Ивановска: Центар ќе биде општина на отчетност, а не на компромиси и скриени интереси

Интервју

09.10.25

Прегледи

Во трка за градоначалничкото место во Општина Центар, Билјана Ивановска влегува со поинаква перспектива – онаа на човек кој три децении доследно се бори за одговорност, интегритет и владеење на правото. Позната по својата работа во борбата против корупцијата, Ивановска во интервју за Рес публика зборува за тоа како ќе ја пренесе оваа борбеност на локално ниво.

Центар, како најдинамичната општина во метрополата, е место каде се судираат интересите на инвеститорите и јавниот интерес. Ивановска, која е кандидатка на Независни заедно, открива како ќе се справи со урбанистичкиот хаос, недостатокот на јавен простор и потребата за транспарентност и учество на граѓаните во донесувањето одлуки.

Центар е срцето на метрополата – со гужви, туризам и деловни активности. Како ќе најдете баланс меѓу развојот и зачувувањето на парковите и јавните простори?

Зачувувањето на парковите и јавните простори во никој случај не значи стопирање на развој на градот, напротив значи дека се подобруваме. Не знам зошто под развој на градот се подразбира само градењето згради? Тоа е поимање кое го наметнаа инвеститорите во борба секој слободен квадрат да го изградат и да остварат профит, но мое ќе биде да го заштитам единствениот необновлив ресурс на општината, бидејќи единствено просторот не може да се надомести. Развој е и вредноста на неизграденото, јавното, заедничкото.

Доколку се размислува за вистински развој на општината, неопходно е да се почитуваат  пропишаните стандарди за квалитетен живот, квалитетните јавни сервиси кон граѓаните и инфраструктурни и културни и социјални, определените капацитети за број на жители на квадратен километар, стандардите за заштита на животната средина, регулативата за градење, за урбано зеленило итн. Моите заложби се бескомпромисно почитување на сите стандарди и следење на позитивните примери за хумано живеење од големите европски градови кои, не само што ги одржуваат постојните зеленила, туку значително ги зголемија површините со нови зеленила, за сметка на бетонски површини.

Кога шетате по градовите низ Европа, ќе видите и многу бизнис и многу нови згради, но и педантно зачувани силуети на градот во старите ткива. Во заедништво и со разбирање кон граѓаните, но со почитување на принципите за чесно работење во општината место ќе има за секого.

Покрај туристите и деловните активности, во Центар живеат и деца кои секојдневно се движат по улиците, одат на училиште и градинка и играат во овој простор. Тие се најранливите и приоритет е да работиме на нивната иднина, нивната заштита и нивниот здрав живот.

Во Центар има место за сите. Родена сум во Центар и тука живеам цел живот. Со Шанса за Центар упатени сме во сите тековни предизвици, но и потенцијали. Затоа сакам да ги уверам сите дека рамномерен развој и соживот е возможен, и покрај наследените проблеми кои воопшто не се мали и и бараат сериозно пренасочување на сите кон заеднички цели.

После сите пробиени термини верувам ќе добиеме нов ГУП, кој ќе даде нова перспектива на градот, а со тоа и на центарот. Очекувам новиот ГУП да биде основа  која што ќе води кон намалување на загаденоста, минимизирање на користењето на необновливи ресурси, непречен пристап до основните потреби за живеење, решавање на проблемите со транспортот, со што ќе се овозможи развој на сите содржини и функции и рационално управување со градското, а со тоа и општинското  земјиште.

Новиот ГУП мора да обезбеди пареметри согласно стандардите кои обезбедуваат квалитетен развој,  а не параметри од постоечките лоши ДУП – ови.

Урбанистичките планови и дозволи често создаваат хаос – блокирани улици, недостиг на зелени површини. Кои конкретни чекори би презеле за да се намали хаосот во Центар?

За жал, сведоци сме на ДУП-овите во општина Центар кои во 2012 година се донесени под притисок и во несекојдневни услови. Резултатот е параметри (за густина на население) кои се неусогласени со ГУП. По изминати 13 години, воочени грешки и поразителни резултати, актуелното раководство на Центар сè уште спроведува такви планови, како на пример, за Дебар Маало, Буњаковец, Мал Ринг и други. За аномалиите во ДУП-овите Јавното обвинителство има отворено предмети кои очигледно не се актуелизираат.

Деталното урбанистичко планирање треба да ги обезбедува уставно загарантираните права, да обезбедува уредување и хуманизирање на просторот, заштита и унапредување на животната средина и зачувување на природните и културните вредности, со задолжителна заштита на јавниот интерес, бидејќи, согласно Законот за урбанистичко планирање, јавниот интерес е приоритетен. Сето ова е мислена именка кога ќе видите кон што нè водат овие стари планови. Тие не одговараат на денешнината, на современите потреби за заштита од климатски промени, содржат лажирани параметри,  честопати немаат подлоги за зеленило, ниту мерки за заштита и спасување. Имаме и еден од најголемите апсурди кога се дозволува приватен инвеститор да преработува делови од општинските четврти со приватно инвестиран ДУП. Во овој хаос се снаоѓаат само оние кои го иницирале неговото создавање. И може да бидам здодевна, но доаѓаме до корупцијата и нетранспарентноста како основа на хаосот за кој прашувате - е тука јас и тимот точно знаеме што да правиме.

