Светот забрзано трага по решенија за зачувувањето на природата како начин за справување со климатските промени. Многу јавни личности ѝ се придружија на каузата, со цел да ја прошират и да поттикнат акции во земјите. Со еден таков ентузијаст – директорот на Националниот парк Шар Планина, Ибрахим Дехари, разговаравме за тековните активности со кои ја бранат Шара од налетот на комерцијализација и неодговорно користење на нејзините убавини. Дискутиравме за хидроцентралите, за сечата на дрвја, за бесправното градење и за упорноста да се убедат обвинителството и судот да бидат поажурни во санкционирањето на злоупотребите. Чувањето на природата не е само професија, туку и страст, вели нашиот соговорник, кој е оптимист дека ќе ја добијат битката за убава и чиста Шар Планина.
Националниот парк Шар Планина е заштитено подрачје од 2021 година. Што се промени кон подобро по добивањето на тој статус?
- Најпрвин би сакал да кажам дека постоеше потреба овој предел некако да се заштити од корисниците на природата. Природните ресурси треба да се користат, но тоа треба да биде во рамките на општото добро. Ќе дадам еден актуелен пример во таа насока: ние му даваме приоритет на локалното население, тоа да може да собира шумски производи. Сега е сезона на боровинки и на смрека, а има и други шумски производи што локалното население може да ги собира. Но навиките треба да се сменат. Тоа значи дека секој што ќе помисли дека природата може да ја користи кога сака и како сака, треба да знае дека веќе има правила за тоа. И тие правила ние ги споделуваме со локалното население и кажуваме што и како може да се користи.
Друг пример е дрвната маса: според планот за управување што сега го имаме, точно се дефинирани приватните шуми и државните шуми. За приватните шуми, сите што имаат имот или шума во националниот парк, треба да поднесат барање за да ги користат. Разликата е во тоа што 20 години наназад била сечена шумата, не само за сопствени потреби, туку и за продавање. Ние пак ќе ги поддржиме нивните потреби да се снабдуваат со дрва, но не и да ги продаваат. Продавањето престана, и можам со гордост да кажам дека ако претходно 70 отсто од сечената дрвна маса била за продавање, сега е тоа стопирано 95 отсто. За оние 5 отсто што се обидуваат да продолжат по старо, ние поднесуваме кривични пријави. Заедно со експерти и со шумарски инженери, му укажуваме на локалното население колкава штета била предизвикана од бесправната и стихијна сеча во изминатите децении. Исто така, во функција на спречување намерно палење шумски пожари, донесовме уредба да не смее да се сечат опожарени и изгорени дрвја и тие да се користат за огрев или за продавање за огрев.
Понатаму, го регулиравме и ловот, односно дивото ловење, и во Планот за управување со Националниот парк Шар Планина воведовме дека ловот е недозволена категорија. Притоа, ја следиме и здравствената состојба на сите диви животни и ако се утврди дека е нарушена до степен да му наштети на останатиот биодиверзитет, пристапуваме кон таканаречен санитарен лов, кој во иднина планираме да го правиме на похуман начин, односно со успивање.
Шар Планина се простира на голема територија. Како успевате да ја контролирате, бидејќи и вашата институција е нова? Екипирани ли сте доволно за да ги постигнете сите задачи што сте си ги поставиле?
-Во моментов имаме 19 вработени, но периодов зад нас беше многу тежок. Прво вработивме 6 ренџери и двајца шумарски инженери. После го проширивме тимот. Сепак, не сме сами, имаме поддршка од невладини организации, од планинарски клубови, имаме соработка и разменуваме информации и со локалното население. Овие елементи се многу важни за да да ги имаме почетните информации, за да знаеме, на пример, што ни се случува во селото Љуботен, а што од другата страна на планината, бидејќи воздушната линија од Љуботен до Дуф е 80 км.
