Јаневски: Здравјето е процес, а не продукт околу кој се плетат дезинформации и манипулации

Интервју

26.12.25

Прегледи

Секое брзо решение на темата здравје е манипулација. Здравјето е како голема сложувалка, а маркетингот со различни цели во име на индустриите зема само едно парче од сложувалката и тоа го комуницира како решение. Но, тоа парче не функционира самостојно. Сé треба да се гледа во целина и во спрега со други компоненти и процеси во организмот, вели проф. д-р Роберт Јаневски, специјалист по генетика и форензика.  Тој е основач на форензичката генетска лабораторија G life и основач на базата на податоци за форензичка ДНК во рамките на Македонската полиција. Во ова интервју зборува за информациските влијанија, манипулациите и дезинформациите околу конзумирање на суплементи и лекови, изложеноста на загадување и метали. „Денес е многу лесно да се манипулира преку Интернет, преку каналите на социјални мрежи и инфлуенсерите, бидејќи тие не носат никаква одговорност и немаат никаков ризик во однос на изнесените тези кои ги промовираат, а нивна цел е само гледаноста и заработката на пари“, вели д-р Јаневски.

Денес од сите страни сме опкружени со реклами, мемеа и видеа кои се фокусирани на темата здравје, долговечност и убавина. Во време кога човековиот век е подолг, а фармацевтската индустрија напредува брзо, дали во медицината, здравјето може да е продукт, како што ни се претставува, кој ќе го најдеме на првата полица во маркет?

И тука е замката. Фармацевтската индустрија и науката супер напредуваат, а луѓето полошо се чувствуваат. Модерниот начин на живот, живеење под хроничен стрес, живеење со полоша исхрана и помалку сон, предизвикува физиолошки промени. Не постои едноставно решение со магично апче кое за миг може да ги поправи сите овие физиолошки процеси. Затоа правилен одговор на ова прашање е дека здравјето е процес, а не е продукт. Потребни се повеќе физиолошки прилагодувања и адаптација на фармаколошките продукти на начинот на живот за да дојдеме до тој физиолошки баланс, за да имаме подобар сон, да ни блеска лицето и да се чувствуваме подобро како што гледаме во рекламите.

Сепак, постои наратив дека нашата здравствена кондиција е определена од генетскиот капитал што го носиме од раѓање (наследни болести и слично). Дали ова е вистина или заблуда?

Генетиката е сценарио. Замислете дека почнуваме со одреден пишан текст. Режијата е одговорна за тоа како ние ќе го оживееме тоа сценарио. Значи, надворешните услови, еколошката состојба во која живееме, начинот на живот, нашата исхрана, сите тие збирно имаат влијание врз тоа како гените ќе функционираат во таа животна средина. Најголемиот дел од луѓето носат илјадници мутации. Постојат и генетски мутации кои што значително влијаат на експресијата на генот и таму постојат мали можности да се постигне нешто со физиолошки баланс. Најголем дел од тие мутациите немаат никакво значење за нашиот организам, не се патогени и тие не предизвикуваат болест по автоматизам. И еволуцијата предвидела дека може да се случат надворешни влијанија и промени на гените, а тие промени најчесто организмот може да ги репарира или во текот на животот тој ги поправа или доколку надворешните влијанија се поголеми и почести отколку можноста на поправка, тогаш организмот се прилагодува. Значи, генетските мутации не се непријател.