Хаосот е и поради неказнување за узурпацијата на тротоарите, отворените објекти од кои при секој ветер дува градежна прашина, камионите кои излегуваат каливи од градилиштата на околните улици. Слика и прилика на простотилак, аздисување и неказнивост на поединци кои си дозволуваат да работат на штета на жителите.

Затоа, моето делување и работата на тимот се насочени кон примена на стандардите, регулативите и процедурите за да се обезбеди квалитетен живот, но и за промена на прописите што овозможуваат вакво дивеење.

Секој треба да има свое место во движењето низ градот

Стеснетите улици, пешачките зони и старите тротоари создаваат проблеми со мобилноста. Какви инфраструктурни промени планирате за подобар јавен транспорт и поголема безбедност на пешаците и велосипедистите?

Секоја сосотојба е менлива, па и овие секојдневни состојби кои го попречуваат движењето може да претрпат значителни измени. Со прецизно определување на пешачките тротоари, патеките за велосипеди, зоните за намалена брзина, местото за урбаната опрема и со безусловно почитување на намената на определените простори, секој може да си го најде своето место на движење и делување.

Транспортниот хаос – паркирање, несоодветни паркинг места, задржувања – ги оптоварува улиците. Како ќе го решите ова за подобро движење и намалување на загадувањето?

И овој проблем влече подлабоки корени во различни делови. Зголемена е потребата на граѓаните од сопствено возило поради нефункционален јавен превоз, се чувствуваат последици од деталното урбанистичко планирање од пред повеќе децении, кога не постоеше обврска инвеститорот да обезбеди паркинг простор, се чувствуваат последици  од лажното прикажување на паркинг места колку да се добие дозвола, а потоа се врши пренамена на паркинзите за други дејности. Заедничка причина на сите им е трката по профитот, односно алчноста.

Еве еден пример за долгогодишните последици од лошиот урбанизам од корупцијата во урбанизмот и во институциите. Состојбата од терен покажува дека многу голем дел од станбените објекти немаат обезбедено паркинг простор за станарите, има голем број жители кои иако имаат обезбеден паркинг возилата ги оставаат на улица, има жители кои гаражите не ги издаваат за паркирање, туку за други намени, во Центар има повеќе катни гаражи кои се пренаменети во деловни простории. Дополнителен проблем е начинот на управувње со расположливите паркинг места од страна на општинското и градското јавно претпијатие поради високи ризици од субјективно доделување на поголем број картички за паркирање во однос на бројот на возилата на резидентното население.

Моите заложби се насочени, пред сè, кон намалување на потребите за користење на сопствени возила за превоз, преку воведување стимулативни мерки за тоа, користење на постојните паркинг места според намената -  за паркирање, а доколку анализата за расположливи паркинг места и број на возила на резидентното население покаже дека има  потреба од нови паркиралишта, општината ќе преземе чекори за надминување на овој проблем преку изградба на подземни гаражи.

Чистотата е огледало на свеста на граѓаните

Зеленилото во Центар е под притисок од висококатници и паркинзи. Како ќе ги заштитите постојните зелени површини и кои се вашите приоритети за нови паркови?

Многу е важно, прво, да ги заштитиме и да ги одржуваме јавните простори кои веќе се наменети за зелени површини. Неопходна е грижа и професионален третман на зеленилото од страна на стручни лица. Исто така, за мене е многу важно и кај граѓаните да го стимулирам и да го зајакнам чувството на грижливост и со будно око да следат што се случува во нивната околина, да пријават доколку настанал некој вид штета на растенијата, се исушило, се скршило, оти на крајот на краиштата, нивниот дом не е само станот во кој живеат туку и околниот простор.

Со помалку од 10м2 зеленило по жител, општината не исполнува ниту половина од  стандардот за зеленило кој предвидува 25м2 зеленило по жител. Мојата заложба е цврсто насочена кон оплеменување на заедничките слободни простори, подигнување нови зеленила во Центар секаде каде што има простор и услови за тоа, и секако безусловно обврзување на инвеститорите да обезбедат 20% зеленило на парцелите каде што градат, во согласност со Законот за урбано зеленило.

Чистотата во Општина Центар е чест проблем – преполни контејнери, диви депонии, кабаст отпад. Како ќе ја подобрите услугата за собирање отпад, ќе воведете ли нови системи и инспекции, и како ќе осигурате Центар да биде пример за ред и чистота?

