fbpx

Што по вакцината?

Сајмон Џонсон

Здравство

КОВИД-19

22.10.20

Прегледи

Сајмон Џонсон (Simon Johnson)

Simon Johnson 200x250За некои детски болести, развојот на вакцина беше сам по себе пресуден. Но, ова може да не е случај со КОВИД-19, бидејќи процесот ќе оди бавно или ефективноста ќе опаѓа со текот на времето, или и двете, што значи дека потребата за тестирање ќе биде сеприсутна.

Постои растечки консензус дека една или повеќе вакцини против КОВИД-19 ќе станат достапни на почетокот на 2021 година. Во рок од една година, многу луѓе во САД, и некои други земји, ќе бидат вакцинирани. За некои детски болести, развојот на вакцина беше сам по себе пресуден. Но, ова може да не е случај со КОВИД-19, бидејќи процесот може да оди бавно или ефективноста да опаѓа со текот на времето – или и двете.

Во тој случај, ќе има постојана потреба од тестирање на граѓаните и за индивидуална заштита и за спречување на ширење на заразата. Долгорочниот проблем со тестирањето е веќе очигледен: цената на тестовите е висока. Во земјите кои имаат системи на здравствена заштита во кои не се одделуваат доволно ресурси за вакви медицински услуги, како во САД, многу луѓе не можат да си дозволат да се тестираат. Покрај напредокот во поглед на вакцината, потребно е да се овозможи поевтино и пообемно тестирање, за истото да стане достапно за секого, без оглед на нивото на приход.

Во моментот, помеѓу лицата кои не се тестирани во САД спаѓаат деца кои одат во јавни основни и средни училишта, како и наставници и други вработени во тие училишта. Тука исто така спаѓаат и милиони постари лица, вклучително и оние кои живеат во социјални станови (познати како дел од Програмата 202). Немањето пристап до тестирање е огромен економски и морален проблем кој нема да исчезне.

Економскиот проблем се врти околу училиштата. Ако семејствата и наставниците се загрижени кога децата одат на училиште, тогаш економијата – вклучувајќи ги работните места и приходите – не може да се врати на прав пат. Разликите во образованието, кои се веќе нагласени, ќе продолжат да се зголемуваат. Некои деца никогаш нема да ги стекнат вештините за читање и математика што сега ги немаат. Ова веројатно ќе ги намали нивните приходи во текот на животот.

Во основните и средните училишта во САД има околу 57 милиони деца, кои живеат во 34 милиони домаќинства (од кои скоро 24 милиони имаат двајца родители, а 10 милиони имаат еден родител). Има речиси четири милиони наставници и повеќе од еден милион воспитувачки. Постојаниот неуспех да се обезбеди тестирање во училиштата директно влијае на околу една третина од населението.

Ако ефективна вакцина стане широко достапна, училиштата најверојатно ќе бараат децата да бидат вакцинирани. Но, може да има исклучоци од религиозни или здравствени причини, како што има сега за други вакцини. Здравствените податоци се доверливи, па затоа не можете да знаете кој околу вас за што е вакциниран. Тестовите за присуство на вирусот сега се неинвазивни (плунка или назален брис) и можат да гарантираат голема точност – како и можност за откривање и спречување на ширење на вирусот.

Поради историјата на небрежност и недејствување, 40% од смртните случаи поврзани со КОВИД во САД се во пензионерските домови, чии резиденти имаат сериозни заболувања, и повеќето се на возраст над 60 години. Сега, овие установи имаат повеќе ресурси за контрола на инфекцијата, имаат тестови и разговорот е насочен кон спречување на потворна појава на она што се случи претходно.

Но, не смееме да ги заборавиме и другите ранливи категории, вклучително и малцинските заедници и оние кои живеат во „збирни“ објекти како станбени згради. Многу постари лица се во одредена форма на самоизолација од март, одбегнувајќи други лица што е можно повеќе. Според сите извештаи, изолацијата и осаменоста си земаат свој данок, како забрзување на стареењето и процесот на деменција.

Новата технологија за тестирање, вклучително и комплетите за еднократна домашна употреба, може да бидат дел од решението. Сè уште има прашања за тоа колку ќе бидат точни овие тестови – колку лажно негативни и лажно позитивни треба да очекуваме – кога ќе влезат во широка употреба. Но, главното прашање е колку време ќе биде потребно да се воспостават и проработат синџирите потребни за производство и дистрибуција на стотици милиони вакви тестови месечно.

Другото развојно решение што ветува добри резултати е групно тестирање. Лабораториските тестови за КОВИД-19 обично чинат помеѓу 25 и 125 долари, зависно од пазарот. Но, бројките изгледаат многу поинаку ако ги собереме трошоците од почеток: неколку долари за епрувета (со или без брис) за собирање примероци, мала сума за логистика за собирање примероци (главно испорака), и колку и да чини работењето на соодветниот информатичкиот систем (вклучително и бар кодови за епруветите и барања за известување). Спојувањето на десет или 20 примероци во една епрувета може значително да ги намали трошоците, бидејќи се заштедува на скапите реагенси потребни за да се извршат лабораториските тестови.

Како да ги намалиме трошоците за тест по лице на 5 долари или помалку? Со еден збор: конкуренција. Кога повеќе лаборатории ќе воведат и понудат групно тестирање, цените ќе паднат. Капитализмот и пазарната конкуренција можат да им помогнат на луѓето на кои им е најпотребна помош. Обезбедувајќи им пристап, ни овозможува на сите нам да го надминеме злото наречено КОВИД-19.

 

Сајмон Џонсон е поранешен главен економист во Меѓународниот монетарен фонд, професор на Слоун факултетот за менаџмент на МИТ и копретседавач на Алијансата за политики за КОВИД-19. Заедно со Џонатан Грубер, тој е коавтор на „Рестартирање на Америка: Како напредната наука може да го оживее економскиот раст и американскиот сон“.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Сајмон Џонсон

Сајмон Џонсон е поранешен главен економист во Меѓународниот монетарен фонд, професор на Слоун факултетот за менаџмент на МИТ и копретседавач на Алијансата за политики за КОВИД-19. Заедно со Џонатан Грубер, тој е коавтор на „Рестартирање на Америка: Како напредната наука може да го оживее економскиот раст и американскиот сон“.