Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев е секогаш прв избор на медиумите кога треба да се анализираат односите меѓу Скопје и Софија. Нивното вжештување во последните години, повторно ја актуелизира темата дали Бугарија се обидува преку пропаганда да го смени текот на македонската политика во своја полза. Ѓорчев оценува дека се зголемија бугарските амбиции да влијаат врз македонската држава, со промоција на старите клишеа за бугарските корени на македонскиот народ. Денес, вели тој, меѓу другото, во интервјуто за Рес публика, по речиси еден ипол век, современата бугарска држава ги негува истите „феноменолошки заблуди за српството во Македонија“ и се обидува да влијае на јавното мислење во нашата држава.
Дали наративите кои доаѓаат од Бугарија дека Македонија сѐ уште е во „љубов“ со Белград, влијаат на јавното мислење во нашата држава?
-Бугарската стратегија по таканареченото „македонско прашање“ е стара повеќе од сто и четириесет години. Лајт-мотив на таа стратегија се тврдењата дека Македонија е бугарска земја, а Македонците се народ со бугарски корени?! Основни инструменти и алатки се обидите за манипулација со чувствата и самосвеста на македонскиот народ, во насока на креација „измислени тези“ за некакво српско влијание коешто „ги измислило Македонците“ само за да не бидат Бугари?! Секако дека и српската анексија на Вардарскиот дел од Македонија, промената на имињата и презимињата, обидот да се асимилира македонското население во период 1919-1941, дава аргументи за таквите бугарски пропагандистички пароли. Не е на одмет да се споменат и националистичките трудови на Цвијиќ и Новаковиќ коишто се плодна почва за ширење на бугарските тези за српското влијание во Македонија, присвојувањето на македонскиот историско-географски простор и подведување на македонското население како дел од српскиот народ?!
Денес, по безмалку еден и пол век ништо не се променило. Современата бугарска држава ги негува истите „феноменолошки заблуди за српството во Македонија“ и се обидува да влијае на јавното мнение во нашата држава. За доброто на македонскиот народ, засега тие пропагандни тези за приврзаност на Македонците кон Белград, се сепак само „гола бугарска реторика“ без аргументи.
Колку Македонија е отпорна на такви наративи?
-Македонската држава одамна има расчистено со „илузиите за посебност“ во меѓудржавните односи само со српската држава. Научениот урок за непризнавањето на македонската држава од српска страна во период септември 1991 – април 1996 година, како и други воено-разузнавачки детали за време на имплантираниот вооружен конфликт од територијата на Косово во Македонија во 2001 година, се силна основа за градење сопствена национална стратегија, кога е во прашање српското влијание во нашата земја. Она што е навистина проблем во Македонија е присуството на српскиот турбо-фолк на нашата музичка сцена, што претставува штетно влијание врз емоционалниот и естетски развој на нашите млади генерации, со промовирање на српскиот кич и шунд како културна девијација со крајно опасни последици за македонскиот културен простор.
Нашата јасна определба за членство во ЕУ и НАТО како и преземeните чекори во таа насока, се противречни со српскиот политички дискурс. Иако Србија веќе преговара со ЕУ за полноправно членство, определбата да продолжи политиката на неврзување (преземена од поранешната југословенска федерација), ги оддалечува геополитички двете држави една од друга. Македонската политика базирана исклучиво на еднаква соработка со сите држави од регионот, сама по себе ја исклучува тезата за постоење на некаков „српски свет“ во Македонија.
Македонија е шампион во малцински права
Треба ли македонското раководство да биде загрижено што Бугарија како членка на ЕУ ја обвинува нашата Влада дека ѝ е помила Србија, отколку иднината на Македонија во ЕУ?

-Се разбира дека Бугарија којашто има сосема различна стратегија од нашата, кога е во прашање статусот на националните малцинства во регионот, за да го оправда и реализира својот националистички концепт, мора да ја обвинуваа Македонија дека се доближува кон Србија, а го запоставува европскиот пат. Бугарските тези дека Македонија е бугарска земја, а Македонците народ со бугарски корени, е клучен фундамент во промовирање на тезата дека во Косово и Албанија има големи бугарски малцински групи. Тоа бугарско малцинство опстојува во тие држави само затоа што има своја подлога во бугарската традиција, култура и самосвест на македонските Бугари во Македонија, кои според бугарскиот национален наратив сѐ уште не се освестени дека тие се всушност Бугари, ама српската пропаганда и Комунистичката партија на Југославија ги преиминувала во Македонци со насилни методи?!
