fbpx

Универзитетите во Македонија можат да создадат одржливо граѓанско општество

Артан Лимани, Кеси Л. Барнхард, Џеф Лаи и Соломон Фентон-Милер

Образование

18.01.21

Прегледи

Артан Лимани (Artan Limani), Кеси Л. Барнхард (Cassie L. Barnhardt), Џеф Лаи (Jeff Lai) и Соломон Фентон-Милер (Solomon Fenton-Miller)

Limani Barnhardt Lai Fenton MillerВо моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

Универзитетското образование е суштински елемент за мирот и просперитетот на една држава. Тоа претставува ресурс за економски развој во рамките на една држава и регион. Клучно е тоа што високото образование, исто така, негува критичко и иновативно размислување, а такво размислување е потребно за активирање на колективната граѓанска свест.

Граѓанската свест е степенот до кој народот, односно луѓето на една држава поседуваат знаење и покажуваат посветеност и однесување што ги поттикнува да бидат активни, ангажирани и одговорни граѓани. Овие граѓански атрибути им овозможуваат на луѓето да работат и да живеат заедно на заемно корисни начини, преку постигнување консензус за проблемите во заедницата, учество и вреднување на демократските процеси за одлучување и институции и стекнување мотивации за поддршка на членовите на заедницата кои се од различно потекло.

Македонија стреми кон статус на членка во Европската унија. Важен критериум во процесот на пристапување е обезбедување докази дека социјалните институции на државата го негуваат демократското учество и граѓанскиот ангажман на своите граѓани. Поточно, Советот на Европската унија го нагласува „промовирањето активно граѓанство“ како важна цел на образовниот систем во Европа. До денес, проектите и стратегиите осмислени така што ќе го поттикнат граѓанскиот ангажман во Македонија функционираат во насока на воспоставување и институционализирање на основните инфраструктури на демократијата - добро управување, владеење на правото, антикорупција и транспарентност, изборна поддршка и јавни услуги.

Од суштинска важност е што оваа работа се осврна на ангажманот на младите, со програми осмислени за зајакнување на организациите во заедницата и чувството на припадност. Меѓутоа, помал акцент е ставен на улогата на образовниот систем во поддршката на демократијата, граѓанството и граѓанските вредности.

Граѓанско учење и едукација

Образованието што го поддржува негувањето и одржувањето на демократските идеали и практики обезбедува знаење за учениците што им е потребно за да бидат информирани граѓани. Пример за тоа е стекнување свест за правата и должностите на граѓаните, државната историја и култура и разбирање на правните и изборните системи. Образованието насочено кон демократските принципи исто така треба да им обезбеди на студентите вештини за дијалог, критика, соработка, градење доверба и решавање конфликти. Различни фактори може да влијаат на граѓанските способности (на пример, семејството, идентитетот, географската местоположба), но истражувањата доследно покажуваат дека пристапите и методите што учителите ги користат во училницата го обликуваат граѓанското учење на учениците .

Univerzitetite vo Makedonija mozat da sozdadat odrzlivo gragansko opstestvoИзвор: zdravstvo.gov.mk

Досегашните компаративни истражувања за граѓанското учење ги разгледуваат граѓанските способности на средношколците, но далеку помалку внимание е посветено на граѓанското учење во високото образование. И покрај тоа, истражувањето покажа дека високото образование има клучна улога во помагањето на младите да станат граѓански ориентирани. Во суштина, образовните достигнувања одамна се поврзани со гласачките, односно избирачките постапки; поголема е веројатноста оние со повеќегодишно образование да учествуваат на избори. Иако гласањето е исклучително важно за одржување на демократските вредности, тоа е само еден, прилично површен, граѓански исход поврзан со образованието.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за социјална одговорност и граѓански статус. Секако, академските програми ја негуваат стручноста на студентите, особено во некои конкретни области на знаења и вештини (инженерство, јавни работи, образование, бизнис, комуникации и сл.). Сепак, ваквите посебни области на знаења и вештини се само почеток на она што е потребно да го знае народот на една земја. Низ сите области на академско студирање, студентите бараат знаења и вештини поврзани со конструктивна соработка, етичко и великодушно постапување кон другите, слушање и ценење различни гледишта и разбирање на потребите на пошироката заедница. За да се охрабри демократското учење, универзитетските предавални мора да им помогнат на студентите да размислуваат критички, да се вклучат во значајни дискусии и да размислуваат за практичните импликации од материјата што се изучува за дадениот предмет. Токму овие вештини им даваат на студентите капацитети да ги решат колективните проблеми со иновации и креативност или да го кренат гласот кога институциите или избраните лидери нема да ја оправдаат колективната доверба на јавноста.

