Истакнати меѓународни уставни и политички експерти предупредуваат дека кога одредено национално малцинство ќе здобие статус на уставно признат „конститутивен народ“ во одредена држава, тогаш тоа може да здобие право на самоопределување, или, во крајни околности, да се одвои од односната држава во која живее. Дали вакви права би можеле да имаат и трите илјади Бугари во Македонија, ако би станале дел од преамбулата на нејзиниот устав како „конститутивен народ“?
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен му порача на македонскиот премиер Христијан Мицкоски при својата посета на 24.10.2024 година во Скопје дека „треба да поминат уставните измени, за кои државата се согласила да ги направи“. Лаен не одговори директно дали се прифаќа предлогот на премиерот Мицкоски и Владата за уставни измени со одложено дејство како „прифатливо решение, кое ќе претставува заштита од подоцнежни условувања од страна на Бугарија“.
Според тој предлог, Бугарите би биле внесени во Уставот сега, но оваа промена би влегла во сила, откако земјата ќе влезе во ЕУ.
Повикот на претседателката на Европската комисија со „решителен чекор напред“ да се промени Уставот е дополнително „охрабрување“, или појасно кажано, дополнителен притисок врз Македонија да ги вметне Бугарите во својот Устав, откако таа беше одвоена од „евроинтеграцискиот пакет“ со Албанија. Како држава-членка на ЕУ, Германија го прецизира својот став десет дена пред оваа посета на фон дер Лаен.
На средбата на 15.10.2024 година во Берлин со нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски, шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок предупреди дека „без уставните измени не може да се продолжи кон ЕУ“. „Впишувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ “ – порача Бербок.
Напоредно со меѓународните чинители, и албанските партии во Македонија, и од позицијата и опозицијата, исто така вршат притисок врз Владата и премиерот Мицкоски да се впишат Бугарите во Преамбулата на Уставот, колку е можно побргу и да започнат преговорите со ЕУ. Во овој контекст веќе се чуени првите отворени закани и тоа од редовите на коалицијата „Вреди“.
„Ако не се случат уставните измени и ако не е заинтересирана за евроинтеграциите, тогаш Македонија не треба постои како држава “ – кажа Ријад Шаќири, пратеник во Собранието од „Вреди“, која е дел од владејачкото мнозинство.
Бугарија бара од ЕУ „да го сопре ‘лажниот’ македонски идентитет“
Фрламе поглед на целината на бугарските барања кон Македонија, оти „Бугари во устав“ е само едно од нив. Во аналитичката статија со наслов „С. Македонија: Колку долго пред да може да влезе во ЕУ?“, објавена на порталот на „Дојче веле“, д-р Томас Бреј (Thomas Brey), доцент во Катедрата за политички науки и новинарство на Универзитетот Дуизбург, во Германија, наведува дека Бугарија бара Македонија „да ја толкува поинаку својата историја, на начин прифатлив за Бугарија“ и „три илјади припадници на бугарското малцинство во С. Македонија да се споменат како еден од ‘конститутивните народи’ во македонскиот Устав“.
Бреј посочува и дека официјална Софија бара од Македонија „да прифати оти македонскиот јазик не е посебен јазик, туку западнобугарски дијалект“ и дека „не постои македонско малцинство во Бугарија.“
Разјаснување во врска со суштината на бугарските барања содржи и статијата со укажувачкиот наслов „Бугарија бара од ЕУ да го сопре ‘лажниот“ македонски идентитет“, објавена на порталот на „Дојче веле“. Во неа Борис Георгиевски напиша дека Бугарија во „Објаснувачкиот меморандум за С. Македонија и проширувањето на ЕУ“, испратен до 26-те членки на ЕУ, наведува: „Луѓето со словенско потекло, што живеат во С. Македонија, се Бугари, кои зборуваат бугарски јазик. За време на комунистичкиот режим на Тито во Југославија, ним вештачки им бил даден нов ‘македонски’ идентитет и јазик. Проширувањето на ЕУ не смее да го легитимира овој етнички и јазичен инженеринг“.
Сегашниот македонски вицепремиер Александар Николовски, уште во во 2022 година, изнесе став, свој и официјален на ВМРО ДПМНЕ, која е денес на кормилото на македонската држава: дека со бугарските ставови и барања „се загрозуваат македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“.