Бугарската политика не го зема во предвид фактот дека Македонија е меѓу водечките земји од Европа во поглед на почитување на малцинските права на заедниците што живеат во државата. Македонскиот Устав според Бадентер и Херцог уште во 1991 година негуваше европски вредности што овозможуваа и тогаш Македонија да отпочне преговори со Унијата. Во тоа време, Бугарија сѐ до 1997 година не можеше да раскине со рецидивите од поранешниот сојуз со советските држави. Токму затоа Бугарите кои не признаваат постоење на многувековен македонски идентитет и јазик (затоа што се целосно несигурни во својот национален наратив), се обидуваат да ја дефокусираат Унијата од ноторни историски факти. Бугарите измислуваат дека Македонија (којашто како член на поранешната југословенска федерација од 1970 година до денес го усогласува својот национален вредносен систем со европскиот повеќе од половина век), не сака да чекори кон ЕУ и сака да остане во балканскиот котел каде што ѝ се нанесени најголемите неправди.
Во минатото имаше неколку инциденти со момчиња со пробугарска ориентација, што предизвика мобилизирање на бугарскиот државен врв (јавно доделување на бугарски пасош на нападнатото момче Христијан Пендиков, праќање на владиниот авион да го пренесе во болница во Бугарија итн). Колку во тие постапки се гледа вистинска грижа од бугарска страна, а колку беа тоа смислени акции за мобилизирање на европската јавност во насока дека Македонија ги тепа сограѓаните со бугарска самосвест?
-Случајот со Христијан Пендиков е, за жал, несреќна приказна. Македонската држава не смееше да дозволи нашиот правосуден систем да затаи и да не го објасни случајот со Пендиков кој има своја криминална позадина. Злупотребата на Пендиков од бугарските служби, јавната манифестација на бугарската моќ во заштита на Македонците со бугарска самосвест со пратен авион од Софија за да тој се транспортира од Охрид во Софија, е нешто за кое се одговорни македонските државни и правосудни органи.
За разлика од Република Бугарија каде што не се дозволува граѓанско организирање на Бугарите со македонска самосвест, во македонската држава Македонците со бугарска самосвест имаат право да основаат клубови, граѓански здруженија, да формираат своја политичка партија и да учествуваат на изборите за македонскиот парламент. Не се забележани никакви случаи на насилство над Македонците со бугарско самочувство. Двете пресуди од Стразбур за граѓанското здружение „Радко“ и лицето Спаска Митрова, македонските судови ги спроведоа во целост.
За разлика од Македонија, бугарската држава веќе дваесет години одбива да ги почитува пресудите на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур и да дозволи граѓанско организирање на ОМО Илинден-Пирин како задружение на бугарски граѓани со македонска самосвест. Институциите во Унијата треба само оваа да го имаат во предвид и да ги читаат извешатите на Бугарскиот Хелсиншки комитет каде што децидно се наброени сите повреди на малцинските права на бугарски граѓани коишто се декларираат како Македонци по род.

Каков е Вашиот впечаток, дали граѓаните кои се изјасниле како Бугари во Македонија повеќе им веруваат на медиумите од Бугарија во оценките дека Македонија не го сака бугарското малцинство во својот Устав или им веруваат на овдешните медиуми кога велат дека Бугарија го проблематизира македонскиот идентитет и посебност на нацијата?
-Македонската држава посветува малку внимание на пропагандата што ја води Република Бугарија кон прашањето за бугарското малцинство во земјата. Бугарскиот државен врв, Агенцијата за бугарски граѓани во странство, бугарските медиуми, портали и социјални мрежи секојдневно го актуелизираат прашањето зошто Македонија не го впишува бугарското малцинство во својот Устав. Нашата неангажираност во расветлувањето на крајната цел на бугарската национална стратегија се должи на нерасчистувањето за вината на македонските политичари од периодот 1917-2024 година, кои ја доведоа македонската држава во безизлез. Потпишувајќи Договор за пријателство, добрососедство и соработка (ДПДС) со кој де факто се врши ревизија на македонската историја, се туторизира македонскиот образовен систем и се менува македонската колективна меморија, се дозволи Македонците кои се чуствуваат Бугари по род повеќе да им веруваат на бугарските институции, а помалку на институциите во државата во која што живеат.
