fbpx

Национализмот како неизлечива балканска болест

Мурат Алиу

Политика

20.09.24

Прегледи

Македонците и Албанците мора еднаш засекогаш да го прифатат и почитуваат постоењето на другиот, како етнички, културен и историски и политички колективитет.

Како и за повеќето поими во општествените науки, дефиницијата на национализмот е сложена. Теоретичарите на различни начини го дефинираат национализмот и му придаваат различни значења. Една од главните дилеми во многуте дискусии меѓу научниците е: дали национализмот донесе позитивни или негативни промени во светот?

Се разбира, одговорот на овие прашања е комплициран. Една многу едноставна премиса вели дека на некои прашања, одговори се даваат со текот на времето, бидејќи исти појави низ историјата, биле замислени и разбрани на различни начини. Од почетокот на 18 век, национализмот е доминантна идеологија во речиси сите земји во светот, и се смета за нешто позитивно, бидејќи се смета дека нацијата е природна заедница и дека ги ослободува луѓето од туѓо заробеништво.

Сепак, од пообјективна гледна точка, дури и со сите позитивни работи што национализмот му ги донесе на светот, тешко е да се каже дека создаде помирен и посреќен свет. Затоа што во последните два-три века, во Европа и во светот, огромното мнозинство војни, воени злосторства и геноциди беа извршени во име на национализмот.

Балканот е еден од оние простори кои и во минатото и денес, за жал, ја доживуваа најстрашната болка од војните, масакрите и геноцидите токму мотивирани од национализмот и неговите екстремни форми.

Од друга страна, мора да се каже дека балканските народи не биле само жртви на некоја странска националистичка идеологија. Балканот многу брзо се претвори во неисцрпен извор на национализам. Дури и денес, балканските држави не успеваат да го најдат својот мир од проблемите создадени од националистички побуди.

Овој примитивен начин на разбирање на национализмот е тесно поврзан со типот на национализам или моделот на нација на Балканот. Теоретичарот Ентони Смит тврди дека национализмот може да се подели на граѓански и етнички национализам. За разлика од граѓанскиот модел на нацијата, каде што солидарност меѓу нејзините членови се постигнува со нагласување на нивната територијалност и поврзаност со државата, во однос на правата и обврските на граѓаните кон државата, етничкиот модел на нацијата главно се заснова на културни елементи како што се како јазикот, митовите, историјата, колективната меморија итн.

Врз основа на оваа поделба, според Смит, главната карактеристика на етничкиот национализам е неговата иредентистичка и антагонистичка природа. Со оглед на тоа што овој тип на национализам ја бара својата легитимност во историските и културните права на народите, тој често предизвикува проблеми меѓу два или повеќе народи кои претендираат на истото историско право или културно наследство.

Македонија - земја заложник на национализмот

Од втората половина на 19 век, особено по Берлинскиот конгрес во 1878 година, Македонија ќе се трансформира во арена каде се судираат иредентистичките и националистичките интереси и политики на балканските држави, Бугарија, Грција и Србија. Сите три држави, потенцирајќи го нивното историско право, ќе бараат сопственост над територијата на Македонија.

Ваквиот нивен пристап кон територијата и народот кој живее во Македонија, ќе донесе масакри и масовни убиства, а поради овој колонијалистички пристап ќе страда невиниот народ на Македонија, без разлика на етничката и верската припадност. Сигурно најдраматичната последица од овој иредентистички пристап и националистичкиот менталитет на горенаведените држави, ќе биде негирањето на македонската нација и идентитет.

Извор: argumentum.al

Во 1944 година, Македонија беше прогласена за автономна држава во рамките на југословенската федерација. Но, ова не значеше дека конфликтите со националистичка опачина завршија. И по 1994 година, соседните држави продолжија да го негираат постоењето на македонската нација и државност.

Во меѓувреме, на внатрешен план на виделина изби албанскиот проблем. И покрај тоа што во комунистичкиот период, под влијание на принципот братство-единство, површно се чинеше дека споровите од етнички побуди завршија, Албанците никогаш не беа признати како рамноправна етничка категорија со другите народи во  југословенската федерација.

Исклучувачкиот и дискриминаторскиот пристап кон Албанците во Југославија и во Македонија, секако, го имаше својот извор во национализмот на доминантните народи.

Судирите меѓу македонскиот и албанскиот национализам ќе се појават по распадот на Југославија и прогласувањето на македонската независност. По 1991 година, Албанците беа незадоволни од нивниот правен-политичи статус, особено од уставот од 1991 година, кој според нив бил дискриминаторски и исклучувачки. Како резултат на тоа, тие поставија барања за повеќе политички, културни и економски права, што предизвикува отпор кај македонските политички елити.

