Јазот и поделбата во бугарското општество се толку големи што, голема е веројатноста дека и после овие избори, политичката карта ќе биде толку фрагментирана и хетерогена што практично ќе биде невозможно да се состави стабилна влада, како што беше впрочем ситуацијата и до сега.
Предвремените парламентарни избори што ќе се одржат во Република Бугарија на 02 април 2023 година се петти последователни избори во изминатите две години и се најголемиот показател дека нашиот источен сосед со сигурност се наоѓа во една од најдлабоките политички кризи во изминатите две – три децении.
Јазот и поделбата во бугарското општество се толку големи што, голема е веројатноста дека и по овие избори, политичката карта ќе биде толку фрагментирана и хетерогена што практично ќе биде невозможно да се состави стабилна влада, како што беше впрочем ситуацијата и до сега.
Колку тежат главните субјекти на бугарскиот политички пазар?
Она што можеби досега го одбележа предизборието е формирањето на предизборна коалиција помеѓу партиите „Продолжуваме со промената“ предводена од дуото Кирил Петков и Асен Василев и „Демократска Бугарија“ чијшто предводник е Христо Иванов. Целта на оваа предизборна коалиција е, како што велат тие, сите умерени и прогресивни гласови да бидат сконцентрирани на едно место, со цел остварување поповолен резултат и победа против Граѓани за европски развој на Бугарија - ГЕРБ на Бојко Борисов.
Според најновите анкети на „Алфа Рисрч“, „Галуп“ и „Тренд“, овие две спротивставени коалиции, условно речено, центар-лево (ПП+ДБ) наспроти центар-десно (ГЕРБ), „тежат“ речиси идентично, а нивната разлика варира под 1%, што значи дека изборите во Бугарија ќе донесат нова неизвесност на тамошната политичка сцена.
На третата позиција според испитаниците се наоѓа Движењето за права и слободи (ДПС) партија на етничките Турци, предводена од Мустафа Карадај. Веднаш по неа е екстремната десна партија на Костадин Костадинов „Возраждане“ која има крајно безобразни и понижувачки ставови кон Македонија а на петтата позиција, со околу 8% се наоѓа Бугарската социјалистичка партија – БСП на Корнелија Нинова.
Овие пет политички формации се единствените кои „тежат“ над 4% што според бугарскиот изборен модел, е предуслов за влез во парламентот. Според анкетите, тие се засега единствените партии кои би освоиле пратеници во бугарското Народно собрание, иако неколку други политички партии се нешто под 4% и вложуваат напори да го достигнат тој праг, како што се Има таков народ - ИТН на Слави Трифонов, Бугарски подем - БВ на поранешниот технички премиер Стефан Јанев и коалицијата наречена „Левицата“ составена од повеќе мали политички партии.
Имајќи ја предвид поларизацијата помеѓу ПП-ДБ и ГЕРБ, немањето коалициски потенцијал на ДПС, падот на рејтингот на БСП и екстремистичките ставови на Возраждане, многу се мали шансите да се направи било каква влада, камоли стабилна и долгорочна, па оттука може да се извлече заклучок дека најверојатно ќе има само еден и единствен победник, а тоа е бугарскиот претседател Румен Радев.
Имено, во ситуација кога бугарскиот парламент не е во состојба да оформи мнозинство, со цел изгласување на влада, целата моќ паѓа во рацете на Радев кој, назначувајќи службена влада како што предвидува Уставот, а предводена од нему блиски луѓе, де факто и де јуре целосно владее со Бугарија.
Затоа, Бугарија во изминативе две години повеќе личи на претседателска отколку на парламентарна република. Дел од бугарските експерти кои се про-европски ориентирани искажуваат голема загриженост за овие состојби, со оглед на фактот дека Радев доста често знае да има ставови слични на оние на Москва, а спротивни на ЕУ и НАТО.
Македонско – бугарски односи
По усвојувањето на декларацијата во бугарскиот парламент каде се оспорува македонскиот идентитет и првото бугарско вето коишто се случија пред три години, односите помеѓу Македонија и Бугарија, очекувано, достигнаа историски најниско ниво на доверба.
Извор: fokus.mk
Стануваше збор за мачен процес каде ветото се протегаше низ повеќе европски претседателства, за да конечно биде постигнат „финален договор“ (според ставот на македонската Влада), за време на француското претседателство, со т.н Француски предлог, со што, покрај другите обврски, македонската Влада прифати и промена на македонскиот Устав со цел вметнување на бугарската заедница во него.