Секако дека македонскиот политички врв мора во иднина да работи макотрпно во убедување на македонските граѓани со бугарска самосвест, дека тие ги имаат сите права и граѓански слободи во нашата земја како и сите други македонски државјани коишто не се во Уставот – Хрвати, Црногорци, Евреи, Грци, Еѓипќани, Торбеши…
Барањето да се впишат 3.504 Македонци со бугарско самочувство е бесмислено, ако се знае дека бугарската држава во којашто национален супстрат е бугарската нација не дозволува граѓанско организирање, а истовремено и се негира постоењето на македонска етничка заедница во бугарската држава, за која што според бугарските судови не постојат етнички, јазични и историски докази за нивно постоење. Секој меѓудржавен договор почива на рамноправност и взаемна почит. Ако бугарската држава не ги почитува своите бугарски граѓани со македонска самосвест, која е логиката македонската држава која што може да биде пример за почитување на малцинските права, под уцена за нашите европски интеграции да прифати нешто што претставува ретрограден чекор во европска димензија.
Дали поларизираноста на двата наративи, бугарскиот и македонскиот, што ги спомнав во претходното прашање, се всушност пречката за продуктивна работа на Мешовитата меѓудржавна комисија за утврдување на историските факти меѓу Македонија и Бугарија?
-Македонската страна во двонанасочниот македонско-бугарски комуникационен канал мора да биде проактивна и да предложи надградување на ДПДС. Пред сѐ, мора да биде отфрлена алинејата девет од преамбулата во која што пишува дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја. Тоа е јазол кој што не се разрешува ниту со комисии, ниту со дипломатија. Едноставно, Македонија и Бугарија се мали држави на Балканот, чие население во најголем дел било во состав на Источното Римско царство и Османлиската империја десетици векови и сите држави споделуваме таканаречената балканска историја.
Формирањето на Мешовитата историско-образовна комисија, како дел од политички договор, е недозволиво од аспект на политичка интерпретација на историски факти. Како може една државна историја да е во право, а за другата да се вели дека краде историја? Како тоа се краде државна историја? Секоја државна историја цензурира факти. На пример, се цензурира фактот што во НР Бугарија од 1946-1956 година се извршени два пописа и се евидентирани над 170.000 Македонци по род, кои живееле во тогашната бугарска држава. Современата бугарска држава тоа го толкува како грешка на Бугарската работничка партија и нивниот лидер Георги Димитров. Меѓутоа, тој период е дел од бугарската историја и не треба да подлежи на цензура.
Постоењето на македонската државна историја е факт и не треба да се дозволи наметнување на туѓа, бугарска државна историја која што ја негира македонската револуционерна и еволуциона борба за сопствена македонска држава. Токму затоа, историската-образовна комисија не може да произведе плодотворен резултат и таа мора да биде излачена од ДПДС и префрлена во надлежност на ООН, како што е случај со историските спорови меѓу многу други држави.
Наивно прифаќање на бугарското признавање
Што се смени од 1992 кога Бугарија беше меѓу првите што ја призна Македонија, досега, за двете држави да станат безмалку непријатели, а државните раководства да се довикуваат „преку ограда“ наместо да ги пеглаат разликите со меѓусебни посети?

-Ние во Република Македонија многу наивно го прифативме фактот дека Република Бугарија прва го призна постоењето на нашата држава, на 16 јануари 1992 година. Меѓутоа, никогаш не навлеговме во анализа зошто и тогаш при признавањето на државата, Бугарите јасно истакнуваа дека имаат проблем со признавање на македонската нација и јазик. Де јуре признание за постоење на државата имаше, ама, истовремено се пласираше тезата дека Македонија е втора бугарска држава, Македонците се Бугари по род, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Тоа значи дека проблемите суштествувале уште од тогаш. Впрочем, во 1993 година бугарското Собрание одби да ги ратификува првите потпишани билатерални договори, непризнавајќи го постоењето на македонскиот јазик. Тоа се несоборливи факти.
По членството на Бугарија во ЕУ и НАТО, бугарската амбиција за патернализам и ексклузивитет кон т.н. македонско прашање се прошири и во сферата на духовната дејност. На пример, иако НР Бугарија за да ја отфрли анатемата од Вселенскиот поглавар од 1872 година заради националната асимилација на населението во Македонија и Тракија под покровителство на Бугарската Егзархија, се согласи во 1953 година Бугарската Патријаршија да не се меша во работата на помесните цркви во Грција и Македонија. Меѓутоа, во 2008 година Охридска Архиепископија стана после 148 години од формирањето на Егзархијата духовен извор на бугарската црква. Чудна црна дупка од 148 години! Исто така, се зголемија и бугарските амбиции да влијаат врз македонската држава со промоција на старите клишеа за бугарските корени на македонскиот народ. Најчудно е што ЕУ како наднационална творба го прифати бугарскиот наратив како веродостоен и со наше незнаење, снисходливост и кратковидост, ние самите на 01 август 2017 година ја заложивме нашата држава на Бугарија!
