fbpx

Република во пламен

Весна Попоска

Политика

09.08.21

Прегледи

Весна Попоска

Vesna Poposka 400x500Пожарите ги обелоденија пропустите во системот за управување со кризи, кој всушност е тешко да се нарече „систем“. Во истиот повеќе преовладуваат недостатоците отколку решенијата. Ова не е проблем создаден од последните избори до денес, туку состојба која се развива уште од стекнувањето на независност на земјата, и покрај обидите да се воспостави некаков систем за реакција и превенција.

Огромните пожари кои ја зафатија земјата во изминатиов период изнесоа на површина многу нефункционалности во системот за управување со кризи и цивилната заштита. Прогласувањето на кризна состојба во времетраење од триесет дена веројатно ќе им овозможи побрза реакција на институциите во време на енормно високи температури, но нема да промени многу во поглед на готовноста, бидејќи ресурсите се тие што се. Најголем дел од опремата е застарена, недостигаат пожарникари, а и оние кои се во работен однос, претежно се повозрасни. Ова не е проблем создаден од последните избори до денес, туку состојба која се развива уште од стекнувањето на независност на земјата, и покрај обидите да се воспостави некаков систем за реакција и превенција.

Законска рамка за кризен менаџмент и цивилна заштита

Правната рамка за управување со кризи (кризен менаџмент) и цивилната заштита како нејзин составен дел во Република Северна Македонија, која го дефинира постоечкиот систем е иницирана во 2004 година преку усвојувањето на Закон за заштита и спасување.

Следната, 2005 година, Собранието го усвои и Законот за управување со кризи, кој по логика на нештата требаше да го дополни првично донесениот Закон за заштита и спасување и да ги опфати оние делови од материјата кои со него не беа уредени. Наместо тоа, Законот за управување со кризи донесе бирократизација на процедурите со кои треба да се решаваат итни кризни ситуации до бесконечност, заплеткувајќи го системот за кризен менаџмент во пајакова мрежа на тела чии надлежности се преклопуваат таму каде што најмалку е потребно, или каде што никој не е надлежен кога треба да е надлежен (на пример, и во двата закони има централни институции и за двете институции е предвидено формирање на кризни штабови, иако Центарот за управување со кризи воопшто нема законска можност да формира сили за заштита и спасување, туку тие се предвидени кај Дирекцијата за заштита и спасување).

На Дирекцијата за заштита и спасување и се определуваат и посебни обврски и задолженија во согласност со Законот за пожарникарството, кој е првично донесен во 2004 година и неколку пати подлежеше на измени и дополнувања, и кој делегира обврски и за општините и на републичко ниво, при што правниот статус на противпожарните единици, нивното финансирање и одржливост се неконзистентни и доведуваат до спорни ситуации кои најмногу се манифестираат за време на кризи.

Обврски од цивилната заштита се предвидени и со Законот за безбедност и здравје при работа (како што се изготвување на проценка од ризици и организација на вежби за спасување и евакуација и слично), а и со Законот за локална самоуправа, Законот за безбедност во сообраќајот и други закони. Во одреден степен, и Законот за внатрешни работи и Законот за одбрана навлегуваат во оваа проблематика, што на терен, за време на кризна ситуација предизвикува дополнителна тензија за тоа кој за што е надлежен и кој кому издава наредби.

Измените и дополнувањата кои следеа во деценискиот период по донесувањето на двата носечки закони, не беа од суштински карактер ниту пак беа креирани врз база на спроведена евалуација на системот за управување со кризи.

Подзаконските акти се носат врз основа на постоечките закони

Ваквата правна состојба доведе до операционализација и ефектуирање на сериозни ситуации на терен, кои веќе се повторуваат циклично секоја година без поголеми промени во одговорот или било какво подобрување на состојбата, пред сè поплави и пожари. Врз основа на вака создадената конфузна правна констелација, се изработуваат и подзаконските правни акти во областа на цивилната заштита и кризниот менаџмент: правилници, упатства, програми, планови, проценки и слично.

Во тoј поглед основен документ е Националната платформа за намалување на ризици од катастрофи. Првата национална платформа од овој тип беше донеена во мај 2011, а по подолг период новата беше донесена во 2019 година по што беше именуван и нов национален координатор за спроведување на истата, што само по себе претставува придвижување во секторот по подолг период на стагнација (нема податоци за евентуални активности во врска со  досегашната имплементација). Уредбата со која се утврдува методологијата за проценка на ризици датира од пред десет години.

Ваквите стратешки и акциски документи кои се поставени на официјалните веб страници на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи или не се ажурурани, или не кореспондираат ниту во временска рамка, ниту номотехнички, ниту квалитативно. Од самото таксативно набројување, како и од неусогласеноста на периодите, повеќе од очигледно е дека пристапот кон проблематиката на управување со ризици, ниту бил интегрален, ниту бил усогласен.

Republikata vo plamen

Извор: mms.mk

Што значи стандардот „ЕУ и НАТО“?

Во вака поставена констелација, тешко е системот за управување со кризи да се нарече систем. Повеќе преовладуваат недостатоците отколку решенијата, и затоа потребно е, кога зборуваме за негови реформи, да имаме предвид дека реформата тука ќе мора да претставува сосема нова инсталација врз база на искуство и најдобри практики прилагодени на локалниот и регионалниот контекст. Многу е лесно, како што тоа го прават најчесто стратешките документи, да се повикаме на параванот „адаптирање кон ЕУ и НАТО стандарди“ без да разбереме што всушност тоа значи, бидејќи во НАТО се и земји како САД, Германија и Турција но и Албанија и Словенија.