Доколку тие не би постоеле, немаше да се случува ниту еволуцијата, ниту пак ќе имавме подобрување на целиот процес на животот. Најголем дел од мутациите се случуваат при прекопирање на ДНК. Организмот расте така што секоја клетка ја прекопира ДНК во следната клетка. И при тој процес на копирање поради надворешни фактори, најчесто инфламации, вируси, хронични болести, надворешни влијанија знае да се случи таква грешка (бидејќи ДНК е двоверижна). Затоа посочувам дека заблуда е верувањето дека генетскиот капитал ја овозможува почетната позиција или сценариото на организмот. Најсоодветен пример се многуте експерименти со еднојајчани близнаци во САД и во Советскиот Сојуз пред Втората светска војна. Близнаците како генетски клон едни на други биле изложени на различна животна средина, живееле во различни семејства, се хранеле со различна храна и различно се развивале. Како резултат од таквите влијанија, кај едниот близнак се јавува дијабетес тип 2, а кај другиот другиот не.

intervju zoran janevski respublica

Но, за отпорноста на надворешните влијанија ние земаме витамини и ензими, и тоа за имунитет, за сон, за детоксикација…. Дали наративот „ако се земаат суплементи, ќе бидеш здрав“ е вистина или лага?

Вистинскиот одговор е на половина. Но, знаејќи дека зад тој наратив се крие цела индустрија, треба да се има на ум комерцијалниот ефект. Би сакал да предочам дека за успехот на некој комерцијален продукт, во случајот суплемент или лек, треба да имате или страв или надеж или пари, а кај здравјето ги има сите три. И затоа се злоупотребува здравјето за комерцијални потреби. Но зошто велам дека одговорот е на половина, бидејќи постојат многу студии кои потврдуваат дека сме во хроничен дефицит на витаминот Д, на Омега 3, на Б12 витамин и ред други. Доколку тие се оптимизираат секако носат физиолошки бенефити, дури и значителни.

Но, не постои магично апче или суплемент кој ќе ми овозможи да јадаме што сакаме, да пиеме што сакаме и да спиеме само четири саати. Суплементација не смее да биде замена за здравиот начин на физиолошко функционирање, затоа што со неа ќе ги активираме епигенетските промени од надворешната средина и натаму нема да функционираат ензимските процеси. Нашите истражување укажуваат дека над 90% од нашата популација во Македонија има хроничен дефицит од Омега 3, штом е тоа така, или треба значителна промена на диеталните навики, или суплементација за да може тоа да се коригира и да се доведеме во баланс.

Значи, оваа теза не е мит, но има висока вредност на комерцијална измама. Добро е да се знае дека многу често постои дури и штета од неконтролирана суплементација. Ако не знаете зошто го пиете суплементот најверојатно нема никаква функција кај вас и ништо не ви помага. А ако пиете суплемент кој што е базиран на претходно персонализирано мерење, клиничка студија и покажува дефицит, па тоа некој ќе го спои во физиолошка оптимизација тогаш тоа ќе има големо значење за вас.

Најголем дел од луѓето веруваат дека ако внесам поголем дел суплементи тоа нема никаква штета, освен што ќе продуцираме скапа урина. Тоа не е секогаш така. Овие генетски варијанти кај определени луѓе со хипервитаминоза може да направат и блокирање или забрзување на одредени ензимски процеси. Наједноставен пример е витаминот Б6, многу луѓе го земаат, тој помага за смирување, но тој е и кофактор за процесот на синтеза на многу невротрансмитери, тирозин кон допамин, триптофан кон серотонин. И сега, доколку имаме зголемена концентрација на витаминот Б6, а немаме правилна регулација на невротрансмитерите, тука ќе настане сериозно нарушување на рамнотежата.

Кај најголем дел на здравата популација има механизми на репарација, но кај децата и возрасните со невроразвојни проблеми (лицата со попреченост) суплементацијата воопшто не е наивна и неопходно е да се знае дозирањето и причината зошто ја прима.

Генетика, метали и митови за детокс

Секоја зима топ тема е загаденоста на воздухот и изложеноста на металите. Колку повеќе денес сме изложени на метали во однос на минатото или повторно зборуваме за нов наратив што се пласира во јавност?

