fbpx

„Патот на свилата“ и „Патот кон ЕУ“: дали некаде се вкрстуваат?

Ана Крстиноска

Политика

16.02.19

Прегледи

ALB

м-р Ана Блажеска

ana blazeska200x250Сè додека Република Македонија не излегува од рамката на европски вредности, норми и практики, има легитимно право да соработува со Кина за остварување на своите економски интереси, дотолку повеќе што таа соработка може да води и кон побрзо достигнување на европскиот просек за инфраструктурна покриеност, економски раст или намалување на невработеноста.

Во рамки на поширокиот геополитички контекст и обидите за зголемување на влијанијата на регионалните и глобалните „сили“ на Балканот, се наметнува прашањето колку соработката со нив е компатибилна со стратешките приоритети на земјите и членството во ЕУ и НАТО. За разлика од земјите со традиционално влијание во регионот, како Русија и Турција, влијанието на Народна Република Кина како нов „играч“ во Централна и Источна Европа (ЦИЕ) е помалку проучувано. Во тој контекст, синергетското или спротивното влијание на соработката со НР Кина и процесот на пристапување на Република Македонија кон ЕУ заслужува да биде предмет на анализа.

Македонско-кинеската соработка во актуелните кинески геостратешки иницијативи

Од воспоставувањето дипломатски односи во 1993 година до денес, НР Кина е еден од главните поддржувачи на нашата независност и идентитет. Традиционално добрите односи се наследени од Југославија, која беше еден од главните партнери на Кина во Европа во периодот кога Кина и западноевропските односи имаа „заладени“ односи (до 1975 година). Добрите односи траат сè до несреќната авантура на неодговорно политикантство кога Македонија го признава Тајван за грант од 1 милијарда долари. Со тоа Македонија го прекршува основното начело за одржување добри односи со Кина – признавањето на една и неделива Кина, односно Тајван како дел од НР Кина. Ситуацијата се нормализира по заминувањето на Демократска алтернатива од политичката сцена и поништувањето на признавањето, па денес Македонија, заедно со 15 земји од ЦИЕ е дел од поголемата кинеска стратегија кон овој регион што се спроведува преку т.н. форум „16+1“.

Кина во дипломатските односи го истакнува принципот дека не постојат мали и големи држави. Во таа смисла ги вреднува односите дури и со малите земји како нашата и се труди тие партнерски да се  темелат  на „взаемна корист“.  Земјите од ЦИЕ се премногу мали и бројни за да ѝ биде исплатливо на Кина да им посвети внимание на секоја поединечно, но сепак се и значајни за неа бидејќи се во срцето на кинеската геостратешка иницијатива Појас и пат. Иницијативата, започната во 2013 година, цели кон унапредување на регионалната соработка меѓу Кина и 65 земји од Азија и Европа, пред сè преку подобрување на инфраструктурата и економската соработка. Географски се протега по должина на т.н „Пат на свилата“, односно историските трговски рути кои воделе од Кина до земјите од Западна Европа, кои денес се крајна дестинација на најголем дел од кинеските извозни производи и инвестиции. Во рамки на „16+1“, Кина им дава еднакви почетни можности на сите земји, а профитираат оние кои сакаат и можат да се усогласат со кинеските интереси и приоритети.

Во таа смисла, земјите од ЦИЕ и посебно од Западен Балкан (ЗБ) се конкуренти во обидот да го привлечат вниманието на Кина (за инвестиции, вложувања во инфраструктура итн.). Не размислуваат за заедничка стратегија и настап за да ја намалат асиметријата во односите, за заедничка и комплементарна економска понуда, за поголема продуктивност, квалитетен кадар, иновативност и сл., туку најчесто се натпреваруваат кој ќе понуди поголеми субвенции, пониски даноци итн. Но, наместо кон такви придобивки, Кина сè повеќе се ориентира кон инвестиции кои ќе ѝ овозможат трансфер на технологии, брендови, нови големи пазари и сл. Затоа, вкупното ниво на кинески инвестиции во ЗБ (5-те земји, без Косово кое не е дел од „16+1“) е само 3 отсто од вкупните инвестиции во ЦИЕ и далеку под нивото на кинески инвестиции во ЕУ.