Овде мора се дадат некои важни појаснувања. Една недела пред да дојде шефицата на ЕК Урсула фон дер Лаен во Скопје, премиерот Мицкоски во своја изјава кажа: „Ајде да го почитуваме Договорот за добрососедство, во кој не стои дека треба да има уставни измени. Не протоколот, не предлогот, туку Договорот.“
Барањето на Бугарија да се впишат Бугарите во Уставот на Македонија не е содржано во „Преговарачката рамка“, туку во вториот протокол меѓу владите на Македонија и Бугарија, потпишан во 2022 година од тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи, како „договор за спроведување на Договорот за добрососедство“. На 17 јуни 2022 година македонскиот информативен портал „Пресинг.тв“ ја пренесе статијата на бугарската новинска агенција БГНЕС, во која е објавен целиот текст на „нацрт-заклучокот на Советот на ЕУ за почеток на преговорите со С. Македонија“.
„(3) Советот на ЕУ го поздравува договорот за [билатерален протокол] за спроведување на Договорот меѓу Бугарија и С. Македонија... (4)... Советот на ЕУ ја поздравува намерата на С. Македонија приоритетно да иницира и да спроведе релевантни уставни измени, со цел во преамбулата на Уставот да се вклучи ... и дел од други народи, како што се Бугарите “ – стои во точките 3 и 4 на тој „нацрт-заклучок“ на Советот на ЕУ.
Овде доаѓаме до еден од клучните моменти во оваа ситуација: уште од октомври 2021 година, Зоран Заев, како тогашен премиер и Бујар Османи, како тогашен министер за надворешни работи на Македонија, во нејзино име прифатиле Бугарите да бидат наведени во највисокиот правно-политички акт на македонската држава и тоа како нејзин „конститутивен народ“!
Извор: pixabay.com
Во својата информација со наслов „Заев изјави дека прифаќа најголем дел од бугарските барања“, објавена на 7.10.2021 година, англиското издание на македонскиот информативен портал „Република“ објави: „По катастрофалниот самит ЕУ-Балкан, на кој Бугарија издаде долга листа на строги барања насочени кон Македонија, Заев денеска брзо се согласи на едно од нив – македонскиот Устав да се измени и Бугарите да се вбројат меѓу другите конститутивни народи на Македонија “ – напиша „Република“ во таа статија.
„Три илјадно бугарско малцинство да стане конститутивен народ“ – уставен апсурд
Томас Бреј неслучајно посочи на тоа барање со својата формулација „три илјади припадници на бугарското малцинство во С. Македонија да се споменат како еден од ‘конститутивните народи’ во македонскиот устав“. Уставен и политички апсурд е да се бара три илјади припадници на една малцинска група во Македонија, бугарската, да се споменуваат како „конститутивен народ“ во Уставот!
Но, дали не може да стане реалност тој уставен и политички апсурд со помош на меѓународно спонзориран „политички и уставен инженеринг“ во случајот на Македонија, кога и ако - кон трите илјади попишани Бугари во Македонија, би се додале и оние околу 120 илјади македонски граѓани-иматели на бугарски пасоши?
Во својот магистерски труд со наслов „Политичкиот систем и правата на националните малцинства во Босна и Херцеговина“ од октомври 2023 година Амела Јашаревиќ (Amela Jašarević) истакнува дека „поимот ‘конститутивен народ’ станува уставна норма, откако е воведен во уставниот систем на Федерацијата Босна и Херцеговина со потпишувањето на Вашингтонскиот мировен договор од 1994 година и на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година.“ (стр. 20-24).
Дали се планира „дејтонско редефинирање“ на Македонија како држава?
Од 90-тите години на минатиот век наваму, Босна и Херцеговина стана федерација на три ентитета: на конститутивните српски, хрватски и бошњачки народ. Веќе денес ентитетот Република Српска бара издвојување и обединување со Србија. Што би се случило со Република Македонија, односно со „С. Македонија“, ако „се редефинира дејтонски“ од се уште формално унитарна држава - во федерација на ентитет со „бугарски конститутивен народ“ и ентитет на некој „втор конститутивен народ“?
Во овој контекст треба да се има предвид изјавата на Арбен Таравари од 8.2.2023 година, еден од лидерите на коалицијата „Вреди“: „Ако не бидат внесени Бугарите во Уставот и ако се загрози со тоа европската перспектива на Македонија, можни се радикализација на албанските партии и зголемување на фрустрациите кај Албанците, како и појава на идеи за реорганизација на државата “.
Од друга страна, и лидерот на ДУИ Али Ахмети барем неколкупати има кажано дека „Албанците се државотворен народ, а не малцинство“.
