fbpx

Помирување и „соживот“ во време на пандемија во БиХ

Златиборка Попов Момчиновиќ

Политика

КОВИД-19

06.06.20

Прегледи
ALB  BS

Златиборка Попов-Момчиновиќ

Zlatiborka Popov Momcinovic200x250Позитивните ставови за „однесувањето на народот“ за време на пандемијата не треба да послужат како изговор односно амнестирање на граѓаните од одговорноста за однесувањето на политичките елити. Особено оние од политичкиот врв, кои живеат од поделби и конфликти и кои речиси редовно добиваат голем број на гласови на изборите.

Изминаа (веќе) дваесет и пет години откако заврши војната во Босна и Херцеговина. Но, дури и денес, реториката во голема мерка е условена од наративи за војна, а меѓународниот фактор е присутен за да се обезбеди стабилност. Мирот честопати се гледа под паролата „само да не се пука“ или како нешто увезено и потпишано надвор од територијата на државата, во Дејтон. Во Европската унија сè почесто се користи поимот стабилократија за да се опише општата состојба на овие простори и онаму каде се „жртвуваат“ демократските и подлабоките процеси за да се стави фокус на сигурноста.

Од друга страна, многу напори се вложени во овие процеси во БиХ, претежно од различни здруженија и иницијативи. Во парламентите се потпишаа Платформи за мир, се организираат младински состаноци и мировни кампови, заеднички активности на ветерани од некогашните завојувани страни, се промовира мировно новинарството и уметност. На тој начин, мирот се актуелизира како нешто динамично и креативно, спротивно на перцепцијата дека тој е нешто статично, некаква состојба на мирување.

Се поставува прашањето колку далеку, всушност, стигнавме во овој процес. Самите поими што понекогаш со леснотија ги користиме звучат збунувачки. Како што истакна активистот за мир, Горан Бубало, претседател на Здружението „Мрежа за градење мир“: „Сè уште велиме дека БиХ е пост-конфликтно општество, а војната заврши пред 25 години, знаете колку е тоа“.

Познатиот поет, прозаист и филмски сценарист од БиХ, Абдула Сидран, на духовит начин се осврна на поимите што постојано се користат и дефилираат во јавниот простор, како што се на пример, градењето соживот: "Луѓето живеат, а не со-живеат. Соживотот е атентат врз животот, оспорување на животот, нешто што дојде со националистичките партии, чекор кон апартхејдот, чекор кон расизмот “.

Вирус на политички игри без „социјална дистанца“

Се поставува прашањето дали предизвикот од пандемијата на коронавирусот, кој не познава етнички и други граници, ќе ја влоши ситуацијата или, напротив, ќе развие чувства на блискост и солидарност кај луѓето. Новите поими што кружат во јавната сфера во Босна и Херцеговина и несоодветна употреба на т.н. социјална дистанца што се промовира наместо физичка дистанца предизвика реакции од стручната јавност.

Иако често може да се слушне дека помирувањето е дел од секојдневието на луѓето и покрај тоа што не се нарекува така, пандемијата постави нови предизвици, видливи и невидливи стравови кај населението. Запаливиот популизам и исклучивоста лесно ја наоѓа својата мета во период на страв за сопствената егзистенција, како што беше потврдено со примери од западната хемисфера, од кои највидливи во медиумите се расизмот и исклучивоста на Трамп кон политичките неистомисленици.

Pomiruvanje i sozivot vo vreme na pandemija vo BiHИзвор: rferl.org

Населението во БиХ во голем дел има позитивен став кон градењето на мирот, без оглед на етничката припадност, што беше потврдено во истражувањето Фактори на помирување, но главна пречка и натаму се политичките елити. Во нивните изјави тие дури и користат запалива реторика со цел да го свртат вниманието од суштинските теми за едно општество и постојано користат селективни сеќавања на војната и ги подгреваат тензиите.

Според Бесима Бориќ, членка на Претседателството на Социјалдемократската партија на Босна и Херцеговина, која е вклучена во разни активности за помирување, „ова време на пандемија предизвика многумина од нас да размислуваат поинтензивно за животот, за проблемите со кои живееме во БиХ и регионот, со надеж дека работите ќе се променат на подобро “. Но, според неа, главните пречки се политичките елити. „Тие многу добро знаат што би можело да придонесе за помирување, но не гледаат никаков посебен профит од тоа, да не зборувам за изборните години, туку општо сите други периоди, така што, за жал, тоа не се негува. Дневните глупости и игрите на нашите актуелни политичари за време на пандемијата грубо ме враќаат во реалноста во која се кршат сите илузии дека тие се подготвени да работат на помирувањето", наведува Бориќ.

Фактот дека политичарите во БиХ живеат од конфликт е потврден многу пати. Дури и во време на пандемија, која за среќа се смирува, се користат различни методи на креирање поделби, а конфликтите се негуваат како загарантиран адут за политичко преживување, со и по коронавирусот.

