fbpx

Нови партии на Албанците во земјата, гласачите на печалба!

Сефер Тахири

Политика

20.11.23

Прегледи

На следните парламентарни и претседателски избори, во албанскиот политички блок ќе има директен политички двобој меѓу опозицијата и власта! Европскиот сојуз за промени има двојна поддршка. На една страна од ВМРО-ДПМНЕ со нејзините изјави дека „коалиција со ДУИ не е возможна“ а од друга страна, од косовскиот премиер Албин Курти. Опозициската албанска коалиција покажува дека има потенцијал да се соочи со ДУИ, која сè уште не е решена дали ќе биде во предизборна коалиција со СДСМ, а Алијанса на Албанците ги повикува да бегаат што подалеку од партијата на Мицкоски.

Демократскиот сојуз, Алтернатива и Беса се здружија во политичка коалиција под името Европски сојуз за промени. Заедничко на сите овие партии е дека нејзините водства, во минатиот период, на директен или индиректен начин биле блиски со Демократската унија за интеграција, а Изет Меџити бил речиси 15 години втор човек на ДУИ.

Во албанското политичко милје идентификувањето со Европа, европската интеграција и вредности и со западната демократија, не само што не е новост, туку се работи за зачестени фрази во политичкиот дискурс.

Сојузот е европски и поради една прагматична политичка причина, односно тој е пандан на најавениот европски фронт, кој би бил составен од партиите на власта, без разлика дали ќе настапуваат со заедничка предизборна коалиција. Политичкиот вокабулар на партиите на власт е преполн со се што е поврзано со Европа, иако практиката покажала дека премалку европски стандарди се спроведени. Доказ за ова се (не)владеењето на правото и (не)борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Политички двобој меѓу европскиот опозициски сојуз и фронтот на власта

Во последниот извештај на Европската комисија нотирано е дека во Собранието преку брза постапка се направени измените во Кривичниот законик, со што е овозможено голем број на поранешни функционери кои што ја злоупотребиле својата положба и направиле криминал, да се спасат од кривично гонење, односно да застарат нивните дела.

Исто така и нерасчистените случаи во кои загинаа голем број на граѓани како што се случаите: Беса транс, Дурмо турс во Ласкарци, модуларната болница во Тетово и секако, случајот во Онкологија!

Токму борбата против корупцијата и криминалот е врвен приоритет на албанската опозициска коалиција.

Освен овие определби, коалицијата ќе го поддржува и патот на нашата земја кон евроинтеграциите.

Во процесот на консолидирање во албанскиот блок, на коалицијата голема поддршка и даде посетата на косовскиот премиер, Албин Курти, кој кај Албанците во Северна Македонија ужива голем рејтинг, особено по случувањата во северно Косово, каде власта во Приштина се обидува да ја прошири контролата.

„Ветер во грб“ за опозицијата од Мицкоски и Курти

Освен од косовскиот левичар Курти, коалицијата на Меџити, Касами и Гаши „ветер во грб“ добива и од десничарската ВМРО-ДПМНЕ, која е децидна дека коалиција со Демократската унија за интеграција - нема да има.

Лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски, изјави дека „Обединетата опозиција кај албанските политички партии има голем капацитет да ја победи ДУИ. После 20 години, ДУИ треба да помине 4 години во опозиција“.

Фотографија на која се гледаат Биљал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши како даваат изјава за медиумите на прес-конференција пред Владата на РСМ, на која ја најавуваат коалицијата „Европски сојуз за промени“.

Извор: МКД.мк

Ова го отвора патот на постизборна коалиција со албанскиот блок во опозиција, што реално му обезбедува поволна позиција кај гласачите. Ако земеме предвид дека голем дел од гласачкото тело е клиентелистички настроено, насетувањето на новата евентуална владина коалиција, ќе им обезбеди неколку пратеници повеќе. ВМРО-ДПМНЕ иако бара 61 пратеник, свесна е дека без партиите на Албанците не може да состави влада, што автоматски им го отвора патот на „европските сојузници“ за влез во евентуалната влада на Мицкоски.

Клучот на успехот или неуспехот на оваа коалиција, сепак, се уставните промени односно, европскиот пат! Прашањето е, дали по изборите, ако победи, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги усвои измените или ќе го укине договорот со Бугарија? Рационално, би се случило првото, но сепак, ние сме на Балканот, што значи дека прашањето не е само од рационална, туку повеќе е од емотивна природа.

Дали Европскиот сојуз ќе го достигне резултатот на Алијанса и Алтернатива?

