Соња Стојадиновиќ
Мора да се внимава со увозот на производи од Јужна Америка, посебно храна, соја и џигер од Бразил, говедско од Аргентина и користењето на глифосатот. На списокот земји кои го забраниле глифосатот, Македонија ја нема, но тоа не треба да значи дека храната е целосно безбедна.
Меѓународните трговски договори ретко се предмет на јавни расправи за да се задоволи интересот на јавноста, тргнувајќи од позиција дека се премногу комплексни и не секој може да ги разбере. Овие договори секогаш се претставуваат како полезни за економиите, за бизнисите, за земјоделците, трговијата, но ретко кога се покажува и другата страна на монетата, поточно колку се тие штетни за оние учесници во нив кои се на најниско ниво, во овој случај земјоделците, работниците и обичните луѓе.
Штетни договори, голем профит
Договорите TTIP и CEТА (CETA е договор за трговија помеѓу Канада и ЕУ, додека TTIP е договор за трговија помеѓу САД и ЕУ) се уште не се ратификувани во сите национални парламенти на земјите членки на ЕУ, но нетранспарентноста на овие договори и самите процедури на преговори помеѓу земјите поставуваат големи прашалници. CETA договорот ќе ги намали тарифите за извоз на канадски производи во ЕУ, но од друга страна во опасност ја става положбата на земјоделците кои се во неконкурентна положба во однос на големите корпорации за храна. Од друга страна, ниту TTIP договорот не е транспарентен и поволен за двете страни. Овој договор остава простор за приватизација на јавното здравство, на водата и образовните институции кои се во државна сопственост на земјите членки на ЕУ, а се на удар на големите американски корпорации.
Процентот на храната која се продава во САД и содржи генетска модификација или популарно познато како ГМО е 70 отсто, а таа храна со овој договор лесно може да стигне во маркетите на ЕУ. Дополнително на ова, фармерите и земјоделците од САД користат пестициди и антибиотици за месото и храната кои се забранети во ЕУ. Тука се и промените кои ги нуди договорот во областа на заштитата на личните податоци со овозможување слободен пристап на фармацевтските компании до приватни информации на пациентите за свои лични истражувања. На крајот, доаѓа изигрување на смислата на демократијата со овозможување на приватните корпорации да ги тужат земјите потписнички ако тие донесат одлуки кои се на штета на профитот на корпорациите. Пример за ова е тужбата на шведската компанија Vatenfall која ја тужела германската влада пред Меѓународниот арбитражен суд во 2012 година поради забрана за користење нуклеарна енергија после несреќата во Фукушима. Еклатантен пример како профитот е поважен од здравјето на граѓаните.
ЕУ-Меркосур (MEFTA) договорот, масовно труење
Меркосур е трговски блок од Јужна Америка, основан во 1991 година и составен од Бразил, Уругвај, Парагвај, Аргентина и Венецуела, која за жал има времено суспендирано членство од 2016 година. Придружни членки се Боливија, Колумбија, Чиле, Еквадор, Гвајана, Перу и Суринам. Земји посматрачи се Нов Зеланд и Мексико.
Извор: neweurope.eu
Овој договор е составен од повеќе поддоговори кои ги регулираат сферите на трговија. Фокусот е најмногу на трговијата во областа на земјоделието, инвестициите и движењето на капиталот. Сепак, во однос на нетранспарентноста на преговорите, самата структура на договорот и на тоа како ќе се одвива оваа трговија, побудува многу реакции и протести во јавноста. Увозот на сојата која масовно се произведува во Бразил ќе им направи нелојална конкуренција на производителите од ЕУ. Тука на удар исто така ќе бидат производителите на портокали и лимони од ЕУ (Шпанија и Португалија) бидејќи не можат да бидат конкуренција на големите бразилски и аргентински фирми производители на цитрони. Со укинување на тарифата од 20 отсто на увоз на вино од Аргентина, најголемиот удар ќе го доживеат производителите од Франција, Шпанија и Италија. Исто така, ударот ќе го почувствуваат производителите на говедско месо поради конкурентноста и масовното производство кое доаѓа од Аргентина.
