Михаела Ружичкова
Погрешно е да се смета дека масовното тестирање беше неуспешно, но мора да се напомене дека резултираше со само привремено намалување на ширењето на вирусот. Од друга страна, ширењето дезинформации имаше поголеми последици.
На крајот на месец октомври бевме сведоци на досега несекојдневен настан во Словачка: масовно тестирање на ниво на целата држава во кое доброволно можеше да учествува секој граѓанин постар од 10 години. Целта на ваквото тестирање беше да се откријат евентуални скриени „епидемии“ и да се забави ширењето на вирусот. На граѓаните исто така им беше овозможено бесплатно да се тестираат и да ги заштитат своите семејства така што самите би заминале во карантин ако е тоа потребно. Се чини дека редовните мерки за забавување на ширењето на вирусот не беа доволни, затоа што статистиките покажаа дека бројот на заболени нагло се зголеми од месец септември.
На тестирањето на ниво на цела држава, наречено операција „Заедничка одговорност“, му претходеше пилот тестирање во регионите Орава и Бардејов кое беше организирано од Министерството за одбрана на Словачка и планирано и спроведено од 23 (петок) до 25 (недела) октомври. Пилот тестирањето беше спроведено во четирите најзасегнати подрачја: Тврдошин, Наместово, Долњи Кубин и Бардејов и во него учествуваа околу 91% од сите оние кои можеа да бидат опфатени (поточно, потенцијално можеа да бидат опфатени до 155 илјади граѓани а реално опфатени беа 139.969). Врз основа на добиените резултати, како најкритично беше оценето подрачјето на Тврдошин (4.85% од сите тестови беа позитивни). Во сите четири подрачја беа откриени вкупно 1.569 позитивни случаи а инфективноста беше со вкупна вредност од 3.25% од сите тестирани. Ваквото пилот тестирање беше оценето како успешно, пред сè поради учеството на граѓаните но исто така и поради бројот на откриени позитивни случаи.
Прва рунда на тестирање
По направеното пилот тестирање, Главниот кризен штаб одлучи да се спроведе прв круг на тестирање на ниво на целата држава, кое беше организирано од 31 октомври до 1 ноември 2020 година. Овој прв круг беше ограничен на само два дена поради ограничувања од логистичка, кадровска и материјална причина. Пунктовите беа отворени од седум часот наутро до 22 часот навечер. Во него беа опфатени вкупно 3.625.332 граѓани а откриени беа 1.06% позитивни случаи (38,359). Највисока стапка на заразени имаше подрачјето Чадца со вкупно 3.22% позитивни случаи.
Важна улога во тестирањето имаа вооружените сили но успехот исто така беше овозможен и со активниот и одговорен пристап на локалните власти. Општините и градовите организираа места за тестирање, обезбедија кадар, насоки како и самото тестирање. Министерството за одбрана на Словачка изготви документ за локалните власти со детални информации за настанот. Министерството исто така спроведе и информативна кампања за граѓаните кои добија летоци со инструкции за секое домаќинство.
Времето на чекање за тестирање беше скратено согласно упатствата на локалните власти. Беа користени алатки како што се снимање во живо на местата за тестирање, мобилни апликации за следење на бројот на луѓето кои чекаат на ред, списоци со имиња со конкретно време за тестирање, списоци со адреси, итн. Општините флексибилно одговорија на барањата за временски план за тестирање и се обидуваа да ги информираат граѓаните преку сите расположливи канали.
Извор: vsquare.org
Во тестирањето учествуваа не само административниот кадар туку и медицинските лица и студентите по медицина или во слична студиска област, кои имаа задача да ги собираат и евалуираат примероците. Местата за тестирање не пријавија никакви проблеми, освен некои мали случаи на нарушување на јавниот ред (на пример, обид за повторување на тестот и сл.) кои беа безбедно решени и не доведоа до сериозно попречување на тестирање. Освен некои поситни проблеми, тестирањето беше оценето како успешно. Премиерот Игор Матович изјави на прес конфернција дека тестирањето беше вистински доказ за одговорниот пристап на Словаците. Сепак, тој подоцна беше критикуван затоа што на својата фејсбук страница изјави – на шега – дека бил во можност да „чипира три милиони граѓани“.
Втор круг на тестирање
Вториот круг на тестирање на ниво на цела држава беше организиран на 7 и 8 октомври 2020 година и опфати 45 подрачја. Врз основа на одлуката на Централниот кризен штаб ова беа подрачја со процент на позитивни случаи во првиот круг кој беше поголем од 0.7. Во вториот круг беше направена евалуација на 2.044.855 примероци а 13.509 од нив беа позитивни на КОВИД-19, што претставува 0.66%.
