fbpx

Како приватниот сектор може да се вклучи во развојот на локалната заедница

Бојан Китановиќ

Политика

10.08.22

Прегледи

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. Често на овој начин знаеме да ја дефинираме заедницата. Но, колку сите овие локални чинители учествуваат во оваа „здруженост“ и напредок на локалната заедница?

Италијанскиот писател и говорник Ернесто Сироли напишал: „Иднината на секоја заедница лежи во освојување на страста, мечтата и ресурсите на нејзините луѓе“. Страста и мечтата за кои говори Сироли лесно може да се воочат кај локалното население кое најдобро ги познава вистинските потреби на заедницата. Од друга страна, се наоѓаме во ситуација каде ресурсите не се секогаш доволни за да се реализира едно одржливо решение како одговор на општествениот проблем.

Но, здружувањето на ресурсите на сите локални чинители, вклучувајќи ги и компаниите од приватниот сектор целосно ја менува приказната за 180°.

Вклученост на локални чинители = Одржлив развој на локалната заедница

Потврдено е дека локалното население е најдобро запознаено со расположливите локални ресурси, потребите (на пример, нов парк, велосипедска патека, расчистување на диви депонии и слично) и како тие може да се задоволат и дека компаниите од приватниот сектор може да придонесат кон диверзифицирање на економијата преку развој на повеќе различни индустрии во локалната заедница.

Често, првата асоцијација ни е поддршка со финансиски ресурси. Но, тоа не значи дека тие се единственото нешто со кое компаниите може да придонесат кон заедницата. Напротив, ставање на располагање на својата опрема, обезбедување на волонтери од редовите на вработените, помагање во процесот на стекнување вештини и практично искуство, вработување на локално население и слично, се дел од начините преку кои компаниите може да се вклучат во руралниот и локалниот развој.

Можеби следното прашање е „Зошто компаниите? Нели е ова надлежност на носителите на одлуки и граѓанскиот сектор?“ На што одговорот би бил дека вистинскиот одржлив локален развој е возможен преку вклучување на сите локални чинители од идентификување на проблемите до наоѓање и реализација на нивно решение.

Покрај приватниот сектор, тука ги вбројуваме и локалното население, месните заедници, лидерите на заедницата, граѓанските организации, локалната самоуправа, локалните образовни институции, локалните медиуми, и сите други организации и индивидуи кои делуваат во заедницата. Ова е и еден од принципите на LEADER пристапот кој се применува во Европа.

Охрабрувачки е што кај нас активно се имплементираат вакви иницијативи за стимулирање на локален развој. Тие најчесто потекнуваат од граѓанскиот сектор и се поддржани од меѓународната и домашната донаторска заедница како ЕУ или Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД. Пример за ваква иницијатива е проектот „Програма за развој на заедницата“ кој цели кон ангажирање на приватниот сектор во процесот на развој на заедницата и решавање на проблемите на заедницата.

Дополнително, интересен е примерот и на организацијата и иницијативата „Донирај компјутер“ чија мисија молскавично се шири на социјалните мрежи со фокус на Твитер заедницата. Несомнено, мисијата за секое семејство во државата да има барем по еден компјутер е масовно прифатена и поддржана од дел од домашните компании, покрај други поддржувачи.

Вклученоста и поддршката од приватниот сектор е предвидена и во подцелите на Целите за одржлив развој на ООН. Постојат позитивни примери кај нас и во странство на компании кои придонесуваат кон дел од овие Цели, а последната, Седумнаесетта цел предвидува градење одржливи партнерства за исполнување на целите.

Таа предвидува сплотување на целиот свет во заедничките напори да се исполнат останатите шеснаесет цели.

Повеќе од корпоративна општествена одговорност

Една од најчесто користените „хит фрази“ во последните дваесет години во корпоративното работење – корпоративна општествена одговорност. Многу автори различно ја дефинираат, но во суштина таа претставува одговорност која компаниите како правни лица ја имаат како резултат на своите одлуки и активности кон општеството и животната средина.

Покрај транспарентноста и етичкото работење, овој концепт вклучува и вложување во заедницата. Ова беше потенцирано и во рамки на проектот „Општествена одговорност на претпријатија“.

Општествената одговорност и делувањето за доброто на заедницата стана императивно очекување и од страна на купувачите кои стануваат сѐ повеќе свесни од кого ги купуваат и користат производите, односно услугите.