Дополнителни проблеми кои произлегуваат од овој договор се стандардите на слободно движење на капиталот. Земјите членки на Меркосур слабо ги имплементираат стандардите на FATF (Financial Action Task Force, Меѓународно тело за борба потив перење пари и финансирање тероризам), а со овој договор се остава простор за поинтензивно перење пари и избегнување на плаќање данок. Сепак, ниту земјите членки на ЕУ заедно со Швајцарија не се толку чисти колку што се претставуваат. Луксембург и Германија се во првите 10 на списокот земји со висок индекс на финансиска тајност, додека прва е Швајцарија. Што се однесува до процентот на сопственост на богатството во офшор банките, Швајцарија е на прво место со сопственост на 23 отсто од офшор богатството, а тоа е 2,4 трилиони евра за 2016 година. Намалувањето на извозните давачки ќе удри на јавниот сектор, нешто што веќе се виде во Аргентина. Претседателот Макри ги намалил извозните давачки за извозот на сојата и со тоа го дуплирал јавниот долг.
Кога станува збор за увозот на храна од Меркосур земјите во ЕУ, одредени податоци за нивото на квалитетот се повеќе од поразителни. Сојата како продукт најмногу се произведува и извезува од Бразил, но од 150 видови пестициди кои се користат за производството, 35 содржат токсични материи кои се забранети во ЕУ. Според податоците на затруеност на населението во Бразил со токсични пестициди претставени на последната конференција во Европскиот парламент организирана од парламентарната група ГУЕ/НГЛ (Европска обединета левица – Нордиска зелена левица) на 12 декември 2019 година, статистиката е следна: од 2007 до 2017 година 4.612 луѓе се затруени, 3782 се трујат на годишно ниво, додека дневно се трујат по 10 луѓе. Глифосатот, еден од најкористените пестициди за производство на соја, забранет е во неколку земји во ЕУ и во светот поради предизвикување рак, но сепак тоа не ги спречува ГМО компаниите како Monsanto масовно да го користат. И покрај забраната, извозот на глифосат од ЕУ во Јужна Америка е на високо ниво.
Сите овие труења се случуваат во регионите на јужен Бразил и по течението на реката Амазон каде најмногу се произведува соја. Големите фирми за производство на храна, посебно соја, бараат се повеќе обработлива земја, а најмногу страдаат малите фармери и староседелците во Бразил. Една од кампањите на бразилскиот претседател Болсонаро за овој договор е дека ќе отвори нови работни места со нови странски инвестиции. Тоа што Болсонаро го премолчува е дека странските инвестиции ќе бидат само во облик на фабрики за склопување автомобили, текстилни фабрики за шиење облека, со ниски плати и речиси никакви работни услови и работнички права. Нешто што во Македонија одамна е реалност.
Да бидеме среќни или да бидеме загрижени?
Македонија во оваа ситуација може да биде среќна бидејќи се уште не е дел од слободниот пазар на ЕУ. Но, сепак, мора да се внимава со увозот на производи од Јужна Америка, посебно храна, соја и џигер од Бразил, говедско од Аргентина и користењето на глифосатот. На списокот земји кои го забраниле глифосатот, Македонија ја нема, но тоа не треба да значи дека храната е целосно безбедна. Трката за профит не води сметка за заштитата на човечките животи. Сето тоа само негативно влијае врз профитот кој треба да биде на прво место. Партиските групи од Европскиот парламент како ГУЕ/НГЛ (GUE/NGL, Европска обединета левица – Нордиска зелена левица), Европската Левица (European Left) и организациите кои се борат против целосна ратификација и влегување во сила на овој договор, имаат уште една година борба преку лобирање и кампањи за откривање на сите матни делови кои се премолчани во јавноста додека не заврши периодот на рафитикација во националните парламенти Ако не успеат, ЕУ ќе јаде контаминирана храна од својот глифосат, додека богатството на корпорациите ќе расте, а народот ќе умира од канцер.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот