fbpx

Силите на антиглобализација ја забавуваат светската економија

Никола Поповски

Економија

11.11.19

Прегледи

Никола Поповски

nikola popovski 200x250Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. Во случајот, на пример, со Програмата на целите за одржлив развој што уште пред една деценија ја промовираше ООН, ударот може да биде со смртни последици.

Процесот на глобализацијата, особено економската која е локомотива на вкупната глобализација практично е повеќевековен процес со своја долга и стабилна историја кој нема да престане ниту да заобиколи никого на планетава. Разбирањето на глобализацијата како процес на растечка меѓузависност во светот кажува многу повеќе отколку самите актуелни обиди таа да се прекине. Сепак, тие обиди не се наивни ниту необмислени и иако веројатно нема да доведат до нејзино трајно запирање, секако ќе влијаат на нејзиното забавување или искривување на краток или среден рок од неколку години. Многу е веројатно дека потоа повторно ќе се воспостават механизмите на растечка економска глобализација. Да се потсетиме - една од максимите на процесот на глобализација е дека спротивставувањето на неа е слично како обидот да се спротивставите на природниот процес на стареењето. Понекогаш можете малку да го забавите, но не и да го запрете.

САД стануваат антиглобализациски

Апсурдно, но еден од сериозните, де факто опоненти на глобализацијата, процес што на оваа земја и донесе толку многу благодети, денес се САД на чело со претседателот Трамп. Тој во текот на својот досегашен мандат презеде повеќе чекори за да го оневозможи слободниот проток на стоки и услуги кон и од американскиот пазар со остатокот на светот. Имајќи предвид дека во последнава деценија економијата на САД, според уделот во БДП, учествува со околу 21-24 отсто од светската економија и со околу 13,4 отсто во светскиот увоз и 8,7 отсто во светскиот извоз за 2017 година, не е чудно зошто таа може да му зададе одредени силни удари на процесот на економска глобализација. САД и претседателот Трамп тоа не го кријат. Тие ги напуштија преговорите за создавање на Транс-пацифичкото партнерство (TPP) со 12 земји меѓу кои и Канада, Јапонија, Мексико, Австралија, Кина, Ј. Кореја и други во текот на 2017 година. Тоа партнерство требаше да претставува најголем немултилатерален трговски и инвестициски договор во историјата; го напуштија Парискиот климатски договор во текот на 2017 година; го редефинираа и ослабнаа Северно американски договор за слободна трговија - НАФТА во истата година; во периодот 2017-2019 година ги редефинираа важечките либерални трговски односи на САД со ЕУ и НР Кина кои заедно сочинуваат близу 50 отсто од вкупната светска трговија со стоки и воведоа нови санкции, политички или економски мотивирани со уште голем број земји (Русија, Иран, Турција и други) во текот на целиот овој период, со што, де факто, ја ограничија слободната трговија и се претставија како глобална сила на антиглобализацијата.

Конечно, не е случајно што во својот говор на последното Генерално Собрание на ООН во септември оваа година американскиот претседател буквално антиглобалистички воскликна: „Иднината не им припаѓа на глобалистите, туку на патриотите“. Економската политика на протекционизам и антиглобализам од тогаш уште повеќе се зацврсти. Во текот на октомври властите во САД дури добија и формална дозвола од Светската трговска организација дека може да воведат реципрочни мерки и царини кон ЕУ како одговор на субвенциите што Унијата му ги дава на производителот на патнички авиони „Ербас“. САД веднаш воведоа дополнителни царини во вредност од околу 7,5 милијарди долари на низа европски производи како што се авионите на европскиот производител „Ербас“, француските вина, шкотското виски, италијанскиот кашкавал и друго и со тоа влегоа во нова трговска офанзива – еден вид на економско лудило на кое, во моментов, не му се гледа крајот. Природно, ЕУ се закани дека ќе бидат воведени возвратни мерки.

