fbpx

Има ли крај на македонската приказна за патот кон ЕУ?

Силвана Мојсовска

Политика

23.12.20

Прегледи

Силвана Мојсовска

silvana mojsovskaПовторното одлагање на започнувањето на преговорите со ЕУ претставува реален проблем, меѓутоа жалењето би било попусто губење на скапоцено време.

Одлагањето на почетокот на преговорите со ЕУ заради бугарското вето носи разочарување, меѓутоа не смее да резултира во инертност. Северна Македонија има потпишано Спогодба за стабилизација и асоцијација (ССА) со ЕУ - полноправен документ со кој тековно се регулирани односите помеѓу двете страни. Спогодбата останува на сила сè додека земјата не пристапи кон Унијата. Практичното резонирање треба да биде во насока на користење на можностите кои ги дава ССА, посебно во однос на економската интеграција.

Тежок и бавен од кон преговори за членство во ЕУ

Македонската приказна со ЕУ трае повеќе од две децении. Најважниот документ со кој се регулирани односите помеѓу двете страни е Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Таа е потпишана на 9 април 2001, а стапи во сила на 1 април 2004, по ратификувањето од страна на сите земји потписнички.

Во март 2004 беше поднесена кандидатура за членство во Унијата, а во декември 2005 земјата доби кандидатски статус. Во октомври 2009, Европската комисија ја даде првата препорака за отпочнување на преговори помеѓу македонската страна и ЕУ, меѓутоа, Советот на ЕУ не даде зелено светло за преговори. После 2009 година, процесот се одвиваше со голем застој заради политичкиот спор со Грција околу името. По потпишувањето и стапувањето во сила на Преспанскиот договор во 2019 година, очекувано беше работите да тргнат напред.

Сепак, следеа турбуленции во форма на гледиштата на Макрон за поинакво обликување на процесот што резултираше во нова методологија за преговори со ЕУ. Конечно, одлука за започнување на преговорите на првата меѓувладина конференција помеѓу двете страни беше донесена во март 2020 година. Меѓутоа, нејзиното реализирање е попречено со ветото на Бугарија од декември 2020. Инсистирајќи дека историјата правилно може да се толкува исклучиво само според нивните аршини, бугарските политичари (по)кажаа многу за себе. Наместо мудрост (Софија), Бугарија го избра апсурдот.

Повторното одлагање на започнувањето на преговорите со ЕУ претставува реален проблем за Северна Македонија, меѓутоа жалењето би било попусто губење на скапоцено време. Наместо да се чека на порационални бугарски думи, треба да се потсетиме дека ЕУ и Северна Македонија се во полноправен договорен однос, пропишан со ССА. Таа нуди можности кои можат да обезбедат проактивност во процесот на европска интеграција на земјава.

ССА - стожер на европската агенда на Северна Македонија

Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европските заедници и нивните земји членки беше потпишана во очекување на динамичен процес кој би траел околу 10 години. Во член 5 од ССА стои дека „асоцијацијата ќе биде реализирана во текот на период од максимум 10 години, кој ќе биде поделен во две последователни фази”, односно „четири години по стапувањето во сила на Спогодбата, Советот за стабилизација и асоцијација треба да го оцени постигнатиот напредок и да реши за започнувањето на втората фаза и нејзиното времетраење”.

Заради политичката стагнација на македонскиот процес на европски интеграции, Советот на ЕУ донесе одлука за премин во втората фаза на ССА дури на 4 декември 2018 година. Во првата фаза се обезбеди либерализација на движењето на стоките (квоти и други ограничувања се применуваат на мал број производи), а имаше активности и во однос на тековите на услуги, капитал и труд. Натамошно унапредување на економската интеграција помеѓу двете страни треба да се обезбеди во втората фаза.

Ima li kraj na makedonskata prikazna za patot kon EUИзвор: mia.mk

Иако ССА првенствено беше планирано да важи 10 години, и во тој временски период да се реализира асоцијацијата, заради пролонгирањето на втората фаза на Спогодбата, нејзината имплементација продолжува. Спогодбата останува на сила сè додека Република Северна Македонија не пристапи кон Унијата.