Соработката со локалното население ни е од клучно значење. На Шар Планина има 27 села, од кои 25 се живи села, населени, и со нив сме во секојдневна комуникација и заеднички ги надминуваме сите предизвици.
Ратракот – непријател на Шара
Еколошката свест е генерално ниска во цел свет, затоа и велиме дека планетата е загрозена, луѓето масовно тежнеат да ја користат природата за свои цели, најчесто и комерцијални... Тешко ли е да се работи врз еколошка едукација на населението?
- Ние им велиме на нашите сограѓани дека секој може да користи нешто од природата, но тоа треба да биде во согласност со планот за управување на Националниот парк Шар Планина, како и со законот. Ако вака се користи природата, тоа е добредојдено и ќе придонесе кон заштитниот и кон развојниот процес на Шар Планина. Секако, и на Шар Планина има корисници што сакаат да добиваат, а ништо да не ѝ даваат на природата. Нашата интенција е тие да враќаат кон природата и да ги плаќаат давачките кон државата. На пример, на Шар Планина се скијало надвор од скијачкиот центар наназад 15 години. На прв поглед, таквата активност изгледа добро, доаѓаат туристи, носат пари, сето тоа е добро. Но што оставаат зад себе? Над хотелите има неколку патишта по кои туристите возеле ратрак и кога нема снег.
Јас повторно ќе нагласам – туристите се добредојдени, но возењето ратрак кога нема снег или го има во мали количини е катастрофално за планината. Поради неговата огромна тежина толку се оштетува патеката по која се движел, што потоа на тие места ни трева не никнува. Тука целиот диверзитет се губи. Значи, тие не ја вратиле природата во првобитната состојба во која ја нашле, туку продолжуваат да ѝ наштетуваат. Тоа се корисници кои земаат од природата, а ништо не ѝ враќаат. Од друга страна, да не навлегувам во прашањето колку ѝ дале тие на државата. Тие туристи ниту се пријавени дека спијат тука, ниту се пријавени како скијачи за да бидат платени давачките спрема државата.
Значи, од една страна е корисник, а од друга страна ништо не враќа кон природата, ниту пак дава за државата. Ние пријавивме во Инспекторат за животна средина, инспекцијата дојде и ги казни двајцата оператори со ратрак со по 18 илјади евра казна секого. Тие одбиле да платат и сега се води судска постапка. Ние ќе бидеме упорни тоа да се истера, бидејќи е во функција на заштита на природата. Јас и ренџерската служба, заедно со раководителите на одделението, одиме редовно на увид. Минатата година ги следевме 40 дена каде одат, им ги следевме координатите и штетите што ги направија, така што имаме доволно докази за и пред судот да докажеме дека прават штети. Движењето со ратрак на Шар Планина треба да се случува само кога има услови, да има доволно снежна покривка. Има и законска рамка за тоа. Тој вид на возила не се регистрирани, а од друга страна, имаат синџири и гасеници. А возило гасеничар не смее да се движи по природата, туку треба да се транспортира во приколки. Ние имаме добри закони, треба да ги спроведеме. Ги повикувам обвинителството и судството заедно да ја заштитиме оваа природа.
Тука секако е и загадувањето?
-Да, минатата година се организиравме со невладини организации, со планинарски клубови и здруженија, со универзитети, така што во неколку наврати чистевме и планинарски патеки и одредени локалитети каде што излегуваат луѓето. Собравме стотина вреќи со отпад. Продолжуваме со такви акции. Добивме донација од вреќи за собирање отпад и нашите ренџери, кога ќе наидат на туристи или на излетници, им даваат вреќа и ги замолуваат, пред да си заминат, да го соберат отпадот што го направиле.
Досега зборувавме за оние што не ја чуваат природата, но има и вљубеници кои доаѓаат да уживаат со целосна почит кон ова природно богатство. Што им нудите ним?
