Хауард Дејвис (Howard Davies)
Информацијата дека коронавирусот може да се пренесe преку допир со готовина, дополнително ги мотивираше луѓето да се ослободат од банкнотите. Иако е невистинито, штетата е веќе направена, а едно скорешно истражување покажа дека 75% од испитаниците очекуваат да користат помалку готовина во иднина.
Пред четири години, Кенет Рогоф, поранешен главен економист на Меѓународниот монетарен фонд, даде силни аргументи за етапно исфрлање од употреба на хартиените пари. Во својата книга „Проклетството на готовината“, Рогоф тврди дека хартиените пари, особено банкноти со голема деноминација, го олеснуваат даночното затајување и ја поттикнуваат трговијата со дрога – сè до најниските алки во синџирот на набавка: една британска студија во 1999 година открила дека само четири од 500 банкноти тестирани во Лондон немаат траги на кокаин.
Покрај тоа, готовината ја ограничува монетарната политика. За централните банки е потешко да воведат негативни каматни стапки кога инвеститорите имаат алтернатива да наполнат сеф со банкноти од $100. За некои во тоа време ова изгледало незамисливо, но кризата со КОВИД-19 ги стави негативните стапки на политичката агенда во неколку земји, но не и во САД.
По книгата на Рогоф, готовината се повлекува како механизам за плаќање. На пример, во Шведска, се гледа крајот на хартиената круна. Мобилниот платен систем Swish нашироко се користи за плаќања во мали апоени. Секој кој во скоро време пробал да купи пиво во Стокхолм знае дека со паричник полн со пари ќе си останеш жеден.
Кризата со Ковид 19 исто така ги одвлече луѓето од користење банкноти. Поради тоа што на широко се известуваше дека вирусот може да се пренесе преку банкноти, многу продавници поставија знаци дека „не примаат готовина“. Во моето село, дури и мобилните колички за брза храна прифаќат само безконтактна картичка. Всушност, оваа страшна приказна е многу малку или воопшто не е издржана. Светската здравствена организација соопшти дека нема докази дека вирусот се пренесува преку банкноти. Вирусот опстојува исто толку долго на пластичните картички, а Кристин Таит-Буркард, експерт за заразни болести на Универзитетот во Единбург, вели дека парите не се вектор на заболувања „освен ако некој не кивне во банкотите.“
Но, штетата е веќе направена, и во првиот месец од кризата, користењето на готовина во Велика Британија забележа пад за над 60%. Бројот на трансакции е преполовен. Во една анкета, речиси 75% од испитаниците изјавиле дека ќе користат помалку готовина во иднина.
Овој тренд, кој се преслика во сите развиени земји, им даде дополнителен стимул на давателите на услуги поврзани со дигитално банкарство и небанкарски системи на плаќања. Apple Pay и PayPal бележат напредок. Новите дигитални банки на Fintech продолжуваат да ја шират својата база на корисници, но многумина се сомневаат дека имаат пронајдено одржлив деловен модел. Валутата на Фејсбук „Либра“ чека подготвена додека нејзините поддржувачи се обидуваат да ги убедат регулаторите дека нејзиниот модел е безбеден и е во согласност со протоколите против перење пари.
Понатамошното исфрлање на готовината, исто така, ги поттикна централните банки да работат на дигитални валути. Преку банкноти, граѓаните и деловните субјекти со векови можеа да имаат директно побарување кај централната банка. Ако готовината исчезнаа, нели е тоа аргумент во корист на дигитална валута на централната банка, без разлика дали е за големопродажба, или малопродажба, или за двете? Банката за меѓународни порамнувања соопшти дека неколку централни банки активно размислуваат на нивно воведување, но ниедна сè уште не се осмелила. Шведската Riksbank може да биде прва со е-круна.
Значи, дали се наближува простување со готовината? Дали дури и зелениот долар ќе замине во историјата?
Јасен одговор нема. Најпрво, иако бројот на извршени трансакции со готовинско плаќање реално опаѓа, обемот на готовина во оптек продолжува да расте во многу земји. Од крајот на минатата година, според Банката за меѓународни порамнувања, вредноста на валутата во оптек е зголемена за 8% во Италија, а 7% во САД. Претпазливото чување на готовина се зголеми. Дилерите на дрога и даночните затајувачи не се единствени кои ја гледаат атрактивноста на готовината за зачувување на вредоста и кои ја ценат приватноста. Од најголемите економии, само во Кина се забележува апсолутен пад во соодносот помеѓу физичката валута и БДП.
Исто така, постои политички отпор кон повлекувањето на објекти кои работат со готовина. Централната банка на Канада побара трговците на мало да продолжат да прифаќаат готовина, поради загриженоста од финансиско исклучување на луѓето кои немаат пристап до банкарски сметки и картички, кои нема да можат да купуваат. Њујорк, Сан Франциско и државата Њу Џерси им забранија на трговците на мало да одбиваат готовина. Дури и Швеѓаните нема да го спроведат до крај. Активистичка група наречена Kontantupproret (Готовински бунтовници) води кампања за задржување на можноста посиромашните потрошувачи да користат хартиени пари. Во Велика Британија, владата објави оценка на „пристапот до готовина“, во која се препорачува задолжително задржување на голем број на банкомати ширум земјата, иако употребата нагло опаѓа.
Како заклучок, можеби е прерано да се отпише зелениот долар. Побарувачката за неговите услуги е сè уште силна. Можеби централните банки треба да нудат дигитални услуги на не-банка, делумно за да избегнат загуба на приход од сениорија, што би го збогатило Фејсбук, наместо владите, во свет во кој ќе владее Либра. Но, ако централните банки не сакаат да вклучат и во активности со распределба на средства, тие ќе треба да избегнат голема дезинтеграција на банкарскиот систем.
Претпоставувам дека, во блиска иднина, ќе живееме во еден вид систем на плаќање на мешана економија. Готовината ќе продолжи да игра улога, но поскромна отколку во минатото, заедно со најразлични картички и директни дигитални трансфери.
Хауард Дејвис е првиот претседател на Агенцијата за финансиски услуги на Велика Британија (1997-2003), е претседател на Royal Bank of Scotland. Тој беше директор на London School of Economics (2003-11) и беше заменик гувернер на Централната банка на Англија и генерален директор на Конфедерацијата на британската индустрија.
Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.