Ангел Мојсовски
Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста. Потребно е промовирање на можностите за вработување за најперспективните професии како и промовирање на стручното образование.
Проблемот за справување со младинската невработеност претставува сериозен предизвик со кој треба да се справи нашата земја. Статистиката покажува дека иако невработеноста во државата се намалува и е падната на рекордно ниско ниво на 17.8 проценти, младинската невработеност е сѐ уште висока и изнесува 45.4 проценти. Споредено со регионот на Западен Балкан, Македонија (заедно со Косово) имаат најголема стапка на младинска невработеност. Младинската невработеност се должи на повеќе фактори. Еден од нив е јазот кој се создава помеѓу понудата на работна сила од една страна и барањата на бизнисите од друга страна. Друг фактор е тоа што голем број млади луѓе не се одлучуваат за стручно образование, а пак другите кои завршуваат високо образование не можат понатаму да најдат работа со тој образовен профил кој го имаат.
Образование за претприемништво
Проблемот околу невработеноста неминовно е поврзан со образовниот систем во нашата земја. Постојаните промени на извршниот кадар во ресорното Министерство за образование (МОН), (вкупно 12 министри се променети од 2000 година од кога се споени министерствата за образование и наука во едно министерство) придонесува кон тоа одредени политики да не можат да се спроведуваат и да фатат корен, што придонесе да има пад во севкупниот квалитет на образованието во земјата. Овој пад придонесува и кон тоа недоволно да се развиваат образовните програми и предмети за претприемништво насочено кон младите. Во моментов, во наставните образовни програми се изучуваат предметите „Иновации“ (во деветто одделение), додека во средно образование се изучуваат предметите „Иновации и претприемништво“ (1-3 година средно) и „Бизнис и претприемништво“ (4 година средно). Ова е позитивна насока во која би требало да се движи развојот на образованието за (младинско) претприемништво. Но сепак, она што е повеќе потребно е ова знаење кое треба да го стекнат младите ученици, да го поседуваат и наставниците кои го пренесуваат во наведените предмети. Затоа е потребно зајакнување на поддршката за основните и средни училишта за обука, дообука, напредна обука, а тоа пред се се однесува на наставниците кои ги предаваат овие предмети и второ, генерална обука, дополнителна за претприемачко образование за сите наставници. Кога станува збор за изучувањето на претприемништвото како предмет во високото образование, на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во наставната програма од вториот циклус на студии постои студиска програма за „Претприемништво“.
Друг проблем претставува и тоа што програмите (особено) на економските образовни институции не се ревидираат, а воедно и не постои посебна програма која би се однесувала само на претприемништвото како засебна студиска програма и на додипломските студии. Тука се поставува прашањето, дали е потребно соодветно образование наспроти високото образование? Во Македонија во последните 15 години се отворија многу факултети низ целата држава, чија замисла беше да помогнат во стекнување на високо образование за поголем дел од младата популација. Но, после повеќе години со ваквиот начин на експериментирање, почнуваат да се гледаат резултатите од ваквата политика. Од ова се согледува дека постои недостаток на соработка помеѓу сите чинители кои се вклучени во оваа област, како што се државата, образовните институции и бизнис секторот.
Извор: pexels.com
Како едно од можните решенија за совладување на овој проблем може да биде и воведување на дуалното образование во основните школи. Накратко, под дуално образование (дуален систем/алтернативна обука) се подразбира „образoвание или обука со временско комбинирање на образовните институции или центри за обука со работно место“ кое во зависност од договорената динамика може да се одвиваат на неделно, месечно или годишно ниво. За среќа, ваков успешен пример веќе постои и во Македонија, поточно во Скопје, каде што компанијата ЕВН Македонија (со главна дејност дистрибуција на електрична енергија) преку проектот „20-20-20“ има потпишано меморандум за соработка со средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“, каде ќе се формира посебна паралелка за 25 ученици. Најавено е и воведување на дуално образование во уште две средни училишта во Кавадарци и Охрид.
Но како и за секоја нововоспоставена пракса се јавува предизвикот како тоа да не биде на штета на наставниците од овие училишта и како тие да не го изгубат фондот на часови, поради намалениот обем на работа, што понатаму може да доведе и до губење на работата.
Механизми за развивање на претприемачки вештини
Во однос на застапеноста на механизми за развивање на претприемачки вештини (кои помагаат и во стекнување на вештини за вработливост), во земјава почнуваат поинтензивно да се развиваат акцелераторите и инкубаторите. Она што може да се согледа е дека во суштина постои проблем со разбирање на термините кај нас, што е акцелератор, a што е инкубатор. Акцелераторот е програма со почеток и крај, која што овозможува брз развој на одреден бизнис односно тоа не е едукациска програма, но за кратко време се дознаваат резултатите. Тука станува збор за бизниси или стартапи, кои што настапуваат со свои идеи чија крајна цел е да добијат потенцијална инвестиција преку која ќе може да го забрзаат растот и би можеле понатаму да го пласираат продуктот на пазарот. До сега сите програми кои што биле воспоставени, биле вид на едукациски програми за претприемништво со одредени бонуси, презентации на идеи и настани, предакцелерациски програми, но не и акцелерациски.