Silite na antiglobalizacija ja zabavuvaat svetskata ekonomijaИзвор: japantimes.co.jp

ЕУ и Кина возвраќаат, а светската трговија стагнира

Европската комисија во заминување веднаш најави дека планира да воведе реципрочни мерки како одговор на царините на САД, што се воведени поради субвенционирање на Ербас, а еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром изјави дека „не ни останува поинаква можност освен да воведеме сопствени царини во случајот на Боинг, каде САД ги кршат правилата на Светската трговска организација“. За разлика од САД, се чини дека ЕУ е свесна за последиците но таа е доведена пред свршен чин. Малстром дададе дека „Заемното воведување царински санкции долгорочно не му е никому во интерес. Тоа ќе и наштети на воздухопловната индустрија во САД и во ЕУ и ќе доведе до колатерални штети во многу други сектори кои веќе се опфатени со сегашните трговски тензии“, но процесот продолжува без надеж да се запре. Имено, се очекува во следната година Светската трговска организација (СТО) да ѝ дозволи на ЕУ да одреди царински санкции за САД, кои таа ги обвини дека поддржуваат забрането субвенционирање на авионите Боинг.

Оваа американско-европска мини трговска војна се случува во моментот кога трговската војна на САД и со Кина се продлабочува заради што почна да се чувствува дестабилизирање и намалување на глобалната трговија. Очекувањата на СТО се дека заради ваквите случувања светската трговија во 2019 година ќе порасне за само 1,2 отсто и тоа би бил најлошиот резултат уште од 2009 година кога светот западна во глобална рецесија. Во ваков развој на настаните никој сериозен не би се осмелил да прогнозира дека во наредниот период светот ќе се развива со својот вистински потенцијал. Прогнозите на СТО за 2020 година не надминуваат раст од околу 2,7 отсто.

Силите на антиглобализацијата сè помоќни

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. Во случајот, на пример, со Програмата на целите за одржлив развој што уште пред една деценија ја промовираше ООН, ударот може да биде со смртни последици. Значаен дел од зацртаните цели, особено оние под број 1 за ставање крај на сиромаштијата насекаде во светот; 3 - за промоција на добробит на секого и сите возрасти; 8 - за одржлив и инклузивен економски развој и пристојна работа за сите; 9 - за одржлива индустријализација и забрзана иновативност; 10 - за намалување на нееднаквоста помеѓу земјите во светот; 13 - за борба со климатските промени; и 17 - за промоција на глобалното партнерство за одржлив развој; сега стануваат целосно неодржливи. Со тоа и дел од другите сегашни цели се загрозени, а Резолуцијата на Генералното Собрание на ООН од октомври 2015 година која требаше да ја наследи Програмата на целите за одржлив развој, амбициозно насловена како „Трансформирање на светот: Агенда 2030 за одржлив развој“ ја прави целосно невозможна.

Во непосредна иднина, како што се разгоруваат трговските војни и со леснотија се воведуваат нови протекционистички мерки, можеме со сигурност да очекуваме и нови, дополнителни удари врз процесите на економската глобализација со кои сите ќе се надеваат дека на краток рок ќе имаат некакви бенефити, а свесни се дека на долг рок тоа е неодрживо и секако – штетно. Но веројатно и самиот свет малку е сменет и денес повеќе сака да види брзи резултати, па макар и недоволно одржливи, отколку мачно и долго решавање на проблемите со резултати што доаѓаат многу подоцна. Активности и политики што обезбедуваат краткорочни користи се нешто на што ќе треба да се навикнеме.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Никола Поповски

Никола Поповски е доктор на економски науки и универзитетски професор. Предава група на предмети од областа на теоретската економија и макроекономијата. Има објавено повеќе книги со економска проблематика и универзитетски учебници, како и голем број на научни и стручни трудови во домашни и странски списанија. Извршувал повеќе значајни државни функции. Живее во Скопје.