот на ЕУ. Притоа, потребно би било секоја година 20-25 проценти од македонскиот БДП да се инвестира во иновации и технолошки развој за да се подигне конкурентноста на економијата, а извозот да биде главен генератор на растот и на вработувањата.

На прв поглед, тоа е долг период, меѓутоа, скоро е ист по должина како тој од осамостојувањето на Република Македонија досега (27 години). Доколку имаше политичка стабилност, добри и континуирани економски политики, решен спор со Грција за името и пред сè, владеење на правото, економската позиција на Република Македонија очекувано би била поинаква. Таа прва го започна процесот на пристапување кон ЕУ (пред другите земји од регионот), па, извесно е дека веќе би била членка на Унијата, иако вината за случувањата на овој план никако не е само на товар на македонската страна. Притоа, без идеализирање и поучени од искуствата на земјите кои влегоа во ЕУ, процесот на економски развој сигурно би имал и доста проблеми, меѓутоа, аргументирано може да се претпостави дека тој континуирано би се одвивал, помогнат со финансиска и стручна помош од ЕУ. Наместо тоа, реалната политичка констелација изминатите 20-тина години главно се одликуваше со „ад хок“ економски политики и мерки без визија за долгорочен развој.

Република Македонија на глобалната мапа на конкурентноста

Во најновиот Извештај за глобална конкурентност (2018) на Светскиот економски форум (СЕФ), Република Македонија се наоѓа на 84-тото место (од 140 земји) според глобалниот индекс на конкурентност, со вредност на индексот 56,6 (од можни 100). Ова претставува значителен пад споредено со 68-мото место (од 138 земји) во 2016 година и најдобриот ранг од 2015 година, кога Република Македонија беше на 60-тото место (од 140 земји) и беше позиционирана пред сите земји од регионот, вклучително и Хрватска. Во 2018 година, освен Босна и Херцеговина (90-то место), земјите од регионот се рангирани пред Република Македонија, односно Србија, Црна Гора и Албанија се наоѓаат на позициите 65, 71 и 76, соодветно.

Извештајот за глобална конкурентност преку големиот опфат на земји обезбедува споредбени индикатори добиени според иста методологија кои овозможуваат да се согледа позиционираноста на земјата во однос на другите. Во услови кога конкурентноста паѓа, а таа треба да биде конечниот резултат од економските политики на земјата, анализата на овој Извештај е корисна. Последниот пад во рангирањето на Република Македонија го отсликува негативното влијание на политичката криза, меѓутоа, и претходните резултати главно покажуваа слабости на истите полиња нотирани и во последниот Извештај.

Светскиот економски форум ја дефинира конкурентноста како „збир од институции, политики и фактори што го определуваат нивото на продуктивност на земјата“ и согласно тоа, „конкурентна економија е таа што е продуктивна“. Оваа дефиниција е преточена во гореспоменатиот индекс на глобална конкурентност кој претставува пресметана вредност од 12 комплексни индикатори (кои вклучуваат вкупно 98 показатели). За поодделните индикатори/показатели што се коментираат подолу е наведен и рангот на Република Македонија од опфатените 140 земји. Податоците врз основа на кои се пресметуваат индикаторите/показателите се добиваат од базите на податоци на етаблирани меѓународни организации и преку стандардизирана анкета на раководни лица во компании во националната економија. Оттука, резултатите вклучуваат и перцепција на бизнис секторот за деловното опкружување и конкурентноста на земјата.

Од 12-те индикатори, Република Македонија е најслабо позиционирана во однос на следните четири: големина на пазарот (109), пазар на производи (107), способност за иновирање (98) и институции (85).

Во првиот индикатор има два композитни показатели: вредноста на БДП според паритетот на куповната моќ (115) и увозот како процент од БДП (18). Овие два показатели покажуваат дека и покрај изразената трговска отвореност на земјата (висок ранг во однос на увозот), куповната моќ во земјата е ниска, што ја прави неатрактивна на глобално рамниште. Потребен е многу силен раст на БДП во подолг временски период за да има извесен напредок кај овој индикатор.

Вториот индикатор се однесува на факторите кои ја детерминираат конкуренцијата на пазарот на производи и услуги. Тој е добиен како композит од осум показатели, при што Република Македонија има најслаб ранг во следните четири: штетен ефект на даноците и субвенциите врз конкуренцијата на пазарот (109), опсег на пазарна доминација (124), конкуренција во областа на услугите (119) и нецарински бариери во трговијата (99).

Третиот индикатор се однесува на способноста за иновирање, мерена преку десет показатели. Од нив, Република Македонија е најслаба во однос на соработката помеѓу засегнатите страни (126), софистицираноста на купувачите (119) и состојбата на кластерите во земјата (108). Интересен показател е ниската софистицираност на купувачите, кој покажува дека кај македонските купувачи основен фактор за купување е ниската цена, додека техничките и другите карактеристики на производот помалку се земаат во предвид. Тоа се рефлектира во помал капацитет за апсорпција на иновации на пазарот, што посредно се одразува и на мотивираноста/способноста за иновирање.

