СММИ обично не се потпира на една лага, туку на комбинација од темпото на објавите, емоциите во содржината, повторување и маскирање на изворот.
Во еден балкански град, доцна попладне, редакцијата добива „ексклузивен“ линк. Текстот изгледа коректно: неутрален наслов, две „цитирани“ изјави, фотографија што делува автентично. Во следните десет минути, истата содржина се појавува на уште неколку портали – со речиси идентични формулации. На социјалните мрежи, објавите доаѓаат во бранови, како по распоред: прво вознемирувачки прашања, потоа „сведоштва“, па повици за реакција и закани дека „медиумите кријат“.
Младиот новинар поставува прашање што би требало да си го постави секоја редакција: „Ова е само дезинформација, или нешто координирано?“
Овој пример е фикција, но во исто време и реалност на дел од новинарите, па затоа во европската практика, ваквите појави сè почесто се опишуваат со поимот странско мешање и манипулирање со информации – СММИ (Foreign Information Manipulation and Interference – FIMI), кое претставува намерни, координирани и манипулативни активности, често од странски актери или нивни посредници, што го нарушуваат слободното формирање на политичката волја и ја поткопуваат довербата во демократските процеси.
Зошто СММИ не е „само проверка на факти“
СММИ обично не се потпира на една лага, туку на комбинација од темпото на објавите, емоциите во содржината, повторување и маскирање на изворот. Целта често не е да поверувате во конкретна неточност, туку да се создадат три ефекти:
да се крене паника, да се продлабочи поларизација и да се намали довербата во тоа дека „нешто може да се провери“.
Токму затоа, во новиот документ за јавни политики на Институтот за комуникациски студии (ИКС) „Медиумскиот екосистем и странското мешање и манипулирање со информации“, СММИ се третира како широк ризик што ги опфаќа и содржината и однесувањето: координирани неавтентични активности, хакирање и „протекување“, фабрикувани профили, организирано засилување и слично.
Матрицата што внесува ред: четири категории канали
Една практична рамка што им помага на редакциите да мислат структурирано е Матрицата на изложеност на СММИ (FIMI Exposure Matrix) и визуелизацијата со „санта мраз“: видливиот дел е само врв, а најважната инфраструктура и координација се под површината.
Во таа логика, каналите што ја носат манипулацијата со цел полесно да се препознаат, а со тоа и да се третираат соодветно, се групираат во четири категории:
Официјални државни канали – Официјални профили и веб-страници на институции, нивни претставници и официјални гласови што го диктираат тонот и често ја „легитимираат“ приказната за другите слоеви.
Државно контролирани медиуми – Медиуми што се финансирани, управувани или уредувачки контролирани од државата, со јавна и препознатлива поврзаност како што се јавните сервиси или јавните агенции за информирање.
Државно поврзани канали – Формално независни медиуми, портали или мрежи што дејствуваат под надзор или со поддршка на државно или партиско поврзани актери, но тоа не го објавуваат. За нивно препознавање често помагаат технички показатели (домеин-податоци, сопственичка структура, (не)транспарентно финансирање, синхронизирано објавување, шаблони на текст и сл.).
Државно усогласени канали – Извори што не можат формално да се однесуваат на државен субјект, но покажуваат систематска усогласеност и слични карактеристики на однесување, при што играат значајна улога во СММИ активностите.
Оваа работна алатка може посебно да им служи на новинарите и уредниците со цел да им помогне да одлучат дали ќе објават нешто што изгледа како нормална вест, а всушност може да е дел од координирана стратегија за ширење на дезинформации.
Балканската ранливост: каде најмногу „пука“ системот
Во Северна Македонија (и регионот) СММИ се наметнува лесно за реални слабости: мал пазар, економска ранливост на медиумите, политичка поларизација и висока зависност од платформи. Анализата на ИКС правилно посочува дека мерките против СММИ не се само „анти-дезинформации“, туку и прашање на институционални одговорности и платформи, особено во рамки на европските регулативи.
Од перспектива на редакциите, празнините често стануваат видливи токму кога ќе удри „сомнителен бран“ затоа што во тој момент се влегува во режим на брзи одлуки, без доволно време и однапред договорени рутини – кој проверува, кој оди на терен, кој верификува видео/фото, кој архивира докази и како се комуницира со јавноста кога институциите молчат. Брзањето ја намалува проверката и ја зголемува шансата да се засили манипулативна содржина. А кога новинарите ќе внесат проверка и контекст, често се мета на организирани онлајн напади.
УНЕСКО во својата глобална анкета за онлајн насилството врз новинарки посочува дека онлајн омразата често е „испреплетена“ со дезинформации. Дел од испитаничките наведуваат дека биле таргетирани во напади поврзани со оркестрирани дезинформациски кампањи, а значаен дел пријавуваат и самоцензура и негативни последици врз менталното здравје, што директно ја намалува редакциската отпорност и ја зголемува цената на професионалното работење.
Што да правиме: одбрана без цензура, со дисциплина
Најопасна грешка е да се одговори на СММИ со рефлекс за контрола. Европа токму тука прави разлика: целта е интегритет на информациите и транспарентност, не „министерство за вистина“.
Во практика, тоа значи неколку едноставни, но моќни потези.
Редакцијата треба да има „основен протокол“ за СММИ што се активира кога има знаци на координација: синхронизирани објави, нови профили, идентични фрази, „ексклузиви“ без проверливи извори. Овој протокол не мора да биде долг, но мора да биде познат.
Дополнителен важен аспект е да се воведе пракса на прибирање на докази при напади на дигиталните канали на медиумите преку архивирање линкови, скриншоти со време, зачувување оригинали. Ова е и новинарска практика и заштита на новинарите кога нападите преминуваат во закани.
На системско ниво, важно е да се искористи европскиот регулаторен момент. Законот за дигитални услуги (DSA) воведува обврски за многу големите платформи околу системски ризици, транспарентност и мерки за намалување на штетите, а Европскиот закон за плурализам на медиумите (EMFA) поставува рамка за медиумска слобода и заштитни механизми. Паралелно, Кодексот на однесување/пракса против дезинформации останува важен инструмент за транспарентност и отчетност, особено во врска со платформите.
Во пракса, СММИ победува кога ќе нè натера да трчаме по туѓо темпо и да реагираме рефлексно, наместо професионално. Затоа одбраната треба да биде спротивна – рутини, уредничка дисциплина и транспарентност: јасно да кажеме што знаеме, а што уште проверуваме.
Eдно е очигледно, а тоа e дека СММИ нема да исчезне. Ќе се развива, ќе користи нови формати и ќе ја користи секоја општествена пукнатина. Но, редакциите не се беспомошни. Ако СММИ го третираме како ризик што се управува – со матрица, протокол и транспарентност, наместо како „вест што се демантира“, тогаш шансите за манипулаторите стануваат значително помали.