Ова ќе биде повод во политичката анализа во весникот „Нова Македонија“ со наслов „Со ракописот на Али Ахмети не беа испишани зборовите мир, соживот, просперитет…“ да се направи следниов сумарник: „Пораките на Ахмети се дека Албанците се државотворци во Македонија под знамето на соседна Албанија. Силно инсистира и Бугарија на внесување на бугарското малцинство во Уставот, за да стане државотворен народ. Така, конечно, да се затвори прашањето за Голема Албанија и санстефанска Бугарија, на штета на Македонија и на македонскиот народ.“
Случајот со Бугарија и нејзиното барање да се внесат трите илјади Бугари како „конститутивен народ“ во уставот на друга држава, на Македонија, наспроти тоа што во Македонија има само еден вистински конститутивен, државотворен народ – македонскиот народ, што се потврдува и со решенијата на АСНОМ од 1944 година, споредбено го поврзуваме со случајот на една развиена западна држава, исто така, со мултиетничко општество: со Шпанија.
Во својата научна студија со наслов „Демократско граѓанство и шпански мултинационален (не)поредок-растројство: процедурална демократија наспроти клаузула за отцепување“ од 2013 година, Хозе А. Санз Морено (José A. Sanz Moreno), професор по уставно право во Факултетот за политички науки на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид, изнесува серија аргументирани предупредувања што значи постоењето на категоријата „конститутивен народ“ во уставот на една земја.
Овој шпански уставен експерт нагласува дека, ако едно национално малцинство здобие статус како конститутивен народ во одредена држава, ќе има има право на територијална автономија и на самоопределување до отцепување од неа, како и право на создавање своја нова држава.
„Затоа во Шпанија националните малцинства не можат да претставуваат конститутивни народи “ – заклучува професорот Морено во својата студија (стр. 739).
„Мицкоски треба да биде охрабрен да не го менува Уставот“
Можна ли е одредена меѓународна изолација на Македонија, ако не се спроведат уставните измени со динамика и во временски рок, кои ги очекува, во прв ред, ЕУ? Уште на 13 јули 2023 година шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг на заедничката прес-конференција со министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка Јан Липавски и Мирослав Влаховски предупреди во Скопје: „Ако не ги прифати уставните измени и ако не продолжи да оди кон европскиот пат, С. Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана.“
Кој е можниот излез од оваа ситуација, во која се поставени македонскиот народ и Македонија, но и сите други нејзини граѓани?
„Мицкоски треба да биде охрабрен да не го менува Уставот, бидејќи ЕУ, Бугарија, Берлин и Париз бараат тоа да се направи во име на непостојната ‘ЕУ-перспектива’“ – предупреди коментаторот и познавач на Балканот, Михаел Мартенс (Michael Martens) за германскиот весник „Франфуртер алгемајне цајтунг“.
Во овој контекст треба да се има предвид и изјавата на претходниот претседател на Македонија Стево Пендаровски, уште од 1 мај 2020 година. Коментирајќи ја тогашната изјава на Бугарија, приложена кон заклучоците од Советот за општи работи на ЕУ, Пендаровски изјави: „Ако цената е да не бидеме Македонци и јазикот, што го зборувам да не биде македонски, тогаш не ни треба ЕУ.“
Внесувањето на Бугарите како „конститутивен народ“ во македонскиот Устав најмалку има врска со малцинските права на Бугарите во Македонија, туку е, всушност, отворање „мала врата“ за еден можен натамошен развој на ситуацијата во одредена држава, па и во Македонија. Во врска со ова врска во својата научна студија со наслов „Меки граници: Преиспитување на суверенитетот и демократијата“ („Soft Borders: Rethinking Sovereignty and Democracy“) Џулија Мостов (Julie Mostov), професорка по политички науки од Универзитетот Њујорк, во САД, предупредува: „Малцинствата не би требало да бидат признавани како конститутивен народ, бидејќи од таа точка натаму тие ќе добијат и право на сецесија, на отцепување.“ (стр. 67).
Македонија е во крајно сложена и неповолна ситуација, но нејзиното државно раководство мора со мудри потези да се обидува да го „изамортизира“ растечкиот притисок на меѓународните чинители за менување на уставот, едновремено одбегнувајќи контрапродуктивни натамошни заострувања на меѓудржавните односи со Бугарија.
Потребни се големи напори за „амортизирање“ и на внатрешниот политички притисок на албанскиот политички чинител, кој ќе се зголемува, исто така.
Во целата оваа ситуација владата на Македонија, нејзиниот премиер Христијан Мицкоски и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова ќе мора да се придржуваат до основното барање, кое го пројавуваат и натаму мнозинството Македонци: да не се внесуваат Бугарите во Уставот.