Граѓанските компетенции ќе бидат потреба за во иднина

Податоците за граѓанското учество отвораат прашања за успешноста на демократските практики и граѓанскиот ангажман во Македонија. Според „Фридом хаус“ (Freedom House), Северна Македонија е земја со транзициска, односно преодна економија и политички систем. Нејзината демократија е нестабилна, со оценка 3,75 од 7. Главните политички актери и граѓаните се борат да воспостават функционално судство, да се изборат против корупцијата и да ги ослободат државните институции од партиско влијание. Земјата има релативно мал број граѓански организации: вкупно 10 171, со 1 645 лица во редовен работен однос во секторот. За контекст и споредба, Финска има регистрирано 130 000 невладини организации со вкупно 15 милиони членови, при што во просек, секој граѓанин припаѓа на три организации. Според Салберг (Sahlberg), граѓанските организации во Финска го надополнуваат образовниот систем, обезбедувајќи им на учениците и студентите можности за усовршување на социјалните вештини, начините за решавање проблеми и лидерството што го учат.

Денешните универзитетски студенти, милениумци и граѓани од генерацијата Z, го гледаат светот како глобално село каде што различните култури мора да најдат начини да живеат заеедно. Центарот за иднината на демократијата (Center for the Future of Democracy) известува дека помладите генерации чувствуваат фрустрација кон демократските институции затоа што сè уште не ги оствариле ветувањата за прашања како што се нееднаквоста и климатските промени. За младите, свесноста и соодветната поврзаност со глобализираниот свет носат и постојана изложеност на докази за нееднаквост и нерамномерен пристап до заедничките добра.

Овие реалности можат да бидат крајно демотивирачки, односно да бидат причина за несигурност на младите при следењето на своите соништа. Дел од решението за надминување на овие фрустрации е создавање универзитетски систем што не само што ги подготвува студентите за пазарот на труд, туку нуди и можности за инспирирање на граѓанските замисли на студентите за нивните способности да се ангажираат во своите заедници по пат на соработка, користејќи креативност и емпатија. Овие квалитети се неопходни за студентите да разберат како да бидат граѓани кои ќе го подобруваат општеството и ќе ја направат демократијата реалност, наместо цел кон која тежнееме.

Универзитетите можат да преземат улога на иницијатор со промовирање на граѓанските резултати

Како земја која стреми кон членство во ЕУ, Македонија мора да организира реализација на своите студиски програми за високо образование на начини кои поттикнуваат општествена одговорност и граѓански ангажман кај студентите, за да се обезбеди усогласување со европските граѓански вредности. За да се постигне ова, универзитетите ќе треба независно да спроведуваат иновативни наставни програми за да ги мотивираат своите дипломци да се вклучат во граѓанското општество: образовни, верски, непрофитни и невладини организации. Наставната програма ќе треба да одразува пошироки цели, како што се одржлив развој и други идеали нагласени во магна карта на глобалното граѓанство од дваесет и првиот век.