Како резултат на силниот антагонизам меѓу македонскиот и албанскиот национализам кој продолжи во текот на 90-тите, и како резултат на вооружениот конфликт во 2001 година, конечно беше потпишан Охридскиот рамковен договор. Охридскиот договор имаше две суштински цели: остварување на политичките, економските и културните права на Албанците и со тоа обезбедување на лојалноста на Албанците кон македонската држава и второ, зачувување на унитарниот карактер на државата и постигнување на помирување меѓу македонскиот и албанскиот народ.

Каде сме денес

Гледано од една општа перспектива, Охридскиот договор, всушност, донесе мир во земјата, во однос на стабилизирање на меѓуетничките односи. Договорот даде суштински придонес за остварување на правата на Албанците во Македонија. Но, од друга страна, за жал, никогаш не ја постигна својата втора цел: помирување на двете заедници, односно, на Македонците и на Албанците и создавање на интегрирано општество, каде што етничките разлики би биле ирелевантни.

23 години по потпишувањето на овој договор, Македонија сè уште е поделена држава од секој аспект. Македонците и Албанците живеат во две сосема различни реалности. Градовите, населбите, училиштата, универзитетите, социјалните простори... се речиси одделени со (фактички и симболични) граници.

Национализмот и етничките теми и денес доминираат во политичкиот и социјалниот дискурс. Во имагинацијата на македонскиот национализам, Албанците сè уште се туѓ елемент кој го загрозува постоењето на македонската нација и држава, а кај Албанците државата сè уште се доживува како апарат на насилство што генерира дискриминација врз нив. Ова е веројатно (или голем дел од) причината поради која недостасува посилна лојалност на Албанците кон државата и нејзините симболи.

Причините за оваа горчлива вистина би можеле да бидат многу. Но, факт е дека поделбите меѓу двете етнички групи во земјава се поттикнати од националистичката реторика на политиката.

Дури и во 2024 година, ништо не е сменето

Победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 8 мај и нејзиното враќање на власт, повеќе или помалку ја оправдуваат загриженоста на многумина за можни тензии на меѓуетничките односи во земјата.

Иако е премногу рано за донесување конечни заклучоци, повеќе од јасно е дека националистичкиот јазик силно се враќа на политичката сцена во земјата. Кај гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и другите националистички кругови постои националистичко чувство на триумфализам што е олицетворено во изразот „вратете ја државата на нејзиниот вистински сопственик“.

Патерналистичкиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ во Владата кон коалицијата ВЛЕН, повторното отворање на некои прашања од етничка природа, како што се поставувањето на албанското знаме во канцелариите на албанските функционери, одбивањето да се применува двојазичноста во институциите кои се предводени од функционери на ВМРО-ДПМНЕ и другите коалициони партнери, неодамнешната иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за јазиците..., се само некои важни индиции кои предупредуваат дека етничките прашања ќе бидат во центарот на политичкиот дискурс и за време на мандатот на актуелната Влада.

Од друга страна, не недостига националистички јазик и од различни албански политички актери. Се шпекулира дека ДУИ подготвува документ во кој се предвидува некаква федерализација на Македонија, што разбирливо наидува на негодување од страна на граѓаните на државата. Овие иницијативи не се ништо освен популистички чин за евтини политички поени.

Она што сега и треба на Македонија е нов „договор“ меѓу Македонците и Албанците. Нов, непишан договор според кој овие две заедници ќе се договорат дека во име на економскиот развој, на социјалната благосостојба, на подигнувањето на нивото на образование, на здравството..., генерално кажано, во име на подобра иднина за сите, пред се, да ги остават настрана националистичкиот јазик и политичките барања со етничка содржина.

Македонците и Албанците мора еднаш засекогаш да го прифатат и почитуваат постоењето на другиот, како етнички, културен и историски и политички колективитет.

За да се оствари духот на Охридскиот договор, наместо да остане едно празно парче хартија што никој не го почитува.

Мурат Алиу

Мурат Алиу е роден во 1990 година во Прилеп. Универзитетските студии ги завршил на Државниот универзитет во Тетово на Правниот факултет. Постдипломските студии ги продолжил на Универзитетот во Истанбул на Катедрата за политички науки и меѓународни односи. Истата година ги започнува докторските студии на Универзитетот во Истанбул на Катедрата за политички студии и меѓународни односи. Моментално работи на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје како доцент на Катедрата за политички студии и меѓународни односи. Научните области во кои истражува се: Национализам, идентитет, политички идеологии, современи политички теории, постмодерни теории.