fbpx

Каква поука треба да извлече Украина од Авганистан

Џефри Д. Сакс

Политика

24.02.23

Прегледи
Најголемиот непријател на економскиот развој е војната. Ако состојбата во светот ескалира во глобален конфликт, тоа може да биде кобно за нашите економски надежи и нашиот опстанок. Билтенот на атомски научници штотуку ги помести стрелките на часовникот што одбројува до Судниот ден на само 90 секунди до полноќ.

Најголемата економска загуба во светот во 2022 година ја доживеа Украина, каде економијата падна за 35 отсто според Меѓународниот монетарен фонд. Војната во Украина би можела да заврши наскоро и би можело да започне економското закрепнување, но тоа зависи од тоа дали Украина ќе сфати дека нејзината тешка ситуација е резултат на прокси-војната односно војната преку посредници помеѓу САД и Русија, што избувна во 2014 година.

САД интензивно ја вооружуваат и финансираат Украина уште од 2014 година, со цел да го прошират НАТО и да ја ослабат Русија. Прокси-војните на Америка обично траат со години, па дури и децении, а земјите каде што се боиштата, како Украина, остануваат во урнатини.

Доколку прокси-војната не заврши наскоро, Украина ја чека страшна иднина. Украина треба да извлече поука од ужасното искуство на Авганистан за да избегне долгорочна катастрофа. Исто така, може да ги погледне и примерите со прокси-војните на САД во Виетнам, Камбоџа, Лаос, Ирак, Сирија и Либија.

Почнувајќи од 1979 година, САД ги вооружувале муџахедините (исламистички борци) за да ја шиканираат владата во Авганистан што имала поддршка од Советскиот Сојуз. Како што подоцна објасни советникот за национална безбедност на претседателот Џими Картер, Збигњев Бжежински, целта на САД била да го испровоцираат Советскиот Сојуз да интервенира, со цел да го заробат Советскиот Сојуз во скапа војна. Фактот дека Авганистан би бил колатерална штета не ги загрижувало американските лидери.

Советска војска влегла во Авганистан во 1979 година, како што САД и се надевале, и се борела во текот на 80-тите години од 20 век. Во меѓувреме, борците поддржани од САД ја основале Ал Каеда во 80-тите и Талибанците во раните 90-ти години од 20 век. „Трикот“ на САД со Советскиот Сојуз им се одбил од глава. Во 2001 година, САД го нападнале Авганистан за да се борат против Ал Каеда и Талибанците. Американската војна продолжи уште 20 години, додека САД конечно не заминаа во 2021 година. Сè уште има повремени американски воени операции во Авганистан.

Авганистан е во урнатини. Додека САД потрошиле повеќе од 2 милијарди долари за воени трошоци, Авганистан е осиромашен, со БДП во 2021 година помало од 400 долари по човек! Како „подарок“ за разделба во 2021 година, американската влада ги заплени и онака малите девизни резерви на Авганистан, со што целосно го онеспособи тамошниот банкарски систем.

Прокси-војната во Украина започна пред девет години, кога американската влада го поддржа соборувањето на претседателот на Украина Виктор Јанукович. Гревот на Јанукович од американска гледна точка беше неговиот обид да ја одржи неутралноста на Украина и покрај желбата на САД да го прошири НАТО со вклучување на Украина (и Грузија). Целта на Америка беше земјите на НАТО да ја опколат Русија во регионот на Црното Море. За да се постигне оваа цел, САД масовно ја вооружуваат и финансираат Украина уште од 2014 година.

Поранешните и сегашните американски протагонисти се исти. Лицето во владата на САД одговорно за прашања поврзани со Украина во 2014 година беше помошникот државен секретар Викторија Нуланд, која денес е заменик државен секретар. Во 2014 година, Нуланд тесно соработуваше со Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден, кој ја имаше истата улога за потпретседателот Бајден во 2014 година.