Фото: Иницијатива Појас и пат. Извор: Светска банка
Економската соработка со НР Кина и процесот на европска интеграција

Економската соработка меѓу Кина и Македонија е на многу базично ниво. Иако имаме потенцијал, немаме доволно развиено производство и не задоволуваме ни мал дел од кинескиот пазар, за кој и да е тип на производи. Иако повеќето компании имаат желба и амбиција, немаат знаење ни стратегија како да се пробијат на кинескиот пазар. Веројатно од истите причини, ни државата не им помага многу. Затоа, бележиме огромен трговски дефицит, но тоа не е различно од земјите во регионот и Европа (со исклучок на Германија). Директните инвестиции од Кина се под 0,1 отсто од вкупните во државава и тоа се должи на погрешната стратегија која не ги препознава инвестициските приоритети на Кина. Единствена област каде што соработката „16+1“ имаше конкретен придонес се т.н. евтини кредити за патна инфраструктура, што истовремено беа предмет на сериозна критика од ЕУ, пред сè поради процедурите за нивно спроведување.  

Членството во ЕУ и економската соработка со Кина, за инфраструктура, но и за сè останато, можат да бидат сосема компатибилни и синергетски. Според податоците од Националниот инвестициски комитет, вкупните потреби на Македонија од инфраструктура (енергетска, транспортна и социјална) се проценуваат на 5 милијарди евра. ЕУ е сосема свесна дека не може да обезбеди толку средства во следните 20-30 години, а треба да сме свесни и ние, да развиваме алтернативни модели и да гледаме на Кина како на бизнис партнер. Нашиот успех како држава во соработката ќе зависи од политичката волја на Владата, како и од нејзините капацитети проектите со Кина да ги испреговара, развие, поткрепи со аргументи и ги спроведе според највисоките стандарди за транспарентност, отчетност и квалитет на ЕУ. Сомневања и афери за корупција, како на пример договорите за изградбата на автопати со Синохидро и набавката на автобуси од Јутонг, за кои во моментот се водат судски постапки, не му одат никому во прилог и им даваат дополнително оружје на оние што се обидуваат соработката со Кина да ја претстават како штетна.

Веројатно како резултат на такви обиди, молчеливо се повлекуваме од трипартитниот меморандум со Унгарија и Србија за изградба на пругата Атина - Будимпешта со кинески средства и од иницијативата за визна либерализација со Кина. За споредба, Србија, која веќе има преговори со ЕУ, речиси го заврши делот од пругата Белград - Будимпешта, ги укина визите кон Кина и потпиша инвестиција за отворање кинеска фабрика за гуми во вредност од една милијарда долари. Истото се случува со Бугарија која ќе гради нуклеарна централа со кинески пари, обезбеди 20 милиони долари грантови за мали и средни претпријатија и потпиша ред други договори на последниот самит „16+1“ во јули. Кај нас, самитот помина незабележано и неискористено.

Важно е да се истакне дека во надворешната политика, Кина нема никакви идеолошки претензии и го поддржува членството на Македонија и на сите земји од регионот во ЕУ. Тоа е во интерес и на Кина поради големината на пазарот, економијата на обем, политичката и економската стабилност на извозот и инвестициите итн. Кога земјите членки на ЕУ кои (треба да) се и најголеми промотори на нејзините вредности, како Германија, Франција, Италија итн, одржуваат интензивна економска соработка со Кина и постојано се обидуваат да ја унапредат, зошто би имало каков било проблем за Македонија? ЕУ сè уште ја бара својата позиција во однос на иницијативата „Појас и пат“, пред сè поради неможноста да ги унифицира позициите на земјите членки кон Кина, затоа што сите се обидуваат да извлечат што е можно поголем дел од колачот за себе. Оттука, сè додека Република Македонија не излегува од рамката на европски вредности, норми и практики, има легитимно право да соработува со Кина за остварување на своите економски интереси, дотолку повеќе што таа соработка може да води и кон побрзо достигнување на европскиот просек за инфраструктурна покриеност, економски раст или намалување на невработеноста.

