д-р Маја Стојанова
Изненадување дека конечно е најдено решение постоеше и кај јужниот и кај северниот сосед, но во целиот процес се издвојуваа имињата на Алексис Ципрас, Зоран Заев и Никола Димитров кои покажаа волја за усогласување на разликите во момент кога преговорите беа во фаза на стагнација.
Иако во говорот на премиерот Зоран Заев доминираат оптимистички фрази и за него е карактеристичен настап со едноставност и конкретност, како и пракса на донесување решенија во кратки рокови, сепак никој не насетуваше дека за година дена новата влада ќе постигне прифатливо решение за спорот со Грција, односно за промена на името. Се чини дека се постигна многу повеќе од тоа. Потпишан беше Договорот од Преспа, беа возобновени пријателските односи меѓу двете соседни држави, а во посета дојдоа грчки државници кои поради истиот овој спор за името години наназад тоа го одбиваа. Изненадување дека конечно е најдено решение меѓу двете страни постоеше и кај јужниот и кај северниот сосед, но во целиот тој процес се издвојуваа имињата на Алексис Ципрас, Зоран Заев и Никола Димитров како клучни политички актери кои покажаа волја за усогласување на разликите и тоа во момент кога преговорите беа влезени во фаза на стагнација. Моментот сепак не зависеше само од расположението на владите, туку и од роковите поставени од изборите што догодина ќе се одржат и во двете земји. Клучниот пресврт за побрзо доаѓање до решение беше постигнат и со поставувањето на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција за директни преговарачи.
Улогата на Никола Димитров во процесот на преговорите
Појавувањето на Никола Димитров во Шарената револуција, летото 2016 година, кога во својот говор повика на нужноста од афирмација на либералните вредности правда, еднаквост, слобода, конституционализам, наместо прокламација на недопирливоста на политичката класа и на неодговорноста на политичарите, беше изненадување за јавноста, но не и неговото подоцнежно именување за министер за надворешни работи, имајќи го предвид неговото огромно дипломатско искуство. Ако се погледне неговата биографија ќе се забележи дека кариерата ја започнува токму во МНР и дека долги години бил на истакнати позиции во сферата на надворешната политика и дипломатијата, без оглед на тоа како се менувала власта во Македонија.
Па така, резимирајќи ја целокупната негова дипломатска акивност заедно со учеството во процесот на преговори за името од позицијата министер за надворешни работи, не е погрешно да се забележи дека токму тој ја имаше клучната улога во процесот на преговорите. Неговата улога во интензивирањето на преговарачкиот процес, особено на почетокот на 2018 година има суштинско влијание во постигнувањето на крајното решение, бидејќи и самиот тој беше инволвиран во преговарачкиот процес, како преговарач за името во периодот 2003-2008 година. Уште на почетокот на својот мандат како министер за надворешни работи Димитров најави продолжување на процесот на преговорите за името и оптимистичка атмосфера и на двете страни, за пролетта годинава да истакне дека ситуацијата со преговорите за името се менува секојдневно.
Забележително беше постојаното брифирање на јавноста за деталите од процесот на преговори од страна на Владата и лично од министерот Димитров, што не беше пракса години наназад, што од друга страна пак даваше јасни сигнали дека решението на 27- годишниот спор за името конечно е на повидок. Дополнително интензивирањето на средбите со клучните светски лидери и високи претставници на ЕУ и НАTО, укажуваа на тоа дека Димитров ќе биде клучниот играч во финишот на процесот на преговорите.
Конечно, кога во јуни беше објавено дека е постигнат Договор со Грција за името Република Северна Македонија, Димитров како претставник на МНР и потписник на Договорот од Преспа, повторно го презема приматот за понатамошното имплементирање на договорот се до негова конечна ратификација во грчкиот парламент, со што всушност треба да стапи на сила.
Извор: А1он.мк
Цензусот го победи референдумот
Иако кај организаторите беа видливи високите очекувања од референдумот, сепак во позадина на таквите очекувања никој не беше свесен дека е речиси невозможно да се достигне цензусот од 50 отсто + 1 гласач. Не може да се занемари ниту вистината дека бројот на гласачи кои го поддржаа референдумското изјаснување не е за потценување (609 427), но сето тоа паѓа во сенка поради фактот дека цензусот го победи референдумот.
Анализата на референдумските резултати исклучиво преку призмата ’неуспешен референдум’, не е доволна за да се изгради јасен став околу тоа кои се во основа причините за тоа. Напротив, потемелната анализа треба да ги вклучи и факторите за таквиот референдумски исход. Како фактори кои директно влијаеа на резултатите од референдумот, посебно може да се издвојат следниве:
Природата на прашањето за кое е распишан референдумот нужно влијае врз резултатите од референдумот, особено ако се работи за вакви сензитивни прашања какво што е прашањето за промена на уставното име. На ова се додава и психолошката компонента, односно емотивната димензија која кај граѓаните ја предизвикува самиот процес на промена на досегашното државно име.
