Ништо не го обврзуваше Макрон да ја распушти Асамблејата. Претседателските избори ќе се одржат дури на пролет 2027 година и Макрон можеше да продолжи со неговата Влада на чие чело беше Габриел Атал. Сега, работите тргнаа по друг, непосакуван, тек. На гласачите не им е јасно од каде Барние го влече легитимитетот, а партијата на Марин Ле Пен го држи клучот за опстанок на Владата.
По два месецa потрага по нова влада, по европските избори што се одржаа на 9 јуни, и двата круга парламентарни избори - на 30 јуни и 7 јули, францускиот претседател Емануел Макрон, на 5 септември конечно, именуваше нов премиер. Два месеца без влада за Франција беше предолг период. Французите почнаа да губат трпение и Макрон загуби поени од и онака тесната поддршка што ја имаше. Од високите 60 отсто, што ги имаше на почетокот на својот мандат во 2017 година, таа поддршка падна на одвај 25 проценти.
Името на новиот премиер им е познато на сите што следат европска политика. Мишел Барние, 73 години, преговарачот на ЕУ за „Брегзит“ - излезот на Велика Британија од ЕУ. Во неговата биографија стои дека повеќе пати бил министер во француските влади, за надворешни работи или земојделство, и два пати комесар во Европската комисија. На 17 октомври 2019 година, со приближувањето на Брегзит, Мишел Барние е назначен за претставник на ЕУ одговорен за идниот однос со Обединетото Кралство. Во 2021 година, Барние се кандидира за претседател на Франција, но на изборите освојува одвај 10 отсто гласови и ја губи оваа трка.
На овој политичар не може да му се најде голема маана или скандал што би биле препрека за него да седне во Матињон, седиштето на француските премиери. Освен фактот што неговата Републиканска партија на изборите освои 41 седиштe од вкупно 577 во Асамблејата.
И тоа не е cé.
Прашање за милион евра
Кога Макрон го распушти Собранието и повика на предвремени парламентарни избори, тој се надеваше дека Французите ќе му ја дадат повторно нивната доверба. Наместо тоа, движењето на Макрон заврши на трето место. Французите ја отфрлија неговата политика и гласовите ги поделија помеѓу левата коалиција (составена од социјалистите, еколозите, комунистите и движењето на „Непокорените“ основано од Жан-Лук Меланшон) и екстремно десниот Национален собир.
Најголем број гласови доби левата коалиција а на второ место се пласираше Националниот собир на Марин Ле Пен. Фактички ниту една партија не освои апсолутно мнозинство (289 пратеници) за да добие автоматски премиер. А тоа во Франција, земја на која политиката на коалиции не и е многу блиска, доведе практично до институционална криза. Дали Барние ќе успее да ја избегне е прашање за милион евра.
Две опасности стојат пред Барние - левицата и екстремната десница. Коалицијата на левицата освои 193 мандати а по нив е Националниот собир со 126, но со поддршка од 17 пратеници од десничарското движење „На десно!“
На прв поглед, Барние e добар избор за премиер, човек што знае да преговара, со многу политичко искуство и кој тврди дека има чувство за растечките социјални проблеми на Французите.
Но, тој има и десно радикални позиции како „мораториум“ за прием на имиграцијата, укинување на медицинска помош за имигрантите, и „уставен штит“ кој би го спречил спроведувањето на одлуките на Европскиот суд на правдата. Во минатото гласал против декриминализација на хомосексуалноста. Мерки за кои сонува екстремната десница. Левицата, од друга страна, е остар противник на ваков начин на владеење.
Извор: freepik.com
Програмата на левата коалиција
Првиот и јасен избор на премиер(ка) беше предлогот на левата коалиција за Луси Касте, висока функционерка во администрацијата на градот Париз. Но, целта на Макрон беше да ја избегне левицата по секоја цена и, доколку е можно, да ја подели коалицијата на левите сили. Програмата на левицата беше премногу социјална за Макрон, со предлозите за зголемена минимална плата, повлекување на пензиската реформа, вложување во социјалната политика или за хуман пристап за имиграцијата.
Логичен чекор ќе беше именување на Касте за премиерка и потоа, ако пропаднат нејзините обиди да направи влада, поради левата програма, следниот чекор ќе беше именување на десен или центристички премиер. Но, за никого повеќе не е тајна дека Макрон не ја сака левата политика.
