Колку е безбеден „Безбеден град“?

Емрах Џeмаили

Политика

27.01.26

Прегледи

Спроведувањето на технологијата за надзор се одвива во контекст каде довербата во институциите е кревка, транспарентноста е ограничена, а капацитетите за демократска контрола се слаби.

Концептот „Безбеден град“ се промовира како неопходен чекор кон зајакнување на јавната безбедност, користејќи напредни технологии за надзор и анализа на податоци. Сепак, под овој смирувачки наратив се крие подлабока трансформација во односот меѓу граѓанинот и државата.

Кога безбедноста се користи како универзално оправдување, ние, иако заштитени, истовремено стануваме предмет на набљудување, евидентирање и условување.

Во овој контекст, идејата за паноптикон, како што ја објаснува Мишел Фуко, помага да се разбере што навистина се менува во односот меѓу државата и граѓанинот. Наместо државата да користи сила и казни, контролата се создава преку постојан надзор и чувството дека секогаш може да бидеш следен. Луѓето почнуваат сами да го менуваат своето однесување, не затоа што некој директно ги тера, туку затоа што живеат во средина каде што знаат дека се набљудувани. Така, граѓанинот постепено станува дел од систем во кој неговиот живот се следи, бележи и управува преку податоци и институции.

Џереми Бентам го осмисли „Паноптиконот“ како архитектонски модел наменет за широка палета општествени институции, затвори, училишта, фабрики, болници, армии и други, со цел воспоставување и одржување општествена дисциплина. Овој модел се сметал за особено ефикасен инструмент за казнување на затворениците, контролирање на ментално болните, „поправање“ на неморалните, што е можно побрзо лекување на болните, како и за воспитување и едукација на помладите генерации.

„Паноптиконот е составен од низа ќелии распоредени околу централен отворен простор, во чиј центар се наоѓа стражарска кула. Од таа позиција, стражарот може постојано да ги набљудува ќелиите, додека лицата во нив немаат можност да го видат. Ниту затворениците, ниту помошниот персонал и пониско рангираните службеници кои ја извршуваат надзорната функција не можат со сигурност да знаат дали во даден момент се набљудувани. Токму затоа, самото постоење на стражарската кула — или дури и впечатокот дека некој се наоѓа во неа — е доволно за да се воспостави постојан и сеопфатен ефект на надзор“. (Фуко, 2010)

Ако „Безбеден град“ се чита низ рамката на Фуко, тогаш надзорот не се појавува едноставно како техничка алатка за спречување на криминалот, туку како механизам на дисциплина, кој функционира преку производство на постојана видливост. Како и во паноптиконот, моќта на системот лежи не само во вистинското набљудување, туку и во трајната можност за набљудување, што ги поттикнува поединците да го саморегулираат своето однесување. Во оваа смисла, централното прашање не е само дали „Безбедниот град“ ја зголемува безбедноста, туку и какви односи на моќ произведува и нормализира.

Во контекст на Северна Македонија, конкретните ризици од овој систем се поврзани и со правото на приватност и заштитата на личните податоци.

Уставот гарантира безбедност и доверливост на личните податоци и го штити личниот интегритет на граѓаните од произволна обработка на информации поврзани со нив (член 18), како и почитување на приватниот и семејниот живот и личното достоинство (член 25). Овие уставни гаранции создаваат формална рамка за заштита, но во пракса, проширувањето на системите за видео-набљудување ја става оваа заштита под постојан притисок.

Од овој аспект, проблемот не е само собирањето на податоците, туку и начинот на кој тие се класифицираат, споредуваат и користат за изградба на профили на однесување. Камерите создаваат знаење за движењата, рутините и наклонетостите на граѓаните. Ова знаење, централизирано и контролирано од државните органи, создава длабока асиметрија на моќ меѓу оние што набљудуваат и оние што се набљудувани.

