Ричард Хас (Richard Haass)
Брзиот пад на Кабул потсетува на неславниот пад на Сајгон во 1975 година. Освен локалните последици - чинови на одмазда во секоја сфера на општеството, строга репресија врз жените и девојчињата и масивно напуштање на земјата – пријателите и непријателите добија дополнителна основа за сомневање во сигурноста на САД поради стратешкиот и морален неуспех на Америка.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напушти земјата. Неговата влада се распадна кога талибанските борци влегоа во Кабул. Во след на настани кој потсетува на неславниот пад на Сајгон во 1975 година, дводецениското воено присуство на Америка во Авганистан исчезна за само неколку недели. Како дојде до ова?
Постојат војни што се водат поради неопходност, тука се вбројуваат Втората светска војна и Заливската војна во 1990-1991 година. Тоа се војни во кои се користи воена сила бидејќи тоа се смета за најдобриот и честопати единствениот начин за заштита на клучните национални интереси. Исто така, постојат војни што се водат поради избор, како што се војната во Виетнам и војната во Ирак во 2003 година, во кои земјата војува, иако за интересите кои се во прашање не може да се рече дека се клучни и постојат невоени алатки што можат да се применат.
Сега, се чини, има и повлекувања што се вршат поради избор, кога владата ќе ги отстрани војниците што можела да ги остави во регионот на активни воени дејствија. Не ги повлекува војниците затоа што нивната мисија е завршена, ниту пак нивното присуство станало неодржливо, ниту дошло до ситуација кога владата на земјата-домаќин побарала нивно заминување. Ниту една од овие ситуации не важеше кога САД се најдоа во Авганистан на почетокот на мандатот на претседателот Џо Бајден. Повлекувањето беше избор и, како што честопати важи за војни што се водат поради избор, изгледа дека резултатите ќе бидат трагични.
Американските војници за првпат пристигнаа во Авганистан пред 20 години, за да се борат заедно со авганистанските племиња кои сакаа да ја соборат талибанската влада, којашто обезбеди засолниште за Ал Каеда, терористичката група одговорна за нападите на 11 септември 2001 година, во кои загинаа речиси 3 000 луѓе во САД. Талибанците наскоро беа во бегство, иако голем дел од нивните водачи избегаа во Пакистан, каде што со текот на времето одново се организираа и ја продолжија борбата против авганистанската влада.
Бројот на војниците се зголемуваше со текот на годините, за време на претседателскиот мандат на Барак Обама, тој достигна над 110 000, раст што одеше рака под рака со проширувањето на амбициите на САД во Авганистан. Трошокот беше огромен: околу 2 милијарди долари и близу 2 500 американски животи, плус повеќе од 1 100 животи на нејзините коалициони партнери, како и до 70 000 жртви на авганистанската војска и речиси 50 000 починати цивили. Резултатите, пак, беа скромни: додека избраната авганистанска влада (единствена во историјата на земјата) ги контролираше големите градови, нејзината контрола беше слаба во многу помали градови и села, со кои повторно завладеаја Талибанците.
Интервенцијата на САД во Авганистан беше класичен пример за обид за постигнување нешто што е надвор од можностите, ограничена војна што се водела поради неопходност, започната во 2001 година, која со текот на годините прерасна во скапа војна што се води поради избор. Но кога Бајден ја презеде претседателската функција, обидот да се постигне нешто што е надвор од можностите веќе беше дел од минатото. Бројот на американски војници се намали на околу 3 000; нивната улога беше во голема мера ограничена на обучување, советување и поддршка на авганистанските сили. Во Авганистан немало американски жртви од борба уште од февруари 2020 година. Скромното американско присуство беше сидро за околу 8 500 војници од сојузничките земји и воена и психолошка поддршка за авганистанската влада.
Во САД, Авганистан веќе не се сметаше за значаен проблем. Американците не гласаа на претседателските избори во 2020 година врз основа на понудените политики за таа земја ниту, пак, маршираа по улиците протестирајќи против американската политика таму. По 20 години, САД достигнаа ниво на ограничена вклученост, соодветна на влогот. Американското присуство не би довело до воена победа или мир, меѓутоа би го спречило распадот на владата, која, колку и да беше несовршена, беше далеку подобра од алтернативата што сега ја презема власта. Понекогаш она што е важно во надворешната политика не е она што може да се постигне, туку она што може да се избегне. Авганистан беше таков случај.
Меѓутоа, ова не беше политика на САД. Бајден работеше по сценарио наследено од владата на Доналд Трамп, кој во февруари 2020 година потпиша договор со талибанците (од кој процес беше исклучена владата на Авганистан) со што се утврди рок до мај, 2021 година за повлекување на американските борбени трупи. Договорот не ги обврза Талибанците да се разоружат ниту да се обврзат на прекин на огнот, туку само да се согласат да не бидат домаќини на терористички групи на авганистанска територија. Тоа не беше мировен договор, туку пакт што беше параван, и тоа тенок параван, за повлекувањето на Америка.
Владата на Бајден на секој начин го испочитува овој договор што содржеше сериозни недостатоци, со еден исклучок: рокот за целосно повлекување на американската војска беше продолжен за нешто над три месеци. Бајден ги отфрли сите политики што би го поврзале повлекувањето на американските трупи со условите на теренот или дополнителни талибански акции. Наместо тоа, плашејќи се од сценарио во кое безбедносните услови би се влошиле и би создале притисок да се преземе политички непопуларниот чекор за распоредување нови војници, Бајден едноставно ги отстрани сите американски сили.
Како што и беа општите предвидувања, Талибанците нагло зедоа залет, а владата дополнително ослабна по најавите за заминување на војската (што во меѓувреме и се остварија). Со преземањето на контролата врз целиот Авганистан од страна на талибанците, сигурно е дека во блиска иднина ќе следуваат чинови на одмазда во сите сфери на општеството, строга репресија врз жените и девојчињата и масовно иселување од земјата. Ќе биде многу потешко да се спречи враќањето на терористичките групи во земјата без тамошно присуство.
За во иднина постои и опасност дека талибанците ќе се обидат да ја прошират својата власт врз поголемиот дел од Пакистан. Доколку испадне така, иронијата ќе биде премногу очигледна, бидејќи засолништето што го обезбедуваше Пакистан за талибанците толку многу години всушност им овозможи да водат војна. Сега, во оваа современа верзија на Франкенштајн, можно е Авганистан да стане засолниште за војната да премине во Пакистан, што може да биде кошмарно сценарио, со оглед на кревкоста на Пакистан, големото население, нуклеарниот арсенал и историјата на војување со Индија.
Избрзаното и лошо испланирано повлекување на САД може дури и да не обезбеди доволно време за евакуација на сега ранливите Авганистанци кои работеле со американската и авганистанската влада. Освен локалните последици, и далечните пријатели и непријатели добија дополнителна основа за сомневање во сигурноста на САД поради мрачните последици од стратешкиот и морален неуспех на Америка.
Неодамна го прашаа Бајден дали зажалил за неговата одлука да ги повлече сите американски војници од Авганистан. Тој одговори дека не зажалил. А треба да жали.
Ричард Хас, претседател на Советот за надворешни односи, претходно бил на позиција Директор за планирање политики за Стејт департментот на САД (2001-2003 г.) и бил специјален пратеник на претседателот Џорџ В. Буш во Северна Ирска и Координатор за иднината на Авганистан. Неговото најново дело е „The World: A Brief Introduction“ („Краток вовед на светот“) (Penguin Press, 2020 година).
Авторски права: Project Syndicate, 2021.
www.project-syndicate.org