Георгиевска: Во Карпош нема да победат бетонските чудовишта

Интервју

06.10.25

Прегледи

Урбанистичкиот хаос, притисокот на приватните интереси и проблемот со дивите депонии долго време го одбележуваат секојдневието на жителите на скопската општина Карпош. Невена Георгиевска, граѓанска активистка и кандидатка за градоначалничка од Независни за Карпош, ветува промени кои ќе донесат ред, правила и одговорност. Во интервју за Рес публика, разговараме за борбата против незаконските градби, заштитата и обнова на зелените површини, справувањето со дивите депонии, улогата на граѓаните во донесувањето на ДУП-овите и за конкретните чекори што ќе ги преземе за подобрување на сообраќајот и безбедноста во општината.

Имате една изјава: „Во Карпош нема да има урбан хаос – ќе има ред, правила и одговорност“. Што конкретно значи ова „ред и правила“? Како ќе изгледа тоа за секојдневието на граѓаните?

Ќе биде тешко, но не е невозможно. Урбаниот хаос се случува со години  во однос на сè што претходело како подготовка на сопствеништво на парцели, окрупнување на парцели, распродажба на државно земјиште, постојано наменски менување на закони и правилници,  тоа  што е видливо изградено и тоа што е вцртано во важечките ДУП-ови и тие кои се во подготовка. Новиот ГУП, според најавите, нема да биде готов ниту наредната година, важењето на ДУП-ови започнати пред повеќе од 15 години со измени на закон, овозможија да можат да се гласаат, со што е јасно дека овој хаос намерно се продолжува зашто во прашање се големи профити.

Ред и правила треба и мора да има, но не само во Карпош. Како градоначалник ќе можам да влијаам многу процеси да почнат да се одвиваат онака како што доликува на општина во служба на граѓаните. ДУП-овите мора да се изработуваат според потребите на жителите, постојат начини тие да бидат финансирани од општината и изработени почитувајќи ја суштината на хумано планирање. Нема да бидат прифаќани предлози за измени на ДУП-ови кои внесуваат непотребни градби само поради потреба за профит. Мора да има максимална транспарентост и вклученост на жителите.

Многу работи кај нас се одвиваат проформа, колку да се запазат законските одредби, но не се почитува суштината поради кои тие се донесени. Максимално ќе се залагам граѓаните да бидат вклучени во носење на измени и подготовка на нови планови, колку повеќе има транспаретност толку помалку има шанси од штетни одлуки и злоупотреби.

Во однос на сè што е изградено и сите проблеми што произлегуваат од непланското градење, ќе мора да се направи ревизија на работењето на овој сектор, издадени дозволи, посебно во делови каде нема важечки ДУП-ови, а се градеше изминативе години најзастапено во Тафталиџе ДУП - З06. Узурпирање на јавен простор при градење, несоодветна заштита на градилиштето - доколку имаме чести инспекциски контроли и казнувања за непочитување на законите и правилата, градењето нема да биде толку едноставно. Мора да се направи и контола на веќе продадено државно земјиште на територијата на општина Карпош.

Како градоначалник сигурно ќе се залагам и за промена на закони и правилници со цел поефикасна работа на локалната самоуправа во интерес на граѓаните и санирање на состојби кои се направени на штета на јавниот интерес.

Карпош со години живее во урбанистички хаос. Ако станете градоначалничка – кои би биле првите три потези со кои ќе го сопрете овој тренд?

Прво, би сакала да ги запознаам сите вработени, да се запознаам со нивната работа, да се направи функционална анализа на работни места, да се види каде има потреба од дополнителен кадар,  со прераспределба, со соодветни обуки да се има поефикасна администрација.

Една од првите активности ќе биде ревизија на работата на секторот за Урбанизам и Секторот за инспекција. За овие четири години имавме многу прашања, забелешки до овие сектори во однос на издадени дозволи, неправилности при градба кои сметаме дека недозволиво се толерираа. Издадените дозволи до Град Скопје за урбани опреми – тераси на кафани, доградби  и други градби кои се на штета на јавни простори мора да се проверат во однос на ситуацијата на терен и за сите неправилности да се преземат соодветни санкции.

Тоа што многу ни пречело – е ненадлежноста, пријавувавме и ние и заедно со граѓани за злоупотреба на такви издадени дозволи, и одговорот - дозвола издал Градот или Министерството за економија не е одговор што го заслужуваат жителите на општината. Сите обраќања до други институции, но за проблеми на територија на општината мора да се иницираат и да се водат од нашата администрација.

Ефикасна инспекциска служба со редовни контроли ќе бидат во насока на решавање на најгорливите проблеми на Карпош. Загадувања од диви депонии. Така што третата работа ќе биде чистење и санирање на просторите кои се претворени во диви депонии.

