Илиевска: Битола мора повторно да стане град за своите граѓани

Интервју

14.10.25

Прегледи

Во трката за градоначалник на Битола, кандидатката на независната граѓанска иницијатива „Поинаку“,  Габриела Илиевска влегува со порака за „поубава, почиста и поправедна Битола“. Таа ветува дека ќе стави крај на хаотичното градење, ќе врати ред во урбанизмот и ќе ги вклучи граѓаните – особено младите – во одлучувањето за иднината на градот. Во интервју за Рес публика, Илиевска зборува за својата визија за зелена и уредена Битола, за враќање на довербата во институциите, но и за тоа зошто верува дека „Битола може да се врати на граѓаните“ само ако се изберат стручни, а не партиски кадри. Сето ова го говори од позиција на (сè уште) претседателка на Советот на Битола и нејзините три мандати како советничка.

Се залагате за „поубава и почиста Битола“. Дали тоа значи и решавање на запуштените јавни простори и улици, нешто што сите го ветуваат, но се чини секоја година станува полошо?

Поубава и почиста Битола за мене значи чиста на секое поле и во секое ќоше, значи редовно и правилно да го собираме отпадот, улиците да се метат и мијат редовно, да се чистат дивите депонии и да се санкционираат оние кои ги создаваат. Секако дека и чистењето на запуштените простори и улици е дел од одржувањето на јавната чистота. Сето она што е општинска сопственост, треба да биде ичситено и уредено и како такво да се одржува.

Како и во другите градов, и Битола не исклучок од губење на зелени површини на сметка на урбанизацијата. Имате ли план за заштита на постоечките, но и за зголемување на парковите и јавните зелени површини?

Нешто кое го бараме години наназад е токму зазеленување на Битола, нешто за кое дадовме и готов проект – Go Green, но за жал  не се реализираше. Приоритет е зазеленување на Битола секојдневно, значи не само акции за садење еднаш или два пати во годината, туку тим од јавните претпријатија на кој тоа ќе им биде секојдневна работна обврска. И секако колку што е битно да ги исчистиме јавните простори и да ги зазелениме, толку е битно потоа да ги одржуваме такви.

Иако најчесто се апелира на подигнување на јавната свест за заштита и неуништување на јавните површини, сепак и властите треба и мора да работат во насока на заштита на истите што би се постигнало со инсталирање на видео надзор, како и воспоставување на редарска служба, што верувам дека ќе делува, пред сè, превентивно, но и корективно преку казни.

Законите постојат – треба само да се применуваат

Како планирате да го спречите хаотичното градење и урбанистичкото безредие кое со години го загрозува изгледот на градот?

Кога би се почитувале законите, немаше да бидеме до степен на ова безредие, како и за сè останато, така и за оваа проблематика, постојат закони, правилници, урбанистички планови кои треба и мора да се почитуваат. Градењето нема да биде хаотично ако се почитуваат сите горенаведени насоки, но досега функционирало по пат на партиски, семејни, пријателски интереси и се дозволувало со „врски” и тоа што не треба и затоа сме во ова безредие, едноставно е - само ако се почитуваат правилата, нема да биде хаотично.

Често зборувате против партиските уцени и контроли. Како ќе обезбедите урбанистичките и еколошките одлуки да се носат транспарентно, без партиски влијанија?

Кога одлуките ќе ги носат лица кои се стручни и професионалци во својата област, не се уценети со своето вработување,врз кои не се врши партиски притисок и пред се ја сакаат Битола и сакаат да придонесат за нејзин развој без сомнеж ќе имаме правилни одлуки. Стручни а не партиски избрани лица ќе бидат решение за правилни одлуки.

Во своите изјави велите „Да се врати Битола на граѓаните“. Како точно ќе ги вклучите жителите во одлучувањето за урбанистички проекти, зелени површини и образовни инвестиции?

Кога секојдневно ќе ги слушате потребите и проблемите на граѓаните и ќе барате начин за нивно спроведување или решавање веќе сте ги вклучиле своите сограѓани во одлучувањето. Достапноста, отвореноста и почитувањето на мислењето на секој еден е она нешто на кое ќе останам доследна затоа што сметам дека е клучно за вклученост на граѓаните во носењето на одлуки. А кога граѓаните го имаат главниот збор, тогаш сме ја вратила Битола на граѓаните!

Со младите – кон модерен, уреден и жив град

Младите ги наведувате како ваш најголем приоритет. Какви конкретни проекти или мерки би спровеле за тие да останат и да се развиваат во Битола?

Голем број на млади се вклучени во работата на овој изборен циклус и затоа сметам дека нивниот интерес покажува дека сакаат да го направат сопствениот град подобро место за живеење, со нивната вклученост, преку предлози за решавање на проблемите со кои се соочуваат, идеи и нови проекти во сите области, заедно ќе го подобруваме секојдневното живеење. Младите сакаат да живеат во среден и функционален град, сакаат да се движат по чисти улици, без дупки, сакаат безбедна и уредена околина, сакаат функционални училишта и градинки, можност да се докажат на личен и професионален план без да им требаат врски...

Знаеме дека многу од вашите идеи ќе бараат амин од Советот на градот. Како планирате да ги реализирате Вашите проекти и да ги надминете евентуалните политички препреки?

Сите членови на идниот состав на Советот на Општина Битола ќе бидат наши сограѓани, верувам дека сите сакаат да живеат во подобра, почиста и поубава Битола. Сите кои ќе бидат дел од Советот ја добиле довербата од граѓаните за да предложат и овозможат реализација на проекти кои се во интерес на нивните сограѓани, без разлика дали станува збор за проекти кои сме ги предложиле ние или било кој друг и затоа верувам дека кога се работи чесно и во интерес на Битола и битолчани нема да има политички препреки.