fbpx

Јосиф Јосифовски: Квалитетното градежништво да не биде само наше минато

Интервју

09.07.24

Прегледи

Автопатското поврзување на Кичево со Охрид требаше да биде најголемиот и најзначаен проект за земјава кој се претвори во своевидна градежна агонија и професионално разочарување, вели професорот на Градежниот факултет Јосиф Јосифовски. Во интервју за Рес Публика тој нé запознава со моменталната состојба  во градежништвото во Македонија каде објектите кои се проектираат и изведуваат се согласно техничка регулатива постара од 50 години, а недоволното инвестирање во геотехничките истраги на почетокот и исполнување на подготвителната фаза на проектите доведува до повеќекратно чинење на истите. Со отворање на темите во ова интервју, тој ја става во фокус и инженерската миграција, која не е само случај во земјава, но кај нас може да доведе и до рецесија на дејноста.  

Инфраструктурните проекти со кои се најавуваше „патна ренесанса“ на Македонија се претворија во „патно назадување“. Во исчекување на 57 км Кичево - Охрид до 2026 година и Коридорите 8 и 10 на Бехтел и Енка, дали знаеме каде заглавија „ударничките" градежнички акции во земјава? 

По примерот на проектот Скопје 2014, патната „ренесанса" во Македонија започна ненајавено, амбициозно и без соодветни подготовки. Меѓу другите, автопатското поврзување на Кичево со Охрид требаше да биде најголемиот и најзначаен проект кој се претвори во своевидна градежна агонија и професионално разочарување. 

Она што не е доволно познато во јавноста е дека  автопатот Кичево – Охрид е веројатно најкомлексниот проект кој се реализирал во изминатите повеќе децении во нашата земја, но ова не смее да претставува никакво оправдување за повеќекратното пролонгирање на роковите за што постојат повеќе причини од техничка, но и од административна природа. Тука, како прва и најзначајна, е експропријацијата која вообичаено трае повеќе години што значајно влијае врз динамиката и реализацијата на проектот. Следно е квалитетот, видот и обемот со кој се спроведуваат геотехничките истражни работи на теренот, подготвителна фаза со која се обезбедуваат подлогите и потребните податоци за проектирање на објектите. 

За жал кај нас, пред да се започне со изградба не се води доволно грижа за сложеноста на геолошките услови и проценка на геомеханичките карактеристики, кои потоа бараат дополнителни мерки и допроектирање што го зголемуваат чинењето на проектите. На крајот, секако значаен е и квалитетот на проектната документација и проектите кои ќе се подобрат со примената на еврокодовите кои гарантираат највисок степен на технички квалитет и сигурност на градбите. Само со организиран пристап на планирање, подготовка, управување и реализација кој ќе се води од стручни и компетентни лица може да се смета на  успешни проекти кои ќе се реализираат квалитетно и во дадениот рок. 

Очигледно дека претходните и подготвителните работи на големите инфраструктурни проекти се замка во која паѓаат инвеститорите. Како да се избегнат тие ситуации во иднина?  

Потребно е да се унапредат одредени процеси и да се зајакнат капацитетите, како во делот на административните постапки и одлуки, така и во градежно-техничкиот сектор, преку воведување нови законски решенија, но и вовeдување на современи европски стандарди за проектирање.  

Никогаш не треба да се започне со изведба пред да се заврши процесот на експропријација, да се спроведат детални геотехнички истраги на теренот и подготви целокупната проектна документација. Во проектирањето потребно е да се следи фазноста, што значи проектот започнува со претходните и подготвителни работи врз основа на кои се изработува физибилити студија за оправданоста на објектот, а потоа и идејни решенија како би се усвоило најоптималното техничко решение. Не би требало да има исклучоци или скратени постапки или брзи решенија, дури и ако за тоа постои одреден политички интерес или одлука.  

За да се одбегне пролонгирањето на роковите за изградба на градежните објекти, клучно е да се располага со соодветен организациски капацитет, со кадри кај сите учесници во проектот кои се способни правилно да управуваат со проектите.  

Геолошките предизвици и политиката 

Иако Македонија е мала земја по површина, очигледно инфраструктурните проекти имаат сериозни геолошки предизвици.  

Геолошката градба на теренот во Македонија е специфична, на делови станува збор за реалативно млади формации во геолошка смисла, кои главно се составени од различни видови на т.н. меки карпи, чиј најчест претставник се шкрилестите литолошки единици. Тоа се материјали кои при ископ и под дејство на атмосферските влијанија, со време, деградираат и се распаѓаат, односно не ги задржуваат почетните карактеристики и механички својства, па од карпи се трансформираат во раздробен почвен материјал. Значи, од геолошки аспект станува збор за изворедно сложени теренски услови за градба кои бараат сериозен обем на геотехничките истраги преку кои ќе се направи правилна проценка за квалитетот на теренот.  

