Едно големо отворено прашање кое се однесува на политиката за проширување на ЕУ и понатаму е Косово. Кандидатскиот статус за ЕУ за Босна и Херцеговина го остава Косово како последна земја од регионот која нема јасен пат кон ЕУ.
Историски гледано, политиката за проширување на ЕУ има свои подеми и падови. Кога се соочува со важни предизвици, се покажа дека ЕУ е отпорна и е подготвена да прифати нови земји-членки. Меѓутоа, во текот на изминативе неколку години, оваа подготвеност и посветеност се во пад поради заморот од проширувањето и евроскептицизмот.
ЕУ денес се соочува со својата најголема борба за мир и безбедност на европскиот континент поради војната во Украина. Ова може да биде и повик за будење на ЕУ и да отвори можности за понатамошен и побрз напредок во интегрирањето на преостанатите земји од Западен Балкан во Унијата.
Две децении ЕУ во земјите од Западен Балкан: повеќе реторика отколку акција
По распадот на Југославија, Соединетите Американски Држави ја пренесоа диригентската палка на лидерство во регионот на ЕУ. Ова беше официјализирано на Самитот во Солун во 2003 година, каде што ЕУ официјално ја потврди европската перспектива за земјите од Западен Балкан.
ЕУ кон регионот го употреби пристапот наречен „морков и стап“, што значи дека демократските реформи се наградени со понатамошна интеграција додека недостатокот на напредок доведува до казнување. Меѓутоа, повеќе од 20 години, земјите од Западен Балкан не успеваат да се интегрираат во Унијата. Само една земја од регионот, Хрватска, стана членка на ЕУ во 2013 година.
Во меѓувреме, апетитот за проширување почна да се намалува, бидејќи ЕУ почна да се соочува со повеќе кризи како што се финансиската и мигрантската криза, терористичките напади, Брегзит и анексијата на Крим, при што другите шест земји останаа надвор од Унијата.
Главната политика на ЕУ кон Западен Балкан, а тоа е политиката на проширување, започна да бледнее. Земјите-членки на ЕУ почнаа да се двоумат околу натамошното проширување, што доведе до фаза која е позната како евроскептицизам и замор од проширувањето на ЕУ.
Вакуумот кој беше создаден од САД на почетокот на овој милениум и од ЕУ неколку години подоцна, брзо беше пополнет од малигни и авторитарни актери, и тоа главно Русија и Кина, кои користеа механизми на мека моќ, воени капацитети и економски инвестиции за да го придвижат регионот подалеку од ЕУ.
Русија, на пример, заземаше сè понепријателски став кога ја анектираше украинската територија на Крим во 2014 година. Ова беше повик за будење за Западот.
Истата година, поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, се обиде да го спаси процесот на проширување со покренување на историската иницијатива на Германија наречена Берлински процес. Целта беше да се задржи динамиката на интеграција во ЕУ преку обезбедување на дополнителна посветеност од страна на Германија кон регионот, преку склучување договори за регионална соработка.
Во периодот од 2014 година досега, во регионот се констатира мал напредок. Најсуштински напредок беше постигнат меѓу Македонија и Грција, кои се согласија да стават крај на нивниот 27-годишен спор околу употребата на името „Македонија“ и да го сменат името на државата во Северна Македонија.
Две децении по одржувањето на Самитот во Солун, шесте земји од Западен Балкан и понатаму се надвор од Унијата.
Руската инвазија врз Украина ги стави работите во движење
Руската агресија врз Украина предизвика промена на парадигмата. Западот брзо одговори на агресијата. Стравот од понатамошна ескалација на безбедноста во Источна Европа стана реален и ЕУ реши соодветно да дејствува со санкции, испораки на воени и други средства со цел да ѝ помогне на Украина.
Извор: pixabay.com
ЕУ исто така брзо испрати и важни политички пораки и сигнали. Во период од една година таа им додели статус на земји кандидати за ЕУ на Украина, Молдавија и на Босна и Херцеговина а исто така го одобри и отворањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија.
Важно е да се напомене дека ЕУ дејствуваше во услови на вонредни околности предизвикани од војната во Украина. Сепак, императив е ЕУ да не застане тука. Европа денес е многу поопасно место за живеење отколку што беше во 2014 година. Во таа смисла, војната во Украина покажува дека ЕУ треба да дејствува брзо во своето соседство и да го рекалибрира својот надворешнополитички пристап.
Политиката на проширување можеби се соочува со замор или скептицизам, но таа и понатаму претставува опиплив пристап за напредок и консолидација на демократиите во земјите од Западен Балкан и пошироко. Покрај тоа, пристапот го симболизира капацитетот на ЕУ да дејствува како глобален актер во меѓународните работи.
Косово: Последниот вагон кој чека да се приклучи на возот за ЕУ
Едно големо прашање што се однесува на политиката за проширување на ЕУ останува Косово. Кандидатскиот статус во ЕУ за Босна и Херцеговина го остава Косово како последна преостаната земја во регионот која нема јасен пат кон ЕУ.
Иако Босна и Херцеговина мораше да чека шест години за да добие кандидатски статус за ЕУ, поради нејзините сложени внатрешно-политички прашања, прашањето за Косово е покомплицирано на меѓународната сцена.