-Имаме означено патеки и во електронска верзија, за да може секој да се ориентира каде е и каде треба да се движи. Во 7 општини што се на Шар Планина планираме да изградиме по едно засолниште. Се надеваме дека Министерството за животна средина ќе нѐ поддржи во тоа. Потоа ќе го направиме истото и во другите села, во зависност од посетеноста на локалитетите, со цел, при невреме, посетителите да имаат каде да се засолнат. Исто така, ние патролираме низ локалитетите каде што најчесто има посетители и туристи, со цел да помогнеме во случај на повреда или за други потреби, иако тоа не е наша законска обврска. Но бидејќи имаме специјализирани возила за движење низ планината, ние гледаме да сме присутни и да помагаме кога треба. Делиме и флаери, даваме и информации со кои ги упатуваме во теренските услови.
На Шара има над 70 точки за влез и излез, а ние имаме поставено и информативни табли за тоа што е дозволено, што не е дозволено, каде можат да се движат со моторни возила, каде се планинарските патеки итн. Секако, со оглед на тоа што имаме 17 илјади жители кои живеат во селата што влегуваат во националниот парк, ние не можеме да воспоставиме забрана за движење кога има такви забрани за превенција на пожари, бидејќи населението си има свои ниви кои ги обработува во текот на летото. Но кога постои забраната за движење низ шумите за да нема пожари, ние користиме друг систем. Секој што ќе влезе на Шара треба да се пријави кај нас и ние знаеме кој се пријавил и каде се движи. Тоа е добро и во случај некој да се изгуби, да знаеме како да го лоцираме.
Ние, со ренџерската и со правната служба, ги посетуваме соседните и европските земји за да собереме искуства во управувањето со национални паркови.
Сакам да потенцирам дека не само што сум оптимист, туку сум и сигурен дека ќе ја постигнеме целта. Со гордост сакам да кажам и дека успеавме да направиме тим кој не е партиски, туку е тим од професионалци и луѓе што си ја знаат работата.
Од разговорот што пред малку го водевте со Вашите колеги може да се забележи дека и Вие самиот сте голем вљубеник во природата. Колку е тоа важно во работата?
-Јас сум присутен на Шара, потекнувам од Гајре (село над Тетово, н.з.), каде што ми се родителите, но роден сум и живеам во Тетово. Можам да кажам дека цели 40 години сум присутен на Шар Планина и го кревам гласот против експлоатацијата и злоупотребата. Прво моите заложби ги кажував пред населението кое живее на Шара, а потоа и пред институциите. Така што, кога бев назначен за директор на Националниот парк Шар Планина, тоа го доживеав како предизвик и шанса да го спроведам во дело сето она за што го кревав гласот во изминатите 40 години како активист. Од моментот кога го добив решението за директор, јас сум 24 часа присутен и на располагање за заштитата и развојот на природните убавини на Шар Планина. Не сум канцелариски директор, туку сум постојано на терен. Присуствувам и на гаснење пожари, учествувам и во акции за спречување нелегални активности, за одбележување патеки, правење дрвени мостови. Активен сум, заедно со тимот.
Хидроцентралите останаа без вода
Како се справувате со малите хидроцентрали?
-Чувствителна тема, но ние затекнавме 13 изградени хидроцентрали, кои изгледа побрзаа да ги направат пред националниот парк да биде прогласен за заштитено подрачје. Нашиот предизвик моментално е за две хидроцентрали кои се во изградба. Тоа се „Пена-94“ и „Пена-95“ во реонот на Лешница, кои имаат важечка дозвола за изградба, но ние сме против тоа. Поднесовме известување до Владата дека ваквите објекти негативно влијаат врз природата, така што имаат рок до ноември да ни одговорат. Сигурен сум дека ќе ја извојуваме таа битка, заедно со локалното население и со невладините организации. Белки на државата не ѝ дошло до тие две хидроцентрали кои се во заштитената зона.
