fbpx

Спиралата на насилство што доведе до Хамас

Петер Сингер

Политика

16.10.23

Прегледи

За многумина набљудувачи однадвор, причината за постоење на палестинска автономија и државност сега е извалкана со грозоморните убиства и киднапирања – а добар дел од нив и снимени на видео – кои се направени во име на таа кауза. Парадоксално е тоа што, ако Палестинците некогаш сакаат да се вратат на соодветното ниво на морал, тие ќе мора да се надеваат на уништување на Хамас.

Дрските и жестоки напади на Хамас во Израел со право предизвикаа осуда од целиот свет. Ако ова е војна, како што се согласуваат двете страни, тогаш намерното таргетирање на цивили од страна на Хамас се смета за големо воено злосторство.

Но, бруталноста што ја демонстрираше Хамас не се појави сама од себе. Поуката од она што моментално се случува во Израел и Газа е дека насилството раѓа уште повеќе насилство.

Последната вистинска шанса да се избегне трагичниот конфликт што сега се води меѓу Израел и Хамас беше уништена со едно убиство: атентатот врз израелскиот премиер Јицак Рабин во 1995 година. Атентатор не беше палестински милитант туку израелски екстремист кој се спротивставуваше на договорите од Осло, според кои Рабин сакаше да постигне договор „земја за мир“, а тоа беше анатема за израелските радикали според кои не може да се преговара за еврејскиот суверенитет во Светата земја.

Атентатот на Рабин се случи по завршувањето на мировниот митинг на кој присуствуваа повеќе од 100.000 Израелци, со надеж дека ќе завршат непријателствата меѓу Израел и Палестинците. Во тоа време, таа надеж изгледаше реална.

Оние кои имаа најголема корист од атентатот беа израелските националисти, пред сè Бенјамин Нетанјаху, лидер на десничарската партија Ликуд. Нетанјаху го отфрли Договорот од Осло, бидејќи со него се бараше Израел да се повлече од териториите што ги окупираше по Шестдневната војна во 1967 година. Во протест против Договорите, и против Рабин, Нетанјаху предводеше потсмевна погребна процесија, заокружена со мртовечки ковчег и со јамка за бесење.

Во годините кои следеа по убиството на Рабин, а особено по неуспехот да се постигне договор во Кемп Дејвид во 2000 година, десничарските екстремисти ја презедоа власта во Израел, а изгледите за формирање на одржлива палестинска држава на окупираните територии целосно исчезнаа. Во исто време, неуспехот на секуларното движење „Фатах“ на палестинскиот лидер Јасер Арафат да обезбеди палестинска државност го зајакна исламистичкиот Хамас, кој, заедно со другите палестински милитантни организации, го заснова својот легитимитет на убиства на Израелци (како и на лица кои се обвинети дека се соработници на Израел).

Откако Хамас го прошири своето влијание (и го „извезува“ своето насилство) од Газа, која ја контролира од 2007 година, кон Западниот Брег окупиран од Израел, каде номинално е одговорна палестинската управа која е контролирана од Фатах, сè поголем број на Израелци ги поддржаа репресивните мерки кои беа ветени од Нетанјаху. И додека несреќната палестинска власт не можеше да го запре немилосрдното проширување на еврејските населби на Западниот Брег, циклусот на екстремизам и насилство продолжи и понатаму.

Нетанјаху сега ја предводи најфанатичната националистичката влада во историјата на Израел, во која е министерот за финансии Безалел Смотрич кој, меѓу другото, е одговорен за администрирање со поголем дел од окупираниот Западен Брег. Смотрич постојано поттикнува насилство врз Палестинците.

Во февруари, откако Палестинец застрела двајца израелски доселеници, стотици Израелци дивееја низ Хувара, кое е палестинско село во близина и во кое се случија сцени кои потсетуваат на козачките погроми врз еврејските населби во Русија пред повеќе од еден век. Израелците ја запалија Хувара, при што еден селанец загина, а други беа повредени. Исто како и руската полиција додека траеше погромот, израелските сили во областа не интервенираа за да ги заштитат жителите или да ги уапсат сторителите.

Ништо од ова не ги оправдува злосторствата извршени врз израелските цивили од страна на терористите на Хамас кои убија повеќе од 1.000 Израелци, повеќето од нив беспомошни цивили, вклучувајќи жени и деца. Ужасните видеа покажуваат како вооружени лица на Хамас ладнокрвно пукаат врз млади луѓе на музички фестивал. Ако споредиме пропорционално во однос на население, овој напад уби десет пати повеќе луѓе од нападите на Ал Каеда врз Светскиот трговски центар и Пентагон на 11 септември 2001 година.

Кога Хамас ги напаѓа израелските цивили, знае дека тоа ќе доведе до израелски контранапади во Газа, кои сигурно ќе убијат и ранат многу цивили. Хамас ги лоцира своите воени локации во станбени области, надевајќи се дека оваа тактика ќе ги спречи израелските напади или барем ќе ја намали меѓународната поддршка за Израел.

Хамас, наводно, држи околу 150 заложници и рече дека ќе убива по еден секој пат кога Израел без предупредување ќе бомбардира дом во Газа. Лидерите на Хамас сигурно се сеќаваат дека во 2011 година, Нетанјаху, како премиер, беше подготвен да ослободи над 1.000 палестински затвореници, некои од нив терористи, во замена за ослободување на еден заробен израелски војник, Гилад Шалит. Наспроти тоа, тие можеби сметаат дека Израел нема да биде подготвен да ги жртвува животите на заложниците за да ги постигне своите воени цели.

Ако лидерите на Хамас веруваат во тоа, можеби ќе увидат дека направиле грешка. Дали Израел може да го елиминира Хамас како воена сила останува да се види, но јасно е дека во битката за постигнување на таа цел, Израел ќе мора да биде подготвен да загуби многу животи, веројатно животи на војници и на заложници.

Колку далеку ќе оди Израел со својата декларирана намера да им прекине струја, гориво, храна и вода на два милиони жители на Газа, од кои повеќето се деца, тешко е да се знае. Она што е сигурно е дека бруталните злосторства на Хамас не му даваат право на Израел да изгладнува деца.

За многумина набљудувачи однадвор, причината за постоење на палестинска автономија и државност имаа голема морална височина. Сега таа кауза е извалкана со грозоморните убиства и киднапирања – а добар дел од нив и снимени на видео – кои се направени во нејзино име. Парадоксално е тоа што, ако Палестинците некогаш сакаат повторно да ја воспостават таа морална височина, тие ќе мора да се надеваат на уништување на Хамас. Сè додека Хамас може да тврди дека ги застапува нив, злото што го направи ќе ја извалка нивната кауза.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Петер Сингер

Питер Сингер е професор по биоетика на универзитетот Принстон и основач на непрофитната организација The Life You Can Save. Тој е автор на повеќе книги меѓу кои Animal LiberationPractical EthicsThe Ethics of What We Eat (со Џим Мејсон), Rethinking Life and DeathThe Point of View of the Universe, ко-автор со Катаржина де Лазари-Радек, The Most Good You Can DoFamine, Affluence, and MoralityOne World NowEthics in the Real WorldWhy Vegan?, и Utilitarianism: A Very Short Introduction. Во 2013 година, тој беше прогласен за трет „највлијателен современ мислител“ во светот од страна на институтот Готлиб Датвајлер (Gottlieb Duttweiler).