Но, зошто велиме повеќе од само корпоративна општествена одговорност?

Извор: freepik.com

Таа претставува стратешка определба и начин на водење бизнис. Таа не е само донирање (иако  е можно  да биде од суштинско значење за заедницата) туку сеопфатна стратегија која во фокусот ја има заедницата и зголемено позитивно општествено влијание на бројни полиња.

Помагање на заедницата не е објава на социјалните мрежи за честитање на Денот на планетата Земја, а воедно загадувајќи ги реките во близина. Многу често играта со овие термини стана моќна комуникациска алатка. Одговорноста кон заедницата е многу посуштинска стратешка определба која се издигнува над ПР напорите за додворување на купувачите.

Според Исмаил (2009), во дел од улогите на општествената одговорност спаѓаат:

  • Ублажувањето на дел од негативните последици како резултат на индустријализацијата,
  • Градење посилни и поблиски врски помеѓу корпорациите и заедницата,
  • Помош во пронаоѓање „таленти“,
  • Заштита на животната средина и борба против климатските промени,
  • Помош во справување со сиромаштија, и др.

Уште еден концепт, кој за разлика од корпоративната општествена одговорност која е карактеристична за големите компании, е одржливото претприемништво. Дебарлиев (2017) наведува дека тоа е можност за сите бизниси да се диференцираат од своите конкуренти и да ја зголемат, покрај економската, и општествената вредност.

Социјално претприемништво – бизнис модел кој се фокусира и на профит и на заедницата

 Можеби највисокото ниво на вклученост на приватниот сектор во развојот на локалната заедница е социјалното претприемништво. Тоа е доволно широк концепт кој подразбира интегрирање на економски и социјални цели, односно продажба на производи и услуги за генерирање добивка и профит и во исто време решавање на некој општествен предизвик или проблем.

Ваквите социјални претпријатија непосредно или посредно ѝ помагаат на локалната заедница и на околината – непосредно како на пример преку решавање на еколошки или општествени проблеми или вработување локално (маргинализирано) население или посредно преку негување добри практики во деловното делување базирани на етика, транспарентност и инклузија.

Иако можеби кај нас развојот на овие претпријатија не може да се спореди со остатокот од светот, сепак направени се големи чекори. Овој модел на социјално претприемништво го среќаваме сѐ почесто. Еден од поуспешните примери е списанието Лице в лице кое веќе неколку години го негува духот на социјално и микро претприемништво, јасно препознатлив и на лицата на вредните продавачи низ улиците на Скопје.

Тука може да ги споменеме и Мама Органа – циркуларен бизнис за производство на органски ѓубрива, претпријатието Еснаф кое претставува платформа за развој на мали занаетчиски бизниси и многу други кои се охрабруваат да го прифатат и применат овој модел.

Благодарение на организации и центри како Јунус центарот за социјални бизниси при Економскиот факултет – Скопје и здружението АРНО кои стимулираат социјални иновации, овој екосистем е во подем и се очекува да го оправда епитетот „секторот на иднината“.

Приватниот сектор е неделива алка од развојот на заедницата!

Компаниите од приватниот сектор се неделива алка од големата слика која ја сочинува локалната заедница. Притоа, нужно е приватниот сектор да биде вклучен заедно со останатите чинители во унапредувањето на развојот. Од донации, финансиски придонес и придонес со опрема и материјали до секојдневно помагање на локалната заедница во рамки на својот бизнис модел, секоја поддршка во помал или поголем дел помага во подобрување на животниот стандард и начинот на живот во недоволно развиените подрачја.

Радува и фактот што бројот на македонски компании кои се општествено свесни и одговорни расте, а во пораст е и бројот на социјални претпријатија. Само со вклученоста на сите локални чинители навистина ќе го оправдаме вистинското значење на зборот „заедница“ – заедништво, сплотеност и соработка.

Бојан Китановиќ

Бојан Китановиќ е магистранд на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје. Тој има повеќегодишно искуство како волонтер и член на повеќе локални и меѓународни организации и како придонесувач и соработник на домашни и меѓународни блогови и центри во рамки на високото образование. Тоа го води кон работа на проекти поддржани од Агенцијата на САД за меѓународен развој - УСАИД и останати истакнати донатори. Покрај тоа, тој е и член на Младинскиот совет на амбасадата на САД во Скопје.