Хигиената многу говори за свеста на луѓето. Центар е општина во која дневно поминуваат многу граѓани кои не се жители на општината, но сликата од фрлено ѓубре каде што не му е местото останува во Центар, a проблемот со градското комунално претпијатие уште повеќе придонесува за грдата слика со отпадот.

Исто така, во Центар има голем број отворени градилишта кои не ги почитуваат стандардите за обезбедување, претставуваат сериозна закана од безбедносен аспект, а дополнително придонесуваат за зголемување на загадувањето во општината.

Моите заложби се насочени кон ефикасно користење на општинските ресурси за одржување хигиена (чистење и миење на улиците) и тоа со дефинирање на временска динамика за секој кварт на општината, обезбедување услови за селектирање на отпадот со цел истиот да се употреби за други покорисни намени како што налагаат современите технологии, и секако строго почитување на стандардите за обезбедување на градилиштата.

Имајќи предвид дека одлагањето на отпадот е процес кој почнува, но не завршува во општината, ќе се залагам за изнаоѓање заедничко и издржано решение со Градот и со останатите општини во Градот. Една од недоречените активности е сметот од продавниците, картонската амбалажа, помиите од рестораните и амбалажата од самопослугите не ретко завршуваат во контејнерите на граѓаните. Ова мора да се смени и да се воведе нов ред.

Безбедноста во сообраќајот е сериозен проблем со голема фреквенција на пешаци, туристи, возила и велосипеди. Кои мерки ќе ги воведете – ограничување на брзината, нови пешачки премини, велосипедски патеки, зони без возила?

Безбедноста е најважна за граѓаните, особено безбедноста во сообраќајот. Фактот дека низ Центар има најмногу сообраќај во Градот, ја наметнува потребата од изнаоѓање заеднично решение за намалување на сообраќајот преку креативни решенија за нови видови современ јавен превоз. Има повеќе идеи, а со конструктивен и рационален пристап сметам дека лесно може да се претворат во корисни решенија.

Возам велосипед речиси секој ден и постојано се залагам за подобрување на велосипедската инфраструктура, обезбедување мирни зони околу училиштата и градинките, обележување на пешачките патеки особено околу пазарите каде што не толку одамна имаше изгубени човечки животи, почитување на определеното време за дотур на стока од страна на трговците и секако, што е многу важно, се залагам и за зголемување на свеста и менување на навиките на луѓето кои користат само сопствени возила, дека постојат и други еколошки превозни средства, кои обезбедуваат релаксиран, поздрав и поефтин живот.

Граѓаните мора да се прашуваат

Транспарентноста и учеството на жителите се клучни при носење ДУП-ови и урбанистички одлуки. Како ќе ги вклучите граѓаните во овие процеси?

Со одредбите од Законот за урбанистичко планирање, предвидена е обврска на општината да формира Партиципативно тело, а начинот на кој функционира  ова тело е огледало за сериозниот пристап на општината и граѓаните кон урбанистичкото планирање. Граѓаните имаат законска обврска да се вклучат, особено оние кои се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и одржливиот развој на општината. Ние не можеме да правиме модерна општина со застарени методи на работа на општината зад затворени врати. Едноставно, мора граѓаните да се прашуваат. Центар е специфичен, бидејќи не е само населба за живеење, чинителите на животот во центар се и многу категории за кои општината ќе биде отворена исто како за граѓаните. За мене е неприфатливо исполнувањето на секаква желба на оние кои имаат бизниси во Центар еднинствено поради тоа што плаќаат данок. Да не заборавиме дека и жителите секоја година плаќаат данок за своите скапо платени живеалишта. Ќе дадам сè од себе овој соживот да го направам поднослив. Мора да научиме да се почитуваме и да се слушаме, и секако да ги почитуваме законите и стандардите.

Позната сте по борбата против злоупотреби и судир на интереси. Како ќе го спречите влијанието на инвеститори и непотизмот при урбанистичките одлуки, дозволите и контролите на градби?

Мојата досегашна 35-годишна кариера не е изградена на клиентелизам и партиски врски, туку со стручно, одговорно, совесно, чесно ефикасно и непристрасно работење, а борбата за транспарентност, одговорност и правичност ја водев доследно и гласно — без компромиси. Тоа се моите вредности, мојата визија за секоја работна задача што е пред мене.

Алчноста што ги бутка луѓето во вртлогот на материјалниот свет само за да имаат квадрат повеќе мора да се разоружа, за да престане да шири болест кај луѓето и корупција во општеството. Секој нека си заработува, но не за сметка на здравјето на луѓето.

Во последно време сè поголем број граѓани стануваат свесни дека целото општество страда поради алчни побуди. Подигнувањето на нивото на свест кај граѓаните е добар почеток за почитување на  стандардите за квалитетен живот. Само професионалиот однос кон работите може да не спаси од оваа навидум безизлезна состојба. Приоритет за мене и мојот тим е да воведеме чувство на спокој и сигурност за живот и работа во Центар, при секаков вид движење и на старата и на младата популација.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фотографии: Томислав Георгиев