Македонија во сивата зона на странско мешање и манипулации, регулатива нема

Соња Крамарска

Политика

04.05.26

Прегледи

Етничките тензии, долгиот пат кон ЕУ, како и социјалните, политичките и културните поделби ја прават Македонија податлива за странско мешање и манипулација.

Благодарејќи на еден настан, предизборието во Унгарија одекна многу посилно отколку што е вообичаено кога во една земја се одржуваат избори. Тој настан беше – пронајдениот експлозив во гасоводот во Србија. Поконкретно, станува збор за случајот со откриениот експлозив со разорна моќ во близина на гасната инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија. Начинот на кој се развиваше оваа интригантна приказна, може да послужи како школски пример за странско мешање и манипулирање со информации (СММИ) – нова појава во денешницата која дојде до израз при геополитичките поместувања што го тресат светот.

Драмолетката пренесена и од македонските медиуми, и од странски медиуми, се одвиваше отприлика вака:

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека српските власти откриле „саботажна операција“ во Војводина, и тоа го поврза со Украина, која според него, „со години работела на исклучување на Европа од руската енергија“ и рече претставува „директна закана за Унгарија“. Белградската контраразузнавачка агенција за воена безбедност (ВБА), кратко потоа изјави дека „не е вистина дека Украинците се обиделе да го организираат“ заговорот. Главниот противник на Орбан и новиот премиер на Унгарија Петер Маѓар, се надоврза дека Орбан, спроведува операција со лажно знаме со помош на српски и руски актери, поради падот на поддршката на неговата партија Фидес. Портпаролот, пак, на украинското Министерство за надворешни работи негираше каква било одговорност и ги критикуваше обидите за „лажно поврзување на Украина“, додавајќи дека наводниот заговор е најверојатно е руска операција пред изборите во Унгарија.

Триаголникот Русија-Украина-Унгарија со оваа blame-game игра внесе конфузија во целиот регион. Но не и кај експертите кои се обучени да препознаат таканаречени СММИ или “FIMI” операции. За нив работата уште од почеток беше јасна. Затоа „режисерите“ на оваа драма видоа голем потенцијал па ја продолжија и во втор чин.

Вториот чин се одигра по изборите во Унгарија, а ја започна новата политичка ѕвезда Петар Маѓар по изборната победа, најавувајќи дека неговата влада детално ќе истражи дали целиот случај бил искористен за политичко влијание пред гласањето во Унгарија.

Маѓар отиде и чекор подалеку, алудирајќи на руско влијание во регионот, изјавувајќи дека точно знае каква е поврзаноста меѓу Орбан, словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ, како и дека „отприлика знае кој е кумот“ зад тие односи. Во европските дипломатски кругови, ова веднаш беше протолкувано како директна алузија на Владимир Путин.

Реакцијата од Белград беше брза и остра. Српскиот претседател Александар Вучиќ јавно го повика Маѓар да ги презентира доказите. „Ајде, кажи кој стои зад тоа“, му возврати Вучиќ, оценувајќи дека новиот унгарски лидер само нагаѓа и нема поим што зборува. Српскиот претседател најави дека истрагата ќе биде завршена транспарентно и дека наодите ќе докажат оти Маѓар се базира на гласини, а не на факти.

Поделбите погодни за експлоатација

Македонија е на голема географска оддалеченост од Војводина каде беше пронајден експлозивот крај балканскиот „Турски тек“, но во политичка смисла одгледа практичен приказ на вкрстена СММИ операција која требаше да ја (до)убеди Србија дека Украина е непријателот а Русија пријателот, да помогне Орбан да го задржи престолот преку наративот дека води правилна политика со блокирањето на европската помош за Украина, и да го нагласи рускиот чадор над Србија и пошироко во регионот.

Ќе видиме како ќе заврши оваа драма но во меѓувреме не е лошо нашата држава да извлече поука дека војувањето не е само со оружје туку и преку (дез)информации со цел да се манипулира јавното мислење.

Не е тајна дека во земјава се податливи за експлоатација етничките тензии и скептицизмот кон европската интеграција. СММИ кампањите како свое оружје ги користат социјалните, политичките и културните поделби во Северна Македонија, а целта е делегитимирање на јавните институции и натамошно поларизирање на општеството. Како што наведува и анализата на Метаморфозис за СММИ операциите во земјава, нашата држава може да се смета за пример како слабостите во демократијата, медиумскиот и социјалниот систем може да бидат искористени за странско но и домашно мешање и манипулација со информации. Големата покриеност со брз интернет која е во расчекор со дигиталната писменост на населението, исто така создава почва за манипулации.

И домашниот тренд на манипулирање со информации е многу важен, затоа што како што нагласија неколкумина експерти на неодамнешната меѓународна конференција на Институтот за комуникациски студии, без ДММИ (домашно манипулирање со информации) нема ни СММИ (странско манипулирање со информации). Или странското мешање само се надоврзува на домашното мешање и манипулирање.