Четвртиот индикатор се институциите. Од вкупно дваесет показатели во рамките на овој индикатор, Република Македонија е најслабо рангирана во однос на следните осум: заштита на интелектуалната сопственост (133), организиран криминал (131), правна рамка за решавањето на спорови (129), правна рамка за оспорување на правната издржаност на владините активности или одлуки (од страна на приватниот сектор) (129), независност на судството (128), имотни прашања (126), стандарди за ревизија и репортирање (122) и идна ориентација на владата (120). Коментар за овие показатели не е потребен, имајќи предвид дека најголемиот притисок од ЕУ се однесува на реформи во правосудниот систем и јавната администрација.

Другите индикатори во рамките на индексот на конкурентност се: инфраструктурата (80), усвојувањето на ИКТ (70), макроекономската стабилност (70), здравството (71), вештините (81), пазарот на труд (78), финансискиот систем (80) и деловната динамика (57). Во однос на овие индикатори, исто така, потребно е  подобрување, посебно на патната и железничката инфраструктура, квалификациите на кадарот, можностите за наоѓање на квалификувана работна сила, примената на критичко размислување во наставата, соработката помеѓу вработените и работодавателите, како и расположивоста на капитал за вложување и форми за финансирање на мали и средни претпријатија.

Neophodni se koordinirani i kontinuirani ekonomski politiki za rast na konkurentnosta na makedonskata ekonomijaФото: Форум „Преку интернационализација до поголем економски раст“. Извор: epicentar.mk

Недостасува координирано креирање и спроведување на економските политики        

Горните наоди покажуваат дека Република Македонија има пазар со ниска куповна моќ и ограничена конкуренција, ниска способност за иновирање, изразени слабости на институциите надлежни за креирање и спроведување на правната рамка и економските политики, како и потреба од подобрување на инфраструктурата и дополнителни вложувања во човечкиот капитал. Ова не е ново сознание, а повеќето од овие проблеми се правилно дијагностицирани при креирање на определена политика или стратешки документ од страна на надлежните институтуции. Притоа, економски политики и стратешки документи формално постојат. И тоа во завиден број.

Во однос на конкурентноста, Министерството за економија има посебна веб страница која ја содржи правната и стратешката рамка за поттикнување на конкурентноста, расположливите проекти и инструменти за поддршка на бизнисите, како и јавните услуги достапни за фирмите. На страницата се поместени 11 стратешки/плански документи (План за економски раст 2018, Програма за економски реформи 2018-2020, Стратегија за конкурентност 2016-2020, Стратегија за иновации 2012-2020, итн.), што потврдува дека постои стратешко планирање во повеќето области релевантни за конкурентноста. Сепак, конкурентноста на земјата опаѓа.

Ако се анализираат овие документи се забележува различен пристап и степен на конкурентност на дефинираните цели, мерки и активности. Сите документи заедно би требало да водат кон заедничката цел - повисока конкурентност, заради што логично би било да има координација при нивното планирање и спроведување, во функција на оптимално користење на расположливите ресурси. Наместо тоа, нема информација за тоа колкави средства се обезбедени за финансирање на спроведувањето на планираните активности (со исклучок на Планот за економски раст 2018), дали стратешките документи воопшто се спроведуваат, на какви проблеми се наидува и како (дали) тие се решаваат. Понатаму, следењето и оценувањето на политиките како клучни чекори во нивното спроведување, а воедно и како основа за ревидирање во насока на нивно подобрување, најчесто недостасуваат. Сето ова упатува на сериозни недостатоци при креирањето и спроведувањето на економските политики.

Наведените слабости уште повеќе се истакнуваат при чести политички избори. Имајќи предвид дека креирањето/спроведувањето на клучните економски мерки е најчесто поврзано со координација од политичко ниво (министер, заменик министер или државен секретар), секој политички изборен циклус или битно политичко прашање повлекува извесно (или комплетно) дефокусирање од економските политики заради ангажираност на политичарите во изборниот процес, а честопати и скратување на средствата за спроведување на политиките. Оттаму, континуитетот во спроведувањето на економските политики се нарушува. Тука е клучно постоењето на професионална јавна администрација (со државен секретар како професионална, а не политичка функција), која непречено би функционирала.

Колку и да се важни политичките прашања, економските политики не смеат да се запостават. Притоа, секоја влада треба да ги дефинира сопствените приоритети и да даде свој импулс на развојот, меѓутоа државата мора да има јасна и долгорочна развојна ориентација изразена преку применливи и усогласени стратешки документи и политики. Економските политики треба да се креираат преку конструктивно учество на сите општествени актери (политичките партии - посебно кога се во опозиција, невладиниот сектор, академијата, итн.) за да може да се обезбеди поширока „сопственост“ над нив и континуитет во нивното спроведување. Политичките прашања не смеат да бидат изговор за застојот во економијата (и другите области), туку напротив - резултатите треба да бидат најсилното мерило за оценка на успешноста на вршителите на политички функции. Тоа е суштината на активното водење на економските политики кое треба да се применува во Република Македонија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Силвана Мојсовска

Силвана Мојсовска е редовен професор на Економскиот институт – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Нејзиниот истражувачки интерес е главно насочен на прашања од областа на меѓународната економија и ЕУ интеграциите. Автор е на бројни научни трудови, работела на многу апликативни проекти, реализирала истражувачки престои на престижни универзитети во странство и учествувала на голем број меѓународни и домашни конференции.