Инвеститорите се странци, доаѓаат од странство да користат наши води, да ги одземат од цевките и да ги однесат до машинската зграда, а реката да остане без вода. Но да повторам, сигурен сум дека нема да се изградат. Тоа што е изградено, изградено е, тука не можеме ништо, тие ќе продолжат да си работат. Сопствениците се многу блиски луѓе до оние што беа на власт и до оние што се сега на власт.
Во каква состојба се реките на коишто има хидроцентрали?
-Имавме средби со сопствениците на хидроцентралите, дојдоа тука да ни се жалат дека нема доволно вода и не можат да ги користат хидроцентралите цела година, туку само три месеци. Интересно е што, брзајќи да ги изградат хидроцентралите пред Националниот парк Шар Планина да го добие статусот на заштитено подрачје, користеле информации за водостојот што се стари 30 години, кога имало повеќе вода. Но, во меѓувреме, водостојот се намалил и таму нема доволно вода за нивните потреби.
Конкретно станува збор за хидроцентралите од Порој нагоре, каде што некогаш имало брза вода, а сега нивните сопственици се жалат дека работат само два и пол месеци. Тоа е затоа што главните извори горе се насочени за водоснабдување на селата Џепчиште, Порој и Ѓермо, и нема вода. Работиме со експерти за одржливо решение за Полошкиот Регион и за искористување на водните ресурси. Има искуства од странски земји кои може да се применат и тука.
Дали актуелните хидроцентрали го почитуваат хидролошкиот минимум, со оглед на тоа дека немаат доволно вода и секоја капка сакаат да ја искористат за свои потреби?
-Токму во тоа е и борбата. Нашите земаат податоци колку се почитува тоа, а од друга страна, работиме со невладини организации кои добиваат фондови од Европа за да воспоставиме електронско мерење на водостојот. Така ќе имаме точни мерења. Моментално не го почитуваат, па ние одиме таму, им ја запираме водата, потоа нивни вработени одат и ја пуштаат, и така... Голем предизвик ни се и шарските води, еден систем што собира вода од Попова Шапка па до Маврово, сите извори што се на надморска височина над каналот влегуваат во тој систем ‘шарски води’ и одат за користење на хидроцентралата во Маврово, така што и тие не го почитуваат биолошкиот минимум. И со нив неколкупати имаме седнато за таа тема.
Ова ќе го поврзам и со нешто друго: ние сме државна институција, но не сме буџетар. Од друга страна, корисниците на вакви природни ресурси даваат одредена давачка на државата како надомест за користењето, и оттука и ние, бидејќи се грижиме за тоа и бараме да се почитува биолошкиот минимум, си бараме дел од средствата да преминат и во нашата институција за да бидеме во подобра финансиска состојба.
Во каква состојба е реката Пена?
-Кога станува збор за реката Пена, мојот предлог е да се изгради вештачко езеро од кое целиот Полошки Регион ќе се снабдува со вода за пиење. Пена е речиси на минимумот, останала само една бразда за наводнување, затоа што целата вода се носи во цевките за водоснабдување на граѓаните. Тоа секако е важно, луѓето си сакаат вода, но тоа не е решение. Ние сме во контакт со многу светски организации кои работат на темата на глобалното затоплување и климатските промени. Како држава, треба да знаеме што да очекуваме во наредните 30 години и да бараме соодветни решенија.
Ова што ни се случува моментално со Пена, во којашто нема вода, за некое време ќе биде уште поголем проблем, затоа што така одат трендовите. За тоа мора да се дискутира и да се вклучи алармот. Јас ќе го барам тоа од институциите, без разлика на која позиција ќе бидам. Ќе барам и од надлежните министерства и од Владата поинакво решение. Не е решение цела Пена да ја ставиш во цевки за водоснабдување. Јас прифаќам дека водоснабдувањето е многу важно и дека приоритет се граѓаните, но од друга страна, важна е и природата и биодиверзитетот. Вчера бев таму за поставување на некои знаци и видов дека реката нема вода. Затоа сметам дека трајно решение треба да се бара во вештачки резервоар, а реките да ги оставиме со вода онолку колку што ќе им дозволи природата.