Меѓутоа, како и за сѐ друго и во оваа област државата бележи бавен институционален напредок. Случајно читајќи едно истражување дојдов до фрапантно сознание дека најмалку пет комисии во Собранието имаат мандат да покриваат прашања поврзани со СММИ но само Комисијата за одбрана и безбедност нешто малку гребе по површината на ледениот брег од хаосот во оваа област. Тоа покажува дека нема координиран национален одговор ниту политичка волја во државата работите да се придвижат во насока на будење на институциите, кои што патем, се први на удар на такви штетни влијанија.

Македонија далеку од регулатива

Зошто е важен институционалниот одговор во оваа област?

Како прво, затоа што способноста на државата да гради отпорност против манипулирање со информации не само што ќе ја обликува нејзината демократска иднина туку ќе служи и како пример во регионот за препознавање на современите методи на странско штетно мешање и капацитетот да се справува со истото. Второ, за да ги заштити своите изборни процеси во услови кога не се спроведени ни клучните препораки на ОБСЕ за превенирање на злоупотреба на државни ресурси при избори, притисок врз гласачите, финансиската транспарентност на кампањата итн. Овие слабости ја намалуваат довербата во власта и оставаат простор за домашни и странски актери да го експлоатираат разочарувањето на јавноста. Трето, меѓуетничките односи и македонско-албанските коалиции во владата кои институционализираат клиентелизам. И четврто, предолгиот пат кон членство во ЕУ кој ја еродира довербата на граѓаните во Унијата но и кон домашните водства и нивната (не)искреност да ја постават земјата на европскиот колосек.

Предавањата на странски експерти кои деновиве имавме можност да ги слушаме на споменатата конференција, потврдуваат дека нашата држава во оваа област се наоѓа во таканаречена ад-хок ера, која значи дека одговорот на дезинформациите е реактивен наместо активен, изнуден од настаната криза и парцијален, затоа што недостасува унифициран концепт и координација.

Кој кому му стои на патот?

Примерот со наративот што дојде од Бугарија минатиот јули зборува токму за неподготвеноста на Македонија да се справува со софистицираните манипулации завиткани во дипломатски реакции. Откако шефот на македонската Влада, Христијан Мицкоски од страна на бугарски видни личности беше опишан како „северно-македонски“ премиер, официјално Скопје се обиде да укаже на пропустот, бидејќи според Преспанскиот договор не се користи придавка „северно-македонски“ туку треба премиер на Северна Македонија.

Тоа во Софија беше дочекано на нож. Обвинувањата беа дека овдешните власти намерно покажуваат недостаток на почит кон Бугарија, иако всушност беше обратно. Бугарскиот амбасадор во Скопје тврдеше и дека овде се даваат остри, манипулативни и честопати навредливи изјави од високи претставници на власта, насочени кон Бугарија и кон ЕУ. Особено е неприфатливо, порача бугарската страна, да наречеш „непријателска држава“ земја која систематски дава реална и несебична помош.

Така Македонија во овој случај беше портретирана пред домашната но и пред меѓународната јавност како држава која е непријателски настроена кон Бугарија, иако во реалноста Бугарија е таа која ја блокира Македонија на европскиот пат и која постави услови до раководството во Скопје да ги исполни нивните барања за да продолжи со преговори за членство во ЕУ. Без разлика што тие барања се спакувани како европски и се дел од преговарачката рамка, општо е познато каква улога одигра Софија во овој процес. Оттука, се чини, произлегува и потребата на Бугарија во континуитет да ја сензибилизира македонската и европската јавност обидувајќи се да ја преврти приказната како Македонија да и стои на патот на Бугарија, а не обратно.

И стремежот за членство во ЕУ во последниот период ја изложува земјава на малигни влијанија и манипулации со дезинформации кои се вртат и околу тоа дали ЕУ ќе опстане како организација, со акцент на тоа дека е пред распад и дека Македонија треба да се откаже од намерата да влезе во блокот. Исто така и дека нема да има ново проширување а земјите аспиранти треба да го сменат курсот и да бараат нови партнери, по можност Кина и Русија.

Македонија како да затвора очи пред таквите појави, верувајќи во своите граѓани дека нема да подлегнат на злонамерните манипулации. Прашање е, дури, и дали државата има капацитет да препознае такви операции. Стравот да не биде обвинета за загрозување на слободата на говор или слободата на медиумите, понекогаш е главна кочница да се гради таков капацитет. Особено во држави кои спаѓаат во категоријата на млади демократии каде што сме и ние. Но многу други понапредни земји веќе со загриженост дебатираат на овие теми и градат процедури за одговор на такви операции. За почеток кај нас е пожелно да се утврдат механизми за мониторирање и процена на ризици.

Соња Крамарска

Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.