fbpx

Како може миграцијата да служи во сечија полза?

д-р Шахидул Хак

Политика

13.07.19

Прегледи

д-р Шахидул Хак (Shahidul Haque)

shahidulhaquetСпоред Одделот за економски и социјални прашања на ОН, повеќето мигранти имаат тенденција да се движат во рамките на своите континенти, односно крајната цел не мора да бидат оние дестинации што најчесто се претпоставуваат.

Во денешниов глобализиран свет, миграцијата е присутна појава која треба соодветно да се регулира. За таа цел, време е да се воспостави она што јас го нарекувам „Уредување на миграцијата 3.0“, нова рамка со која ќе миграцијата ќе служи во сечија полза.

До Втората светска војна, движењето на луѓето преку границите било предмет на уредување на миграцијата, верзија 1.0: контролите на имиграцијата биле воспоставени исклучиво на национално ниво, од страна на владите. По војната, биле создадени меѓународните институции како Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци и претходникот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), чија задача била да управуваат со движењето на бегалците и мигрантите, фокусирајќи се најмногу на движењето од Европа кон надвор и движењето внатре во Европа. За време на оваа ера наречена Уредување на миграцијата, верзија 2.0, движењето на луѓето преку државните граници било регулирано со взаемно договорени норми, стандарди и практики.

Меѓутоа, со масовните прекугранични движења на луѓе, сепак, се покажаа грешките во таа повоена рамка. Сега знаеме дека Уредувањето на миграцијата 2.0 е несоодветно за задачата што треба да ја изврши. Според Одделот за економски и социјални прашања на ОН, повеќето мигранти имаат тенденција да се движат во рамките на своите континенти, односно крајната цел не мора да бидат оние дестинации што најчесто се претпоставуваат.

Покрај тоа, меѓусебно поврзаните глобални сили воведуваат нова фаза на миграција, дефинирана со различна динамика од онаа во минатото. Глобалната промена во рамнотежата на моќта создаде нови геополитички тензии и неуспесите во владеењето доведоа до вооружени конфликти и граѓански војни, насилни екстремистички движења и пораст на ултранационализам и популизам во многу земји. Светот се соочува со насилни реакции против глобализацијата, растечка нееднаквост и ненадејни нарушувања на пазарите на трудот.

header 002

Социјалните нееднаквости, хуманитарните кризи, демографските промени и политиката за идентитет претставуваат предизвик за развојната парадигма која требаше да ги опфати сите луѓе на светот. Во исто време, климатските промени и загубата на биолошката разновидност претставуваат закана за раселување на цели населенија од разни ранливи места низ целиот светот.

Во минатото, движењето на луѓето најчесто следело четири широки модели: миграција за работа, образование и семејство; незаконска миграција, претежно поради трговија со луѓе; прекугранични раселувања предизвикани од конфликти и природни катастрофи; и бегалци кои бегаат од прогон. Меѓутоа, овие четири категории сè повеќе почнаа да се преклопуваат, а тоа предизвикува оптоварување на системот кој е осмислен да управува посебно со секој вид на миграција.

Денешните мешани миграциски шеми бараат покохезивен, но сепак диференциран пристап. Трошоците за одржување на статус кво, како реакција на неуредената миграција, не смее да се игнорираат. Зголеменото ниво на загриженост на населенијата во чии земји мигрираат мигрантите предизвикува неоправдана реакција, со далекусежни негативни последици за економските и политичките системи. Исто така, и моралната димензија треба да се земе предвид: мигрантите од сите категории почесто се подложени на злоупотреба, поради недостаток на пристап до ресурси и моќ.

За среќа, постојат реални опции за подобрување на управувањето со миграцијата. Со објективни информации за миграцијата и за нејзините последици, можеме да ги отфрлиме популарните погрешни претстави и да ги намалиме социјалните тензии. Исто така, можеме да осмислиме и спроведеме политики кои ќе обезбедат бројни придобивки од миграцијата. Инвестирањето во зголемувањето на моќта на мигрантите е предлог од кој сите можат да извлечат добивки. Маѓепсаниот циклус на миграција, економски тешкотии и социјални реакции може да се претвори во добротворен циклус на интеграција и економски раст.

Се разбира, сето ова е полесно да се каже отколку да се направи. Може да биде тешко да се усогласат националниот суверенитет и универзалните човекови права. Владите се борат да постигнат рамнотежа меѓу остварувањето на економските придобивки од миграцијата, заштитата на интересите на граѓаните родени во родните држави и обезбедувањето на националната безбедност. И не им оди во прилог фактот дека капацитетот и ресурсите за ефективно управување со миграцијата ефикасно често се недоволни.

Сепак, меѓународната заедница постигнува напредок кон надминување на овие предизвици. Агендата на ОН за одржлив развој вклучува специфична цел (Цел 10.7) за оптимизирање на управувањето со миграцијата. И новиот Глобален договор за безбедна, уредна и редовна миграција (ГДМ) обезбедува необврзувачка рамка за насочување на земјите и другите чинители кон посеопфатен пристап.

ИОМ ја надгледува имплементацијата на ГДМ. Оние кои внимателно следат ќе забележат дека одредбите на ГДМ се совршено усогласени со принципите и целите што владите веќе ги прифатија во рамките на Агендата за одржлив развој и Рамката за управување со миграции на ИОМ. Со ова не се нуди некакво чудесно решение, но ќе послужи како план за изградба на Уредувањето на миграцијата 3.0.

Конечниот текст на ГДМ беше договорен неодамна, поточно минатата година. Како и секогаш, за да се спроведе конструктивен мултилатерален напор, потребна ќе биде политичка волја. Но, ГДМ ветува дека миграцијата ќе биде корисна за сите. Единственото прашање е колку долго ќе треба владите и другите засегнати страни да го препознаат како моќна алатка за справување со геополитичките димензии на миграцијата и за доаѓање до заеднички став околу остварувањето на нејзиниот потенцијал.

Д-р Шахидул Хак е министер за надворешни работи на Бангладеш.
Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org