Кога политичкото тргување ќе допре до судството: што ни кажува случајот со „врзани назначувања“ за состојбата на демократијата

Тина Хруби

Политика

29.04.26

Прегледи

Во последниве месеци, хрватскиот јавен простор се карактеризира со една дебата која на прв поглед може да изгледа како уште еден во низата политички конфликти помеѓу владата и опозицијата. Сепак, предлогот на премиерот Андреј Пленковиќ процедурално да го „поврзе“ изборот на претседател на Врховниот суд со изборот на тројца судии на Уставниот суд покрена многу подлабоки прашања – прашања кои се однесуваат на независноста на судството, на границите на политичката моќ и на тоа каде завршува легитимниот политички компромис а каде започнува опасната институционална трговија.

„Ќе имаме врзани назначувања, што значи дека ќе влеземе во процес на избор на претседател на Врховниот суд само ако ги избереме уставните судии според принципот дека двајца од нив ги избира парламентарното мнозинство, а еден опозицијата“, изјави неодамна премиерот Андреј Пленковиќ.

Со тоа, премиерот и претседател на ХДЗ Андреј Пленковиќ го претвори изборот на претседател на Врховниот суд, место кое е непополнето од април 2025 година, во средство за политичко условување преку барањето процесот на избор на претседател на Врховниот суд да продолжи само ако судиите на Уставниот суд се избираат според политички сооднос 2:1. Имено, Уставниот суд моментално има 10 судии, наместо 13, од кои петмина се избрани на предлог на парламентарното мнозинство и петмина на предлог на опозицијата. Додавањето на двајца судии номинирани од владејачката ХДЗ и еден од опозицијата би го променило постојниот баланс, создавајќи мнозинство кое би било политички поблиску до актуелната власт.

Исто така, идејата на премиерот за таканаречени врзани назначувања подразбира дека за изборот на претседател на Врховниот суд не се одлучува самостојно, туку исклучиво во пакет со назначување на тројца судии на Уставниот суд. Таквиот пристап, според премиерот, треба да обезбеди политички консензус и да ги деблокира институциите.

Речиси едногласната реакција на судиите, на експертите за уставно право и на дел од јавноста укажува на тоа дека постои еден фундаментален проблем: Уставниот суд и Врховниот суд немаат иста уставна улога, ниту пак припаѓаат на истата гранка на власта. Врховниот суд е дел од судството а Уставниот суд е посебно уставно тело кое се наоѓа надвор од класичната поделба на власта и има задача да ја надгледува уставноста на работењето на законодавната и извршната власт. Затоа, во јавните дебати беше укажано дека ова не е само техничко прашање, туку политичко условување што може да доведе до институционална блокада.

Поврзувањето на овие два процеса во никој случај не се доживува неутрално решение, туку како потенцијално нарушување на фундаменталниот принцип на поделба на властите, и како политички притисок и форма на условеност што нема основа во Уставот.

Во овој контекст, идејата за „донесување одлуки во пакет“ повеќе личи на политичка трговија отколку на одговорен институционален компромис. Клучното прашање не е дали Саборот може да постигне политички договор, туку дали може да го стори тоа на начин што ги релативизира уставните процедури и ја менува нивната цел.

Редок консензус против политичкиот преседан

Еден од највпечатливите елементи на оваа дебата е силната и невообичаено јавна реакција од самите судии и експерти за уставно право. Хрватското здружение на судии јасно изјави дека не постои ниту уставeн ниту законски основ за поврзување на изборот на претседател на Врховниот суд со изборот на судии на Уставниот суд.

Судиите предупредија дека еден таков пристап создава опасен преседан во кој политиката не само што влијае на судството, туку отворено го условува неговото функционирање, а исто така тргува и со институции кои треба да бидат независни. Слични пораки дојдоа и од поединечни судии на Врховниот суд, кои јавно ги рекоа дека ваквите идеи се сметаат за неприфатливи и изразија надеж дека истите нема да бидат имплементирани во пракса.

Уставните експерти дополнително нагласија дека процедуралното поврзување на две различни уставни надлежности не е дозволени и дека тоа не може да се оправда со политичка прагма. Истакнатата експертка по уставно право, Сања Бариќ, предупреди дека ова ја разводнува одговорноста на Парламентот и отвора простор за донесување одлуки врз основа на политички квоти, а не врз основа на стручноста и интегритетот на кандидатите.

Фактот дека ваквите реакции не доаѓаат од политички кругови, туку надвор од политичките партии т.е. од самото судство, им дава на истите дополнителна тежина и кредибилитет.