Кои се можностите што ги нуди ССА?

Тековно, од аспект на прагматичноста во насока на обезбедување континуитет на европската агенда во земјава, ССА е исклучително важна. Во продолжение е направен осврт на неколку битни аспекти.

Национален третман на компаниите. Спогодбата пропишува право на недискриминација и национален третман на компаниите чиј основач е од другата договорна страна. Ова подразбира дека компаниите од ЕУ што отвораат свои ентитети во Северна Македонија треба да бидат третирани како домашни компании, а ист таков третман треба да добијат и македонските компании што се основаат во земјите на ЕУ. Последователно, ССА пропишува слободно движење на работниците на раководни позиции или со специфични знаења и квалификации во компаниите кои го користат правото на основање во другата договорна страна. Исто така, пропишано е слободно движење на тековите на капитал и повеќегодишните заеми поврзани со директните инвестиции од другата страна. Македонската страна целосно ги има исполнето горните обврски во однос на компаниите од ЕУ што вршат производни и трговски дејности.

Во однос на степенот на исполнување на горните обврски од страна на ЕУ, не постојат систематизирани податоци. Расположливите информации за неколку земји членки покажаа дека македонски граѓани може да основаат свои фирми во производни и трговски дејности без ограничувања согласно нивната националната регулатива (Германија, Чешка, Естонија, Словачка), а, во други, како на пример во Австрија, постојат специфични правила. Таму, отворањето на определени форми на економски ентитети (како подружници) е врзано со поседување на дозвола за престој на лицето што сака да основа подружница, која се регулира врз основа на договори за реципроцитет помеѓу двете страни.

Со цел прецизно да се утврди дали македонската страна ги ужива придобивките од ССА во пракса, потребно е македонските институции да обезбедат систематизирани информации. Тоа може да се направи преку дипломатските претставништва на Северна Македонија во земјите од ЕУ или пак, прашањето за степенот на исполнување на обврските од ССА од страна на ЕУ да се постави пред Советот за стабилизација и асоцијација. Така, македонската страна ќе покаже проактивност во однос на обезбедување подинамична имплементација на ССА. Воедно, треба да се подигне свеста на физичките и правните лица од Северна Македонија дека ССА обезбедува национален третман во ЕУ од аспект на основање на фирми и проток на капитал и труд поврзан со инвестициите.

Во поглед на националниот третман на самовработените лица и нивното вршење на активности во договорната страна, примена на ова право се планира во втората фаза од ССА.

Заштита од конкурентски притисок. Друга можност која ја нуди ССА е заштита на македонските индустрии кои се наоѓаат во специфична фаза – почеток, потешкотии или преструктурирање, во функција на ублажување на конкурентските притисоци од компаниите од ЕУ кои би сакале да вршат таква дејност на македонскиот пазар. Ова право може да го користи само Северна Македонија, а не ЕУ, имајќи ја предвид нерамноправната позиција на економиите на двете страни.

До април 2008 година, Северна Македонија самостојно можеше да воведува мерки и да ги користи дадените погодности со цел да ги заштити индустриите кои ги исполнуваат условите според ССА. Оваа можност е пропишана како инструмент за заштита на индустриите и после 2008 година, меѓутоа мора да биде донесена по овластување на Советот за стабилизација и асоцијација и условите кои тој ќе ги пропише за конкретните мерки. Иако поволна, оваа одредба досега не е искористена од македонската страна. За да може да се искористи, да биде оправдана и да даде соодветни ефекти, потребно е земјата да има добра индустриска политика, јасен преглед на состојбите во различните индустрии, среднорочна (или долгорочна) стратегија за индустриски развој и капацитет за осмислување и имплементација на аргументирани мерки.