Проблем се и градежните активности... Како се справувате со тоа?
-Откако го добивме статусот на заштитено подрачје, ние од сите општини што се на подрачјето побаравме податоци за градежните активности. Откако не добивме одговори, си излеговме сами и направивме обележување, со точни координати, и сега знаеме колку објекти има изградено на Шар Планина надвор од населените места. Станува збор за 690 објекти, за кои имаме податоци кои се реализирани, а кои не се реализирани. Сега бараме од општините податоци кои од тие објекти се во фаза на легализација, кои од нив навреме побарале легализација.
Ние вршиме контрола и не дозволуваме да се градат други објекти без дозвола. Не им браниме на мештаните во селото да си ги реновираат куќите, но надвор од населените места во природата сме многу строги и не дозволуваме градби. Соработуваме со сите 7 општини каде што се поднесуваат барања за градби и внимаваме дали барателите ги исполнуваат условите, а тоа зависи од зоната во која бараат да градат, односно од тоа дали е заштитено подрачје, од каде ќе се снабдуваат со вода за пиење, каде ќе ги насочуваат отпадните води. Тие елементи ни се најважни. Имаме неколку случаи на започнати градби без исполнети услови, и почнавме процедури во обвинителството и во судот. Во овие случаи станува збор за узурпација на државно земјиште. Повторно апелираме до обвинителството и судот за поголема ажурност.
Климатските промени се одразуваат негативно и врз растенијата и дрвјата на подрачјето на Националниот парк Шар Планина. Што работите на планот на нивна заштита и одржување?
-Заедно со двајца шумарски инженери, бевме во Белград на Шумарскиот факултет и разговаравме за климатските промени и затоплувањето. Тоа го спомнувам за да појаснам дека сме во тек, како институција, и дека размислуваме што треба да садиме. Во контакт сме со европски организации кои ни даваат поддршка за пошумувањето, така што разгледуваме други видови кои се поотпорни на климатските промени. Ќе донесеме експерти да видат зошто ни се сушат некои видови. Важен ни е костенот, особено за локалците, којшто на одредена надморска височина почнува да се суши.
Експертите треба да кажат што понатаму и како да го зачуваме не само костенот, туку генерално и шумата, бидејќи и таа поради високите температури почнува да се „движи“ кон поголеми надморски височини. Како што се качуваат температурите, така и шумата бара поголема надморска височина, и ние мора да најдеме одржливо решение за тоа, со помош на науката. Освен тоа, со помош на Шумарскиот факултет, направивме програма и за зачувување на дивечот на Шар Планина, имаме план за управување, го испративме на одобрување во Министерството за земјоделие, и очекувам да биде одобрен. Сето тоа што го правиме е со поддршка од надворешни донатори.
Имаме соработка и со Фармацевтскиот факултет, од каде што летово со нас работеше група студенти, со кои излеговме заедно на терен, мапиравме и опкруживме со жица неколку мали локации со боровинка и со смрека, за научно надгледување кое понатаму ќе ни послужи за давање насоки како понатаму да ги одржуваме и колкава треба да биде оптималната искористеност за да ги зачуваме како видови.
Да покажеме почит кон Шара
Да појасниме за јавноста што смее да се прави во заштитената зона, а што не смее...
-Основното е дека во националниот парк секој може да се движи во сите зони. Има повеќе нивоа на заштитеност, и сите се слободни за движење. Но секој треба да се пријави дека ќе оди на одредено место. Пеш може во сите зони. Ако се оди со кола или со мотор, или со специјализирани возила за движење низ планината, во тој случај има правила каде може и какви возила смее да се користат, а какви не смее да се користат. Тоа го имаме и во мапите.