На Република Северна Македонија ѝ е неопходен интегриран систем за кризен менаџмент кој ќе овозможи централизирано управување и децентрализирано извршување, како и развивање на капацитети во насока на постигнување на интероперабилност.

Што значи интегриран систем за кризен менаџмент и цивилна заштита?

Интегриран систем за кризен менаџмент и цивилна заштита значи дека единствена централна институција ќе биде надлежна за донесување на одлуките, планирањето на одговорот и превенцијата и сите прашања кои се од значење, а задачите ќе се извршуваат заеднички со сите заинтересирани страни. 

Интегриран систем за кризен менаџмент е стандардна практика преку која се интергрираат зивилната заштита и управувањето со кризи. Различни држави ја имплементираат на различен начин. Португалија има интегриран систем за цивилна заштита кој не претрпел посериозни промени веќе цела деценија. Правната рамка се сведува на  Закон за цивилна заштита, Декрет за воспоставување на интегриран систем за заштита и спасување, и Закон со кој се воспоставува Национално тело за заштита и спасување (пандан на нашата Дирекција за заштита и спасување). Дополнително, за општините важи и Законот кој ја организира цивилната заштита на локално ниво. Централна улога во овој национален систем за управување со кризи и цивилна заштита има Националното тело, со кое раководи Директор кој под свои ингеренции има четири сектори: директорат за цивилна заштита, директорат за противпожарни единици, директорат за итно планирање како и национална команда за операции за спасување.  

Во Чешка, правната рамка се базира на Законот за кризен менаџмент и Законот за интегриран систем за спасување, двата од 2000 година. Дополнитело, одредени сегменти се опфатени со Законот за одбрана и Законот за економски мерки при кризни ситуации. Де факто, справувањето со кризи се одвива преку „штабско“ работење. На национално ниво, се предводени од Владата и преку Националниот совет за безбедност со кој претседава министерот за внатрешни работи, а на регионално и локално ниво од надлежните гувернери односно градоначлници. Националниот безбедносен совет е владино советодавно тело составено од соодветните министри, кој функционира преку четири комитети, меѓу кои и таканаречениот комитет за цивилни итни ситуации.

Во Словенија пак, централно тело за заштита и спасување е посебна административна единица во рамки на Министерството за одбрана. Тоа ги управува, организира и насочува сите административни и професионални процедури поврзани со управување со кризи, заштита и спасување. Правната рамка е поширока и опфаќа разлчни акти на различни нивоа на управувањето.

Неопходност за хармонизација

Покрај хармонизирањето на националната правна рамка неопходно е и хармонизирање со меѓународните стандарди и имплементација на обврските и препораките кои произлегуваат од членството на Република Северна Македонија во меѓународните групации и асоцијации, acquis communitaire на ЕУ, вадемекумот за цивилна заштита на ЕУ, регионалните и мултилатералните меѓународни договори. Исто така, неопходно е и допрецизирање на правата и обврските на приватните компании за обезбедување и нивната поставеност во системот за заштита на критичната инфраструктура.

Исклучително е важно, да се градат, врз база на закон, кохерентни и ефикасни јавни политики. Парцијалниот пристап преку кој различни аспекти од материјата се регулираат во различни закони решава еден, два или неколку проблеми, но отвора цела плејада други. Само така, ќе се изгради општество кое е (со вокабуларот на НАТО алијансата) резилиентно и чии витални функции се обезбедени без нарушување на либералните вредности и човековите права и слободи.

Концептот на резилиентност

Концептот на резилиентност или еластичност е најновиот безбедносен концепт во делот на кризен менаџмент и цивилна заштита во ЕУ и НАТО: степенот на резилиентност (еластичност, односно способност да се вратат многу брзо виталните функции на општеството во нормала по соочување со криза) определува колку едно општество е способно брзо да одговори на кризата и да ги врати виталните општествени функции во функција по настанувањето на кризна ситуација. На тестот на резилиентност, институциите редовно потфрлуваат бидејќи и снегот во декември претставува елементарна непогода.

Потребно е системско решение

Неопходно е донесување на ново, единствено, законско решение преку кое ќе се фузираат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, со што ќе се интергрираат сите ресурси на едно место и јасно ќе се дефинираат надлежностите и на државата и на општините како субјекти. Реформата тука ќе мора да претставува сосема нова инсталација врз база на искуство и најдобри практики прилагодени на локалниот и регионалниот контекст. Со реформата треба да се опфати и имплементацијата и организацијата на работата на бројот за итни случаи 112 кој беше прифатен од земјава минатата година и треба да претставува единствен број за итни ситуации кој ќе ги алармира сите надлежни институции преку еден повик.

Потребна е и нова сеопфатна Проценка на ризици која ќе ги адресира и природните непогоди и другите катастрофи, но и современите безбедносни закани во поширок контекст, на која ќе и претходи редефинирање на методологијата за изработка на истата. Врз основа на новата Проценка, би се изготвиле нови стратешки и акциски документи.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Весна Попоска

Доц. д-р Весна Попоска е универзитетска професорка, независна експертка и долгогодишна активистка. Докторската дисертација под наслов „Меѓународно-правни аспекти за заштита на критичната инфраструктура од современи безбедносни закани“ ја одбранила на Воената академија во Скопје во 2019 година. Магистрирала на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е авторка на повеќе научни и стручни трудови во нејзината област. Таа е алумни на Школата за политика на Советот на Европа. Работи на Меѓународниот универзитет Визион од неговото основање во 2015 година, каде во март 2021 е избрана за деканка на правниот факултет.