fbpx

Србија во 2023 година: На резервна клупа?

Недим Сејдиновиќ

Политичките случувања од 2022 година укажуваат на тоа дека во следната, 2023 година, веројатно ќе биде блокиран ионака лицемерниот европски пат на Србија.

Кога пред десетина години дојде на власт, Александар Вучиќ се претставуваше, во земјата а особено во регионот на Западот, како политичар кој доживеал катарза т.е. преобратување – од оној кој повикува на војна и некој кој бил жесток шовинист на фудбалските трибини – во некој кој се претворил во еврофанатик.

Неговата проевропска политика, всушност е промовирана и неколку години претходно, кога еден дел од Српската радикална странка (СРС) му побегна на својот долгогодишен шеф и осуденик во Хаг, Војислав Шешељ, и ја формираше Српската напредна странка (СНС) на чело со него и Томислав Николиќ. Нема сомнение дека во ова „бегство“ имаа помош и од тогашната власт во Србија предводена од демократот Борис Тадиќ, но исто така и од некои западни земји. Тие сакаа да формираат силна, конзервативна но истовремено и недосвосмислено проевропска партија. Со други зборови – еден дел од српските националисти (кои, по правило, се русофилски ориентирани) да се свртат кон Западот.

Се сонуваше дури и за некаков двопартиски систем во кој оние напредните би биле десница а Демократската странка (ДС) би била лев центар. Нивен заеднички именител би бил забрзување на патот кон Европа.

По доаѓањето на власт, Вучиќ направи потези на внатрешен и надворешно-политички план кои го уверија Западот дека не згрешиле што играле на картата на поранешниот министер за информации во владата на Милошевиќ. Во 2013 година беше потпишан Бриселскиот договор, кој го заокружи институционалниот систем на Косово и донекаде ги релаксира односите меѓу Белград и Приштина. Од регионален аспект, Вучиќ испрати смирувачки пораки, па затоа беше сфатен како фактор на стабилност на Балканот.

Покрај тоа, во својата земја тој започна со т.н сузбивање на корупцијата и криминалот, при што беше уапсен и моќниот Мирослав Мишковиќ. Ова му донесе огромна популарност на Вучиќ а меѓу граѓаните беше перципиран како Елиот Нес. Дури и оние од соседните земји во некои анкети се жалеа дека немаат „таков политичар“.

Од друга страна, пак, работите се одвиваа во сосема друг правец. Беше јасно дека внатре во земјата овој најмоќен политичар, без разлика на која функција се наоѓа (од 2012 до 2014 беше потпретседател на Владата, па од 2017 година премиер на Србија, а потоа и претседател на државата) воспоставува автократски систем кој започна со ставањето на тајните служби под силна лично-партиска контрола. Потоа е воспоставен антидемократски систем на строга контрола на медиумите и правосудството. Овие механизми за контрола потоа му помогнаа да ги уништи и другите институции и политичките противници.

Од позиција на огромна моќ и со поддршка од Западот, тој не само што ја уништуваше или „припитомуваше“ опозицијата и критичката јавност туку и своите политички партнери, па дури и долгогодишниот политички соработник Томислав Николиќ кого во целост го маргинализираше и практично му забрани да се кандидира за претседател на Србија во 2017 година.

Честите избори кои беа организирани изминатава деценија изобилуваа со неправилности и воопшто не беа ниту слободни ниту фер. Негативните трендови беа констатирани во европските извештаи и од набљудувачите, но тоа беше исклучително умерено, а мошне често тие немаа доверба кон критичарите на режимот на Вучиќ. На патот на Вучиќ кон Европската Унија, Србија остана без слободни медиуми и слобода на говорот, без независни институции и слободни избори, што значи без демократија.

И да, оние кои беа уапсени во борба против корупцијата никогаш не беа осудени. На чело со Мишковиќ, кој денес е слободен, моќен и кооперативен бизнисмен.

