fbpx

Како технологијата да работи во полза на работниците

Социјални права

05.10.19

Прегледи

Шамина Синг (Shamina Singh)

Shamina SinghГлобално земено, Глобалниот институт Мекинзи проценува дека до 2030 година, до 375 милиони работници (14 проценти од работната сила) ќе треба да се префрлат во други категории на професии за да ги задоволат потребите на пазарот на трудот кој се менува.

 

Во време кога технолошките иновации ги трансформираат нашите економии, работниците низ целиот свет прават сè што е потребно за да стигнат до успех, без разлика дали тоа е преминување на границите, менување работни места или започнување бизниси. За жал, механизмите за социјална заштита поспоро се приспособуваат на промените, што значи дека работниците кои минуваат низ ваква транзиција честопати се многу ранливи. Што ќе биде потребно за да се заштитат работниците на пазарот на трудот во иднина?

Во не толку далечното минато, повеќето работници го минуваа поголемиот дел од својата кариера работејќи само во една индустрија, најчесто и во истата компанија. Но, денес, скоро 40 проценти од вработените луѓе во Европската унија се во атипичен работен однос (не работат по договор на неопределено време, ниту со полно работно време) или се самовработени. Еден работоспособен Американец во денешно време во просек менува 11 работни места во текот на животот, а многумина работат и на повеќе работни места во исто време.

Глобално земено, Глобалниот институт Мекинзи проценува дека до 2030 година, до 375 милиони работници (14 проценти од работната сила) ќе треба да се префрлат во други категории на професии за да ги задоволат потребите на пазарот на трудот кој се менува. Покрај тоа, сите работници ќе треба да се адаптираат, односно да стекнат нови знаења и вештини, бидејќи нивната работа еволуира во чекор со машините кои стануваат сè поспособни. Ако автоматизацијата е таа што ќе ја обликува иднината на работата, доживотното учење ќе ја одреди иднината на работниците, особено со тоа што животниот век на работниците се продолжува.

За да се справиме со овие измени, без да се жртвува достоинството, автономијата или амбицијата, ќе ни биде потребна комбинација на економска мобилност и финансиска безбедност што може да се постигне преку нов вид механизми за социјална заштита со кои бенефициите ќе завршуваат директно во рацете на поединецот. Работниците не треба да бираат помеѓу тоа да минат период на сериозна ранливост додека менуваат професија или да останат на истата работа сè додека не бидат истиснати од автоматизацијата, само за да не ја загубат социјалната заштита. Исто како што технологијата го нарушува нивниот работен век, таа може да послужи и за нивна заштита со тоа што ќе овозможи испорака на бенефициите што се остваруваат во текот на работниот живот на една личност, без оглед на видот на работа или местото на работење.

Некои влади веќе преземаат чекори во насока на овој императив. Во 2015 година, Франција воспостави индивидуални сметки за обука за сите работници во приватниот сектор, достапни од нивното прво приклучување на пазарот на трудот па сè до нивно пензионирање. Секој вработен добива 24 часа обука за една година работење со полно работно време, додека не достигне праг од 120 часа, а потоа добиваат 12 часа годишно за обука.

Неодамна, Сингапур создаде „индивидуални сметки за учење“ за секој граѓанин постар од 24 години. Износите од сметките може да се потрошат на обуки за вештини од одобрени даватели на услуги. Слични модели се предложени во Канада, Кина и Египет. Во САД законодавците во неколку држави и градови подготвуваат предлог-закони за тестирање и финансирање на преносливи бенефиции.

Сепак, одговорноста за развој на универзални преносливи бенефиции не може да ја сносат само владите. Приватниот сектор исто така мора да помогне во остварување на целта со која сите работници, од мигрант, до рудар, до експерт за маркетинг, имаат пристап до алатките и услугите што им се потребни за да постигнат финансиска безбедност и да останат агилни и продуктивни во текот на целиот живот.

За среќа, постигнат е напредок по ова прашање, при што некои стартап компании нудат технологија која се фокусира на луѓето и која ќе ги поддржи механизмите за социјална заштита во иднината. На пример, Трезео разви банкарска сметка која, користејќи вештачка интелигенција, обезбедува заеми без камати и обезбедува постојана плата за независните работници, дури и за време на периодите кога нема многу работа. Боб Емплои од Франција користи вештачка интелигенција и владини податоци за да им обезбеди персонализирани проценки на можностите за вработување на лицата што бараат работа.

За да го поттикне континуираниот напредок, Мастеркард се придружи на Кралското друштво за поттикнување на Центарот за идна работа во областа на уметност, производство и трговија да создаде Акцелератор на влијанието врз економската безбедност. Партнерството, кое има за цел да го олесни развојот и употребата на иновативни иницијативи кои директно промовираат добра работа и граѓанско вклучување, истовремено обезбедувајќи безбедни и сигурни приходи за домаќинствата, покажува како актерите од приватниот сектор можат да ги спојат силите и да откријат нови начини на работа преку искористување на нивната технологија и практично знаење

Лично бевме сведоци на ефектите од ваквите заеднички проекти. Јаза Дука - партнерство меѓу Mastercard, Unilever и Kenya Commercial Bank - е дигитална платформа која од своето настанување во 2017 година им помага на малите трговци да добијат пристап до обртни средства што им се потребни за да бидат конкурентни и да растат.

Во секој случај, развивањето таква програма на еден пазар е само првиот чекор. Мора да се создаде и заедничка рамка за да може таквите програми да се развијат во поголем размер и да се спроведат во различни контексти. На пример, давањето бенефициски „бодови“ наместо пари деноминирани во одредена валута, ќе им овозможи на шемите да работат прекугранично во време кога и работниците сè почесто имаат потреба да работат преку границите. И стандардизираните квалификации за образование ќе ја задржат својата вредност, бидејќи ќе имаат иста важност на местото каде нивниот носител се префрлил.

Како што се менува природата на работата, треба да се менуваат и системите за бенефиции. За да можат да обезбедат можности и безбедност за сите и насекаде, во време на распространето технолошко нарушување, владите и актерите од приватниот сектор мора заеднички да работат за да ги унапредат иновативните решенија што ги исполнуваат потребите на работниците кои се итни и кои еволуираат. Најдобар начин да се направи ова е да се искористат предностите на самите технологии кои ги предизвикуваат овие нарушувања.

Шамина Синг е претседател на Центарот за инклузивен раст, Филантропскиот центар на Мастеркард и извршен потпретседател за одржливост на Мастеркард.

Copyright: Project Syndicate, 2019.