fbpx

Британското напуштање на ЕУ може да ја подели Европа и да доведе до конфликт

Ненад Живановски

Политика

24.02.20

Прегледи

д-р Ненад Живановски

nenad ziavainovskiБрегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомнеж ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент. Историјата не учи дека во минатото поделбите на Европа, многу често, воделе кон конфликти од регионални или од светски размери.

Вечерта на 31 јануари, кога Велика Британија и официјално ја напушти Европската унија, глетката на платото пред Биг Бенот беше надреална: еуфорично се прославуваше крајот на британското членство во оваа организација како земјата до тој ден да била дел од некое колонијално ропство или темен вилает, а не рамноправна членка на демократска организација во која на доброволен начин се влегува и на ист таков начин се напушта друштвото. Циничните коментари на промотерот на Брегзитот, Најџел Фараж, упатени кон Брисел во стилот „кој последен се смее...“, и по некое запалено знаме на ЕУ од присутните, беа само поткрепа на впечатокот за невкусот на сиот популистички егзибиционизам виден таа вечер.

Иако за поддржувачите на Брегзитот прославата беше и „Денот A и Z“ (или А и Ш) - ден за почеток и ден за крај, сепак, Брегзитот е нешто повеќе од таа еуфорична вечер на „две во едно“. Без сомнение, британското напуштање на ЕУ има голема кумулативна енергија за влијание на меѓународните односи, која ќе се ослободува во наредните години и децении, дефинирајќи ги односите во Европа и во светот во правец чии контури уште од сега може да се предвидат.

Во продолжение следат десет поенти како тие контури би можеле да изгледаат.

Потенцијалите на ЕУ се исцрпени

1. Моќта на Брегзитот во назнаки и скицирано може да се насети уште сега, иако тенденција во ЕУ е таа да се игнорира или да се минимизира. Или, барем, за неа јавно да не се зборува. Нема сомнеж дека потенцијалот на Брегзитот е и со можна деструктивност по самата Европска унија; има привидна аналогија на она во што се наоѓа ЕУ по излегувањето на Британија, со состојбата во која се наоѓаше источниот сојуз на социјалистичките држави во осумдесеттите години на минатиот век, при што сегашна Велика Британија е алтер егото на Полска од 1981. Како што во Источниот блок кризата со Полска беше предвесник на распадот на тогашната заедница на социјалистичките држави, таква улога сега може да ѝ припадне на Велика Британија и нејзиното заминување да биде најава на сличен крај и на ЕУ. Разликата е само во техниката на изведбата на демонтажата: во Полска тоа беше народен бунт, а во Британија се постигна по демократски пат со референдум.

2. И со површно познавање на историјата на меѓународните односи јасно е дека Велика Британија секогаш била лакмусот кој покажувал во која насока во иднина ќе се развиваат односите во светот. Излегувањето на Велика Британија од ЕУ е поцрвенет лакмус, кој покажува дека потенцијалот на ЕУ, како атрактивна организација во која ќе се здружуваат државите, е исцрпен.

Britanskoto napustanje na EU moze da ja podeli Evropa i da dovede do konfliktИзвор: gruber-logistics.com

3. Трајна е определбата на политичката елита во Велика Британија дека сѐ е менливо само Круната е вечна, и од тие причини самиот Брегзит е долго и сериозно планирана операција, со добро искалкулиран кост-бенефит, која за крајна цел има опстанок, стабилност и развој на Кралството. Доколку таква можност сѐ уште постоела во рамките на ЕУ, секако дека ниту референдумот би бил организиран, ниту би се напуштила ЕУ. Само наивните сѐ уште веруваат дека во големите и моќни држави се дозволува референдум на кој резултатот може да им наштети на интересите на државата и на нејзиниот опстанок. Шпанија, и бруталното спречување на суштинското право на Каталонците на референдум да се изјаснат за независност, од една страна, и Швајцарија, која по неколкупати во годината љуби да распишува референдумски изјаснувања за безвезни прашања, од друга страна, се почетокот и крајот на приказната за тоа во каква демократијата живееме.