Пораки за помирување и изливи на омраза

Во однос на регионот, ситуацијата е парадоксална. Додека Вучиќ испраќаше пораки за помирување, неговите најблиски соработници истураа омраза кон соседните држави и народи. Медиумите кои недвосмислено и нескриено беа во служба на неговиот режим, особено многуте печатени таблоиди, ја обновија воено-поттикнувачката реторика од деведесеттите години, па така сè „вриеше“ од „усташи“, „балии“, „лоши Шиптари“, „странски платеници“ и „домашни предавници“.

Иако тој се колнеше дека Србија се движи кон ЕУ, јавната реторика во најголем дел беше антиевропска, што доведе до тоа денес, како никогаш досега, па дури ниту во деведесеттите години, идејата за Европа во Србија да биде на најниско ниво т.е. да не биде популарна.

Извор: vreme.com

Во исто време се создаваше култ на личноста не само на Александар Вучиќ, туку и на рускиот претседател Владимир Путин, кој стана почесен граѓанин во многу населени места во Србија. По вертикала, ултра-националистите беа сместени во структурите на власт, од кои некои имаа и крвави раце во 1990-тите години, а попознати членови на СНС стануваа и лица кои се осудени воени злосторници. Интересно е што во европските документи дури во 2020 година беше наведено дека во Србија се води антиевропска кампања, значи по осум години од постоењето на таквата кампања.

Експертите за евроинтеграции тврдат дека станува збор за стратегија на режимот на Вучиќ: со својата десетгодишна анти-ЕУ стратегија тој ги натера граѓаните да го мислат тоа што го мислат, па сега е во лесна позиција да се сокрие зад нив и да се откаже од европскиот пат во секој момент, било суштински или дури и формално. Во еден момент власта имаше политички и финансиски придобивки од тој пат, отсега па наваму таа може да има само штета. Имено, тој подразбира, меѓу другото, и справување со криминалот и корупцијата, кои беа и останаа „conditio sine qua non“ на режимот на Вучиќ.

Не може да се каже дека во последниве десет години официјалната српска политика не успеа успешно да балансира меѓу Русија и Западот. Поконкретно, Русија ги реализира своите интереси во Белград, а Западот не сака Србија целосно да се сврти кон Кремљ. За оваа удобна позиција придонесе и мнозинството од српската опозиција и јавноста, кои се националисти и русофили, а кои режимот, всушност, внимателно ги негува.

Вучиќ му порача на Западот: Ако не јас, тогаш ќе дојдат овие на власт! И тоа, во најголем дел, имаше резултат. Иако официјалните европски извештаи од година во година констатираат проблеми во слободата на медиумите, владеењето на правото и борбата против корупцијата - недвосмислено е јасно дека Вучиќ и понатаму ја имал поддршка од Западот.

На сериозните општествени и политички проблеми во Србија, Западот одговори со давањето поддршка на „процесите на дијалог“ во Србија и со „јакнење на институционалните капацитети“, занемарувајќи го притоа фактот дека дијалогот во општеството е укинат токму благодарение на режимот на власт, и дека постоењето на институциите нема смисла поради воспоставувањето на автократски систем во кој, целосно отворено, сите одлуки се донесуваат од еден центар на моќ. Вучиќ е политичар кому Европа великодушно му прогледувала низ прсти, и тоа беше особено забележително додека на власт во силната Германија беше Ангела Меркел и нејзината партија ЦДУ, која, инаку, ѝ е партнер на партијата на Вучиќ во Европската народна партија.

Односите со Кремљ

Потоа, Меркел замина во политичка пензија, во Германија на власт дојдоа социјалдемократите, либералите и зелените кои не се расположени да го поддржуваат очигледното пропаѓање на демократијата во Србија, ниту да ги затвораат очите на сè полошите регионални односи во земјите од Западен Балкан, каде Србија има клучна улога.