На прв поглед, според кадровскиот и политички капацитет, Европскиот сојуз делува повлијателно кај гласачите, отколку опозицискиот блок составен од Алијанса на Албанците, Движењето за национална преродба и партијата Унитети (Единство), а треба да вложи многу труд и енергија за го повтори или надмине резултатот на албанскиот опозициски блок на минатите избори, составен од Алијанса на Албанците и партијата Алтернатива, кои освоија 12 пратеници, а ДУИ освои 15.

Европскиот сојуз наспроти Европскиот фронт ќе бидат двата блока кои ќе се натпреваруваат за глас повеќе на следните избори, а секако дека двете коалиции ќе освоеја поголем број на гласови ако имаше гласање во земјите во кои живее албанското иселеништво. Додека тие меѓусебно се докажуваат кои се поголеми Европејци, секој ден, младите Албанци од Македонија ги полнат автобусите и авионите кон Европа, а и САД!

Од друга страна, Алијанса на Албанците не се приклучи кон владината европска платформа, со оправдување дека сака да го сочува својот политички (етнички) субјективитет и ќе настапува сама на изборите.

На оваа партија, Европскиот сојуз за промени и понудил приклучување, но таа истакнува дека поголеми се шансите да настапува сама на изборите! Нејзиното искуство од коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори е лошо, бидејќи не ги доби ветените позиции во градот Скопје: Данела Арсовска покажа непослушност кон Мицкоски и договорот не се спроведе.

Токму неспроведувањето на договорот меѓу Алијанса и ВМРО-ДПМНЕ, партијата на Арбен Таравари го користи како аргумент за да им порача на албанските партии во опозиција да „мерат два пати“, пред да стапат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.

Алијанса ги повикува партиите на Албанците да не соработуваат со ВМРО- ДПМНЕ

Генералниот секретар на Алијанса, Кренар Лога, кој е во роднински врски со поранешниот лидер на оваа партија, Зијадин Села, истакна дека албанските партии не треба да го губат разумот во политичкото дејствување, прегрнувајќи се со партии кои не им го сакаат доброто на Албанците, како и дека општините во кои Албанците имаат проблеми се раководени од ВМРО-ДПМНЕ. „Преку мекиот политички речник кој се обидува да го наметне Мицкоски, дека се залага за добро владеење, тој преку идната политичка сила бара вистинско соочување или да им се одмаздува на Албанците, зашто веќе истакна - како е можно Албанците да имаат голем број на јавни функции.“ потенцира Лога во интервјуто за ТВ 21.

Но, иако во дел од медиумите како што се Алфа ТВ или порталот Плусинфо, имаше написи дека ако не успеат претседателските избори, во 2024 година со државата ќе раководат Албанците од ДУИ, не постои децидна изјава од Мицкоски „дека Албанците во власта имаат многу позиции“.

По учеството во власта, Алијанса е во многу незавидна политичка состојба: коалиција со ДУИ и СДСМ ќе значи нејзино топење и губење на политичкиот идентитет. Излегување сама на избори ќе значи слаб резултат и дефакторизирање на политичката сцена, а коалиција со албанската опозиција речиси е невозможна поради фактот што крилото на Села и Лога е за продолжување на учеството во власта.

Европскиот сојуз за промени нема да ја моли Алијанса да биде дел од блокот и поради фактот што веќе во него се три партии. Тоа значи дека и ако бидат дел од власта, премалку ќе бидат функциите за големиот број на „сојузни партии“. Што значи дека Алијанса е „политички вишок“!

Според анализирањето на денешната ситуација кај албанскиот блок, на следните избори ќе имаме политичка борба меѓу ДУИ, која најверојатно ќе биде во коалиција со новите партии на поранешниот министер за земјоделство, Аријанит Хоџа и партијата на пратеникот Скендер Реџепи. Потоа, Алијанса на Албанците, која по се изгледа ќе настапува сама и трипартитниот Европски сојуз за промени.

Сефер Тахири

Сефер Тахири има докторирано на тема „Влијанието на политичките партии врз уредувачката политика на јавниот радиодифузен сервис-Македонска Радиотелевизија (1998-2006 година)“. Предава предмети од областа на медиумите и комуницирањето при Факултетот за јазици, култури и комуникации на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и на Институтот за комуникациски студии во Скопје. Тахири има 15-годишно новинарско искуство. Работел како новинар и уредник во весникот Факти, Програмата на албански јазик на МТВ, ТВ АЛСАТ-М и бил дописник на Радио Слободна Европа од Скопје - Програма на албански јазик. Има учествувано во различни истражувачки проекти во областа на медиумите и комуникациите.