Дали спорот што Бугарија го има со Македонија е решен преку т.н Француски предлог или тоа претставува само Договор за привремено одблокирање на евро-интеграцискиот процес на Македонија кој сепак ќе биде проследен со низа други барања и уцени?! Фактот што односите помеѓу двете земји ескалира со физичката пресметка помеѓу неколку лица во Охрид, проследена со тензична атмосфера пред, и за време на чествувањето на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, е цврст доказ дека постојат структури во Бугарија кои имаат за цел да ги дестабилизираат односите помеѓу двете држави преку измислени проблеми и спорови, правејќи, народски кажано, „од мува – слон“.
Тоа може да се види во низа изјави од бугарските политичари во изминатиот период, како оние на Џамбаски и Радев. Ваквите изјави немаат допирна точка со реалноста, но служат за собирање политички поени и подгревање на тензиите. Фактот што ваквите провокативни изјави влијаат негативно на односите помеѓу двете земји и на европската интеграција на Македонија, се поставува прашањето дали дел од политичарите во Софија искрено сакаат да ја видат нашата држава како рамноправен партнер во ЕУ или сепак зад завесите работат на намерно блокирање на овој процес, нешто што е спротивно на интересот на Брисел и Вашингтон – Западен Балкан да биде дел од ЕУ.
Имено, континуитетот на навреди и провокации кои доаѓаа од Софија изминативе месеци и години, создадоа огромен револт кај македонските граѓани, посебно етничките Македонци, од кои според најновото истражување на ИДСЦС, 80% се противат на вметнувањето на бугарската заедница во Уставот, а со тоа и на Францускиот предлог, што значи дека владата предводена од СДСМ оди спротивно на ветрот преземајќи една толку непопуларна мерка, а тоа може драматично да се одрази на нејзиниот рејтинг на следните парламентарни избори.
Уставни промени
Македонија, како држава, од минатото лето веќе има преземено обврска за вметнување на бугарската заедница во македонскиот устав, па доколку сакаме отпочнување на преговорите со Европската Унија, по завршувањето на скрининг процесот во ноември 2023 година, неопходно ќе биде да се промени и Уставот.
Дополнително, јасниот став на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање, односно дека во овој парламентарен состав нема да се случат уставните промени, доколку нема гаранција од ЕУ дека ова е последно барање, ни дава до знаење дека уставните промени многу веројатно нема да се случат годинава, а преговарачкиот процес на Македонија ќе биде стопиран на одредено време.
Македонија ќе биде во многу неповолна ситуација бидејќи, од позиција на жртва, ќе стане виновник за стопирањето на преговорите, односно сами себе ќе си ставиме вето. Како одминува времето, се повеќе личи дека инсистирањето на официјална Софија промената на македонскиот устав да се случи пред отпочнувањето на преговорите со ЕУ беше всушност еден вид „тројански коњ“ од бугарска страна. Во случај уставот да не биде променет, Македонија да биде обвинета дека не се однесува во европски дух, а Бугарија да ги „измие рацете“ од одговорност.
Како и да е, штетата е направена и мора да се соочиме со реалноста. Кога – тогаш, тие уставни промени мора да се случат, бидејќи се вградени во македонската преговарачка рамка и од тој аспект се неопходни доколку сакаме да преговараме со ЕУ.
Но, без разлика која влада ќе обезбеди 2/3 мнозинство во парламентот за реализација на тој процес, треба да се земе предвид фактот дека ова е болен и тежок процес кој ќе придонесе за уште поголем пораст на евроскептицизмот. Затоа, Македонија како држава, за возврат треба да бара јасни и цврсти гаранции од големите европски метрополи дека во иднина процесот нема да биде закочен поради историски причини.
Дополнително, македонската дипломатија може и да побара финансиска поддршка од ЕУ за реформи во клучните сектори и институции, како дополнителен стимул за македонските граѓани. Со оглед на фактот дека правиме огромна отстапка – нека направат и тие (доделување дополнителни средства за Македонија, независно од веќе предвидените за цел Западен Балкан).
Бидејќи, доколку уставот биде променет, и онака големата разочараност кај граѓаните, ќе стане уште поголема.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.