Унапредување на давањето на услуги. Ова е обврска од втората фаза на ССА. Спогодбата пропишува дека двете страни треба да работат на унапредување на меѓусебното давање на услуги, при што дадена е општа рамка, а не е направено прецизно дефинирање на конкретни услужни дејности. Заради комплексноста на услугите како дејност (со оглед на тоа што ги опфаќаат и регулираните професии со лиценци), оваа одредба ќе се реализира постапно и кај двете страни.

Законот за услуги ја одложува примената на правото на давање на определени услуги од страна на економски ентитети од ЕУ на територијата на Северна Македонија за после пристапувањето во ЕУ. Во однос на исполнувањето на обврските од страна на ЕУ, не постојат систематизирани информации. Последователно на либерализацијата на услугите, ќе треба да се обезбеди слободно движење на трудот во услужните дејности за кои двете страни ќе се договорат непречено да ги обезбедуваат на територијата на другата страна.

Либерализација на капиталните и финансиските текови. Првата фаза од Спогодбата пропишуваше либерализација на тековите на капиталот и долгорочните заеми и кредити заради инвестиции на двете страни, како што е дискутирано погоре. Втората фаза на ССА предвидува либерализација на портфолио инвестициите (вложувања во хартии од вредност), финансиските заеми и кредити со рок на доспевање помал од една година, како и право за стекнување на недвижности и други јавни добра во ЕУ за македонски правни и физички лица. Правото за стекнување на недвижности им беше дадено на граѓаните на ЕУ да го уживаат во Северна Македонија уште во првата фаза на ССА (со исклучок на правото на сопственост на земјоделско земјиште), преку негово вградување во законската регулатива.

Двете страни - Северна Македонија и ЕУ имаат добра законска регулатива за обезбедување слобода на меѓусебните капитални и финансиски текови. Меѓутоа, треба да се истакне дека слободното отворање на банкарски сметки во странство на македонски граѓани со постојано живеалиште во Северна Македонија сè уште не е дозволено. Тоа е можно само во регулирани случаи и со строго определена намена. Ваквото самоограничување е пропишано во македонската регулатива, и, иако директно не ја загрозува примената на ССА, може негативно да се рефлектира врз остварувањето на определени права на македонските физички лица. 

Прагматичност наместо инертност

Дискутираните аспекти во однос на можностите што ги нуди ССА даваат добра основа за придвижување на процесот на европски интеграции. ССА по својата поставеност дава рамноправен однос на двете страни и тоа постојано треба да го имаат на ум македонските политичари и креатори на политики.

Фокусот кон преговорите со ЕУ е толку силен што последниот застој заради бугарското вето има опасност да ги вовлече македонските институции во инертност додека да се добие политички импулс за следниот чекор. Гротескноста на ситуацијата е исклучителна и токму поради тоа, најдобар одговор е прагматичноста. Поконкретно, треба да се разгледаат сите отворени карти со ЕУ и македонската страна да се задржи на тоа е конкретно и дефинирано. Таква е Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Таа пропишува права и обврски за двете страни.

Поентата на прагматичноста е пошироко да се промовираат можностите кои ги нуди ССА на македонските правни и физички лица, а воедно да се обезбедат информации во кој степен е обезбеден пропишаниот реципроцитет од страна на ЕУ. Притоа, за оние одредби кои се посебно значајни за Северна Македонија, македонските институции треба да бараат целосно и навремено исполнување на обврските од страна на членките на ЕУ.

Тоа е механизмот за придвижување на процесот на европски интеграции во тековните околности. Се разбира, паралелно треба да се работи и на отстранување на инертноста во поглед на внатрешните реформи во земјата. Реформите се во повратна спрега со креирањето на политиките, а само добри и континуирани политики може да дадат посакувани резултати и подобро искористување на ССА.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Силвана Мојсовска

Силвана Мојсовска е редовен професор на Економскиот институт – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Нејзиниот истражувачки интерес е главно насочен на прашања од областа на меѓународната економија и ЕУ интеграциите. Автор е на бројни научни трудови, работела на многу апликативни проекти, реализирала истражувачки престои на престижни универзитети во странство и учествувала на голем број меѓународни и домашни конференции.