Нов свет, без децата на ум

Мартина Дранговска Мартинова

Медиуми

07.05.26

Прегледи

Нотификациите, бесконечниот „скрол“ и системот на „лајкови“ не се грешка во дизајнот. Тоа се прецизно тестирани механизми засновани на истиот принцип зад апаратите во казино: непредвидлива награда која те враќа повторно и повторно.

Неодамна мојот шестгодишен син застана пред влезот на едно казино на булеварот и набљудуваше како автоматската врата се отвора сама пред него. Потоа ме погледна и праша: „Мама, зошто тука вратата ми се отвори, а во супермаркет не ми се отвора?” Застанав. Во Скопје, казината се на секој чекор: до училишта, до пазари, до детски игралишта. Иако формално влезот за малолетници е забранет, секој четврти ученик во Македонија признал дека се коцкал за пари во изминатата година.

Статистики за тоа колку основци имаат Instagram и TikTok не ни се потребни. Платформите формално бараат 13 години за отворање профил, но проверката се сведува на едно поле за датум на раѓање. Не затоа што не постои подобра проверка, туку затоа што никој не е обврзан да ја воведе.

Нотификациите, бесконечниот „скрол“ и системот на „лајкови“ не се случајни. Не се грешка во дизајнот. Тоа се прецизно тестирани механизми засновани на истиот принцип зад апаратите во казино: непредвидлива награда која те враќа повторно и повторно. Поранешни инженери на Google и Facebook одамна кажаа јавно дека дизајнот е намерен, ефектот е познат, а деловниот модел зависи токму од него. Колку повеќе време поминуваш, толку повеќе вредиш како корисник. Ова значи дека системот е дизајниран да го задржи вниманието по секоја цена, без разлика на возраста на корисникот. Иако возрасните и децата имаат суштински различни способности за разбирање, самоконтрола и проценка на ризик, системот ги третира исто. Изградивме нов свет – без децата на ум.

Последиците не се невидливи. Речиси 30 отсто од средношколците во Македонија имаат симптоми на депресија, а над 23 отсто пријавуваат клиничка анксиозност. Светската здравствена организација проценува дека еден од седум адолесценти живее со ментално нарушување.

По 2012 година, со масовното ширење на смартфони, овие стапки почнаа да растат во повеќе земји истовремено. Иако не можеме со сигурност да кажеме дека екраните се единствената причина, неспорно е дека нешто суштинско се променило токму тогаш.

Кога темата ќе излезе на виделина, одговорот е секогаш ист: родителите треба подобро да ги контролираат децата. Тоа е исто толку корисно колку да кажеме дека решението за казина до училишта е подобро воспитување. Оттука, дискурсот за „родителска одговорност” функционира како форма на responsibilization, процес преку кој системската одговорност се пренасочува кон индивидуата, ослободувајќи ги институциите и корпорациите од одговорност. Семејствата стануваат последна линија на одбрана против системи против кои, сами, немаат реална моќ.

nov svet bez decata na um naslovnaИзвор: Pexels.com

Во Скопје, а уште повеќе надвор од него, децата немаат многу алтернативи. Паркови има, но речиси не се одржуваат. Клубовите и организираните активности за млади се скапи или недостапни. Образовниот систем сè уште не знае што да прави со дигиталниот свет во кој учениците поминуваат половина живот. Алгоритамот е насекаде, но во Македонија ретко има каде да излезеш од него.

Дел од граѓаните одлучија да не чекаат. Иницијативата за безбедно детство бара забрана за социјални мрежи за деца под 12 години, задолжителна родителска согласност до 16 и законска обврска за платформите да не ги таргетираат децата со алгоритми. Барањата се конкретни и легитимни. Проблемот почнува во моментот кога ќе се обидеме да ги спроведеме.

Во Европската Унија, ова прашање е решено со Законот за дигитални услуги (DSA). Платформите добија јасни и правно обврзувачки правила во однос на транспарентноста на алгоритмите, заштитата на децата и отстранувањето на штетна содржина. Поради големината на ЕУ, платформите немаат реална опција да ги игнорираат овие обврски, ниту да се повлечат. Наместо тоа, тие ги прилагодуваат своите политики, воведуваат нови алатки и инвестираат во модерација за да останат усогласени.

Кај нас, ситуацијата е обратна. Дури и најосновните правила остануваат без ефект. Законот за заштита на личните податоци предвидува родителска согласност за обработка на податоци на деца под 14 години. Но глобалните платформи ја поставуваат границата на 13 и никој не ги принудува да ја усогласат.

Македонија нема инструменти да наложи одговорност на платформите. TikTok, Instagram и Snapchat немаат седиште, правен застапник, ниту регистрирано присуство во земјата.

Најилустративен е случајот „Јавна соба”, кога во Telegram група со илјадници членови биле споделувани фотографии и видеа на малолетни девојчиња. Јавното обвинителство побарало податоци преку меѓународна правна помош, но одговор не пристигнал, а МВР потврди дека Telegram не соработува. Дополнително, македонскиот јазик не е приоритет за модерација. Според истражување на BIRN, половина од пријавените постови на македонски јазик што содржат говор на омраза или закани остануваат онлајн. Дете кое пријавува штетна содржина практично пишува во празно.

Дури и да се усвојат законски решенија, механизмот за спроведување не постои. Блокирањето се заобиколува со VPN. Глобите нема кому да се изречат. Обврските нема кој да ги наметне. Австралискиот модел функционира затоа што Австралија е пазар кој Meta не може да си дозволи да го изгуби и затоа што eSafety Commissioner бил воспоставен уште во 2015 година, девет години пред забраната за деца. Македонија не е тој пазар и сè уште не го направила првиот чекор.

Регионот ни даде директна лекција. По неодамнешен случај во Албанија, државата воведе забрана на TikTok. Забраната, сепак, не го реши прашањето за одговорноста на платформата и нејзините политики за модерација на насилна и штетна содржина. Корисниците продолжија да ја користат платформата преку VPN, а Уставниот суд ја прогласи мерката за непропорционална. Без механизам за спроведување и институционален капацитет, забраните не се решение.

Затоа, иако барањата на иницијативата се оправдани, во моментов нема начин да се применат во пракса. Потребно е прво да се изгради систем што ќе ги направи овие барања возможни.

Првиот чекор е воведување регулаторно тело со јасна надлежност врз дигиталните услуги и обврска за платформите да именуваат локален правен застапник. Без таков субјект нема кому да се врачи одлука, нема против кого да се изрече санкција и нема кој да одговара. Македонија, во процесот на пристапување кон ЕУ, веќе се обврзува да се усогласи со Законот за дигитални услуги. Прашањето е зошто тоа сè уште не е приоритет. Паралелно, потребна е и поинаква дигитална писменост. Образованието мора да објаснува како функционираат платформите и дека тие не се неутрални, туку дизајнирани да го задржат вниманието.

Мартина Дранговска Мартинова

Мартина Дранговска Мартинова е магистер по правни науки со професионален фокус на дигиталните права, заштитата на приватноста и институционалната одговорност во онлајн просторот. Во својата работа ги анализира односите меѓу технологијата, моќта и регулацијата, со посебно внимание на заштитата на децата и ранливите групи од системски ризици во дигиталниот екосистем. Нејзиниот истражувачки интерес е насочен кон преиспитување на улогата на правото во однос на новите форми на технолошка моќ.