Што се однесува до постапката за тестирање, таа се состоеше од четири главни чекори:
- Регистрација на местото за тестирање за кое требаше лична карта.
- Самото тестирање – со земање мостра од назофаринксот по изложувањето на носот и устата.
- Евалуација на тестот при што граѓаните чекаа резултати во посебни чекални.
- Наведување на резултатот од тестот на потврдата која им се даваше на граѓаните во затворен плик.
Потврдите можеа да се издаваат само на лицето кое се наоѓа на официјалното место за тестирање а не во болница или во друг објект. Лицата со негативен тест можеа да се движат слободно и без ограничувања, но мораа да си ја носат потврдата со себе за да докажат дека немаат КОВИД-19, ако е потребно.
Ефектот од тестирањето и контроверзиите што следеа
Државните органи го оценија првиот и вториот круг на тестирање како успешен. Бројот на заразени се намали за повеќе од половина во периодот од првиот до вториот круг. По вториот круг, позитивни случаи (и тоа со процент од 0.7) имаа само 15 подрачја од вкупно 45. Премиерот исто така посочи на намалувањето на позитивните случаи во четири подрачја од пилот тестирањето кои беа критично засегнати од вирусот – во Наместово, процентот на позитивни случаи се намали од 4.77 на само 0.55 проценти.
Важно е да се потенцира дека „Заедничка одговорност“ не само што беше прв настан од ваков вид во историјата на Словачка туку претставуваше и најголема логистичка операција. И покрај тоа, се појави бран на незадоволство и тоа делумно поради правниот контекст – беше нешто невидено досега а не беше законски уредено во словачкиот правен систем. Постоеја и спротивставени мислења на премиерот Матович и претседателката на Словачка, Зузана Чапутова која се залагаше за доброволен принцип на учество и посочи на недоволните капацитети за тестирање на национално ниво.
Набавката на тестови беше направена брзо, но и нетранспарентно и по висока цена (53.2 милиони евра без ДДВ), што исто така беше мета на критики. Најпрвин, целта беше да се избере компанија која продава тестови по добра цена, но на крајот не беше пресудна цената туку капацитетот да се испорача потребното количество на тестови. Вистинскиот проблем беше слабата комуникација со јавноста отколку што беше самата набавка. Според извештајот на Транспаренси Интернешенел, сомнежите за клиентелизам беа отфрлени. Беше покренато уште едно прашање во врска со враќањето на трошоците на општините т.е. нивните трошоци требаше да им се надоместат до крајот на годинава.
Кампања со дезинформации
Дезинформациите во врска со коронавирусот имаа голем удел во националното тестирање во Словачка. Дезинформации постојано се ширеа од припадници и поддржувачи на крајната десница Котлебови (Народна партија „Наша Словачка“) но исто така и од проруски медиуми, интернет страници со теории на заговор, опозициски партии, итн. Целта на оваа кампања, која започна веднаш по избивањето на пандемијата, беше да се поларизира општеството и да се дестабилизира политичкиот систем. Овие цели беа делумно остварени и беа одраз на влошените односи помеѓу коалициските партии, намалената јавна доверба во владата и на растечката тенденција да се верува во теории на заговор (на пример: антиваксери, чипирање, итн.).
Главните наративи за манипулирање на јавното мислење беа идеите за ограничување на човековите права и слободи и неуставноста на тестирањето и мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Некои медиуми го споредуваа тестирањето со концентрациони логори а премиерот со диктатор. Интернет страниците со теории на заговор пишуваа и за чипирање на населението преку назофаринксот, прибирање на биолошки примероци со цел да се контролира населението или за тоа дека владата ги следи луѓето преку мобилните телефони. И покрај разбивањето на овие тврдења, Словачка се соочи со многу силен бран на дезинформации кои потекнуваат од различни извори а оние кои тоа го ширеа користења разни техники за манипулација.
Критиките кон националното тестирање во голем дел беа покренати поради стравовите од неуспех на операцијата. Секако не треба да се смета дека масовното тестирање беше неуспешно, но мора да се напомене дека неговите резултати доведоа до само привремено намалување на ширењето на вирусот. Од друга страна, ширењето дезинформации имаше поголеми последици.
Сега сме сведоци на голем отпор против пандемските мерки (како што се носење заштитни маски и социјално дистанцирање, или полициски час за време на Божиќ). Во време на забрана на протестите како дел од мерките против КОВИД-19, беа организирани неколку протести против Владата при што демонстрантите не носеа заштитни маски. Делумно виновни за тоа се властите, односно нивната слаба стратегија на комуникација и хаотичните пораки кон јавноста. Ако се користи во други земји, тестирањето на национално ниво треба да биде балансирано со други пандемиски мерки и првенствено да биде засновано на подобри и постабилни начини на комуницирање.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.