Најважно е прво да се расчисти сиот расфрлен отпад по автопатите и градовите, особено во туристичките места и главниот град на државата, бидејќи кога се канат гостите дома најпрво се чисти.
Повод за овој текст е иницијативата на Владата да се интегрираат културата и туризмот во едно министерство, што сметам дека е одлична иницијатива која се надевам ќе овозможи подобра интеграција и координираност во двата сектори, кои се многу значајни за афирмирање на државата и нејзиниот економски развој.
Туризмот не би постоел без културата, бидејќи токму културата е една од главните мотивации за движењето на луѓето.
Туризмот им овозможува на луѓето да учат на непосреден начин и да ги ценат различните култури, начини на живеење и разновидноста на природната околина. Исто така, туризмот ја дава можноста за корисни облици на взаемна културолошка размена меѓу луѓето од различни делови на светот.
Културниот туризам може да биде еден од најплодните и најинтересните средства со кои би можел да се изрази дијалогот меѓу културите и цивилизациите. Средбите со „другите“ истовремено придонесуваат повеќе да ја цениме како сопствената култура, така и туѓата.
Еден од најголемите светски феномени во изминативе четириесет години е подемот на масовниот туризам. Тоа значително влијае врз бројот на посетители на локалитетите на културното и природното наследство.
Проектите и програмите за развој на туризмот ги носат многу потребните девизни средства, генерираат нови работни места, нови пазарни можности, подобрување на условите за живот, јакнење на заедниците – кои се базираат на економскиот растеж и придонесот на јакнење на поединците.
Туризмот може да придонесе за квалитетен и одржлив развој ако се заснова врз посветеноста и учеството на домашното население кое мора да биде вклучено во неговото конципирање и спроведување и ако природните и културни ресурси врз основа на кои туризмот се развива останат долгорочно сочувани.
Културата и туризмот во национален контекст
Инвестирањето во културата и креативноста помага во ревитализацијата на економијата на градовите. Денес многу градови во Македонија го користат културното наследство и културните настани за да го стимулираат урбаниот развој, да ги анимираат локалните заедници, приватниот сектор и поединците, како и да привлечат туристи и инвеститори. Така на пример големо влијание за привлекување на туристи имаат и домашните меѓународни манифестации, како што се Струшките вечери на поезијата, Мајските оперски вечери, Скопскиот џез фестивал, Фестивалот Охридско лето, Фестивалот на филмската камера браќа Манаки, Танц фест, Балкански фолклорен фестивал, Семинарот за македонски јазик, карневалите во Вевчани и Струмица и др.
Нашата богата гастрономија како традиционално нематеријално културно наследство исто така дава голем придонес во привлекувањето на туристите, Како добри примери се организарање на традиционални денови на храна која најповеќе е позната во одредени наши градови како денови на „Пифтијада“ во Штип, „Пиво фест“ во Прилеп и др.
Македонија како земја со многу планини, три природни езера и други природни убавини, покрај еко – туризмот, има можности за развој и на спортскиот туризам, како на пример планиски велосипедизам, параглајдерство (кое веќе се организира во Крушево), водени игри и слично.
Национална стратегија за култура и туризам
Поаѓајќи од горенаведеното, како и податокот дека во моментов немаме важечка Национална стратегија, бидејќи последната „Националната стратегија за развој на културата беше за периодот 2018-2022 година“, претпоставувам дека Министерството за култура и туризам ќе почне процедура за подготвување на нова стратегија во која ќе биде вклучен и туризмот или ќе се подготвуваат посебни стратегии за двете области.
Пред се во новата стратегија треба да се обрне големо внимание на интензивирањето на меѓусекторската соработка меѓу ресорните министерства и институциите на централно и локално ниво.
Извор: pixabay.com
Со поголемата интерсекторска соработка би се овозможило подобрување на инфраструктурата, поголем мониторинг и казнени мерки за загадувањето на природната и културната околина и незаконските градби во близина на културните локалитети,
Во стратегијата важно е да се обрне внимание на потребата од менаџирање на постоечките археолошки локалитети за нивна полесна достапност на туристите со цел тие да станат самоодржливи по примерот на локалитетите Стоби, Хераклеа и Св. Пантелејмон во Охрид.
Воедно потребна е и поголема соработка со странските туристички оператори и вмрежување со меѓународните туристички агенции и здруженија со цел поголемо промовирање на нашата земја и овозможување на туризам преку целата година.
Во таа насока потребно е и да се обрне поголемо внимание за квалитетен и постојан маркетинг за убавините и можностите за посетување на туристичките дестинации и видови на туризам во земјата. Имаме многу митови, приказни за нашата држава и нејзината богата и бурна историја, но за жал многу малку се искористени за нејзиното афирмирање и промоција.