Потоа се случи руската агресија врз Украина и тоа го доведе Вучиќ во многу незгодна ситуација. Огромни се притисоците од Западот за тоа Србија да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на ЕУ т.е. да воведе санкции за Русија и да направи сериозен завртување настрана од Кремљ. Исто така се зголемуваат и притисоците за решавање на проблемот со Косово како и да се создадат услови за слобода на изразување и да се започне со решителна борба против криминалот и корупцијата. Во последниот извештај за напредок на Србија се споменува и влошувањето на политичките односи кои ги има Србија со земјите во регионот, при што особено се споменуваат Хрватска или Црна Гора.

Се чини дека владата на Вучиќ, дури и да сака, нема да може да ги исполни барањата на ЕУ. Порешителната определба против руската агресија и воведувањето санкции против Кремљ сериозно би го разнишала овој режим, со оглед на големото русофилство во земјата. Неодамнешните случувања, како што се доделувањето на националните фреквенции исклучиво на телевизии кои ја шират пропагандата на режимот и засилените напади врз независните медиуми и новинари, покажуваат дека режимот нема да се откаже од клучниот инструмент на моќ - бескрајната контрола и злоупотреба на медиумите.

Веќе спомнавме дека не е реално ниту справувањето со криминалот и корупцијата, од проста причина што владата на Вучиќ (а тоа го покажуваат речиси секојдневните афери кои се откриваат од истражувачките центри) е потоната во криминал и корупција. Последните политички проблеми на Косово укажуваат дека нема да има ништо ниту од нормализирањето на односите со Приштина, а националистичките изјави на самиот Вучиќ и на други функционери ги влошуваат и онака лошите односи во регионот.

Именувањето на екстремниот националист Александар Вулин на чело на моќната безбедносно-информативна агенција (БИА) е исто така голема шлаканица за Западот. Нема сомнение дека Вулин е човек кој е близок до Москва, кој може да се пофали со многу блиски односи со високи руски функционери и кој е автор на фразата „српски свет“, заснована на фразата „руски свет“, која е основа на великоруската идеја и која е во позадината на руската агресија врз Украина. „Српскиот свет“ е испрана верзија на „Голема Србија“, која е политичка идеја која е главен виновник за крвавите војни кои се случија во 1990-тите години.

Експертите сметаат дека Вулин, не само што ќе ги промовира руските интереси, туку и ќе ја користи тајната служба за мешање на Србија во внатрешно-политичката ситуација во соседните земји. Неколку афери од минатото (да го спомнеме само „случајот Живаљевиќ“ во Македонија) покажуваат дека БИА била активна на тоа поле и во претходниот период.

Севкупно земено, Вучиќ одговара цинично на притисоците од Западот, преку инаетење, подгревање на национализам и ксенофобија. Политичките случувања од 2022 година укажуваат на тоа дека следната 2023 година ќе биде можеби година во која ќе биде блокиран ионака лицемерниот европски пат на Србија.

Тоа не мора да биде нешто официјално или формално. Доволно е Европа да го каже истото она што ѝ го кажа и на Турција: седнете на резервната клупа и одморете се малку додека не се средите и не размислите што сакате! А потоа работите сами по себе ќе тргнат кон лошо за Србија, и тоа првенствено на економски план: ќе се намали приливот на инвестиции, ќе се зголеми трговскиот дефицит, разните европски фондови ќе станат непристапни...

Нема сомнение дека режимот на Вучиќ ќе одговори на ова на начин како што единствено и умее: со продуцирање на политички и безбедносни проблеми во земјата и регионот и со ново цунами на застранување од Западот и од западните вредности.

 

Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Недим Сејдиновиќ

Недим Сејдиновиќ е новинар и писател од Нови Сад. Toj e aвтор на прозни и есеистички книги, и соработува со повеќе медиуми во регионот. Се занимава со следење и анализа на политичките, медиумски и културни состојби на Балканот.