Драган Бурсаќ: Стравот, корупцијата и национализмот ја држат БиХ во заложништво

Интервју

19.03.25

Прегледи

Можен ли е нов воен судир во Босна и Херцеговина? Можно ли е ново прекројување на границите на Балканот? Овие прашање последниве два месеци ги загрижуваат поголемиот дел од граѓаните во БиХ, откако Обвинителството на БиХ издаде налог за апсење на претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, спикерот на Народното Собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ и ентитетскиот премиер, Радован Вишковиќ овинети за уривање на уставниот поредок на државата. На ова му предходеа одлуки на ентитетското Собрание со кои се забранува делување на правосудните и истражните органи на државата на територијата на Република Српска, но и на меѓународниот претставник, кој сегашното раководство не го признава. За актуелната состојба и стравувањата во БиХ, за зголемувањето на војниците на ЕУФОР во оваа држава, како и за можните решенија на состојбите, разговараме со долгогодишниот новинар, колумнист, професор по филозофија и социологија и добитник на бројни награди, Драган Бурсаќ од Бања Лука, кој верува дега клучот за ваквите состојби, секогаш е во рацете на граѓаните.

Господине Бурсаќ, што точно, според Ваше мислење, се случува во Босна и Херцеговина?

Граѓаните на БиХ се соочени со нешто што можеме да го наречеме „континуиран политички стрес-тест“. На дело е перманентна криза, којашто повеќе не е ниту вест. Тоа стана нормалност, состојба во која луѓето се задушуваат, а тоа веќе и не го забележуваат. Клучниот проблем не е само политиката - таа е само алатка. Суштината е во системската злоупотреба на моќта, при што политичките елити ги одржуваат своите позиции со тоа што постојано ги држат луѓето во страв и неизвесност. Во таков амбиент, нема ниту економска стабилност, нема развој, ниту перспектива - само обично преживување.

Можен ли е нов конфликт во БиХ?

Тешко. Не поради добрата волја на политичарите, туку поради прагматиката - војната повеќе не е исплатлива. Ниту има капацитет за водење на војна, ниту има доволно луѓе подготвени повторно да бидат топовско месо заради нечии политички и економски амбиции. Меѓутоа, она што постои и што е сериозен проблем е постојаното ѕвецкање со оружјето, креирањето атмосфера на страв и поделби. ЕУФОР ги зголемува своите сили, што покажува дека дури и меѓународната заедница не е сосема сигурна во стабилноста на регионот.

Во оваа смисла, војната како класичен воен конфликт не е реална, но она што е реално е продолжувањето на политичката и економската дестабилизација, што може да доведе до нешто што би можеле да го наречеме „студен конфликт“ - каде што нема отворени борби, но каде што општеството е поделено до точка на распукување.

Сите го вперуваат прстот кон претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик. Дали ова што денес се случува во БиХ е само негова одговорност?

Додик несомнено е клучен актер во дестабилизацијата на БиХ, но би било премногу едноставено да се каже дека тој е единствениот што е одговорен. Тој е само најочигледен симптом на една подлабока болест – на систем што му овозможил да го прави она што го прави. Постои цела мрежа на политички, економски и интересни групи, кои го поддржуваат или го толерираат неговото делување, не само во БиХ, туку и пошироко. Затоа проблемот е многу подлабок од еден човек. Кога Додик еден ден ќе го нема, дали системот ќе се подобри? Нема, доколку не се сменат правилата на игра. А правилата на игра нема да се сменат, сѐ додека граѓаните се заложници на стравот, корупцијата и националистичката манипулација.

Прекројувањето на границите е латентна, но не е реална идеја

Како ги коментирате реакциите на меѓународната заедница?

Сметам дека се млаки. И тоа не е изненадување. Меѓународната заедница делува по принципот управување со кризи, а не нивно решавање. Сѐ додека ситуацијата не ескалира до точка која значи загрозување на пошироките интереси - ЕУ, НАТО, економските проекти - нема да има сериозна реакција. Проблемот е во тоа што меѓународните актери имаат различни интереси во БиХ. Некои го поддржуваат статус квото, затоа што им одговара слабоста на државата, додека други едноставно немаат стратегија. Така се добива ситуација во која Додик може да прави што сака, бидејќи знае дека реакциите ќе бидат симболични, без сериозни последици.

Дали ова што се случува можеби е некаков вовед или опипување на пулсот за прекројување на границите на балканските држави?

Прекројувањето на границите секогаш е латентна идеја на Балканот, но не е реална во сегашните геополитички услови. Многу е поверојатно дека се работи за тестирање, колку далеку  политичките елити можат да одат во деструкција на државата, пред да се појави вистинска реакција. Ова е игра - „колку можеме да туркаме, пред некој сериозно да се побуни“. И сѐ додека не дојде до силен внатрешен отпор, ќе се турка.

Колку сте запознаени со политичката ситуација во Македонија, со оглед дека се чини оти властите во поранешните југословенски републики, денес независни држави, влечат исти потези – секаде е присутна градежната мафија, ни се случува уништување на животната средина заради полнење на нечии џебови, образовниот и здравствениот систем ни тонат сѐ подлабоко, сè повеќе сме зависни од работи што сами можеме да ги произведуваме како храна, електрична енергија итн.?

