Проф. д-р Светомир Шкариќ
Вонредната состојба е уредена со Уставот и нема потреба од нејзино доуредување со закон. Постојните одредби се доволни за нејзино воведување и спроведување на дело. Уставотворецот од 1991 бил далекувид кога предвидел алтернативно решение за вонредната состојба во случај Собранието да не може да се состане. Правната битка за вонредната состојба може да биде патоказ во кој правец земјата треба да се развива во иднина
Вонредната состојба е регулирана со повеќе членови од Уставот на РС Македонија. Одредбите се распределени на повеќе места од нормативниот текст и кога се зборува за неа треба да се имаат сите во предвид. Уставот во членовите 54, 125, 126, 128 предвидува кога се воведува вонредна состојба, кој предлага да се воведе, кој донесува одлука за нејзиното прогласување, колку трае, како се продолжува, кој врши контрола врз нејзините ефекти, кои права на граѓаните не можат да бидат ограничувани и кои органи продолжуваат со својата работа во вонредни услови Вонредната состојба се воведува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Еден од наведените услови е исполнет. Тоа е појавата на епидемија на Covid-19 на територијата на македонската држава која е прогласена за пандемија од страна на Светската здравствена организиција. Во Предлогот на Владата за воведување вонредна состојба од 18 март 2020 се констатира дека епидемијата ,,ја зафатила и територијата на Република Северна Македонија“, наведувајќи го првиот случај од 26 февруари и 35 случаи до 17 март 2020.
Владата го испратила предлогот до Собранието а не до претседателот на Републиката, со уверување дека мандатот на пратениците е во сила и дека Собранието треба да ја донесе одлуката за вонредна состојба. Но со тоа не се согласи поранешниот претседател на Собранието. Застана цврсто зад Уставот, со уверување дека со Одлуката за самораспуштање од 16 февруари 2020 ,,Собранието го има вратено суверенитетот на граѓаните“ и дека од тој момент престана да постои. Одлуката за самораспуштање на Собранието и натаму е во сила, а Уставниот суд нема намера да ја отстрани од правниот поредок.
Во такви околности мораше да се активира алтернативното решение - одлуката за вонредна состојба да ја донесе претседателот на Републиката. Тој тоа го направи на 18 март 2020, веднаш по добиеното известување дека Собранието нема да се состане и дека постои предлог за воведување вонредна состојба. Одлуката ја донесе по претходно одржаната седница на Советот за безбедност и стручната расправа во Вилата на Водно. На стручната расправа се расчистија две клучни прашања - да се воведе вонредна состојба наместо кризна состојба и Владата со уредба со законска сила да ги одложи парламентарните избори закажани за 12 април 2020.
Одлуката на претседателот содржи повеќе елементи. Прво, се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на РСМ за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот Covid-19. Второ, одлуката се донесува врз основа на образложението на Владата дека постои пандемска епидемија на територијата на земјата и известувањето на поранешниот претседател на Собранието дека не постојат услови да свика седница на Собранието. Трето, одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на потврда штом тоа ќе биде во можност да се состане. Четврто, за време на вонредната состојба, Владата во согласност со Уставот донесува уредби со законска сила. И петто, одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник на РСМ.
Рокот од 30 дена претседателот може да го продолжи за уште 30 дена, врз основа на образложен предлог на Владата. Во образложението Владата треба да ги наведе резултатите од вонредните мерки и да предложи нови ако побара продолжување на вонредната состојба. Тоа ќе биде прилика за претседателот да даде своја оценка за ефектите на вонредната состојба и за потребата од нејзино продолжување. Во фокусот на неговото обраќање треба да бидат уредбите со законска сила и нивниот ефект врз натамошниот развој на правниот систем на земјата.
Уредбите со законска сила
Уредбите со законска сила се најефикасното средство во рацете на Владата за време на вонредната состојба. Владата може да запре од извршување одреден закон за одредено време, ако оцени дека неговата примена е неподнослив терет за граѓаните. Тоа го направи со Уредбата со законска сила за запирање на примената на Законот за извршување. Или може да запре одредени законски дејства и да определи нов рок за нивно продолжување. Тоа го направи со Уредбата со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите закажани за 12 април 2020 и нивно продолжување веднаш по престанокот на вонредната состојба. Или, пак, може да ги менува постојните и да носи нови закони без ограничување.
Извор: sdk.mk
Ограничувањата постојат само во областа на човековите слободи и права. Уставот во членот 54 предвидува двојно ограничување. Прво, ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. И второ, ограничувањето не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечкото и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповедта.