Освен тоа, и Кина е свесна за негативниот имиџ кој нејзините проекти го уживаат во регионот и активно работи на вклопување во европските и светските текови и стандарди. Референците на успешни проекти имплементирани каде и да се во Европа им се потребни на кинеските компании кога конкурираат за големи проекти во западноевропските земји и Кина на тоа гледа како процес на учење. За илустрација, кинеските компании почнаа да добиваат и тендери на ЕУ, како на пример за изградба на мостот во Пељешац, Хрватска.

Според анализа на романската истражувачка Олер-Синкаи, Македонија амбициозно влезе во иницијативата „16+1“ и во периодот 2013-2015 се рангираше во втората група т.н. амбициозни земји според иницијативноста и заложбите, за од 2016-2018 да падне во третата група – следбеници. Притоа, неспорно е дека Македонија нема никакво позначајно влијание врз стратегијата на Кина кон регионот. Ако сакаме да соработуваме, можеме да извлечеме корист, ако пречиме – ќе бидеме заобиколени, како што се случува во моментов. Имено, Кина купи удели во десетина пристаништа низ Европа, што значи дека Пиреа не е веќе ексклузивниот влез на кинески производи во Европа и главниот коридор нема да води низ Македонија. Во меѓувреме, и Бугарија пројавува амбиции да изгради модерна пруга која ќе ја поврзе Атина со Белград низ Бугарија. Значи, со или без нас, Кина ќе најде брз и ефикасен пат за нејзините производи низ Европа, а губитник во тоа сценарио може да биде само Македонија.

Каква треба да биде македонската стратегија кон Кина?

Со економското влијание секако доаѓа и политичко влијание. Но, за разлика од влијанијата на другите земји присутни во регионот, кои се стремат кон политички или идеолошки промени и имаат импликации по евроатлантската интеграција, НР Кина најчесто го користи влијанието за нејзини внатрешно-политички цели. Тоа се артикулира преку мобилизирање поддршка за или против резолуции или декларации во меѓународни организации во врска со Тибет, Шинџианг, универзалното признавање на Тајван како дел од Кина или територијалните спорови во Јужнокинеското Море. Кина се обидува да се докаже и наметне во актуелната глобална констелација како економски - светска сила и конструктивен партнер, а политички – регионална сила во Азија.

Македонија, како и целиот регион на ЦИЕ е дел од трговските рути долж иницијативата „Појас и пат“. Во таа смисла, во кинески интерес е стабилноста и просперитетот на регионот како транзитна дестинација, но и како пазар за кинеските производи. Кина многу добро знае дека таква стабилност Македонија ќе достигне само во рамки на ЕУ. Затоа, кинеското присуство во Македонија не треба да се преценува или стигматизира, туку да се искористи, пред сè за унапредување на економската соработка преку поттикнување на извозот, привлекување на кинески инвестиции и туристи. Тоа се цели што, доколку се осмислат и спроведат правилно, можат да бидат сосема компатибилни со процесот на пристапување кон ЕУ, преку поттикнување на економскиот раст и конкурентноста на земјата.

Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот. 

Ана Крстиноска

Ана Крстиновска е програмски менаџер и истражувач во Центарот за истражување и креирање политики каде работи на проекти од областа на европска интеграција и меѓународни односи. Претходно била државен секретар за европски прашања и советник за меѓународна соработка во Владата на Република Македонија. Завршила магистерски студии по Европски политички и административни студии на Колеџот на Европа во Бриж, Белгија и специјалистички студии на Универзитетот за странски студии во Пекинг, НР Кина.