Во Карпош има повеќе „атрактивни“ локации за некои се изработуваат ДУП-ови за некои нема важечки и општината постојано е мета на закани за судски тужби и наплата на добиени многу неверојатни судски случаии. Во некои општини се бришат маркици за цели згради, за Карпош се добиваат тужби за непостоечки ДУП- ови. Но, во однос на тоа што повеќето такви локации се запуштени и најчесто претворени од диви депонии, а за кои тие сопственици си подлежат на законски обврски за уредување на земјиштето, исто така се толерира, дури и општината и самоиницијативни граѓани организираат чистење, наместо за тоа да се грижи сопственикот или да се казни доколку не го спроведе тоа.

Борба против урбаната неправда

Во контекст на една од поголемите битки, онаа против бетонското чудовиште „Рубик Тауер“, зборувавте  за потребата од мораториум. Би отишле ли до таму како градоначалничка да иницирате мораториум?

Таа градба и целиот процес со кој се озакони за мене е пораз на правдата пред корупцијата. Мислам дека направивме сè што можеше да се направи и како граѓани и како советници. Не знам дали е возможно сега нешто повеќе да се направи и спречи, но доколку најдам начин и имам нови сознанија и документи со кои би можело нешто да се направи секако дека ќе иницирам.

Морам да напоменам дека тоа беше класичен пример како институциите што требаа да го штитат јавниот простор и интерес потфрлија во служба на приватен интерес. Не беше тука вклучена само општината, Советот не успеа да донесе Одлука за изработка елаборат за Суспензија (или мораториум), прво не ни се призна седницата кога успеавме да изгласаме,  потоа па не можеше да собереме кворум за работа. Се обраќавме до сите можни институции, сме носеле по пет исти пријави до пет различни институции дека некој или сите ќе се прогласат ненадлежни, но во моменти кога мораше да се реагира од одредени највисоки институции како Министерството за култура, а потоа и Министерството за транспорт, се чекаше и се одолговлекуваше процесот таман да се донесе пресудата на Управен суд со кој ја озаконија градбата.

Многу јасно беше дека во позадина конците ги влечат главните финансиери и на едните и на другите, без разлика кој е на власт, во однос на приватниот интерес системот си  функционираше идеално и ефикасно.

Кажувате дека ДУП-овите мора да се носат со активно учество на жителите. Но, како тоа практично ќе се спроведе – јавни расправи, анкети, онлајн алатки? И дали мислите дека жителите ќе добијат реално влијание, а не само „давање мислење“?

Како граѓански активист многу активно делував во однос на оваа прашање. Пред Уставен суд, јас и Татјана Чакулев која е носител на листата за Совет за општина Карпош од Независни за Карпош, имаме поднесено иницијативи со кои се укинаа седум ДУП-ови на територија на општина Карпош, баравме од претходниот Совет да донесе ревизија на 15 ДУП-ови кои го имаат истиот пропуст, но тоа не се случи. Учествувавме со предлози на измени на Законот за урбанизам, успеавме да издејствуваме потранспарнтени процеси во однос на претходниот закон. И двете бевме членови на првото Партиципативно тело за урбанизам на општина Карпош и тогаш агитиравме за што поголема вклученост на граѓаните.

Сите препреки и проблеми со кои наидуваат граѓаните ми се добро познати и знам како може да се вклучат успешно во процесот на носење ДУП-ови. Јас не сум архитект ниту планер, сме учеле да читаме ДУП-ови од пријатели архитекти и урбанисти, имаме и изработено и Водич за полесно читање, сме држеле презентации, така што сето тоа треба само да се пренесе и да се доближи на граѓаните преку соодветни кампањи.

Партиципативното тело е место каде граѓаните можат да се вклучат и да ги дознаат измените дури и пред советниците. Јавните анкети и презентации мора да бидат што подостапни до граѓаните, пренос во живо на јавните презентации, помош при поднесување забелешки и анкетни ливчиња. Голем дел од ова веќе го правиме изминативе години, но кога тоа би било преку општината, ќе биде многу помасовно и граѓаните и јавниот простор мора да го добијат соодветниот приоритет. Само со активни граѓани можеме да направиме поголеми промени, верувам и сакам што повеќе граѓани да мотивираме да се вклучат во сето она што го правиме. Посебно сакаме младите жители да ги вклучиме во најразлични активности зошто носат посебен квалитет и нови идеи.

