Употреба на вештачката интелигенција во политичките кампањи: глобална закана и неподготвеноста на Балканот

Харис Љево

Политика

25.03.26

Прегледи

На крајот на краиштата, одговорот на вештачката интелигенција и лажните вести нема да дојде од една мерка или од една институција. Тоа ќе биде комбинација од регулатива, технолошки решенија, професионални стандарди во медиумите и, можеби најважно, долгорочни инвестиции во медиумите и дигиталната писменост.

Развојот на генеративната вештачка интелигенција во последниве неколку години радикално го промени начинот на кој се креираат политичките пораки, се оформува јавното мислење и се вршат изборни кампањи. Вештачката интелигенција стана алатка што ги олеснува истражувањето, анализата и комуникацијата, но во исто време е и најопасниот инструмент за манипулација со гласачите.

Во политичките кампањи, каде што емоциите и брзината честопати ги потиснуваат фактите, вештачката интелигенција отвора простор за софистицирани измами што можат да влијаат на изборниот резултат и да ја поткопаат довербата во демократските процеси на долг рок.

Генеративните алатки како што е, на пример, Midjourney, овозможуваат креирање на атрактивни фотографии, видеа и аудио за неколку минути. Експертите предупредуваат дека влегуваме во ера во која „доказите“ ќе станат најранлива категорија во јавниот живот.

Веќе од 2021-та година, дипфејк видеата станаа многу подостапни и поуверливи поради огромната количина на податоци што се внесува во генераторите на слики кои користат вештачка интелигенција. Ова значи дека содржината генерирана од вештачка интелигенција сè повеќе се појавува во политиката и во изборните кампањи, понекогаш доведува до забуна кај гласачите и доведува до тоа тие да не веруваат во вистинитоста на она што им се презентира.

„Тоа може да доведе до дезинформации, луѓето можат да бидат збунети од она што го гледаат“, смета Лиза М. Гивен, професорка по информатика на Универзитетот RMIT во Мелбурн.

Технологијата се користи како ново „меме за политички напад со мал или среден напор“ а со цел оцрнување или исмејување на противниците, вели Скот Штајнхард, главен директор за маркетинг во компанијата за откривање на дипфејк, Reality Defender.

Според Адебоје Адегоке, виш менаџер во организацијата за дигитални права „Paradigm Initiative“, „лажните слики и другите форми на дезинформации најчесто се шират преку социјалните мрежи, иако традиционалните медиуми предмет на искривување можат исто така да бидат и телевизијата и радиото“.

Даниел Ситрон, професорка по право и една од водечките авторки на тема дигитална манипулација, предупредува на феноменот кој се нарекува „последица на постојаното лажење“ (liar’s dividend). „Вистинската закана од дипфејк не е само тоа што луѓето ќе веруваат во она што е лажно, туку и дека ќе престанат да веруваат во она што е вистина.“

Слично предупредува и Хани Фарид, професор по дигитална форензика на Беркли, кој истакнува дека дипфејк се веќе толку убедливи што просечниот граѓанин нема шанси да распознае дека не се вистинити.

Претседателски избори во Аргентина во 2023 година се глобален пример за тоа како вештачката интелигенција може да ја обликува политичката перцепција. Двете страни во изборната трка користеа генеративни алатки: Хавиер Милеи објави лажна слика од Серхио Маса како комунистички војник, додека тимот на Маса возврати со прикажувања на Милеи како зомби и пират – слики генерирани со вештачка интелигенција. Овој пример покажа на кој начин вештачката интелигенција може да стане составен дел од политичката стратегија, а не само изолиран инцидент.

На последните претседателски избори во Турција, главниот противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу, ја обвини Русија за објавување на дипфејк содржина во обид да влијае на резултатот.

Слични случаи се забележани се исто така и во некои други европски земји, но повеќето од нив во Европа досега вклучуваа „уметност која значи критика, сатира, мемиња и злоупотреба на слики против жени политичари“, посочи Хенри Ајдер, експерт за дипфејк и генеративна вештачка интелигенција.

Балканот плодна почва за манипулација

Милош Ѓајиќ од Центарот за модерни вештини со седиште во Белград, инаку еден од водечките експерти за политички кампањи на Балканот, за Рес публика вели дека вештачката интелигенција не е фундаментално нова закана, туку продолжение на постојните проблеми во врска со информирањето. Тој вели дека најголема опасност не е самата технологија, туку нејзината злоупотреба.