И тоа е злоупотребена тема. Ние пред три години правевме големо истражување кај нас, за варијанти во еден ген кој што го кодира ензимот глутатионтрансфераза кој што е еден од главните детоксификатори, чистачи. И сега гледаме дека 30 – 40% од нашата популација има дефекти во тие гени, кои што предизвикуваат послаба детоксификација. Нормално е дека денес сме изложени на повеќе метали затоа што имаме повеќе пестициди, имаме поголемо индустриско загадување, имаме непроверена козметика, имаме фармацевтски продукти кои што релативно лесно доаѓаат на пазарот.

И најголем дел од металите доаѓаат до нас преку храната поради начинот на индустриското производство, конзервансите кои што се користат, а денес голем дел од пакувањата за храна се метални или алуминиумски. И доколку имаме таква генетска мутација на ензимот глутатионтрансфераза, а живееме во простор каде што не сме изложени на пестициди, хемикалии и надворешни влијанија, тешки метали, тогаш нема да има никаква реперкусија на нас и тие нема да се натрупаат во нашиот организам, бидејќи едноставно не ги внесуваме.

Но, кога живеете во изменета животна средина, секако дека може да се натрупаат метали и да предизвикаат хронични заболувања. Па затоа не секоја уртикарија значи дека сме изложени на тешки метали, не секој стомачен проблем значи дека сме изложени на тешки метали. Лесно се проверува тоа, треба да се направи разграничување меѓу акутното изложување на тешки метали, кое што прави брзи, огромни проблеми, невродегенеративни проблеми и оштетување на црниот дроб или хронично, поблаго изложување на тешките метали. Затоа што тешките метали имаат кумулативен ефект и тие знаат кумулативно да дејствуваат врз некои од ензимските процеси.

И затоа кога работиме со пациенти кои имаат изложување на тешки метали, правиме анализи во крвта каде што најчесто се мали варијации, бидејќи не се акутни проблеми, потоа правиме анализи во урина каде што би требало со екскреција да имаме од тоа што е натрупано во телото, а  правиме и анализи на коса каде што имаме хронично изложување во долг временски период. Варијацијата на тие метали ни кажува практично што се случува во ткивата и каде би можеле одредени метали да блокираат ензимски процеси.

Како заклучок, да, најголем дел од денешната модерна популација има предиспозиција за полоша детоксификација и поради поголемата изложеност на тешките метали може да имаат хронични последици. Но, далеку е од тоа дека треба да биде примарна здравствена грижа и да се користат такви продукти за детоксификација како што денес гледаме. Не постои продукт за хелација, кој што се врзува само со тешките метали. Ако правиме детоксификација според претпоставка дека имаме олово од надворешната средина, можеме да ги исфрлиме и бакарот, и цинкот и железото, и тие се метали, а без нив може да направиме огромна штета на физиологијата на организмот. Затоа, мора да се евалуира, да се измери и потоа ако има потреба буквално со „пинцета“ да се чепка, затоа што штетата може да биде поголема отколку придобивката.

Зошто едно апче не е решение

Дали здравјето денес е поле за ширење на дезинформации? Како да се „исчистиме“ од заблуди кои потоа нé носат до дезинформации?

Да, баш така. Доколку ви се нуди продукт кој што магично решава проблеми во организмот, тогаш скоро сигурно е манипулација. Па дури и во фармацевтската индустрија се појавуваат чудесни лекови за слабеење и потоа сме сведоци на метаболички проблеми кај лицата кои што внесувале таков продукт. За некого поедноставно е да се испие апче, отколку да се држи правилна диететска исхрана. Но, треба да сме свесни дека доколку продуктот инстиктивно поттикнува на акција, предизвикува емотивен чекор, тогаш тој носи комерцијален бенефит за продавачот и ве води кон манипулација. Затоа е значајно да се верува на автори и институции зад кои стои наука и клиничко испитување. Кога вие сте хронично изложени на штетни влијанија за организамот, значи имате хронично „изместен“ организам и таа состојба не се решава за кусо време и со едно апче. Потребна е промена на стилот на живот за да се вратите назад.

intervju zoran janevski respublica 1

Колкав е просторот за манипулација на граѓаните? Какви канали се користат за дезинформирање?  Кому и на што да веруваме?

