fbpx

Против дезинформациите со помош на вештачка интелигенција

Вук Вучетиќ

Вештачката интелигенција може да придонесе за создавање на дезинформации, но во исто време може да понуди и потенцијални решенија во справувањето со нив.

Брзиот напредок на дигиталните технологии и вештачката интелигенција (ВИ) во изминатиот период целосно ги трансформираше разните аспекти на општеството, вклучувајќи ги и начините на кои се создаваат, шират и консумираат информациите. Покрај очигледните предности, вештачката интелигенција креира и значајни предизвици, особено во областа на дезинформациите.

Веќе се забележуваат примери за употреба на вештачката интелигенција со цел да се генерираат лажни содржини. Во изминатава година, некои од попопуларните лажни содржини кои беа создадени со помош на вештачка интелигенција (најчесто се тоа алатки за генерирање фотографии со помош на вештачка интелигенција – Dall-E и Midjourney) се фотографија од Париз кој е покриен со ѓубре, како и фотографија на која Илон Маск оди рака под рака со Мери Баром која е шеф на „General Electric“ кој е главен конкурент на Маск.

Незаборавни се и фотографиите на папата Франциск во Баленсијага или лажното апсење на Доналд Трамп. Освен тоа, на домашната сцена се појавуваат и лажни содржини кои се создадени со помош на паметни технологии. Вештачкото признавање на Илон Маск дека е по потекло од Република Српска или обраќањето на Додик во кое тој вели дека ја сака Босна и Херцеговина се само некои примери за тоа како современите технологии може да се користат првенствено за генерирање сатирични и забавни содржини.

Во секој случај, предизвиците што ги поставува вештачката интелигенција (ВИ) во областа на дезинформациите се повеќекратни и сложени. Еден од главните предизвици во генерирањето и ширењето дезинформации е во леснотијата со која може да се креира лажна содржина. Алгоритмите за вештачка интелигенција се способни да генерираат слики, видеа и аудио снимки со реален изглед, што го отежнува разликувањето помеѓу вистинската и измислената содржина. Ова замаглување на границите помеѓу вистинската и лажната содржина ги отежнува напорите за ефикасно идентификување и ублажување на ширењето на дезинформации.

Освен тоа, вештачката интелигенција овозможува автоматизација на процесот на создавање и ширење дезинформации, што доведува и до побрзо и помасовно ширење на лажни содржини на интернет. Алгоритмите можат да генерираат големи количини на дезинформации за краток временски период, што го отежнува ефективно реагирање и спротивставување на нивното ширење. Друг проблем е тоа што алгоритмите можат да ги анализираат податоците на корисниците и да ги персонализираат дезинформациите за да ги направат поубедливи и порелевантни за целните групи на корисници.

Ова може да доведе до поефикасни манипулации и поголемо влијание на дезинформациите врз поединците и општеството како целина, бидејќи тие се приспособени на индивидуалните интереси и ставови на корисниците.

Вештачката интелигенција во функција на создавање тензии во Босна и Херцеговина

Еден од настаните што го одбележаа претходниот период во Босна и Херцеговина беше плакатот објавен од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Мостар, кој ја најавува летната школа за политички науки со наслов „Методологија на политичките науки: нови прашања и трендови“. На плакатот е стилизиран еден од најпрепознатливите симболи на градот - Стариот мост.

Проблемот е во тоа што исламските верски објекти, кои реално се наоѓаат во близина на мостот, беа изоставени од плакатот, а нивното место го зазедоа некои други објекти, кои потсетуваат на христијански верски објекти, кои, патем, ги нема во тој дел на Мостар. Дел од јавноста како и самата Институција го осудија објавувањето на овој плакат, укажувајќи дека исламските верски објекти намерно биле изоставени со цел Стариот мост, како и градот Мостар во целина, да се претстават како дел од хрватското културно наследство.

Во таа смисла, во очите на критичарите, објавениот плакат претставува тенденциозна интерпретација на реалноста и намерно создавање тензии кои придонесуваат за продлабочување на постоечките разлики во овој град.

Од друга страна, организаторите велат дека за сè е виновна вештачката интелигенција бидејќи постерот е направен со нејзина помош. Во таа насока, организаторите сметаат дека обемот и интензитетот на негативните реакции по објавувањето на плакатот се прекумерни и претставуваат напад на слободата на говорот и мислењето. Со оглед на големиот број закани на кои беа изложени организаторите, како и говорот на омраза што беше генериран по објавувањето на плакатот, настанот беше откажан.