Постојат мерки забрана за движење со моторни возила во одредени зони. Ние не го правиме тоа за локалците што живеат таму. Ним им дозволено да се движат каде сакаат и со што сакаат ако има пат. Имаат свои ниви и не можеме да им забраниме пристап до нив. За сите други посетители, има правила кои треба да ги почитуваат. Како што се почитуваат правила во секојдневието, во градовите, така треба и во планината. Значи, нема на никого да му речеме, немој да си играш во природата како што сакаш ти, напротив – трчај, смеј се, уживај, но не пали оган, не фрлај ѓубре, не оставај зад себе отпад.
Управувањето со отпад е предизвик секаде, особено во држави како нашата кои не инвестираат во таа област. Каква е состојбата во Националниот парк Шар Планина?
- Ние сме во комуникација со другите институции, како што е Министерството за животна средина, со коешто минатата година имавме акција, исчистивме еден дел. Не е проблем да се исчисти, туку е проблем да се воведе редовно собирање на отпадот во населените места. Ако го нема тоа, попусто е собирањето. Но, за наша среќа, се договоривме со Општина Тетово фирмата што чисти за нив да го собира отпадот во шест шарпланински села каде што никогаш досега немало редовно собирање на отпадот. Има села како Боговиње, Врапчиште, каде што уште не се собира и не се дислоцира отпадот.
Разговаравме со општинските органи и ни ветуваат дека ќе воведат систем и таму. Апелирам до Владата и до Министерството за животна средина и тие да помогнат да се воведе редовен систем за собирање на отпадот. И тие луѓе се граѓани на оваа држава и заслужуваат да имаат чиста животна средина. Јас инсистирам и ќе бидам упорен да има редовно собирање на отпадот во секое село, пред секој дом, насекаде во нашата држава.
Како нова институција, веројатно сте имале одредено финансирање, но сега ќе преминете на самофинансирање. Како ќе продолжите понатаму, бидејќи за вашите акции да се спроведат се неопходни пари?
-Ние од државата добивме средства за основање, на два наврати, и само толку. Очекувам од државата средства за засолништата што ги споменав погоре, кои ќе ги градиме во седум општини. Но толку е од државата. Од друга страна, имаме странска поддршка од донатори што нѐ поддржуваат за одредени дејности или активности. Но за платите ќе мора самите да се грижиме и да обезбедиме средства. Јас, како прв човек на институцијата, мора да се погрижам утре-задутре луѓето да не останат без плата. Имаме план.
Со другите национални паркови се договоривме и побаравме од Владата да ни одобрат еден тарифник за влезници за заштитените подрачја. Тој тарифник ни е одобрен и во процедура е јавна набавка за електронско плаќање, или за влезници на Шар Планина. Свесен сум дека е тоа чувствителна тема, но ние нема да наплатуваме за посетители што пешачат и планинарат, туку само за загадувачите, односно за моторните возила. Секаде во светот е така, па и кај нас. Исто така, тука е и таксата за снабдување со дрвна маса на локалците кои собираат дрва од државните шуми. Тоа е минимално – 800 денари за метар просторен, а 1.100 за метар кубен. Размислуваме и за надомест за екосистемски услуги. Сето тоа би ни било основа за платите.
Ако работиме како што се плановите, и според нашите закони и европските, сигурно ќе имаме поддршка и од странски донатори, за да немаме проблеми во финансирањето. Значи, ние нема да се жалиме и да велиме дека државата не ни дава пари, туку со посветеност ќе се трудиме самите да привлечеме средства за финансирање.
Партиски замешателства за вработување
Колку е важен континуитет во менаџментот, бидејќи во Македонија, со секоја промена на власта, доаѓа до дисконтинуитет на менаџирањето на сите нивоа и ставање свои, партиски луѓе?