Полето за манипулација е големо, огромно. Кога фокусот е на здравјето, просторот за заработка го користи индустријата. Имајте на ум дека здравјето е како голема сложувалка, а маркетингот и манипулацијата земаат само едно парче од сложувалката и само тоа го комуницираат, како решение. Но, тоа парче не функционира, не делува самостојно. Сé треба да се гледа во целина и во спрега со други компоненти. И плус сега е многу лесно преку Интернет, преку каналите на социјални мрежи, инфлуенсерите кои не носат никаква одговорност и немаат никаков ризик во однос на изнесените тези кои ги промовираат.

Инфлуенсерите ја имаат гледаноста и заработката како мотивација, ние, гледачите и следбениците имаме страв од модерните болести и грижата за здравјето, па во таква равенка продуктот се продава како алва, затоа што знаеме само мал дел од сложувалката. А сепак, вистината или големата слика е многу комплексна. Таа е еден голем физиолошки баланс и прилагодување на вашиот код кон надворешните услови. И јас затоа велам медицина базирана на докази, во која персонализираниот пристап ја дава комплетната сложувалка.

Каде е тука медицината базирана на докази? Која е вистината на овие теми и што е тоа што доведува до сериозно нарушување на здравјето во граѓаните во нашата заедница?

Класичната медицина е фокусирана на просекот од популацијата, на пример одреден лек функционира на 80% од луѓето и затоа тој одреден лек им се препишува на пациентите како решение за тоа заболување. Но, имаме определени ензимски варијации, па затоа на пример одредена диета не работи кај секого или одреден лек не функционира кај секого.

Во моето работење јас сум приврзаник на персонализирана медицина, за која ние изработуваме нутригенетски панел, метаболитички панел за да видиме како ние ги процесираме витамините, минералите, јаглехидрати, масти и врз основа на тоа да кажеме дека најдобар начин за прилагодување кон физиолошките потреби е ако јадете ова, земате вакви суплементи и физичките активности се прилагодат на овој начин. Особено кај фармакогенетиката која станува сé по популарна, со неа може да се најде и прилагоди соодветната терапија, а не врз основа на статистика. И тука влегуваат манипулациите, во тој тесен меѓу простор меѓу статистиката и персонализираниот пристап.

Треба да се има на ум дека нашата МАНУ е пионер во генетските истражувања на тло на поранешна Југославија, а на Медицинскиот и Природно – математичкиот факултет во Скопје и денес се прават големи генетски испитувања на нашата популација и веќе постојат определени студии кои функционално треба да ги внесеме во примена. Тоа е голем чекор за нашата наука. Треба да се спомене дека персонализираната медицина тешко влегува на сцена, наспроти класичната, но неминовно следи и патот е натаму. Така што следува фаза во медицината кога ќе се прават скрининзи со кои ќе се откриваат одредени ризични метаболитички процеси уште во неонаталниот период за да може да се избегнат сложени проблеми.

А фармакогенетиката ќе биде скоро сигурно рутинска проверка. Таа сега се користи само за канцер пациентите, кога се калибрира хемотерапијата, која делува или не, а сите останати како на пример кардиоваскуларни болести и менталните нарушувања се во следната фаза на рутинка примена на фармакогенетските анализи.

Како да се справи обичниот граѓанин со овие наративи во медиумскиот простор?

Секое брзо решение на темата здравје е манипулација. Најдобриот начин е да следите препорака од оној што работи како стручен тим, оној што има анализа и статистика, оној кој во својата работа се води според клинички студии, па тогаш може да знаеме дека определен лек или суплемент може да прави промени или да влијае позитивно на состојбата во организмот. Само тогаш имаме правилен пристап. Секое решение кое е водено од стравот и парите е сигурен пат за дезинформација.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Зафирова Арсеновска

Фотографии: Приватна архива