м-р Емилија Локвенец
Овластувањата на Врховниот суд да издава интерпретативни сфаќања за важни правни прашања, создавани in abstracto, е познат само во правните системи кои се развивале под влијание на советскиот модел, базиран на формализам и централизам.
Деновиве, македонската јавност е вознемирена од начелното мислење со кое Врховниот суд на општа седница му „пресуди“ на Специјалното јавно обвинителство и индиректно го прогласи за ненадлежно во повеќе тековни судски предмети. Зошто Врховниот суд го донесе ова мислење, дали ја пречекори својата надлежност и што сега може да се стори, се прашања кои најчесто, со право, се поставуваат.
Носењето начелни ставови и начелни правни мислења е законско овластување на општата седница на Врховниот суд во рамките на неговата надлежност утврдена со членот 101 од Уставот на Република Македонија да обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите. Подетално, иако недоволно прецизно, оваа постапка е уредена со Деловникот на Врховниот суд. Во законот за судови, како и во Деловникот, начелните мислења и ставови одат „во пакет“ и не е доволно јасно кога општата седница носи став, а кога мислење.
Каков извор на право се начелните ставови и правни мислења?
Во домашната и во правната литература на земјите од Југоисточна Европа ќе ги сретнете како „фактички“ извор на право, затоа што иако формално-правно не се задолжителни за пониските судови, тие делуваат врз нив со својот авторитет, како ставови донесени од највисокиот национален суд. Во литературата на западниот свет нема ни да ги сретнете, освен како правен инструмент напуштен пред повеќе од 2 века. Затоа, овој своевиден феномен, овластувања на Врховниот суд да издава интерпретативни сфаќања за важни правни прашања, создавани in abstracto, е познат само во правните системи кои се развивале под влијание на советскиот модел, базиран на формализам и централизам.
Зошто начелните ставови и мислења се проблематичен извор на право?
Проблематичноста произлегува од повеќе причини:
- Спротивни се на уставното начело на поделба на власта, согласно кое Врховниот суд е носител на судската власт. Тој е највисокиот суд во државата, но сепак е само суд и само во тој капацитет, постапувајќи во конкретни и живи предмети, може да ја остварува својата улога утврдена со Уставот. Надлежноста вон судење, каква што е надлежноста да носи начелни правни ставови и мислења, е квази-судска надлежност и таа повеќе ја намалува отколку што ја зголемува правната сигурност на граѓаните. Со можноста Врховниот суд да донесе апстрактно правно сфаќање и да го направи универзално применливо во судски постапки кои се водат пред судовите, Врховниот суд ја презема функцијата на законодавец и тоа законодавец со ретроактивно дејство;
- Спротивни се на принципот на независност на судството, а со тоа и на членот 6 од Европската конвенција за човекови права и слободи, со кој е пропишано правото на секој неговиот случај да го испитува независен и непристрасен суд, што не е случај кога инстанциониот суд не постапува само по закон и устав, туку и по одлука донесена од страна на друго тело (Општа седница на Врховниот Суд) кое одлучува in abstracto, без разгледување на фактите во конкретниот спор;
- Спротивни се на членот 13 од Европската конвенција за човекови права и слободи со кој е определено право на делотворно правно средство. Имено, против апстрактните ставови и мислења на Врховниот суд, странките во постапката пред инстанциониот суд не можат да вложат никакво правно средство.
Бидејќи начелните ставови и мислења (формално – правно) не се задолжителни за судиите од пониските судски инстанци, тие не претставуваат општ правен акт (пропис) кој би бил подложен ниту на контрола од страна на Уставниот суд, за што Уставниот суд во повеќе наврати се изјаснил дека е ненадлежен да постапува и ги отфрлил иницијативите за испитување на уставноста и законитоста на начелни ставови и начелни мислења затоа што не претставуваат пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на РМ. На овој начин тие се и вон досегот на радарот дури и на Уставниот суд.