Пет земји-членки на ЕУ не ја признаваат државноста на Косово, што ги отежнува напорите на Косово да остварува напредок на својот пат кон ЕУ. Ова во голема мера се должи на недостатокот на напредок во дијалогот помеѓу Косово и Србија.
Земјите-членки на ЕУ кои не го признаваат Косово изјавија дека тоа ќе го сторат само откако ќе се постигне договор за нормализација на односите со Србија. И покрај ваквите тешкотии, Косово официјално поднесе апликација за членство во ЕУ на 15 декември 2022 година. Првиот удар за Косово дојде од Шпанија, која објави дека нема да ја поддржи апликацијата на Косово за членство во ЕУ.
Во таа смисла, натамошниот напредок на Косово во неговите аспирации за интеграција во ЕУ е поврзан со напредокот во дијалогот Косово-Србија. На ЕУ ѝ е важно да испорача резултати во овој процес и да го отвори патот за нејзин унифициран пристап кон земјите од Западен Балкан.
Интеграцијата во ЕУ е повеќе политичка отколку што е заснована на заслуги
Во 2004 година, ЕУ направи храбар потег и прифати 10 нови земји-членки, што беше нејзино најголемо проширување. Осум земји од Централна и Источна Европа заедно со Кипар и Малта станаа членки на Унијата на 1 мај 2004 година. Три години подоцна, Романија и Бугарија исто така се приклучија на ЕУ, а последната земја која стана членка беше Хрватска во 2013 година.
Овој потег беше повеќе политички отколку заснован на заслуги. Земјите од Централна и Источна Европа со децении беа под советска контрола. Крајот на Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз ги убедија лидерите на ЕУ дополнително да ја прошират Унијата во интерес на нејзината геополитичка предност.
Поголемиот број земји-членки значеше поголема стабилност, безбедност и просперитет за европскиот континент, и ова се претвори во политички поволен моментум. Како резултат на тоа, политиката на проширување на ЕУ стана најуспешната надворешнополитичка алатка за ЕУ.
Во оваа смисла, проширувањето на ЕУ беше повеќе политичко средство наместо процес заснован само на заслуги. Да го земеме примерот со Кипар. Тоа е остров кој реално е поделен по етнички линии, без целосна контрола на неговите граници и кој сега претставува тапон зона на Обединетите нации.
Втор пример е Бугарија, која не беше подготвена од аспект на владеење на правото за членство во ЕУ и (и ден денес е така) понатаму има проблем со предизвиците кои се однесуваат на владеењето на правото и корупцијата. Денес, Бугарија има најнизок ранг како земја-членка на ЕУ во Индексот за перцепција на корупцијата кој го подготвува Транспаренси Интернешнл. Ниту една од овие земји не ги исполнува основните критериуми за влез во блокот.
Ако ЕУ успеа испорача во 2004 година поради потенцијалната закана што доаѓа од Русија, таа може повторно да испорача поради реалната закана што Русија ја претставува за земјите од Источна и Југоисточна Европа.
2023: Дваесет години од Самитот во Солун
Перспективите за членство во ЕУ за земјите од Западен Балкан остануваат неостварливи на краток рок, но најновите случувања покажаа дека ЕУ конечно е желна да го промени својот пристап во насока на повеќе делување наместо реторика.
На пример, за прв пат досега, ЕУ организираше самит ЕУ-Западен Балкан во земја од регионот, каде домаќин беше Албанија, на 6 декември 2022 година.
Главниот белег на Самитот беше заедничката Декларација со која се изразува целосната поддршка на ЕУ за перспективата за членство на земјите од Западен Балкан и која повикува на забрзување на процесот на пристапување. Понатаму, земјите потпишаа и договор за намалување на таксите за роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ.
Првата точка од Декларацијата заклучува дека „Руската ескалација на агресивна војна против Украина ги доведува во ризик европскиот и глобалниот мир и безбедност и ја нагласува важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан“.
Па така, новиот геополитички пејзаж и сериозната закана од Русија се доволно сериозни причини за промена на курсот. Земјите-членки на ЕУ ги зголемуваат буџетите за одбрана. Германија, на пример, одобри 100 милијарди евра специјален фонд за одбрана.
Францускиот претседател Емануел Макрон покажа геополитички аспирации така што водеше политика која значеше геостратешка автономија за Европа и нејзина подобра положба на светската сцена. Земјите-членки на ЕУ посветуваат посебно внимание на илегалните миграциски рути кои потекнуваат од Балканот и поблиску соработуваат со земјите од тој регион.
Неодамна, Европскиот парламент донесе резолуција со која натамошниот напредок на Србија во процесот на пристапување кон ЕУ се условува со усогласување со санкциите кои ЕУ ги воведе против Русија. Сето ова се индикации дека ЕУ преминува од зборови на дело и дека тајмингот на овие случувања е во момент кој е клучен за Европа.
Следната 2023 година има значајно политичко значење за ЕУ и за Западен Балкан, бидејќи е 20-годишнина од Самитот во Солун. На ЕУ ѝ е потребен уште еден ваков самит каде што ќе може да определи конкретен патоказ за интеграција.
Императив е ЕУ да му посвети поголемо внимание и постојано да се ангажира во регионот на Западен Балкан. Интегрирањето на земјите од овој регион и понатаму претставува предизвик, но тоа не е невозможно. Историјата покажува дека во време на неизвесност и кризи, ЕУ секогаш давала резултати.
Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN).
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.