Паркови наместо бетон

Иницијативата од која доаѓате често истакнува: секој слободен простор треба да се пренамени во зеленило и паркови. Кои се првите локации на кои ќе се фокусирате? И како ќе гарантирате дека постојните зелени површини нема да се претворат во паркинзи или градилишта?

Кога веќе се инвестира во создавање зелени површини мора тие соодветно да се обезбедат и оддржуваат. Неколку мандата се ветува паркот во Карпош од Александар Палас до бунарите Нерези Лепенец, ама се во помал обем, така да кога би ја добила довербата на граѓаните, тоа е првата локација. Во Совет донесовме одлука за изработка на физибилити студија да се проверат индициите дека има закопано опасен отпад, но тоа не се реализира ниту од општината ниту од  Град Скопје на кој му го предадовме потоа за реализација. Мора да се направи испитување за да се види доколку има загадена површина тоа да се санира и да се продолжи со негова реализација. Град Скопје почна но не го доврши , многу од засадените дрвја се исушени и мора тоа во соработка со градот да се продолжи и да се реализира. Како ќе спречиме паркирање на зелени површини со едноставо со казнувања,  што поголема вклученост и на МВР но и со активни и совесни граѓани. Во Карпош 4 си бевме познати по активности во одбрана на парковите од паркирање. Сите локации кои се претвораат во диви депонии а се на државно земјиште  мора да се исчистат и потоа да се претворат во зелени површини – паркови, површини за спорт и рекареација или за одмор и малски дружења.

Карпош одамна се бори со диви депонии. Се чистат, па повторно се создаваат – како еден бескраен круг. Има ли вистинско, долгорочно решение за ова или ќе продолжиме само со „акции за сликање“?

Да има решение и тоа е и обврска на Локалната самоуправа, тие не смеат да постојат. Мора да се исчистат, да се оплемени просторот како што реков најголемиот дел површини кои се државно земјиште можат да се претворат во паркови, простори за рекреација или одмор и дружење, мора да има 24часовно обезбеден видео надзор со камери, почести инспекции, санкционирање на сите прекршоци. Оние простори кои имаат приватни сопственици треба да се грижат за тој простор соодветно на законските прописи и да се санкционирааат доколку не го прват тоа. Имаме во план поставување на минимум 1 поголема компостара, така да еден од таквите простори може да се пренеамени за оваа намена,

Граѓаните во фокусот

Сообраќајот станува сè поголем проблем, а безбедноста на пешаците и велосипедистите е загрозена. Кои конкретни мерки ќе ги преземете?

Голем проблем се трките што се случуваат по главните булевари во ноќните часови, поминување на црвено, зголемена бучавост – работи што не би требале да постојат и кои соодветно се казнуваат. Се надевам дека со профункционирање на Safe City ќе се подобри безбедноста, доколку не, ќе мора да се реагира до МВР и да се направи поефикасна соработка со општината.

Ќе се залагаме за безбедни велосипедски патеки, стимулирање на алтернативни начини на превоз и движење, обезбедување слободни тротоари и безбедни улици до сите училиштата на територија Карпош, зони 30 и функционални лежечки полицајци. Ќе се  залагаме за воведување на автобуски локален превоз на места каде што нема јавен превоз и се потешко достапани.

Проблемот со паркирање ќе го решаваме во зависност од потребите на локалното население, негде е подобро зонско паркирање, негде рампи. Обезбедување паркинг во самите парцели на изградени објекти мора да постои – но не е така.  Голем дел од посотечки гаражи се користат за друга намена - продавници, дуќани, а автомобилите се по тротоарите, така што ќе мора овој проблем да се решава населба по населба.

Како независна кандидатка, свесни сте дека вашата моќ зависи и од Советот на Општината. Движењето Независни за Карпош досега имаше двајца советници чиј глас често беше пресуден за одлуки. Што ќе биде клучно за да ги реализирате вашите планови – поголемо мнозинство, пошироки коалиции, или нешто сосема друго?

Многу сум свесна за улогата на Советот, тој е орган паралелен на градоначалникот и заедно мора да делуваат во насока на носење најдобри одлуки за граѓаните. Спремна сум да прифатам и совети и проекти кои се добри и треба заедно да се реализираат. И доколку имам мнозинство, од голема важност би ми било одлуките да се носат со што поголемо мнозинство, секој проект или одлука мора да биде добро подготвена, образложена со стручна анализа и податоци и доколку верувам во нешто мислам дека можам да убедам дека тоа е добро да се прифати или доработи со разумни дискусии.

Сметам дека и ние и другите независните советници внесовме нов квалитет во советите, поттикнувајќи многу повеќе дискусија за најразлични точки, споделуваќи информации и залагајќи се за транспарентноста во работата на Советот.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фотографии: Томислав Георгиев