Наведените ограничувања се под контрола на Уставниот суд и на ОН. Уставниот суд ја цени уставноста на уредбите и може да ја спречи нивната примена, ако брзо реагира со своите одлуки. Експертите на ОН веќе реагираат кога гледаат дека во некои земји постои дискриминација врз основа на возраста, негирајќи им го на постарите лица правото на здравје и живот на еднаква основа со другите. Се мисли на респираторите во болниците за интензивна нега. Првата уредба е донесена веднаш по воведувањето на вонредната состојба. Станува збор за Уредбата со законска сила за примена на Законот за јавните собири за време на вонредната состојба. Со уредбата се забранувааат јавните собири затоа што преку нив коронавирусот се шири како пожар врз другите лица. Уставот дозволува ова право да биде ограничено во услови на вонредна состојба.
Брзо се донесени и уредбите за заштита на здравјето, како приоритетна област. Прво, донесена е Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести, потоа Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствена заштита за време на вонредна состојба и најпосле, Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствена заштита за време на вонредна состојба.
На второ место по приоритет се уредбите за економијата. Владата прво донесе две уредби за примена на Законот за буџетите и Законот за даночна политика, а потоа уште три, за примена на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за додадена вредност и Законот за санација и реконструирање на дел од банките за време на вонредната состојба. На буџетските корисници им се овозможува поголема флексибилност при користењето на буџетските средства, на 230.000 компании им се даваат даночни олеснувања и парична помош и на 250.000 работници им се гарантираат работните места.
Во првите 12 дена од вонредната состојба Владата донесе неколку уредби и во областа на правосудството, безбедноста и локалната самоуправа. Скратени се роковите за постапување во судската и управната постапка, се зајакна персоналниот состав на МВР, а локалната самоуправа стана помобилна. Катадневно се носат нови уредби, а нивниот број значително ќе се зголеми во наредните 30 дена.
Коренот на уредбите со законска сила треба да се бара во концептот на римското право за вонредната состојба (Iustitium) и декретите на Римскиот сенат (Senatus consilium ultimum) со кои Римската република се штитеше од заверата на Каталина и од империјалните намери на Јулиј Цезар. (Giorgio Agamben, Homo Sacer: Soverign Power and Bare Life, 1998)
Пандемијата - глобален проблем
Коронавирусот се појави на пазарот за морска храна во градот Вухан, во провинцијата Хубеи, НР Кина. Првиот случај е откриен на 8 декември 2019, а првиот надвор од Кина, во Тајланд, на 13 јануари 2020. Веќе на 9 март се прошири во 170 држави и региони, со брзина на најбрзиот воз („a bullet train“). Заради тоа, СЗО коронавирусот го прогласи за пандемија на 11 март 2020.
Поради брзото ширење на вирусот голем број земји воведоа вонредна состојба под различно име, како што се ,,ургентна состојба“, ,,состојба на опасност“ или ,,алармантна состојба“. Ниту еден од наведените термини не е адекватен на последиците што коронавирусот ги остава зад себе. Империјалниот колеџ од Лондон коронавирусот го смета за најголема закана за здравјето на луѓето по ,,Шпанската треска“ (Spahish Flu) од 1918/1919, која предизвика смрт на околу 50 милиони луѓе.
Џон Хопкинс Универзитетот од САД внимателно го бележи бројот на заразените, починатите и оздравените лица на национално и на глобално ниво. На 11 февруари 2020 на глобално ниво имало 43.141 заразени, 1.018 починати и 4.340 оздравени лица. На 26 март заразени биле 472.076, починати 21.308 и 114.870 оздравени лица. На 7 април бројките нагло се зголемија - 1.347.892 заразени, 74.807 починати и 277.402 оздравени лица.
Од начините за справување со коронавирусот се чини дека најсеопфатен пристап има Португалија. Прво, барателите на азил добија статус на резиденти со цел и тие да бидат под здравствена контрола. Второ, строго се чува границата со Шпанија. Трето, пошироко се користат изолацијата и државниот карантин. И четврто, воведена е конфискација на приватниот имот, особено на приватните болници и здравствените центри.
Најризична стратегија применува Холандија која на 7 април има регистрирано 18.926 заболени и 1.867 починати лица. Таа се определи за ,,колективен имунитет“, односно остава можност преку зараза населението да стекне природен имунитет. И Велика Британија беше за таква стратегија, но многу брзо се откажа, откако премиерот Борис Џонсон беше изолиран, а потоа и хоспитализиран. Шведска е на средината со 7.206 заразени и 477 починати лица.
Марсело Ребело де Соза, претседател на Португалија, на 18 март 2020, по повод вонредната состојба го рече следново: ,,Само што ја прогласив вонредната состојба. Вонредна одлука во вонредно време. Не се работи за прекин на демократијата, туку за спречување на прекинот на животите на луѓето“.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.