Влатко Секуловски
Призмата на вредностите и поимите кои се користат во македонските учебници за основното образование не ја развиваат граѓанската перцепција кај децата и не ги подготвуваат за личности кои еден ден треба да градат подобро општество преку граѓанско дејствување.
Примери за ова се народната песна „Заплакало е Мариово за Ѓорѓи Сугаре“ во учебникот по македонски јазик за петто одделение и авторската песна „Гоце Делчев“ во списанието „Другарче“, наменето за деца од второ и трето одделение. Имајќи предвид дека учебниците и списанијата се одобрени од Министерството за образование и наука (МОН), се поставува прашањето кое треба да биде местото на граѓанските вредности во критериумите за одобрување на материјалите за учење.
Учебници и списанија за деца кои стигматизираат и етикетираат
Уште пред да се прочита песната во учебникот по македонски јазик за петто одделение „Заплакало е Мариово за Ѓорѓи Сугаре“, в очи паѓа наметнатата иконографија – јунак од дамнина, со пушка в раце, погоден паѓа, што всушност не се совпаѓа со песната според која „жив не се даде“ т.е. се самоубил. Наспроти јунакот се „предавниците“, во случајов, не еден, не двајца, туку целото мариовско село Паралово или како што самата песна вели „шпиуните параловци“. Народниот автор на песната зборува и за „народ поробен“, кој го опева јунакот кој дејствува во негово име и што е сосема очекувано. И во песната „Гоце Делчев“ во списанието „Другарче“, наменето за деца од второ и трето одделение, исто така одобрено од МОН, се забележува иконографија како јунак од дамнина, со пушка в раце, погоден паѓа. Јунакот, како и претходно, е стереотип за храброст. Двете песни, една народна и една авторска, иако се од различни книги и за различна возраст на ученици имаат иста карактеристика - претставуваат стереотип за јунак со пушката в рака кој е погоден и паѓа. Зошто Гоце Делчев не е претставен со книга в рака, како пишува на табла? Гоце со учениците - нели бил учител.
Извадок од учебникот по македонски јазик за петто одделение | Извадок од списанието „Другарче“ |
Ниту авторот на учебникот, ниту оние кои го одобриле се чини не гледаат пречка ниту во стереотипите кои песните ги наметнуваат. Стереотипите, кои инаку ги нема во народната песна за Ѓорѓи Сугаре, ги наметнува авторот на учебникот за петто одделение во текстот над песната – „турско ропство“. Нема дистинкција меѓу поимите „отоманско“ и „турско“, со што се прави стигматизација. Поточно би било да се зборува за „отоманско ропство“ затоа што и Ѓорѓи Сугаре и Гоце Делчев живееле во општество со средновековен ментален склоп, односно оние кои го зборувале турскиот јазик не биле национално осознаени се’ до Младотурската револуција.
Инаку, кога отоманската империја станала турска национална држава во нејзинот парламент седел Димитар Влахов и дејстувал не со пушка, туку со пенкало. Негова илустрација или песна поврзувани со јунаштво во учебниците до сега немам сретнато. Дали наместо слика за јунак кој паѓа од рацете на „клетите отоманци“ современиот илустратор би можел да понуди слика како Димитар Влахов дејствува учествувајќи во турскиот национален парламент? Всушност немам сретнато илустрација, ниту песна во која некој се поврзува со патриотизам или јунаштво, а тоа да не е со пушка в рака.
Имајќи ги предвид општествените околности во кои настанала епската народна песна „Заплакало е Мариово за Ѓорѓи Сугаре“, поимите низ кои авторот го поимал светот, како и тоа дека е неизбежно создадена со одреден емоционален набој, не можеме да му замериме заради некаква некоректност, а и во народната песна текстот не може да се менува. Историските околности во тоа време биле сосема различни од денешните и никако не може да се спори дека тие се нашите историски личности. Но дали се форсира славното минато, наспроти граѓанската иднина, со оглед на тоа дека во учебниците и во списанијата недостасува граѓанско образование и отсуствуваат примери за „граѓански херои“?
Дали во учебниците треба да има повеќе содржини кои ќе ги опфатат вредностите на едно граѓанско општество? Како од „народ поробен“ да стигнеме до активен граѓанин? Ако имаме некој проблем треба да дејствуваме или да го почекаме јунакот со пушката? Целта на современиот учебник е да им објасни на децата и дека еден ден ќе имаат обврска да плаќаат данок и ќе имаат право да бараат од институциите тоа да го искористуваат на најдобар можен начин, а ако тоа не го прават, дека ќе имаат граѓанска обврска да дејствуваат преку писмо, петиција, референдум, протест или бојкот.
Како може да се прикаже граѓанско дејствување на дете
Вредносната призма на критичкото размислување е, на пример, претставена во приказната во учебникот за англиски јазик за седмо одделение во издание на Универзитетот во Кембриџ (овој учебник не е дел од учебниците адаптирани според Програмата на Кембриџ која се спроведува во Макединија). Во неколку продолженија е прикажано граѓанско дејствување на едно дете – Том. Тој, заедно со своето другарче Неша, отпочнува истрага за нешто што не му се допаѓа во училиштето.
Имено, директорката на училиштето сака да го замени школското фудбалско игралиште за спортска сала и плац за зграда, притоа добивајќи провизија за неа. Том го наслушува разговорот и решава да преземе нешто. Во текот на истрагата, размислува логички и критички и со секоја нова епизода открива како моќта и интересот, без соодветна контрола, се здружуваат и на каков начин граѓаните и институциите треба да се спротивстават на корупцијата. По патот среќава и пречки, му ја киднапираат мачката и добива предупредувачка порака. И покрај тоа, Том продолжува и во последната епизода целосно ја разоткрива коруптивната шема и повикува полиција.
Овде протагонистот дејствува преку институциите и станува херој, граѓански херој кој дејствува без оружје и без насилство. „Том – херој“ е единствената вредност што авторот ја наложува. Дејствува во одреден момент воден од совеста, без сомнение, за општото добро. Том е обично дете, како и читателите, а јунаштвото е само една епизода во неговиот живот. Го решава проблемот и продолжува со нормален живот.
Учебник за англиски јазик за седмо одделение во издание на Универзитетот во Кембриџ
Учебниците треба да ги градат граѓанската свест и вредности
Учебниците во основното образование помагаат во градењето на очекувањата и вредностите кај учениците. Тоа неизбежно се рефлектира во она што подоцна се подготвени да го прифатат како вистина. Невозможно е да се изгради граѓанско општество доколку учениците од најмала возраст не научат критички да размислуваат за спрегата на моќта и корупцијата, наместо да се наметнуваат вредности кои создаваат сосема поинаков светоглед. Во услови на дефицит на граѓанска свест и вредности во општеството, тие треба да бидат меѓу примарните критериуми кои ќе се земаат предвид при одобрувањето на современите учебници и списанија од страна на МОН.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.