Овие геолошки предизвици во комбинација со недоволно спроведени геотехнички истраги на траса на која се предвидуваат голем број на усеци, и тоа со рекордни висини, се комбинација на состојби кои со голема извесност водат кон проблеми и пролонгирање на  изградбата. Ако е јасно дека проектантот мора да располага со соодветни подлоги и точни податоци за условите на теренот за да може да проектира безбедна и сигурна конструкција, тогаш, нужно е да се изведе потребен обем на истраги. Затоа, не доволното инвестирање во геотехничките истраги на почетокот на проектот доведуваат до повеќекратно чинење на истиот до неговото завршување. 

Изградбата на патиштата и инфраструктура се претворија во одличен материјал за политички кампањи на која било власт и со нив се прави соодветно дезинформирање на јавноста. Како се одразува политичката манипулација на градежничката гранка генерално, а како во изведбата на проектите?  

Понекогаш како инженери сме соочени со моралната дилема да одлучиме помеѓу зачувување на професијата и нејзините основни вредности или профитот. Судејќи од досегашната пракса во која секој преседан се претвора во правило, се доведовме до состојба во која професионалниот интегритет и етика се ставени во втор план, а сопствениот интерес пред општествениот. Оваа состојба е наша рефлексија, наш одраз и резултат на нашата апатичност и незаинтересираност да влијаеме врз процесите и самите да ја обликуваме иднината. 

Затворени со години во овој мал простор, егзистенцијално предизвикани, заборавивме на професионалните вредности, на убавината и благородноста во инженерството. Систематски преку популистички проекти се уништи секоја авангарда која размислува поинаку од главните директиви и мејнстрим политики. Потфрливме во изградбата на вредносен систем според кој реално ќе се признава инженерскиот труд.  

Извонредноста и квалитетот, што во минатото беа асоцијација за нашето инженерство, веќе не се, а ретки се поединците или фирмите кои сѐ уште можат да се носат со оние од регионот, а да не говориме за пошироко. Затоа, главен императив треба да ни биде унапредувањето на македонското инженерство од основна (почетна) верзија 1.0 во повисока. На тој пат најпрво ќе треба да ја повратиме самодовербата, а потоа и загубената доверба во системот.  

Единствениот начин за да го одржиме македонското градежништво и да обезбедиме неговата традиција да продолжи треба да сме свесни за сопствените способности и недостатоци и останеме отворени кон нови сознанија.  

Нема компромис со безбедноста 

Кога се гради на секое ќоше и секоја куќа на атрактивна локација станува зграда, колку се безбедни градбите во нашата земја и што е тоа што може да го регулира пазарот за да се достигнат европските стандарди?  

Безбедноста е еден од основните проектни критериуми и нејзиното исполнување претставува императив кај градбите, таа е во тесна врска со стандардите кои се применуваат.  

Во нашата земја во изминатите неколку години бележиме тренд на зголемена изградба, а трката за поголем профит и пократкото време на изведбата остава простор за секакви импровизации и манипулации. Во тој контекст наместо со зголемена контрола на градбите, се соочуваме со потешкотии како резултат на недоволно прецизно дефинираните надлежности, обврски и одговорности помеѓу учесниците во градбата.  

Тука, пред сè, мислам на Законот за градење кој впрочем е и најчесто менуваниот закон во изминатите десетина години. Во некои случаи постојат и проблемите поврзани со недоволното познавање на законските решенија. Имено, пред неколку години се донесе Законот за градежните производи кој ги уредува условите за пуштањето и надзорот на градежните производи на пазарот, како и нивното вградување. Паралелно, повеќе лаборатории се акредитираат за атестирање на градежните материјали, но за жал, имплементацијата и бавното спроведување на законот во праксата не ги даде посакуваните ефекти. 

Безбедноста на луѓето е бескомпромисна категорија која e загарантиранa со граѓанските закони и техничките прописи. За безбедноста пресуден е квалитетот на градбите кој е достижен само ако сите учесници во процесот на градењето доследно ги почитуваат и спроведуваат прописите и стандардите. Уште повеќе, наша професионална аспирација треба да биде континуираното подигање на квалитетот и безбедноста на градбите. 

Што ќе значи примената на еврокодовите како европски стандарди за конкурентно и квалитетно градежништво? Која е придобивката од нивна примена? За какви правила станува збор?  