За во иднина, универзитетската наставна програма треба да биде насочена кон активно граѓанство, така што студентите ќе стекнат чувство на припадност и одговорност кон локалните и глобалните заедници. Нивното разбирање за заедницата мора да ги надминува етничките категории, нагласувајќи точки на меѓусебна поврзаност и заеднички црти меѓу личните и групните разлики во идентитетот. Со други зборови, висококвалитетна и сеопфатна универзитетска програма е програма што им нуди на студентите способности да опфатат повеќе заедници во функција на унапредување на мирот, човековите права, мултикултурализмот, различноста и инклузијата. Самиот поим за заедница почива врз континуитетот на блискоста од локална до национална и сè до глобална. Предметите и предавањата мора да им помогнат на студентите на универзитетите да размислат и да планираат иднини за повеќеслојните меѓузависности и соодветните одговорности на бројните заедници што се преклопуваат и ги сочинуваат нивните лични и професионални животи.

За наставната програма да биде напредна, потребно е универзитетските лидери да бидат храбри и да бидат визионери. Тие мора да гледаат на целите на високото образование како повеќеслојни, трансформативни и инклузивни. Поконкретно, прифаќањето на граѓанската визија за високото образование наметнува потреба универзитетите да ја сметаат својата задача како подготовка на умовите да бидат локални двигатели во колективните напори за искоренување на глобалното затоплување, сиромаштијата, насилството врз обесправените и запирањето на растот на екстремизмот и исклучувачката политика.

Во денешно време, да се работи глобално не мора да значи дека мора да се напушти градот или земјата на живеење. Напротив, создавањето глобално влијание може едноставно да значи исполнување на своите граѓански должности дома за да се обезбеди локален ангажман низ градовите и земјите, во согласност со колективните глобални цели. Сега е време да го смениме начинот на функционирање на универзитетите, со цел развивање на граѓанските компетенции на студентите, за да промовираме подобра иднина за Северна Македонија и да помогнеме во решавањето на нашите трајни општествени предизвици.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите изразени во оваа статија се на авторот и не ги одразуваат позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Артан Лимани, Кеси Л. Барнхард, Џеф Лаи и Соломон Фентон-Милер

Артан Лимани е доктор на науки од областа на високото образование. Докторирал на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕУ) под покровителство на светски познатиот професор од универзитетот Индиjана во Индиjанаполис, САД, д-р. Џон Периш-Спрол. Магистрирал на комуникациски науки на Универзитетот „Пурдју“ во Форт Вејн, САД, каде работел и како асистент. Во академската 2003/2004 година престојувал на Универзитетот Индиjана во Индијанаполис за академска надградба и специализација за научни истражувања. Од 2004 до 2014 година работел како предавач на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) каде покрај предавањата бил вклучен и во развојот на наставните програми и придонел за интеграција на академските вештини во наставата по англиски јазик за специфични цели при тоа обезбедувајќи мулти-димензионален пристап кон учењето. Во 2009 година тој повторно престојува во САД каде се сертифицирал за стратегии за предавање и учење на универзитетот „Боулинг Грин Стејт“. Од септември 2014 година, тој се префрли во Технолошкиот институт Рочестер во Приштина (РИТ Косово), за да управува со академскиот дел на една од највлијателните образовни програми на Косово по војната, финансирана од УСАИД Косово. Тој е составувач на Програмата за обука на американскиот универзитет, програмата за пред-универзитетски подготвyвања и Летниот камп во РИТ Косово. Предавал низа предмети од комуникациски науки, академско пишување и научни истражувања. Тој е страствен истражувач за развој на образованието за кои се претставил на повеќе меѓународни конференции. Кејси Л. Барнхарт е вонреден професор и директор на постдипломските студии, образовна политика и студии за лидерство, и виш соработник во Центарот за јавна политика на Универзитетот во Ајова. Џеф Чинг-Фан Лаи е студент на докторски студии на втора година при програмата за високо образование и студентски прашања на Универзитетот во Ајова. Неговите истражувачки интереси вклучуваат граѓански одговорности на колеџи, демократско разбирање на студентите и ангажман на заедницата. Соломон Фентон-Милер е студент на докторски студии на прва година при програмата за високо образование и студентски прашања на Универзитетот во Ајова. Неговите истражувачки интереси вклучуваат онлајн учење и виртуелна мобилност.