Шаблонот е секаде ист: корупција, криминал, грабеж на ресурсите и уништување на институциите. Градежна мафија, еколошка катастрофа, уривање на образованието и здравството - ова не е само балкански феномен. Тоа стана образец на властите во многу транзициски општества. Главниот проблем е што граѓаните често немаат моќен институционален одговор на овие проблеми. Судството е заробено, медиумите се под контрола, а опозицијата често е или немоќна или корумпирана колку што е и власта.

Какво влијание врз регионот би имало јакнењето на десницата во Европа и владеењето на Трамп?

Десничарскиот популизам зајакнува ширум свет, а Балканот не е исклучок. Клучната работа кај десницата денес не е само национализмот, туку нешто уште поопасно – антисистемското. Политичарите како Трамп, Орбан, Мелони, па и оние од Балканот, доаѓаат на власт не затоа што нудат решенија, туку затоа што ветуваат уривање на „естаблишментот“, иако и самите се дел од него. Победата на Трамп би можела дополнително да ги зајакне националистичките и авторитарни тенденции на Балканот, бидејќи се создава слика дека светот влегол во нова фаза, во која „сировата сила“ повторно ги освојува институциите.

Сиромаштијата е основна алатка на политичката манипулација

Каде лежи решението за актуелната ситуација во БиХ?

Решението не е ниту во Брисел, ниту во Вашингтон, ниту во Москва, ниту во Белград или Загреб. Решението е во самата БиХ, но проблемот е што БиХ со децении е систематски онеспособена да го најде и спроведе. Клучниот проблем на БиХ не е само политиката, туку состојбата на свеста - состојба во која неправдата, корупцијата и институционалната слабост се доживуваат како „нормалност“. Затоа, решението не е во една реформа, една смена на власта или една меѓународна интервенција. Потребна е фундаментална промена на општествената парадигма. Има три клучни стола на решението:

Првиот е обнова на институциите – БиХ денес не е правна држава во целосна смисла. Правото и правдата им се достапни само на оние кои имаат пари и врски. Сè додека судството и обвинителството се заробени од политичките моќници, ништо нема да се смени. Првиот чекор е целосна деполитизација на клучните институции, но тоа не можат да го направат тие што владеат денес, бидејќи самите би си ја пресекле гранката на којашто седат. Тоа го можат само граѓаните, преку постојан притисок и инсистирање на промени.

Вториот е економска еманципација на граѓаните - не е случајно што Босна и Херцеговина е сиромашна. Сиромаштијата е основна алатка на политичката манипулација. Луѓето кои преживуваат од плата до плата, од пензија до пензија, луѓето кои за работа зависат од партиските врски, нема да се бунат, бидејќи знаат дека можат да останат без егзистенција. Решение? Економска политика којашто не служи само за збогатување на елитата, туку за создавање самоодржливо стопанство. БиХ денес стана пазар за туѓи производи, наместо да биде земја која нешто произведува и извезува. Сè додека граѓаните за работа зависат од политичките елити, нема да има промени.

И третиот е промена на политичката култура - национализмот не е измислен само за да се „брани народот“, туку за да се прикријат грабежите, криминалот и неспособноста на власта. Национализмот се храни со страв, а стравот се одржува со приказни за загрозеност. Решението лежи во едукација и ширење на политичка писменост – луѓето треба да престанат да гласаат по принципот „помало зло“ и да почнат да избираат политички опции што нудат решенија, а не само пароли.

Дали ова може да се случи?

Може, но не брзо. Секоја промена бара критична маса на луѓе, кои се подготвени за неа. Денес во БиХ сѐ уште преовладуваат летаргија, чувство на немоќ и апатија. Клучното прашање не е дали ситуацијата може да се смени, туку дали луѓето веруваат дека промената е можна. Кога тој ментален склоп ќе се смени, кога критична маса на луѓе ќе рече „доста е!“, тогаш ќе започнат вистинските промени.

Решението, значи, не лежи во некое чудо. Ниту во нов висок претставник, ниту во некоја идна меѓународна конференција. Решението е во граѓаните. Кога граѓаните на БиХ ќе поверуваат дека тие се тие што одлучуваат за својата судбина - а не партиските елити, не амбасадите и не меѓународните сили - тогаш работите ќе тргнат од мртва точка.

Дотогаш, ќе продолжиме да живееме во бескрајна криза, во која елитите ќе продолжат да ја кројат судбината на луѓето, додека обичните граѓани сè повеќе ќе си заминуваат, ќе се откажуваат или едноставно ќе преживуваат од ден за ден.

Од сето ова, каков заклучок може да извлечеме? Кое е решението?

БиХ, како и целиот Балкан, се соочува со хронични проблеми, кои не се резултат само на поединечни политичари, туку и на системски слабости. Главната борба не е за територија, туку за институциите. Нема силна држава без силни институции. А нема силни институции сѐ додека граѓаните не преземат одговорност и не побараат промени.

Сè додека политичките елити успеваат да ги држат луѓето во страв, во национални поделби и во економски очај, ништо нема да се смени. А промената не е работа на меѓународната заедница – таа може да помогне или да одмогне, но на крајот на денот, тоа е нешто што мора да го направат самите граѓани.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Емица Ниами Налбантиќ

Фото: Приватна архива