САД превидоа две сурови политички реалности во Украина. Првата е дека Украина е длабоко поделена етнички и политички меѓу националистите кои ја мразат Русија во Западна Украина и етничките Руси во источна Украина и Крим. Втората е дека да се прошири НАТО со Украина значи да се пречекори црвената линија што Русија ја повлекла. Русија ќе се бори до крај и ќе ја ескалира ситуацијата доколку е потребно, за да ги спречи САД да ја приклучат Украина кон НАТО.

САД постојано тврдат дека НАТО е одбранбен сојуз. Меѓутоа, НАТО ја бомбардираше Србија, руски сојузник, во времетраење од 78 дена во 1999 година, со цел да го отцепи Косово од Србија, по што САД воспоставија огромна воена база на Косово. Силите на НАТО на сличен начин го соборија рускиот сојузник Моамер Гадафи во 2011 година, предизвикувајќи децениски хаос во Либија. Русија во никој случај нема да го прифати НАТО во Украина.

На крајот на 2021 година, рускиот претседател Владимир Путин постави три барања до САД: Украина да остане неутрална и надвор од НАТО; Крим да остане дел од Русија; а Донбас да стане автономен во согласност со Договорот Минск II. Тимот Бајден-Саливан-Нуланд ги отфрли преговорите за проширувањето на НАТО, осум години откако истата група го поддржа соборувањето на Јанукович. Со категорично отфрлените преговарачки барања на Путин од страна на САД, Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Во март 2022 година, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се чинеше дека ја разбира тешката позиција на Украина како жртва на прокси-војната помеѓу САД и Русија. Тој јавно изјави дека Украина ќе стане неутрална земја и побара безбедносни гаранции. Тој, исто така, јавно призна дека за Крим и Донбас ќе биде потребен некој вид посебен третман.

Тогашниот премиерот на Израел, Нафтали Бенет, се вклучи како посредник, заедно со Турција. Русија и Украина беа блиску до постигнување договор. Сепак, како што неодамна објасни Бенет, САД го „блокираа“ мировниот процес.

Оттогаш, војната ескалираше. Според американскиот истражувачки новинар Сејмур Херш, американски агенти го разнеле гасоводот Северен тек во септември. Неодамна, САД и сојузниците се обврзаа да испратат тенкови, ракети со долг дострел, а можеби и борбени авиони во Украина.

Основата за мир е јасна. Украина би била неутрална земја која не е членка на НАТО. Крим би останал дом на руската поморска флота на Црното Море, како што е од 1783 година. Би се нашло практично решение за Донбас, како територијална поделба, автономија или линија за примирје. Што е најважно, војувањето би престанало, руските трупи би ја напуштиле Украина, а суверенитетот на Украина би бил загарантиран од Советот за безбедност на ОН и другите нации. Таков договор можеше да се постигне во декември 2021 година или во март 2022 година.

Пред сè, Владата и народот на Украина би им кажале на Русија и на САД дека Украина одбива и натаму да биде боиште на прокси-војна. Во услови на длабоки внатрешни поделби, Украинците од двете страни на етничкиот јаз би се стремеле кон мир, наместо да веруваат дека надворешна сила ќе ги поштеди од потребата од постигнување компромис.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Џефри Д. Сакс

Џефри Д. Сакс работи како директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот Колумбија, каде е и универзитетски професор, највисокиот академски ранг на универзитетот. Тој е претседател на мрежата за решенија за одржлив развој на ОН, копретседател на Советот на инженери за енергетска транзиција, член на академијата за општествени науки во Ватикан, Комесар на Комисијата за развој на ОН за широкопојасен интернет, почесен професор на Универзитетот Санвеј и застапник за SDG за генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Од 2001-2018 година, Сакс беше специјален советник на генералните секретари на ОН, Кофи Анан (2001-2007), Бан Ки-мун (2008-2016) и Антонио Гутереш (2017-2018).