Перцепциите на граѓаните во однос на природата на прашањето за кое се гласа на референдумот, исто така, имаат влијание врз резулатот во случајов во оној дел од прашањето кој пред сè вклучува историска и географска компонента. Историскиот дел ќе претрпи одредени промени, додека географскиот аспект е ограничен само на додавката на географската одредница „Северна“ која како придавка се додава во досегашното уставно име. Иако многу се полемизираше со тоа, иденитетските одредници остануваат непроменети. Во моментот се работи само на корекции во учебниците на Македонија и на двете соседни земји Грција и Бугарија, поточно на отстранување на иредентистичките елементи и евентуалните територијални претензии во содржината на учебниците по историја. Комитетот за корекции во учебниците со Бугарија е во понапредна фаза, со оглед на тоа дека Договорот за добрососедство беше потпишан минатата година, додека преговорите со мешовитиот комиет од македонска и од грчка страна штотуку започнаа.
Бојкотот на опозицијата имаше влијание врз резултатот бидејќи поголемиот дел од членството и од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ решија да не излезат на гласање. Иако на почетокот бојкотот на водечката опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се движеше по линија на тотален бојкот без исклучоци, се` до тивок бојкот на самиот крај (особено после притисокот од меѓународната заедница), сепак тој се чини беше од клучно влијание за неуспехот на референдумот.
Видот на референдумот пак имаше влијание врз излезноста, а следствено на тоа и врз резултатите. Вообичаено кога референдумите се консултативни, а со тоа и кога е потенцирано дека нивниот резултат не е задолжителен за понатамошните процедури во однос на истото прашање, тогаш и интересот на електоратот да излезе на гласање е помал. Во овој случај сосема разумна беше одлуката на власта да распише консултативен референдум, бидејќи и во самиот договор со Грција одржувањето на референдум пред пристапување кон уставните измени не е задолжително, туку е по волја на втората страна, во случајот на Македонија. Од друга страна, и во самиот Устав на Република Македонија, нема одредба што предвидува распишување на консултативен референдум на државно ниво.
Помеѓу сите овие споменати фактори како варијабли кои влијаеа врз референдумскиот резултат, мора да се спомене и податокот дека иако не беше исполнет потребниот цензус, ова референдумско изјаснување досега е со најуспешен резултат. За споредба, Ѓорѓе Иванов доби втор мандат за претседател со помалку од гласовите на овој референдум (453.615), па и Бранко Црвенковски кој во 2004 година беше избран со вкупно 550.317 гласови. Единствен подобар резултат досега во однос на исполнет цензус имал само Киро Глигоров на претседателските избори во 1994 година, кој за претседател на РМ беше избран со 715.774 гласови или со цензус од 52,60 отсто.
Помирување или помилување?
Постреферендумскиот тек на настаните, особено отпочнувањето на парламентарните процедури за усвојување на уставните измени отворија едно од најголемите прашања кое го условува усвојувањето на уставните амандмани, а тоа е дали ќе има помирување или ќе има и помилување на обвинетите за настаните од 27 април. Дилемата ја отвори лично премиерот Заев кој од собраниската говорница повика левата и десната страна да си подадат рака, притоа нагласувајќи дека е свесен дека пораката што ја испраќа има политичка цена.
Од друга страна, пак, деновиве оваа недоумица беше расчистена. Премиерот дообјасни дека помирувањето на левицата и на десницата не значи и помилување, односно дека обвинетите нема да бидат изземени од кривично гонење, изјавувајќи дека „простувањето е битно, но правниот систем мора да важи“. Ова укажува и на тоа дека премиерот во предвечерието на отворањето на парламентарната расправа за промена на Уставот алудирал на помирување исклучиво од морален аспект, не и од правен. Во делот од говорот, пак, каде што апелира да се остават настрана партиските игри за сметка на националниот инерес, премиерот повика на издигнување над политиката за прашања кои се од интерес на државата. На иста линија несомнено е и министерот за надворешни работи кој со реченицата „Овој регион премногу е оптоварен со историја, а премалку произведува иднина“, укажа на тоа дека сега е пресуден момент да се реши прашањето за името и за тоа е неопходен национален консензус без оглед на партиската припадност.
Парламентарни процедури после референдумот
Се чини дека најголемиот пресврт во македонската дипломатија, т.е политиката после решението на спорот за името, е изгласувањето на пристапувањето кон измени на Уставот. Tокму ова гласање го трасираше патот кон втората фаза од процесот за понатамошна промена на Уставот во согласност со Договорот од Преспа. Расправата по нацрт-амандманите во собраниската Комисија за уставни прашања заврши со усвојување на четирите амандмани за уставни промени и постапката од оваа фаза завршува во Собранието, каде одделно се утврдува нацртот на секој амандман.
Преостанува третата и последна фаза на усвојување на амандманите за која е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници. Сосема извесно е дека и во оваа последна фаза пресудни ќе бидат гласовите на опозициските пратеници, или барем на оние кои гласаа во првата фаза. Расположението на пратениците се менува и конечната бројка на пратеници која ќе ги поддржи уставните измени е до последен момент неизвесна. Владеачкото мнозинство очекува бројот на пратеници кои ќе гласаат „за“ да биде поголем од неопходните 80. Последната процедура која останува да се исполни е ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, а за тоа грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека има обезбедено мнозинство во парламентот кое ќе го поддржи Договорот.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.