Дали младите во Македонија и младите во Бугарија се жртви на специјалните операции на политиките од двете страни за меѓусебно демонизирање, односно колку затегнатите односи меѓу Софија и Скопје ги „трујат“ односите меѓу младата популација од двете страни од која се очекува да притиска за крај на непријателството?
-Македонската држава во современието секогаш нагласува дека односот со Република Бугарија треба да биде насочен кон нашата заедничка иднина во ЕУ и НАТО. За жал, Бугарија со својот став дека потпишаните договори и протоколи мора да се почитуваат, не дава прилог кон градење добрососедски и пријателски односи меѓу двете држави и двата народи. Демонизирањето на македонското минато како груб фалсификат на бугарската историја, не помага да се продлабочи дијалогот во насока на барање решение за оваа статус-кво состојба.
Македонските граѓани, фрустрирани од 26-годишната блокада на нашиот европски пат од Република Грција, со голема доза на скепса и сомничавост го следат развојот на односите меѓу Македонија и Бугарија. Веќе шеста година по ред Македонија е блокирана на патот кон Унијата, меѓу другото и со блокадите од Бугарија. Мора да се потенцира фактот дека во чл.13,став 2 од ДПДС се предвидува можност тој Договор да биде надграден и изменет со цел да се постигне прогрес таму каде што се закочени преговорите.
Бугарските граѓани, пак, не можат да се отргнат од матрицата којашто се учи од бугарските историски книги и бугарските тези во средновековието за македонскиот историски-географски простор. Таа матрица не го препознава македонскиот идентитет како независен од бугарскиот и е целосно некомпатибилна со европската визија на обединет европски континент без граници.

Дали Бугарија гледа на Македонците со бугарски пасоши како на свое население?
-Бугарија има сериозни проблеми во делот на признавањето на идентитетот на македонското население како независен од бугарскиот идентитет. Бугарските историски книги го оспоруваат постоењето на македонско идентитетско самосознание за своето потекло, традиција и државност. Постојат несоборливи докази за развојот на македонската идеја за сопствен идентитет, нација и стремеж за создавање сопствена национална држава. Најјасни аргументи за постоење на „македонизмот“, како што се нарекува во Бугарија македонската државничка идеја, приложува Петко Рачо Славејков (бугарски општественик) во неговите дописи до бугарскиот Егзарх.
Славејков во неговите писма до бугарскиот Егзарх јасно ја отсликува идејата на „македонистите“ за сопствена национална и верска димензија, за време на неговите престои во Цариград и Солун, каде што ја согледува силината на идеите на „македонистите“ и нивниот национален стремеж, како опасност за бугарската национална стратегија.
Дури и денес, осумдесет и една година од создавање на македонската држава, бугарското општествено мнение го оспорува создавањето и постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. За жал, кога национал-шовинизмот станува парадигма на современите европски процеси и непотребно враќање во 19-от век, ние мораме да се соочиме со фактот дека сѐ уште македонскиот идентитет и јазик се оспорува од нашиот источен сосед, а при такви состојби не е можен наш натамошен прогрес кон европските интеграции.
Има ли Бугарија амбиции да влијае на политиката во Македонија ?
-Република Бугарија долго време важеше за најдобар пријател на Македонија. Во последните шест години најпрво со ветата за отпочнување на нашите преговори со Унијата, а потоа и со непоколебливиот став дека потпишаниот ДПДС мора да се почитува, бугарските политичари јасно докажуваат дека имаат амбиции да влијаат врз македонската политика.
Притоа, Бугарите забораваат дека нашиот пат кон Унијата не зависи само од нашите соседи, туку пред сѐ, од нас самите. Република Бугарија може да го спречува со вета нашиот пат кон Унијата, но не може да го спречи развојот на македонската држава. Македонија е независна, суверена и самостојна држава која што успешно чекори кон меѓународните интеграции. Како членка на НАТО и кандидат-членка на ЕУ, македонската држава докажа дека е посветена на усогласување на нашиот македонски вредносен систем со европскиот вредносен систем. Исто така, веќе дваесет и шест години нашата внатрешна и надворешна безбедносна политика беше целосно усогласувана со стандардите на НАТО-Алијансата.
Бугарија треба да биде свесна дека почитувањето на одредбите од ДПДС важат и за нив, исто како што важат и за Македонија. Независно од инсистирањето по секоја цена да се почитува потпишаното, треба да се пристапи кон изнаоѓање мудри предлози за надградување на ДПДС, за да се продлабочи дијалогот меѓу двете држави. Крајна цел е нашата заедничка европска иднина, како соседни и блиски држави кои што се осудени да живеат на европскиот континент во мир и хармонија.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Наке Батев
