проф. д-р Јорде Јаќимовски
Земјоделството сè уште е единствен извор на приходи, кој не може да го одржи микросистемот и разновидните потреби на селската популација, големината на земјишниот посед се намалува, опаѓа виталната моќ на семејните фарми, недоволен број на задруги/кооперативи, недоволна пазарна инфраструктура во служба на земјоделците, поразителни резултати во средствата насочени кон инвестициите на инфраструктурата за подобрување на квалитетот на руралните средини.
Во селото во Македонија како резултат на досегашниот развој, се одвиваат интензивни негативни процеси: во материјалната основа, во демографската, социјалната, културната сфера. Тие процеси се динамични, меѓусебно поврзани и меѓузависни а често се карактеризираат со нагласени противречности. Семејните земјоделски стопанства на село, исклучително се хетерогени во демографските, (на нив воглавно живеат земјоделци кои неможеле да поминат во други занимања и други дејности), образовните и економски карактеристики.
Немањето на јасна развојна политика кон селото доведува до заостанување на многу селски региони, (посебно оние кои задржале аграрно обележје, а се наоѓаат надвор од гравитациските зони на урбаните средини). Тоа доведува до силна депопулација а некаде и социјална и демографска депресија. Значаен дел од селското население ги напушта своите родни домови не само од економски причини туку и поради поголемите инфраструктурни можности на градските средини, поради потребата од школување на своите деца, поради потребата од здравствена заштита, поради надежта дека ќе добијат работни места во иднина, итн. Концентрацијата на вработеност во аграрот е главното објаснување за пораст на сиромаштијата на село. Секое второ домаќинство на село (50 проценти во Источен регион) смета дека нема услови за вработување и не може да обезбеди средства за храна.
Алармантна е состојбата со миграцијата село-град
Статистиката покажувa дека само во периодот од 2013-2017 година бројот на лицата што се доселиле од руралните во урбаните средини изнесува 9954 лица. Последните две години (2016 и 2017), се карактеризират со забрзана миграција (4455). Најголемата демографска група која се доселила од село во град е на возраст од 15-29 години (53%). Вистинската причина за засилената миграција од руралните во урбаните области е неразвиената економија и неизградената инфраструктура. Задржувањето на населението овозможува економска виталност, а во некои случаи и опстанок на заедницата.
Опаѓа виталната моќ на семејните фарми
Во структурата на лицата ангажирани на семејните фарми, според возраст се намалува учеството на лицата до 34 години и тоа од 25% во 2013 година, на 22% во 2016 година. Додека, учеството на членовите ангажирани на семејните фарми на возраст од 55 и повеќе години се зголемува од 39% во 2013 година на 42% во 2016 година.
Демографските движења на селото, особено процесите на се поинтензивното стареење на селското население и демографско празнење во некои региони зборува за многу важна појава за животот на село. Без оглед на приликите што ја условиле ваквата состојба, останува вистината дека многу голем број на селска популација во оддалечените села не се во можност да се снабди со своите секојдневни потреби со различна колонијална стока.
Во просек, на ниво на државата големината на земјишниот посед продолжува да се ситни. Во 2016 година, во однос на 2013 година категоријата до 1 ха се зголемува за 4%, а просечната големина на идивидуалните земјоделски стопанства се намалува за 6%. Во 2016 година просечна големина на поседот на семејните фарми изнсува 1,5 ха од обработливата површина, што е за 9,4 пати помала од таа во ЕУ. Зголемувањето на бројот на индивидуалните земјоделски стопанства во услови на стареење на селското население и депопулација на селата, укажува на фактот дека постојната состојба на руралната политика се наоѓа во неквалитена фаза на развој.
Како ќе се оспособи тој ситносопственички сектор за ефикасно и пазарно земјоделство се уште е нејасно. Нема капитал за опремување со модерна механизација и опрема, или е тој прескап. Нема изградена пазарна инфраструктура во служба на малите производители, како и други претпоставки за развој.
Извор: balojani.com.mk
Новите трговски субјекти во земјоделството, преработувачките компании, и други интегратори на земјоделското производство претежно одат на линијата на промоција на сопствените инереси, сопствена заработувачка и профит, а сето надвор од тоа не е нивна грижа, туку туѓи интереси, за што треба други да се грижат. Односите кон земјоделците се некоректни, често се прекинуваат, исплатите не само што доцнат туку и се пролонгираат а неретки се измами на земјоделецот. Поради тоа, фармерите често бараат помош од државата, која е немоќна, или се сведува на паушална критика и осуда од разновидни лобисти, а од тоа земјоделците добиваат малку, или воопшто немаат корист. Во таква констелација на интересите, положбата на земјоделецот и на селското население се влошува.
Задругите не заживеаја
Во сите земји со развиена пазарна економија постојат различни видови на задруги/кооперативи и развиено задружно движење кои технолошки и маркентиншки го унапредуваат производството. За малите фармери кои доминираат во Македонија, задругарството е значајна развојна полуга. Заедничката набавка на механизацијата и опремата која е прескапа за поединецот фармер, преработката и процесирањето на земјоделските производи, продажбата и промоцијата на земјоделските производи, штедењето и кредитното работење - преставуваат класични задружни функции кои можат да помогнат за унапредување и олеснување на производството на малите фармери.
Постојните задруги се мали, со околу десетина задругари на една земјоделска задруга и недоволно кадровски опремени за извршување на основната задача. Во просек во Републиката, на една земјоделска задруга доаѓаат околу 50 селски населби или 5230 индивидуални земјоделски стопанства што е голем простор за успешно развивање на земјоделството и селото. Ова укажува на фактот дека постојниот број на задруги, ни од далеку не е доволен да ги задоволи неопходните потреби на селската популација.