Овој случај може да послужи како доказ за тоа дека вештачката интелигенција всушност може да создаде повеќе проблеми отколку придобивки. Во случајот со контроверзниот постер, сликата генерирана од вештачка интелигенција не ги вклучи минарињата на џамиите и додаде предмети што личат на црковни кули, погрешно претставувајќи го мултикултурниот идентитет на градот. Во таа смисла, алгоритмите за вештачка интелигенција можат намерно или ненамерно да ги зајакнат постоечките предрасуди и наративи кои предизвикуваат поделба.

Поуката што може да се извлече од оваа ситуација е дека вештачката интелигенција не може и не треба да се зема како сигурен механизам за генерирање информации и содржина. Имено, алгоритмите за вештачка интелигенција не се неутрални туку тие функционираат во согласност со вредносните ставови, социјалните предрасуди и политичките идеи кои се вчитани во системот, што може да придонесе кон засилување на постоечките социјални нееднаквости и дискриминација.

Алгоритмите за вештачка интелигенција, како и секоја друга технологија која е создадена од човекот, по својата природа се под влијание на пристрасноста и ставовите на своите креатори, како и на базите на податоци преку кои се обучува вештачката интелигенција.

На пример, алгоритмите за оценување на вработените или кандидатите за работа е можно да ги одразуваат патријархалните тенденции во работната средина. На пример, ако алгоритамот се заснова на историски податоци за учинокот на вработените кои ги фаворизираат машките работници, тоа може да резултира со претпочитање на машките кандидати при вработување или унапредување.

Во таа смисла, „сликите на реалноста“ со кои располага вештачката интелигенција може да доведат до алгоритамски одлуки кои ги одржуваат стереотипите, ги зајакнуваат дезинформациите или маргинализираат одредени гласови и перспективи. Со цел да се ублажат ризиците од пристрасност и да се обезбеди дека вештачката интелигенција е во служба на јавниот интерес, од клучно значење е да се даде приоритет на транспарентноста, одговорноста и етичкиот надзор при осмислувањето, развојот и примената на системи за вештачка интелигенција.

Извор: freepik.com

Исто така, постојаните напори за диверзификација на збировите на податоци што ги користат алгоритмите, ублажувањето на пристрасноста и промовирањето на алгоритамска правичност се од суштинско значење за решавање на инхерентните ограничувања на вештачката интелигенција. Дополнително на тоа, не треба да заборавиме дека, во крајна линија, новинарите и уредниците или, во најширока смисла, чуварите на портите, се тие кои се одговорни за содржината што се објавува. Во оваа смисла, тие се должни да направат дополнителен напор, односно да ја потврдат веродостојноста на информациите и содржините генерирани од вештачката интелигенција пред да бидат објавени.

Ова е од особено значење кога станува збор за поделени општества, како што е Босна и Херцеговина, каде што и секоја најобична објава може да има различна политичка конотација и да биде причина за ширење омраза и подгревање на тензии.

ВИ – од проблем до решение

Како што можевме да забележиме, вештачката интелигенција може да придонесе кон генерирањето на дезинформации, но во исто време може да понуди и потенцијални решенија во борбата против тие дезинформации. Во оваа смисла, вештачката интелигенција може да се користи како алатка за автоматска проверка на точноста на одредени податоци преку нивна споредба со достапните информации користејќи веродостојни и сигурни бази на податоци.

Покрај тоа, алгоритмите со вештачка интелигенција можат да детектираат манипулирани слики, видеа и аудио снимки преку анализа на визуелните и аудио карактеристиките со цел пронаоѓање знаци на манипулација. Техники како што се форензика на слики и анализа заснована на техники за длабоко учење (deep learning) можат да идентификуваат манипулирани фотографии, deepfake лажни видео содржини и други форми на синтетичка дезинформација и погрешно наведувачка содржина.