-Можам да кажам за себе. Некој ќе рече дека и мене ме поставиле од партија. Но јас сум горд затоа што во тимот имам посветени луѓе, кои ја сакаат природата. Ќе го искористам моментот да кажам дека мене ми стигна писмо, кога премиер беше Зоран Заев, да примам одредени луѓе што останале од Министерството за политички систем, но им вратив дека не може, затоа што по систематизацијата ни треба друг тип на кадар. И не зедовме. После, исто така ни стигна писмо и од Артан Груби дека треба да примам некои луѓе, исто така вратив назад дека нема да ги примиме, и успеавме да не ги примиме.
Слободно ќе речам дека и сега, од оваа нова власт, ми стигна писмо дека треба двајца да примиме, им го вратив истиот одговор како и на претходните, затоа што нам ни требаат луѓе кои ќе ја вадат својата плата правејќи нешто за институцијата. А не да ни дојде некој што треба да зема. Ние не сме буџетари, така што ни требаат луѓе професионалци коишто ќе си ја вршат работата. Еве, одговорната колешка за заштита ни доаѓа од Скопје. Таа не е од ниту една партија. Посветена е и работи. Друг колега, шумарски инженер, ни доаѓа од Гостивар, со големо искуство во Национални шуми, и ни помага во процесите со дрвна маса. Горди сме и на нашата правничка, затоа што успеа да поднесе многу предмети до судот и до обвинителството, во споредба со другите национални паркови. Ние сме лидери во тој правец, со посветеноста и љубовта кон природата. Сакам да ги пофалам и чуварската, односно ренџерската служба, која од терен ни носи информации што потоа ги споделуваме со другите институции. Значи, имаме професионален тим и со тој тим одиме напред. Со овој тим ќе ја постигнеме целта. Јас сум и ренџер и чувар на заштитеното подрачје, одам прв таму да се соочам со секој проблем, 24 часа сум тука за тимот и за институцијата, а сето тоа е за заштита на природата.
Вие лично сте „локалец“ овде, уживате авторитет кај населението. Колку е тоа важно за овој тип на работа, кога треба сите заедно да учествуваат во грижата и чувањето на природата?
-Како што реков, мене љубовта кон Шар Планина ми е уште од детството. Јас ги знам и одговорните во селата и сите мештани. Сум имал можност со сите да зборувам. Оваа комуникација и нашите укажувања за придобивките што може да ги има локалното население, но од друга страна, и штетите што можат да настанат, резултираа со примери кога ми доаѓаат мештани да ми кажат дека некој почнал да гради на државно земјиште и бараат да ја стопираме градбата. Истото е и кога ќе забележат незаконска сеча на шума.
Имавме интересна случка пред изборите, кога дојдоа во едно село да пробијат пат, но не дозволивме затоа што таму планот не предвидува пробивање пат. Имаше дискусии за добивање и губење, но на крајот дојдоа одговорните од селото и ми се заблагодарија. Добив и понуда да заминам на одмор пет дена, па зад мој грб да си ја завршат работата. Не отидов на одмор и не им успеа. Тие сакаа да пробијат пат среде шумата, да ги исечат дрвјата.
Колку сте задоволен од обвинителството и судството во заштитата на природата?
- Не можам да речам дека ништо не е реализирано, има некои реализирани и затворени предмети, казнети се луѓето, но важно е да се знае дека, ако е делото казниво, треба да се казни. И тоа ни е целта.
Имаме ли регулатива која може да се носи со растечкиот тренд на заштита на природата?
-Да, имаме добри закони. Законот за природата е многу добар. Исто така и Законот за прогласувањето на дел од Шар Планина за национален парк е многу добар. Планот за управување со заштитеното подрачје, којшто го изготвивме, е нешто најново во споредба со плановите што ги имаат другите заштитени подрачја, бидејќи е близок со плановите во земјите од ЕУ. Ние тежнееме тој план да го воведеме во секојдневието и во другите институции. Има предлог за менување на Законот за шуми, но и со постојниот, ако се спроведува, ќе бидеме успешни.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Фото: Дарко Андоновски