4. Главните промотери на Брегзитот, Најџел Фараж и Борис Џонсон, застапуваат една егоцентрична политика, за Британија конечно да им се врати на Британците, слично како што беше водена и изборната кампања на Доналд Трамп. Како во случајот со Трамп, каде неговата политика наиде на прифатливост кај обичниот, бел гласач, приврзаник на традиционалните христијански и семејни вредности, и Брегзитот референдумската победа ја темели, пред сѐ, на гласовите на автохтоните бели Англичани, кои традиционално имаат аутистичен однос кон остатокот на Европа (за нив сѐ е „oversea“ – преку море), со сѐ уште витален сентимент кон колонијалната моќ на Кралството, за разлика од Британците - дојденци, со мигрантско потекло, кои беа за ЕУ. Како резултат на излегувањето, ќе слабеат и врските со Европа, односно тие ќе се сведат на гол политички и економски интерес, при што интересите поинтензивно ќе се свртуваат кон САД, Канада, Австралија и Индија, како и кон поранешните колонијални територии, сите денес здружени во Комонвелтот.

5. По првичните краткотрајни потреси од напуштањето на ЕУ, ќе дојде до смирување, Лондон и понатаму ќе остане главен финансиски центар во светот, трговските врски кои им ги нуди Трамп ќе бидат многу попрофитабилни од она што би го имале со ЕУ, при што британската економија како поголем увозник отколку извозник на пазарот на ЕУ (во Велика Британија се продаваат најмногу германски автомобили од секоја држава во ЕУ), воведувањето царини за производи од ЕУ ќе биде голем извор на приход во буџетот, кој со донеодамнешното членство во ЕУ го немаше. Исто така, Лондон како глобално седиште на банките и финансиските услуги и понатаму ќе остане тоа, така што и во иднина големите индустриски концерни од ЕУ парите ќе ги депонираат во Лондон, бидејќи ниедна метропола во ЕУ ја нема таа финансиска инфраструктура која во Лондон е градена со векови.

Нова поделба на Европа

6. ЕУ, а најмногу Франција и Германија, ќе се однесуваат суетно, како напуштена љубовница, бидејќи за нелојалноста на Велика Британија кон ЕУ биле свесни за цело време од нејзиното членство, и очекувале еден ден дека ќе дојде до најрадикалниот потег – Островот да ја напушти ЕУ. Изиграни и повредени, Французите резигнирано ќе се сеќаваат на пророштвото на таткото на нивната Петта Република, Шарл Де Гол, дека Британија во Европа е американски Тројански коњ, поради што никако не смее да биде дел од заедницата. Де Гол на двапати ѝ ставал вето на Британија за влез во тогашната Европска економска заедница. Германците, убедени дека и покрај двете загубени војни во 20 век, можат да владеат со Европа во која е и Велика Британија, повторно ќе сфатат дека не можат да го надмудрат Гордиот Албион (Perfidious Albion) било во воени или во мирновременски констелации (српскиот писател Борислав Пекиќ, перфектно ја објаснува англиската улога во меѓународната политика). Познатата изрека на Винстон Черчил дека Британија нема вечни пријатели, туку само вечни интереси, наведува на сомнеж дека Лондон почнал да размислува за Брегзит уште по првиот ден кога Кралството било примено во ЕЕЗ во 1973 година, свесен дека таа е само една етапа во постоењето на Кралството и дека ќе дојде денот кога повеќе нема да има интерес од членството во таа организација.

7. По Брегзитот, Велика Британија целосно ќе се сврти преку океанот кон САД, создавајќи нова евроатлантска коалиција. Сојузот меѓу САД и Велика Британија е многу поприродна средина за нив, отколку доскорашниот сојуз со земји од Франција и Германија до Бугарија, Романија и Полска. Постојат назнаки дека и Германија повторно ќе се обиде својот „Lebensraum“ да го побара на исток (Drag nach Osten), во евроазиско сојузништво со Русија, оживувајќи ја минатовековната идеја за својата супериорност, преку здружување на германската технологија и руските енергенси. Нешто што евроатлантската коалиција ниту во минатото го дозволувала, ниту на тоа сега ќе се согласи. Американските опструкции на Северниот, Јужниот и најновиот Балкански тек се илустративни не само за фактот дека нема да дозволат руски енергетски, а со тоа и политички продор во Европа, туку и евентуален германски флерт со Мечката од истокот.

8. Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомнеж ќе биде важна тула во градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент - прва поделба по распадот на Варшавскиот пакт во 1991 година. Ако го консултираме Џорџ Орвел, преку неговото севременско и вонвременско дело „1984“, двете коалиции - Евроатланската Океанија и Евроазиската – ќе бидат во постојан конфликт. Слично како што беа и по Втората светска војна – тогаш Студена војна, а во иднина Жежок мир.

9. Брегзитот претставува заокружување на еден историски циклус во Европа, нова надеж за Британците, но и многу неизвесности за остатокот од Европа. Тоа е и логичен завршеток во ситуација кога имате, односно кога немате дефинирано вечни интереси.

Брегзитот беше единствената опција

10. Многумина веруваат дека тесниот резултат на референдумот со 52 отсто за излегување од ЕУ и 48 отсто за останување е показател дека идејата за Британија во ЕУ е сѐ уште витална на Островот и дека во иднина Лондон пак ќе затропа на портите во Брисел. Затоа, крајот на овој блог би го завршиле со едно хипотетичко прашање: што би се случувало доколку резултатите на референдумот во 2016 би биле обратни, односно поддржувачите на Британија во ЕУ би победиле со 52 отсто, наспроти 48 отсто за оние кои се за британско излегување од ЕУ?

И со таков, претпоставен резултат, огромното малцинство од 48 отсто против ЕУ, би значело дека владата во Лондон би морала да застапува една силна суверенистичка политика во ЕУ, а Брисел би бил принудуван на постојани компромиси и задоволување на барањата на Лондон. Ситуација која беше присутна во односите меѓу Лондон и Брисел и пред референдумот, кога Лондон во многу области водеше своја независна политика, често во колизија со онаа на Брисел. Познато е дека Велика Британија не се приклучи на Заедничката европска надворешна и безбедносна политика (пример: визната политика им остана независна од Шенген системот), ниту кон Европската монетарна унија (Германија ја укина марката, но не и Британија фунтата). Ваквото британско јавање на два коња (дали едниот е Тројански?) создаваше големи фрустрации кај останатите членки на ЕУ.

Со таквиот, хипотетички, тесен резултат на референдумот, британските суверенисти само би ја засилиле својата независна политика внатре во ЕУ, а 52-та проценти за ЕУ не би имале потенцијал за ревитализација на интегративните процеси на Островот кон ЕУ. ЕУ би почнала да наликувала на Југославија од крајот на осумдесеттите години на минатиот век (сецесионисти наспроти унитаристи), агонијата само би се продолжила, до некој скорешен, нов референдум и Брегзит со многу поголем процент за напуштање од сега постигнатите 52 отсто.

Кој ја познава британската политика, јасно му е дека за Британците Брегзитот претставуваше единствената можна опција, пред новото прекомпонирање на светската геополитика, со ревитализирана Русија, Кина во експанзија, изолационистички САД и слаба ЕУ. Ако е така, односно ако веќе морало да им се случи Брегзитот, Британците, како рационални и пресметливи, решиле што побргу да завршат со тоа и иднината на своето Кралство да можат да ја проектираат барем за наредниот половина век и да се позиционираат на добитната или негубитничката страна. Да бидат во моќен сојуз со кој полесно ќе можат да одговорат и на своите внатрешни предизвици какви што се сецесионизмот во Северна Ирска и Шкотска.

Во тоа е и разликата меѓу британските државници и европските политиканти и бирократи. Дали постои некој европски лидер кој сега има јасна визија каква ќе биде ЕУ за педесет години? И ако има, во таквите предвидувања, најчесто, ја нема ЕУ.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ненад Живановски

Ненад Живановски-Столиќ е поранешен аналитичар, чиј фокус на интерес биле општествени феномени од различни сфери на животот.