Сакаме да признаеме или не, објектите во нашата земја се проектираат и се изведуваат согласно техничка регулатива постара од 50 години, за жал, без никакви или со минимални промени. Оттука, нивното иновирање претставува највисок приоритет за струката. Промоцијата на еврокодовите се случи во 2008 година кога тие станаа единствена техничка регулатива за проектирање на конструкциите во земјите членки на ЕУ, а за нас дојде како можност да се надомести пропуштеното со повеќедецениската стагнација на полето на стандардизацијата.  

Охрабрени од овој расплет, процесот на хармонизација со eврокодовите во рамките на Институтот за стандардизација започна во 2010 година. До крајот на 2012 година, сите 10 дела од еврокодовите беа преведени и усвоени, но останаа неофицијализирани, односно вон употреба. Со објавата на владината одлука, во септември 2020 година, се одобри нивната паралелна примена во проектирањето на градежните конструкции.  

Во септември оваа година очекуваме дека ќе стапи на сила нивната примена како единствени стандарди со што ќе започне новата ера во проектирањето на градежните конструкции, која гарантира највисок степен на технички квалитет и сигурност на градбите. Имено, со нивното воведување значајно ќе се унапреди техничката регулатива согласно искуствата, практиките, научните и истражувачките достигнувања на Европа во изминатите 50 години, но, исто така, со нив ќе се елиминираат разликите преку воведувањето на единствен степен на сигурност за конструкциите.

Еврокодовите се стандарди на новата генерација кои овозможуваат еднакви услови за инженерите, изведувачите, проектантите и производителите, кои ќе ги нудат своите услуги и производи на еден поголем пазар, но и подобри цени за инженерските услуги. 

Во следниот период ќе претстојат голем број активности за едукација и запознавање на инженерскиот кадар со проектните процедури од еврокодовите. Со усвојувањето на еврокодовите ја започнавме новата ера во проектирањето на конструкциите – ера која носи унификација на стандардите, квалитетот и безбедноста на градбите. 

Се соочуваме со инженерска миграција. Дали имаме соодветно обучен инженерски кадар кој ќе може да ја гради Македонија, вклучувајќи ги и капитални проекти?  

На терен е евидентен недостатокот на стручен инжинерски кадар и висококвалификувана работна сила која тешко ќе се надополни, со оглед на фактот што интересот за студирање градежништво во изминатите години е сериозно намален, односно  бројот на запишани студенти не надминува стотина од кои помалку од половина ги завршуваат студиите. Состојбата е алармантна, бидејќи најголем дел и тие дипломирани студенти заминуваат во странство, а останатите не го надополнуваат дефицитот и задоволуваат потребите на македонските градежни претпријатија. 

Ниските плати, долгите работни саати, лошите работни услови кои владеат во подолг период доведоа до дегардација на градежната струка и предизвикаа инженерите да ја напуштат нашата земја во потрага за подобра иднина.  

Од друга страна, глобализацијата и големата апсорпциона моќ на развиените земји предизвика светски тренд на инженерска миграцијата која е скоро невозможно да се запре. И нашата земја е погодена од овој процес. Најискусните инженери како резултат на скромните услови и ниските примања ја напуштаат нашата земја, а повеќе загрижува фактот дека дури и помладите штотуку дипломирани инженери сѐ почесто ја гледаат својата иднина надвор. Доколку набрзо не се преземат конкретни мерки, може да очекуваме пад во квалитетот на изградба како и забавување или рецесија во дејноста.  

Трендот на инженерска миграција може да се намали само ако државата обезбеди пристојни услови за работа и визија за просперитетна иднина на младите. Исто така и доколку сериозно и организирано делуваат професионалните здруженија и стопански комори за да се врати достоинството на инженерската професија. Затоа сметам дека е неопходно усвојувањето на ценовникот на инженерски услуги кој ќе го зголеми надоместокот за инженерските услуги и заедно со носењето на нов Закон за градење ќе цели кон воведување на ред во градежништвото.  

Паралелно со ова, потребно е стипендирање на квалитетниот млад кадар уште во првите години на студии и едукација која ќе продолжи како континуирана професионална обука во фирмите. Потребни се реформи во образовниот систем, затоа што професионалната компетентност е основа на секој напредок, а за да се унапредат професионалните компетенции, кога секојдневно се појавуваат нови технологии и методи, покрај формалното, клучно е да се обезбеди континуирано образование на инжинерите. 

Квалитетот на градбата, во најголема мерка, зависи од стручноста и мотивираноста на инженерите. Основа за стручноста е квалитетното високо образование и искуството стекнато со работа. Несомнено е дека имаме квалитетни инженери, а како и колку се мотивирани останува отворено како прашање. Пораката е јасна - треба да сториме сѐ за квалитетното градежништво да не биде само наше минато. 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии 

Новинарка: Ана Арсеновска Зафирова  

Фотографии: Дарко Андоновски