Таквото „донесување одлуки во пакет“, истакнуваат експертите, ја разводнува одговорноста на претставниците и го оневозможува водењето квалитетна дискусија за секој кандидат поединечно. Наместо да се избере најдобриот кандидат за одредена позиција, одлуките се носат врз основа на политички компромис, а не врз основа на стручност и интегритет.

Судир на властите или борба за контрола

Опозицијата го оцени предлогот на владата како напад врз демократијата и како обид за политичко преземање на контрола врз судството, додека некои актери предупредуваа на „политичка трговија“, „валкана политичка кујна“ и опасен преседан што може да ги ослабне институциите на долг рок.

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, исто така се вклучи во дебатата, и јасно изјави дека изборот на судии не смее да биде предмет на политичка трговија, дека врзувањето на овие процеси е кршење на Уставот и законот и дека таквите практики ги омаловажуваат и поткопуваат уставниот поредок и независноста на судството.

Иако политичките конфликти се нормална работа во демократските земји, проблемот се јавува тогаш кога во тие конфликти се вовлекуваат институции кои треба да останат надвор од дневната политика. Токму ова е суштината и причината за загриженост во овој случај.

Еден од аргументите што ја оправдуваат идејата за врзани назначувања е потребата од деблокирање на институциите. Сепак, се поставува прашањето: дали институционалната блокада е проблем што треба да се реши со компромис или е средство за притисок?

Ако се прифати логиката дека клучните судски функции можат да бидат условени со политички договори, тоа отвора простор за идна уцена и трговија. Денес тоа се судовите, утре може да биде некое друго независно тело.

Овој случај е особено релевантен за земјите во регионот кои поминале или сè уште поминуваат низ процеси на демократска консолидација. Прашањето за политичко влијание врз судството е едно од клучните прашања во извештаите на Европската комисија, Венецијанската комисија и други меѓународни тела.

Примерот од Хрватска покажува дека дури и членството во Европската Унија само по себе не гарантира отпорност на институциите. Демократијата не е држава, туку процес што бара постојана будност, особено кога станува збор за судовите.

Важен елемент од оваа приказна е улогата на медиумите, кои детално ги следеа реакциите на судиите, експертите и политичарите. Благодарение на таквото известување, јавноста доби увид во сложеноста на проблемот и потенцијалните последици од предложените решенија.

Но, одговорноста не е само на медиумите. Постоењето активна и информирана јавност е од суштинско значење за зачувување на демократските стандарди. Дискусиите за уставните прашања не смеат да останат резервирани само за правници и политичари.

Граница која не треба да се премине

Случајот со врзани назначувања во Хрватска јасно покажува колку е тенка линијата помеѓу политичкиот компромис и еродирањето на независноста на правосудството. Кога на судството ќе почне да се гледа како предмет на политичка размена или како дел од преговарачки пакет, довербата на граѓаните во демократскиот поредок е сериозно загрозена.

Без оглед на тоа каков ќе биде исходот на оваа конкретна ситуација, дебатата што се отвори има долгорочна вредност бидејќи не станува збор за тоа кој ќе профитира на краток рок во политичка смисла, туку за тоа каков преседан се поставува за во иднина. Нормализацијата на политичката трговија околу судовите значи прифаќање на логиката според која независноста на судството е условена и променлива. Независноста на судството во демократското општество не смее да се релативизира со политички пресметки, туку е несомнена основа на секоја вистинска демократија.

Овој случај не е само хрватска приказна. Тој е предупредување дека демократијата не еродира со ненадејни потези, туку со постепено поместување на границите на она што се смета за дозволено. Границата на која судството се претвора во политичка валута е онаа што ниедно демократско општество не треба да си дозволи да ја премине.

Тина Хруби

Тина Хруби ги завршила своите магистерски студии по комуникациски студии на Факултетот за хрватски студии во Загреб, специјализирана за односи со јавност. Дипломирала на универзитетот „Вилнус“ во Литванија и Националниот универзитет „Сун Јат-сен“ во Тајван преку програмата за размена на студенти. Од 2013 година, таа е активен член на Друштвото за комуникација и култура на медиуми, а како дел од проектот „Умот над медиумите“, го создаде првиот пропаганден наставен план наменет за едукација на мигрантите и барателите на азил. Во моментот е вработена во Друштвото за комуникација и култура на медиуми како координатор на проектните активности и е заменик директор на канцеларијата.