Во стратегијата треба да се потенцира, а потоа и да се донесат законски прописи со кои ќе се назначи дека само македонски туристички водичи можат да ги водат странските туристи низ државата.
Новата стратегија треба да ги разгледа и опасностите кои ги носи масовниот туризам кој може сериозно да влијае врз одржувањето и зачувувањето на културните и природните локалитети како на пример изградба на туристички одморалишта на чувствително крајбрежје, преголема урбанизација во градското јадро кое е заштитено како национално културно наследство, загадувањето со отпадоци што зад себе ги оставаат туристите и слично. Секој локалитет што претставува културно или природно наследство, а особено локалитетите на светското наследство, треба да бидат соодветно управувани.
Затоа е важно во стратегијата да се потенцира потребата од почитувањето на соодветните одлуки донесени од одговорните институции на државата за управување со културните и природните локалитети, особено што нашата држава е потписничка на Конвенциите на УНЕСКО за заштита на светското културно и природно наследство, нематеријалното културно наследство, промоција и заштита на разноликоста во културното наследство и др.
Главен предизвик за зачувувањето на културното и природното наследство е да им се овозможи на луѓето да ги посетуваат таквите локалитети без да предизвикаат несакани ефекти. Секој локалитет бара соодветно туристичко менаџирање т.е. управување со туризмот.
Во новата стратегија ќе треба да се разгледаат низа релевантни прашања, меѓу кои и создавање услови за локален развој на туризмот, креативните индустрии како придонес за економскиот развој на општините преку финансиска поддршка за соработка со локалниот бизнис сектор и даночни ослободувања, особено за промоција на културниот туризам, културните индустрии, занаетчиството и независната културна сцена.
Kако и во многу други земји во светот, културните и креативните индустрии треба да заземаат сè поголемо значење во Македонија. Културните и креативните индустрии претставуваат еден од најбрзо експонираните сектори во глобалната економија.
Промовирањето на овој сектор бара определено инвестирање на капитал, но затоа се добива директно вклучување на ранливата популација, вклучување на жените, младите и социјално загрозените лица. Во оваа насока нематеријалното културно наследство има голема улога. Тоа претставува непроценливо богатство на знаење и вредности кои го јакнат постојаниот човечки и економски развој. Затоа е потребно нематеријалното културно наследство што е можно подобро да се интегрира за постојан развој на локалните заедници, менувајќи ги релациите помеѓу селскиот и урбаниот живот, карактеристиките на социјалните врски, како и другите општествени и културни трансформации.
Во новата Стратегија би требало да се обрне внимание и на виртуелниот туризам бидејќи новата технологија овозможува да се „посетат“ локалитетите на светското наследство и другите локалитети без всушност физички да се патува до нив. Во некои земји, на пример, во забавните паркови и музеите, со употребата на тридимензионални екрани и посебни ефекти, се реконструирани цели села или делови од градови. На сличен начин можни се посети и на светски реномирани музеи и поставки. Ова само по себе претставува нов вид на туризам. Тоа овозможува лесен и опфатен пристап потенцијалните туристи првенствено виртуелно да се запознаат со знаменитостите во нашата земја, а потоа и непосредно да ги посетат, поради стекнатите прелиминарни информации и сознанија, како и љубопитноста.
Длабоко сум убедена дека само така разбирајќи ја културата и туризмот може да се постигне постојан и оддржлив развој.
Нашата држава ги има сите потенцијали културата и туризмот да ги примени во своите развојни програми и стратегии. Иако мала, нашата земја претставува ризница на природно и културно наследство (материјално и нематеријално), кое низ вековите и со својата разноликост во културното изразување станувало се повредно, поседувајќи универзална вредност. И нашата современа култура во сите нејзини изразни форми (литература, филм, музика, ликовна, театарска и танцова уметност итн) претставува значаен и впечатлив дел во целокупниот културен мозаик на човештвото.
Градот Битола во 2015 година е прогласен за Креативен град на УНЕСКО за филм, но досега градот и државата не го имаат искористено ова престижно назначување во пропагандни и промотивни цели со цел привлекување на туристи, развој и барање средства за унапредување на Меѓународниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, фестивалот „Камера 300“ и воопшто развојот на градот. Во изминатите години не сум забележала дека градот и организаторите на филмските фестивали го популаризираат овој факт при нивните јавни обраќања пред странските учесници.
Општината е таа која треба во секоја прилика тоа да го објавува, но и да бара средства од соодветната програма на УНЕСКО за креативни градови, како и од странски партнери особено што градот порано имаше иницијатива да изгради филмски град за кој се потребни доста средства, но средствата брзо би биле покриени и би создале континуиран профит од самиот филмски град.
На крајот, но и најважно е прво да се расчисти сиот расфрлен отпад по автопатите и градовите, особено во туристичките места и главниот град на државата, бидејќи кога се канат гостите дома најпрво се чисти.