Извор: makfax.com.mk
Ставот на Венецијанската комисија по однос на начелните ставови и мислења, како и слични инструменти за воедначување на судската пракса, е дека „тоа е некој вид arrêts de règlement (регулаторна судска одлука м.з) – кој е исфрлен во западните општества пред два века“ и дека „Врховниот суд утврдува правни ставови само во рамките на конкретен случај; инаку ова би претставувало кршење на начелото на поделба на власта, бидејќи судот не може да донесе ниту една одлука надвор од својата надлежност.“
Проблематичноста на начелните ставови и мислења е дотолку поголема што тие не се ниту ефикасен механизам за обезбедување на конзистентност на судската пракса. Постојат повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права во случаи против Република Македонија во кои е утврдена повреда на правото на правично судење заради неконзистентна судска пракса. Во случајот на Стоилковска на пример, Европскиот суд нашол дека жалителката се соочила со флагрантна неконзистентност во примената на домашното право што може само да ја поткопа кредибилноста на судовите и да ја намали довербата на јавноста во судскиот систем. Случајот произлегува од постапка за надомест на штета покрената од работодавецот на жалителката пред домашните судови, која се однесува на добра што недостасувале од продавницата во која жалителката работела како продавачка. За истиот настан, работодавачот покренал 6 одделни случаи против свои вработени. Во петте случаи кои се однесувале на колегите на жалителката, Апелациониот суд го применил принципот на субјективна одговорност и донел одлука дека од тужените не може да се бара надомест на штета за коај не била утврдена индивидуална одговорност, а само во случајот на Стоилковска Апелациониот суд го применил принципот на објективна одговорност, без притоа во својата пресуда да даде разумно образложение на што се должи разликата во примената на правото. Тоа, според Европскиот суд, резултирало со неправедна рестрикција на правото на жалителката на фер судење. Во отсуство на механизам што би ја отстранил оваа неконзистентност, Европскиот суд одлучил дека таквата пресуда е спротивна на принципот на правна сигурност и го прекршува правото на жалителката загарантирано со членот 6 од Конвенцијата.
Потреба од нов модел во остварувањето на уставната улога на Врховниот суд
Трендот на напуштање на начелните ставови и мислења како алатки за воедначување на судската пракса е забележлив во пост-социјалистичките земји од Југоисточна Европа, па прашање на време е кога ќе стигне и до нас. Во меѓувреме, треба да се работи на зацврстување и засилување на позицијата на Врховниот суд, но не во неговата досегашна, патерналистичка улога над пониските судови, туку во зголемување на неговите професионални и стручни капацитети преку кои ќе се реализира како навистина највисок суд во земјата.
Конзистентноста на судската пракса е многу важна за еден правосуден систем во демократска држава која ги почитува човековите права и се води од принципите на законитост и владеење на правото. Единството во примената на законите од страна на судовите значи еднаквост на граѓаните пред законот, предвидливост на правните ситуации и правна сигурност. Правната сигурност е важен елемент на принципот на владеењето на правото и е суштинска при креирањето и одржувањето на довербата на јавноста во правосудниот систем. Конзистентната судска пракса може да го намали и обемот на работа на судовите, а со тоа и притисокот врз нив, со што ќе се овозможи нивно поефикасно и поквалитетно работење.
Сепак, воедначената примена на правото не смее да значи запирање на неговиот прогресивен развој. Секој судски систем треба да настојува да постигне рамнотежа помеѓу вредностите на прогресивниот развој на судската пракса, од една страна и обезбедувањето на единство во толкувањето и примената на законот односно унифицираната и стабилна судска пракса, од друга страна. Во спротивно, судската пракса која пребрзо се развива може да ја направи правната регулатива непредвидлива, а со тоа да ја поткопа правната сигурност. Но, и премногу ригидна судска пракса може да не се носи со предизвиците на времето и развојот на социјалните односи, што пак може да доведе до стагнација, па дури и до уназадување на тие односи. Она што е важно е правосудниот систем да располага со ефикасни механизми кои ќе спречуваат длабоки и долготрајни разијдувања во судската пракса, односно ефективно ќе ги отстрануваат доколку до нив дојде. Улогата на Врховниот суд е тука клучна, но само со нов, соодветен модел на алатки преку кои ќе му се овозможи да обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите, без притоа да ја нарушува нивната независност, останувајќи во својот делокруг и надлежност.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.