Неколку значајни фактори присутни во нашиот развој го оспоруваат развојот на задругарството кои треба веднаш да се решат а кои се надвор од делокругот на влијанието на самите задругари. Ако се сака суштинско анимирање на задругарството како основна институција за развој на земјоделството и селото, тогаш неопходно е да се направи измена на Законот за задруги и Законот за земјоделски задруги.
Прво, неминовно се наметнува потреба од задруги кои ќе се формираат и работат според основните задружни принципи: потполна отвореност; демократско управување; распределба на резултатите од работењето според учеството на нивното создавање; автономија и независност; и грижа за заедницата.
Второ, зголемениот механизам на државна контрола го оневозможува развојот на задругарството. Задругата е автономна и демократска организација која фукционира врз принцип на самопомош и контрола од страна на нејзините членови, а државата е таа која треба да ги детерминира законските решенија во кои фукционираат задругите.
Не се градат патишта, водоводи, канализација
Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за периодот од 2018-2022 година покажува дека е нејасна, а во некои аспекти и воопшто не се познава суштината, карактерот и значењето на развојот на селата. Недоволно се познава методологијата на ревитализацијата на овие простори, а без доволно квалитетни анализи и информации и нема идеи таа да се реализира. Пристапот е најчесто дизајниран од една неделотворна, шематизирана и крајно нестручна и бирократска процедура.
Од планираните средства (приближно 35,000.000 евра) за финансиска поддршка на рурален развој за 2019 година, 60% се наменети за неподмирени обврски од реализација на проектите од предходните години. Најголем дел од средствата наменети за нови проекти се предвидени во мерката 124 „инвестиции во инфраструктурата за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството“ (18%), и за мерката 121 „инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства“ (17%). Додека само околу 500.000 евра или 3,6% се планирани средства за мерката 322 „обнова и развој на селото“ односно помалку за 45% во однос на 2018 година.
Селаните незадоволни од локалната власт
Проблемите во руралните средини во Македонија се далеку од потребите на граѓаните, со што голем дел од селското население работата на локалната власт ја оценува како неуспешна. Голем дел од населението со низок општествен статус е концентрирано во недоволно развиените подрачја и руралните општини. Состојбата во селата кои се оддалечени од продавница, училиште, амбуланта е многу поинаква, што придонесува до создавање на една карактеристична форма на социална ексклузија, која уште повеќе е засилена кај оние села до кои не води добар пат и немаат пристап до јавен превоз.
Влијанието на локалната власт во непосредното покренување и разрешување на виталните проблеми и потреби на луѓето во село е мало, односно не се постигнати значајни резултати. Во просек, селската популација е најмногу незадоволна од работата на локалната власт во создавањето на нови работни места (52%.) Постои цврста поврзаност помеѓу регионалналата припадност и решавањето на локалните проблеми. Во Североисточниот регион над 82% од анкетираната селска популација е незадоволна од работата на локалната власт во пронаоѓање на решенија за нови вработувања и во пронаоѓањето за достапност на социјалните услуги (училишта, градинки, амбуланти, продавници).
Секој трет анкетиран граѓанин на село (34%) не е воопшто вклучен во разрешувањето на проблемите, а 47% делумно се вклучени. Ова укажува на тоа дека селската популација има доста самокритичен став кон учеството во разрешувањето на секојдневните проблеми. Селската популација е разочарана, имено кога доаѓаат во локалната власт со проблемите тие не добиваат помош и често запаѓаат во чувство на безнадежност и беспомошност. За граѓаните да бидат мотивирани и охрабрени за учество тие треба да се здобијат со чувство дека тие можат да влијаат врз состојбите и текот на активностите на локално ниво. На нив треба да им се обезбеди можност да ги изнесат проблемите што ги измачуваат и истите да бидат третирани со внимание.
Само со ангажирање-активен однос, селската популација може да обезбеди вистинско учество во демократското изразување и задоволување на своите интереси и потреби.
Потребно е да се формираат мали општини
На Македонија и е потребна нова рурална политика, како еден сложен пакет на мерки, со што би се создале услови за еден развоен пресврт не само на селото туку и на целото македонско општество. Сите мерки на руралната политика треба да бидат така синхронизирани за обезбедување на економски и социјален интерес на селското население.
Инвестирањето во физичката инфраструктура-изградба на регионални и локални патишта, изградба на локалните системи за снабдување со вода, канализација и смет, подобрувањето на системот за снабдување со електрична енергија и телекомуникација ќе ги направи руралните средини попривлечни за бизнис, ќе ја подигнат вредноста на земјиштето и ќе го подобрат квалитетот на целокупното живеење. За овие вложувања локалните власти прво треба да дадат приоритет според локалните потреби а потоа да бараат начин како да се донесе инвестицијата во нивната локална заедница и тоа што е можно поскоро.
Животот во руралните средини може да се подобри ако постои врска со урбаните средини. Треба да се идентификуваат сиромашните области на локално ниво и да се обезбедат посебни средства за истите, со цел да се искорени социјалната изолација.
Основни носители на развојот на селото во натамшниот период треба да претставуваат кооперативите/задругите, семејниот бизнис на селото и населението што живее на село организирано во месните заедници и мали локални самоуправи.
Со цел да се овозможи демографска и социјална одржливост, неопходно е да се покрене иницијатива за институционално проширување на надлежностите на селските месни заедници и формирање на мали општини во ридско-планинските и пограничните подрачја.
Неопходно е, врз основа на определбите на Уставот да се преиспитаат сите системски решенија и мерки на економската и соцјалната политика и да се утврдат специфичните решенија и диференцираните мерки во согласност со конкретните услови во одделните рурални подрачја, типови на населби и типови на домаќинства.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.