Позитивна работа во развојот на претприемништвото е тоа што се развиваат многу старт-ап компании, што доведува до поголема економска раздвиженост, а сето тоа се должи и на популаризирањето на студиите за ИТ. Во овој контекст може да се каже и дека Скопје полека станува „стартап град“ и дека главна причина за оваа појава „поради која македонската метропола се најде во ова друштво е големиот бум на ИТ компании кои се основаат во последните години, како и фактот што земјата е рангирана на 10-то место во светот според условите за бизнис во извештајот "Doing Business" на Светската банка. Ова подразбира дека предусловите се веќе поставени односно сега може лесно е да се регистрира фирма, зголемена е достапоноста на информации и вопедно е зголемена поддршката, програмите и се развива соработката.
Позитивни примери
Една од државните институции која ги поддржува македонските стартапи, акцелератори и инкубатори е Фондот за иновации и технолошки развој. Фондот се фокусира на кофинансирање на микро, мали и средни претпријатија со цел поттикнување на иновациската дејност, воведување и трансфер на технологии кај компаниите; финансирање на новосновани, микро и мали претпријатија, фондации и акцелератори; и се фокусира на постигнување долгорочен позитивен придонес за развојот на националната економија, подобрување на конкурентноста и обезбедување нови работни места. Еден од главните инструменти на фондот е и кофинансирање на новоосновани трговски друштва кои се старт-ап или спин-оф (креирање на независна компанија преку продажба или дистрибуција на нови акции на постојниот бизнис односно може да биде и фирма ќерка). Дополнителен пример од Фондот за иновации и технолошки развој со кој поттикнуваат млади да размислуваат во иновативна насока е и нивната програма за млади истражувачи, со која им овозможуваат и ги мотивираат учениците од средните училишта да ги реализираат своите идеи и да придонесат кон општеството, како што е и примерот на тим на ученици од гимназијата „Георги Димитров“, кои имаат креирано дрон што може да се користи на тешки пристапни места за гасење пожари или пак за прскање шуми.
Предизвици и препораки
Сепак, покрај поддршката, клучниот проблем во однос на одржливоста на механизмите за поддршка е слабата соработка помеѓу државата и образовните институции, особено академијата, како и бизнисите, бидејќи се добива впечаток како сите да прават работи поврзани со претприемништво, но секој од овие чинители од своја призма и на свој начин, а таа несоработка и неинформираност доведува и до преклопување на одредени проекти, програми или механизми за финансиска помош. Ова може да се утврди и низ документите и стратегиите на министерствата каде недостасува поврзување на мерките и јасно посочување на тоа која институција учествува и е одговорна за кои мерки и политики. Еден конкретен пример е и Гаранцијата за млади која е посочена од повеќе институции. На пример, во оперативниот план на МТСП се наведува дека за оваа мерка „потребна е координирана и заедничка акција на повеќе владини институции, пред се Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Агенцијата за вработување (АВРСМ) и Минстерството за образование и наука (МОН), социјални партнери и граѓански организации“ при што не се споменува Министерството за финансии, додека во програмата на економски реформи на Министерството за финансии се споменува единствено АВРМ како имплементатор на оваа мерка.
Затоа во овој контекст за намалување на младинската невработеност, најпрвин е потребно поголема комуникација и координација помеѓу главните чинители од оваа област односно соодветно усогласување помеѓу потребите кои ги има бизнис секторот, со политиките кои ги креира државата што потоа би се преточиле во образовни студиски програми во соработка со основните односно средните училишта како и на универзитетите.
Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста. Потребно е промовирање на можностите за вработување за најперспективните професии како и промовирање на стручното образование. Тука, исто така, би можело да се направи листа на барани професии и слободни работни места кои редовно ќе бидат комуницирани и споделувани со средните училишта односно средношколците. Во однос на основните и средните училишта треба да се зајакне директната поддршка од аспект на обуки и напредни обуки за претприемничко учење и тоа пред се за самите наставници. Воведувањето на дуално образование е исто така важно за развивањето на претприемачки вештини уште од рана возраст. Би било од голема корист доколку се зголеми или дуплира буџетот на фондот за иновации и технолошки развој со што би се зголемила и финансиската поддршка за некои од споменатите програми (како програмата за млади истражувачи).
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.