Од правен аспект, приватноста во Северна Македонија е гарантирана не само преку националното законодавство, туку и преку меѓународни инструменти, како што се Европската конвенција за човекови права, Конвенцијата 108 на Советот на Европа и рамката на Европската Унија, вклучувајќи ја и Регулативата за заштита на личните податоци (GDPR). Сепак, овие инструменти признаваат дека приватноста не е апсолутно право и може да се ограничува само ако истовремено се исполнуваат три услови: ограничувањето да е предвидено со закон, да следи легитимна цел и да биде неопходно во демократско општество.

Колку е безбеден „Безбеден град“?Извор: envato.com

Токму овде се отвораат критичните прашања околу „Безбеден град“. Во реалните услови на функционирање, остануваат нејасни точните граници на користење на податоците, механизмите на институционален надзор и формите на одговорност. Кој има пристап до собраните податоци? Колку долго тие се чуваат? Како се спречува злоупотреба или селективна употреба на системот? Овие нејасности го трансформираат надзорот од мерка за безбедност во потенцијален инструмент за нормализирање на општествена контрола, како што тоа го опишува Фуко.

Една особено проблематична димензија е и прашањето за селективната примена на системот. Дискусиите околу концентрирањето на камерите во одредени зони, вклучувајќи територии со специфичен етнички состав, покренуваат сериозни загрижености во однос на уставниот принцип на недискриминација.

Во современите општества, моќта веќе не делува главно преку директно забранување, туку преку создавање на средина каде набљудувањето се нормализира и прифаќа како природно. Во овој контекст, „Безбеден град“ не е само технолошки проект, туку нов облик на рационалност во управувањето, каде безбедноста се претвора во аргумент за проширување на надзорот, а границите на приватноста постојано се преиспитуваат, често без доволен јавен дискурс. Токму тука се појавуваат суштинските разлики помеѓу начинот на кој овој модел се применува во Европската Унија и во Северна Македонија.

Во последните децении, европските градови влегоа во нова ера на управување со урбана безбедност, каде дигиталната технологија се претвори во главно средство за јавен ред. Концептот наречен „Безбеден град“ не е единствен ваков проект во Европската Унија, туку широк политички и технолошки модел кој ги спојува дигиталниот надзор, интелигентното управување со сообраќајот, реагирањето при итни ситуации и администрирањето на урбаните податоци.

Почетоците на овој модел во Европа се поврзани со периодот по 2001 година, кога терористичките закани ги поттикнаа државите да ја засилат урбаната контрола и безбедносната инфраструктура. Подоцна, околу 2010 година, концептот се интегрира со филозофијата на „Паметен град“ (Smart City), со што фокусот се префрли од чисто физичка безбедност кон интелигентно управување со градот преку алгоритми, сензори и анализа на податоците. Со стапувањето на сила на Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR) во 2018 година, Европската Унија воспостави цврста правна рамка која има за цел да ја ограничи прекумерната контрола и да ја заштити приватноста на граѓаните.

Во теорија, Македонија има намера да го усвои европскиот модел на „Безбеден град“, но во пракса постојат суштински разлики. Во Европската Унија, системот за урбана безбедност е дел од консолидирана институционална архитектура, каде користењето на технологијата е придружено со силни правни и институционални механизми за контрола. Дигиталниот надзор се оправдува како средство за заштита на јавниот ред, но е подложен на јавни дебати и јасни законски ограничувања.

Во земјава, концептот на „Безбеден град“ се појавува повеќе како технички и политички проект отколку како модел изграден врз основа на широка јавна дебата и стабилна институционална рамка.

Спроведувањето на технологијата за надзор се одвива во контекст каде довербата во институциите е кревка, транспарентноста е ограничена, а капацитетите за демократска контрола се слаби. Како резултат, системот за урбана безбедност ризикува да се перцепира не како средство за заштита на граѓаните, туку како механизам за проширување на државната контрола над јавниот и приватниот простор.

Емрах Џeмаили

Емрах Џамаили е публицист и автор кој се занимава со прашања од областа на политичката теорија, демократијата и функционирањето на институциите. Неговите текстови и анализи се фокусираат на односот меѓу моќта, јавниот дискурс и општествените процеси во современото општество.