„Вештачката интелигенција нема да биде поголема опасност за изборите отколку што таа веќе е за информациите и комуникацијата. Најголемата опасност е злоупотребата на фотографии и креирањето видеа со вештачки генерирана боја на гласот на кандидатите.“

Ѓајиќ потенцира дека суштината е во регулација и превенција, и нè потсетува дека многу земји сè уште не ги регулирале социјалните медиуми на соодветен начин т.е. веќе се соочуваат со нова генерација дигитални закани. Според него, едукацијата на гласачите и системите за пријавување злоупотреби мора да бидат приоритет.

upotrebata na vi vo politickite kampanji
Извор: Envato

Регионот со години е изложен на дезинформации, ботнет мрежи и политичка манипулација. Вештачката интелигенција само ги зголемува капацитетот и брзината на овие операции.

Емир Зулејхиќ од Raskrinkavanja предупредува дека манипулацијата со визуелната содржина е веќе стандарден дел од кампањите. „Она што до вчера беше Фотошоп, утре ќе биде дипфејк видео.“

Дата аналитичарот од Хрватска, Марко Ракар, предупредува дека вештачката интелигенција ќе овозможи хиперперсонализирани политички пораки кои ќе бидат невидливи за сите освен за целното лице. Таквата фрагментација на информациите, вели тој, го разбива заедничкиот јавен простор и создава паралелни политички реалности.

Политикологот Вук Вучетиќ истакнува дека дезинформациите поврзани со вештачката интелигенција имаат особено силен ефект во оние општествата во кои има ниско ниво на доверба во институциите, каде што граѓаните честопати прифаќаат емоционално набиена содржина без критички да размислуваат.

Лејла Турчило, професорка на Факултетот за политички науки во Сараево, предупредува дека граѓаните се веќе преплавени со информации, а вештачката интелигенција дополнително ја замаглува границата помеѓу вистината и манипулацијата, што го отежнува донесувањето информирани одлуки.

Милош Вукановиќ од Центарот за демократска транзиција (CDT) во Подгорица верува дека вештачката интелигенција сигурно ќе се користи во кампањите, но дека клучното прашање е кој ќе биде првиот што ќе ја премине црвената линија и ќе користи deepfake за директно дискредитација на противникот.

Словенечкиот аналитичар Ленарт Кучиќ предупредува дека помалите земји се особено ранливи бидејќи информациите се шират брзо и некритички, а медиумскиот екосистем е помал и полесен за дестабилизација, додека бугарскиот експерт за дигитална форензика Петар Марков смета дека Балканот е „идеална средина за манипулација со вештачка интелигенција“ поради политичката поларизација и слабата медиумска писменост.

Граѓаните помеѓу преоптеретеноста и апатијата

Истражувањата покажуваат дека изложеноста на дипфејк содржина можеби нема да го промени убедувањето за кого да се гласа, но може да ја намали довербата во институциите и медиумите. Ова води кон дигитален нихилизам т.е. уверување дека „сите лажат“ и дека „ништо не е безбедно“, што е можеби најголемата закана за демократијата.

Заедничкиот именител на сите овие горенаведени предупредувања е јасен: вештачката интелигенција не создава нови проблеми, туку радикално ги зајакнува постојните слабости на балканските општества. Во средина каде што медиумите се изложени на притисок, граѓаните се преплавени со информации а политичките актери се склони кон манипулации, вештачката интелигенција станува мултипликатор на ризик.

Ако се постави прашањето колку се подготвени медиумите, граѓаните и политичките партии на Балканот за кампањи во кои може да доминира содржина генерирана од вештачка интелигенција, одговорот е дека тие се делумно свесни, но не се доволно подготвени.

  • Медиумите имаат клучна улога, но им недостасуваат ресурси, знаење и честопати политичка независност за доследно да ја вршат таа улога.
  • Граѓаните интуитивно чувствуваат дека „нешто не е во ред“ со информацискиот простор, но поради недостаток од систематско образование тие се препуштени на сопствени импровизации.
  • Политичките партии во голема мера гледаат на вештачката интелигенција како на уште една алатка во борбата за власт, а не како ризик за самата инфраструктура на демократијата.

На крајот на краиштата, одговорот на вештачката интелигенција и лажните вести нема да дојде од една мерка или од една институција. Тоа ќе биде комбинација од регулатива, технолошки решенија, професионални стандарди во медиумите и, можеби најважно, долгорочни инвестиции во медиумите и дигиталната писменост.

Без системско образование, регулатива и технолошки решенија, вештачката интелигенција не само што ќе ги промени кампањите, туку ќе ја промени и самата идеја дека изборите можат да се засноваат на информиран избор, а не на алгоритамски дизајнирана илузија.

Харис Љево

Харис Љево е долгогодишен новинар, кој има работено и пишувано за голем број медиуми во Босна и Херцеговина и на Балканот, вклучувајќи ги Al Jazeera, Tačno.net, Vijesti, Vreme, Buku и други. Магистрирал комуникологија на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Сараево. Неговата сфера на интерес опфаќа меѓународни односи, политички системи и функционирањето на политичките партии.