Во своите настапи во медиумите, членот на Претседателството на БиХ од редовите на српскиот народ, Милорад Додик, честопати ги критикуваше властите на Федерацијата на БиХ за неодговорното однесување за време на пандемијата и го смируваше сопствениот народ дека ситуацијата во овој ентитет не е толку страшна, особено во споредба со другите: „Горд сум на работодавците кои не отпуштија работници. Во Федерацијата на БиХ беа отпуштени повеќе од 20.000... Во Српска, околу 2.500 луѓе ги загубија своите работни места... “, објави новинската агенција СРНА.

Политичката елита од другата страна на линијата за демаркација на ентитетите не остана покуса, укажувајќи на некоректното однесување и изјавите што доаѓаат од политичарите од Република Српска. Бакир Изетбеговиќ, претседател на СДА и во овој период постојано го актуелизира својот патриотизам и потсетува дека за време на војната не седел на безбедно, и често укажува на полошата состојба „кај другите“ за време на пандемијата. Гостувајќи во дневникот на Федералната телевизија, тој посочи дека „тешко е во РС, тие се многу задолжени, силно се погодени, мерките ги погодија потешко од ФБиХ и добија еден процент повеќе од ММФ, кој ќе го вратат“, а истово го пренесоа и неколку портали.

Секојдневниот живот во локалните заедници

Ако се „спуштиме“ на ниво на локалните заедници, ќе видиме дека и во нив делуваат процеси на селективно сеќавање на конфликтот, што е потврдено и од истражувањето на Мировната академија. И покрај тоа, постојат и позитивни приказни во локалните заедници. Над 70 локални заедници се вклучени во голем мировен потфат во рамките на проектот ProBudućnost, кој, како што истакнуваат, постојано работи со млади луѓе, невладини организации, женски здруженија, верски заедници и лидери, политички лидери, медиуми и разни владини институции.

Според Бесима Бориќ, „локално луѓето многу подобро се познаваат и мислам дека има многу помалку разлики во средините каде што луѓето живеат заедно, иако за жал немаме премногу такви средини каде можеме сите заедно да го тестираме тоа, но онаму каде што постојат, животот си тече, луѓето си помагаат “. Пописот од 2013 година покажа драстични промени во етничката структура на локално ниво, во споредба со периодот пред војната. Две третини од општините сега имаат еднонационална структура од 70% до 99%, според публикацијата на Академијата за науки и уметности на БиХ.

Во период на пандемија, присутни се повеќе позитивни приказни и повици за солидарност на локално ниво. „Кога нешто е ризично, еве, како короната, тогаш нема граници или поделби, сите сакаме да си помогнеме едни на други“, рече градоначалникот на Бугојно Хасан Ајкуниќ. Во едно заедничко гостување во емисијата Одговорете им на луѓето на Федералната ТВ, зборуваа градоначалниците на Петров, Фоча, Вареш, Горни Вакуф-Ускопље и Језеро за предизвиците и проблемите за време на пандемијата, но и за солидарноста и миротворните активности.

Мировниот активист, Горан Бубало, истакнува дека на локално ниво е многу полесно да се работи, додавајќи дека „тоа многу зависи од локалните градоначалници, локалните пратеници. Некои од нив се одлични и со нив може да се работи. Тие сакаат да соработуваат и го сакаат најдобро за нивната локална заедница“. Иако според него невладините организации и бројните формални и неформални групи го понеле тешкиот товар кога станува збор за достигнување помирување, тој смета дека тука се потребни суштински промени: ". Ние сè уште ги вртиме истите проекти што ги пишувавме по војната. Нема свежи идеи, нема свежи размислувања, нема промислување и треба да го искористиме периодот на пандемија за тоа“.

Според социолозите, граѓаните и граѓанките покажаа одговорност и сочувство во овој период, над нивото на политиките на поделба. Професорот по социологија Салих Фочо изјави дека „животот на овие простори е подолготраен и поважен од минливите политики“ и дека народот покажал солидарност дури и за време на пандемијата.

По пандемијата

Од сè што можеме да видиме, следува нова фаза на реконструкција на животот и „соживотот“ по периодот на изолација, дистанцирање и вонредна состојба, чии последици сè уште не можат прецизно да се измерат. Позитивните ставови за „однесувањето на народот“ за време на пандемијата не треба да послужат како изговор, односно амнестирање на граѓаните од одговорноста за однесувањето на политичките елити. Особено оние од политичкиот врв кои живеат од поделби и конфликти и кои речиси редовно добиваат голем број гласови на изборите. Исто така, нереално е да се очекува граѓаните на свој грб да го понесат товарот на старите и најавените економски проблеми, вклучувајќи го и наследството од конфликтот и научените и ненаучените лекции за градење помирување.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Златиборка Попов Момчиновиќ

д-р Златиборка Попов Момчиновиќе вонреден професор по политички науки на Филозофскиот факултет, Универзитет во Источно Сараево. Фокусот на нејзиното истражување е ставен на родовите прашања, развојот на граѓанското општество и активизмот на жените, религијата и политиката, професионализмот на медиумите и процесите на помирување. Таа е активна во граѓанското општество и женското движење, обидувајќи се да ги усогласи научните и активистичките напори.