fbpx

На Европа ѝ треба миграциско ресетирање

Медиуми

12.10.19

Прегледи

Клаус Соренсен (Claus Sørensen)

f78dd7dea954776a9e2e32fc2df87216.square.1Помошта на ЕУ треба да се фокусира на враќање на стабилноста и намалување на ризиците преку поддршка на безбедноста, отпорноста на заедниците и доброто владеење.

 

Повеќе од 900 мигранти се удавиле во Медитеранот досега оваа година, обидувајќи се да стигнат до Европа. Во меѓувреме, спасувачките бродови „Оупен армс“ (Open Arms) и „Оушн вајкинг“ (Ocean Viking) го поминаа летото барајќи безбедно пристаниште кое ќе им дозволи да ги симнат луѓето што патуваат на нив. Камповите за бегалци и мигранти на грчкиот остров Лезбос се преоптоварени, а условите во другите привремени кампови во Либија се во слична мера ужасни. Турција, пак, стави пречка за договорот од 2016 година според кој таа ја даваше својата поддршка за протокот на мигранти кон Европската унија.

Иако Европа сака да им помогне на мигрантите и да го почитува меѓународното право, таа не сака да биде преплавена. Наглиот пораст на бројот на бегалци и мигранти кои влегуваат во ЕУ во 2015-16 година, од нив многумина бегаа од војната во Сирија, драстично ја намали довербата во блокот. Огромниот прилив ја разјаде довербата на владите во управувањето со надворешните граници на ЕУ и справувањето со прашањето со азил и ги разоткри слабите точки на партнерствата со земјите од кои потекнуваат мигрантите. На тој начин, миграцијата стана политички фудбал, на задоволство на популистите.

Новата Европска комисија под претседателство на Урсула фон дер Лејен мора повторно да воспостави контрола врз миграцијата, истовремено почитувајќи го достоинството на оние што бараат подобар живот. За да успее во тоа, Комисијата треба да го ресетира пристапот на ЕУ во четири области, мобилизирајќи ги земјите членки во поддршка на европските интереси.

Прво, ЕУ мора итно да ја обезбеди својата надворешна граница како предуслов за нејзините внатрешни граници да останат отворени. Ниту една друга територија со слободно внатрешно движење на луѓе, вклучително и земји како САД, Индија, Кина, Швајцарија или Русија, не ја препушта контролата врз своите надворешни граници на своите држави или региони. Контролата на надворешната граница на ЕУ мора да биде колективна, како и национална задача.

Затоа, граничната и крајбрежната агенција на ЕУ, Фронтекс, мора да биде зајакната и треба да распореди чувари заедно со земјите членки - вклучително и на поморските граници и аеродромите. ЕУ исто така мора да ја ревитализира својата иницијатива за „Операција Софија“ за борба против шверцот со бегалци во Средоземјето.

Второ, Европа треба одделно да се справува со економските мигранти и барателите на азил. Сместувањето на овие групи во иста категорија предизвика нејзиниот систем за азил да дојде близу до колапс; со нивно одвојување ќе се добие поголема сигурност дека оние што се плашат за својот живот можат да добијат фер сослушување во кое ќе бидат заштитени нивните права.

Решавањето на вистинските економски и социјални потреби во ЕУ бара ефикасна политика на сини или зелени картони за економски мигранти, со вкупен таргет за имиграција. А креаторите на политики не смеат да чекаат да дојде до следна миграциска криза пред да се воведе шемата.

За да се случи ова, ЕУ можеби ќе мора да урне некои табуа. Прво, бројот на економски мигранти кои влегуваат на пазарот на труд во ЕУ мора да се препознае како проблем од заеднички интерес. Второ, во политиката мора експлицитно да биде наведено кои мигранти се добредојдени. Трето, земјите членки мора да бидат прашани каква помош од ЕУ ќе им треба за процесот да тече непречено. На крај, визите и работните дозволи мора да бидат дел од дискусијата, за да се олесни враќањето на илегалните мигранти во нивните земји на потекло.

Точно, во согласност со Повелбата за ЕУ, секоја земја членка самостојно управува со имиграцијата што доаѓа надвор од ЕУ. Сепак, не би било преголем потфат за владите да се согласат за заедничка цел за имиграција која ќе важи за цела ЕУ. Потоа, земјите членки би можеле да ги наведат земјите на потекло и профилот на економските мигранти што тие ги претпочитаат и буџетските ресурси што им се потребни од ЕУ за нивно сместување. Оттука, правата на повлекување за мигранти би претставувале привилегија наместо товар.

На пример, Канада долго време има активна политика за имиграција, со селекција според критериуми како земја на потекло, групи на вештини и возрасна група. Европа може да го стори истото.

Трето, ЕУ треба да го поправи својот систем за азил. Како прво, таа мора да го отфрли нечувствителното инсистирање на присилно прераспределување на барателите на азил во ЕУ. Ова ја затру атмосферата во блокот, но може да стане функционален откако ќе се воспостави целосно ефикасен систем на граници, азил и имиграција.

Покрај тоа, од земјите членки на ЕУ кои се наоѓаат на фронтот не може да се очекува да се справуваат сами додека илегалните мигранти ги преминуваат надворешните граници. Камповите се преполни, а мигрантите или стануваат предмет на злоупотреба или им се сигнализира да продолжат кон север од веќе немоќните власти. Одговорноста на земјата членка каде што првпат пристигнуваат овие мигранти мора да биде надополнета со европска солидарност.

ЕУ исто така мора да обезбеди стручност и финансирање за усогласување на практиките и капацитетите на управување на националните агенции за азил. Само на овој начин националните одлуки ќе се почитуваат низ целата Шенген зона, со што ќе се зачува безграничната територија за патување. Ваквото усогласување во крајна линија ќе овозможи и споделување на процесите на барање азил меѓу земјите членки.

Четврто, ЕУ треба да формира посилни, заемно корисни партнерства со земјите на потекло и транзит. Ваквите врски се од суштинско значење со цел да се овозможи навремено враќање на оние на кои им е законски одбиен влез во ЕУ. За полесно да се обезбеди соработка, ЕУ треба да ги мобилизира сите свои инструменти за надворешна политика, вклучително и развојна помош и инвестициски фондови и иницијативи за безбедност, трговија, енергија, земјоделство, риболов, климатски дејствија, воздушен транспорт и здравство. Целите на имиграцијата на ЕУ, во комбинација со партнерства за вештини за подготовка на работни места во Европа, исто така, ќе бидат понудени за трети земји кои се заинтересирани за стабилни дознаки.

Во исто време, ЕУ мора да се обиде да ги реши основните причини за миграцијата. Дел од нив се демографската експлозија во Субсахарска Африка; климатските промени, кои ја загрозуваат безбедноста на храната; пандемиите што се повторуваат; етничките конфликти; и недостигот на работни места.

Помошта на ЕУ треба да се фокусира на враќање на стабилноста и намалување на ризиците преку поддршка на безбедноста, отпорноста на заедниците и доброто владеење. Успехот тука ќе ги направи инвестициите побезбедни и ќе ги отклучи приватните и домашните финансии, со што ќе им овозможи на националните економии да растат, да создадат работни места и да понудат алтернатива за миграцијата.

Новата Европска комисија има можност да спречи рефлексни реакции на ЕУ на миграциските кризи и да ја приближи кон далеку покохерентен и одржлив пристап, како внатрешно така и надворешно. Таа не може да си дозволи да ја пропушти шансата.

Клаус Соренсен е поранешен генерален директор на Одделот за цивилна заштита и хуманитарна помош на Европската комисија.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org