Емануел Макрон се надеваше дека со дисквалификување на кандидатот на левиот фронт, ќе ја растури оваа нестабилна коалиција и дека социјалистите нема да ѝ се спротивстават на „Владата на единството“, предводена од премиер од типот на Барние. Но, јадрото на левата коалиција остана отпорно, барем засега, на секоја формула што има за цел да ја заобиколи или подели.
Ле Пен во Елисејската палата во 2027 година?
Претседателот Макрон два месеца правеше комбинации како да ја избегне стапицата што ја постави со распуштање на Асамблејата и во која тој самиот падна. Именувајќи го Барние за премиер, Макрон се надева дека неговата Влада ќе издржи барем една година без другите партии да поднесат интерпелација, постапка која во Франција го носи името „цензура“.
Во обид да ја избегне „цензурата“ од Националниот собир, според медиумите, Макрон повеќе пати разговарал со Ле Пен, која три пати ги одбила неговите предлози, но четвриот предлог за Барние - го добил зеленото светло на екстремната десница. Накусо, Барние и Макрон и нивните политики треба да бидат компатибилни со политиките на Ле Пен, ако сакаат Владата да преживее. Да потсетиме дека Макрон двапати беше избран со ветување дека нема да му дозволи на Националниот собир да дојде на власт. Граѓаните во Франција секогаш се мобилизираат за да ги спречат радикалите да владеат.
Во својот коментар, ден по именувањето на Барние, „Ле Монд“ пишува дека првиот ефект е дополнително да му се наштети на републиканскиот фронт кој беше воспоставен, меѓу многу гласачи, за да ја заштити земјата од големата опасност на која ја изложи неконзистентната одлука на Емануел Макрон за распуштање на Асамблејата. A тоа може да и овозможи на екстремно десничарската партија, со нејзината расистичка и ксенофобична идеологија, до дојдe на власт во Франција во блиска иднина и можеби на претседателските избори во 2027 година.
Француски систем на триаголен избор
Коалицијата на левите сили победи на изборите, а второто место му припадна на екстремно десниот Национален собир. Движењето на Макрон „Заедно“ е на трето место но делумно благодарение на левицата. По првиот круг на парламентарните избори на 30 јуни, Националниот собир освои 33,21 отсто гласови и се надеваше дека ќе успее, по вториот круг, да именува премиер. Кандидат за премиер беше младиот претседател на Националниот собир Џордан Бардела. Но, левата коалиција излезе со предлог кој ја уништи амбицијата на Националниот собир.
Левицата побара од сите кандидати што беа на трето место да се повлечат во вториот круг. 221 кандидат на левицата, кои се квалификуваа за вториот круг, објавија дека се повлекуваат од трката, со цел да се намали бројот на избрани екстремно десни пратеници. Овој обид да ја блокира екстремната десница одлично функционираше. Излезноста во вториот круг беше над 66 отсто што за Франција е историски рекорд. Благодарение на овој инструмент, Националниот собир загуби многу пратеници, а движењето на Макрон освои плус 37 места од вкупно 99.
Овој изборен систем во Франција го носи името „triangulaire“, односно, кога по првиот круг остануваат тројца кандидати од кои само еден може да победи во вториот круг.
Накусо, ништо не го обврзуваше Макрон да ја распушти Асамблејата. Претседателските избори ќе се одржат на пролет 2027 година и Макрон можеше да продолжи со неговата влада на чие чело беше Габриел Атал. Факт е дека оваа Влада немаше апсолутно мнозинство и често мораше да го користи членот 49.3 од Уставот за да ги наметне своите политики и закони. Опозицијата се бунеше, но тоа немаше преголем ефект.
Сега, работите тргнаа по друг, непосакуван тек. На гласачите, во правна држава, не им е јасно од каде Барние го влече легитимитетот. Тој и Макрон загубија на изборите а Барние е отфрлен од коалицијата на четирите партии кои победија на изборите.
Заклучокот е едноставен: Барние ќе може да владее само ако Националниот собир не ја турне неговата Влада. Партијата на Марин Ле Пен го држи клучот за опстанок на Владата.