Конечно, системите на вештачката интелигенција можат да го следат појавувањето и развојот на онлајн трендови во реално време за да можат да ги идентификуваат потенцијалните кампањи за дезинформации. Имено, овие системи користат алгоритми за машинско учење за да анализираат вести, објави на социјалните мрежи и онлајн дискусии за да откријат евентуални знаци на дезинформации, дозволувајќи им на организациите да преземат проактивни мерки за да се спротивстават на лажните информации.

Еден од домашните позитивни примери што може да им биде корисен на разни актери е Торбата со алатки за дезинформации (Disinformation Toolkit) подготвен од Albani Associates во партнерство со Mediacenter од Сараево. Станува збор за повеќејазична апликација која е достапна за десктоп компјутери и мобилни уреди. Апликацијата обезбедува алатки и ресурси за борба против дезинформациите, вклучувајќи објаснување на клучните термини поврзани со дезинформациите, разликите помеѓу погрешни информации, дезинформации, злонамерни информации и лажни вести.

Покрај алатките за борба против дезинформациите, тој нуди и други корисни ресурси како што се Quotext, Diffchecker, и TinEye. Quetext е апликација која се користи за анализа на текст со цел да открие плагијат, односно оваа апликација помага да се открие дали е користена вештачка интелигенција при креирање на одредена текстуална содржина, што е корисно за откривање на дезинформации кои се генерирани со помош на ВИ. Diffchecker работи така што ги истакнува разликите помеѓу два дела на еден текст и им овозможува на корисниците брзо да забележат промени или сличности.

Веб-страницата, исто така, нуди голем број други функции, вклучувајќи ја и можноста за споредување на слики, PDF датотеки, табели и други видови документи. Конечно TinEye е алатка која покажува кога и каде фотографијата првпат се појавила на интернет. Корисни се и алатките кои овозможуваат пребарување на социјалните мрежи, проверка на профили и кориснички имиња, како што се namech_ch или namechecker. За анализа на сметките на мрежата „Х“ можат да се користат Accountanalysis, Truthnest или Twitonomy.

Сите алатки се многу корисни и се наменети за новинари, медиумски работници и проверувачи на факти со цел да го олеснат процесот на идентификување и сузбивање на дезинформациите. Дополнително, Торбата со алатки за дезинформации нуди пристап до мрежа на организации за проверка на факти и до медиумски ресурси, овозможувајќи им на корисниците да споредуваат информации и да ја потврдат веродостојноста на изворите.

Со користење на алатки и технологии кои се засновани на вештачка интелигенција, како што се интегрирани механизми за проверка на факти и можности за следење на социјалните медиуми, корисниците можат точно да ги проверат информациите и да придонесат кон зачувување на точноста на фактите во јавниот дискурс. Како што вештачката интелигенција продолжува да се развива, таквите алатки ќе имаат сè поважна улога во заштитата на интегритетот на информациите и во промовирањето на транспарентноста во медиумското известување.

Борбата против дезинформациите кои се генерирани со помош на вештачка интелигенција бара колективно делување на различни актери (влада, медиуми, невладини организации). Во оваа смисла, може да се препознаат три клучни правци на ваквата борба.

Пред сè, важно е да се работи на развој на квалитетни и сигурни механизми за проверка на фактите. Потоа, паралелно со тоа, важно е да се работи и на медиумската писменост на младите за да се разберат можностите но и опасностите што постојат во современата „медиумска“ реалност, односно да се развијат одредени одбранбени механизми од дезинформации.

На крајот, еден од императивите е подигање на свеста на професионалните новинари како и на обичните корисници во однос на обврските што ги имаат за објавување, преземање и ширење на содржините во онлајн просторот. Преку усогласена акција во овие три области, долгорочно може да се смета на постоење на системски отпор кон штетните ефекти на дезинформациите во опкружување на вештачка интелигенција.

 

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Вук Вучетиќ

Д-р Вук Вучетиќ дипломирал во 2010 година на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Источно Сараево, отсек новинарство. Магистерските студии по комуникација ги завршил во 2013 година на Факултетот за политички науки во Сараево на тема „Политичкиот спектакл како медиумски феномен – примерот на БиХ“. Во 2018 година ја одбранил докторската дисертација на Факултетот за политички науки во Сараево на тема „Контроверзии на медијатизацијата на политиката во современа Босна и Херцеговина.“ Од 2011 година е постојано вработен на Филозофскиот факултет на Универзитетот на Источно Сараево на Катедрата за новинарство.